МАКЕДОНИЈА Е СЕ ШТО ИМАМЕ!

Почитувани мои сограѓани,

Дојде време да ја одбраниме државата. Да не дозволиме да биде променета. Да го зачуваме македонскиот идентитет и да не дозволиме да ни го одземат името.

За тоа се работи. Народот знае и препознава. И се дига како едно. Сите разлики се бришат кога треба да се застане во одбрана на МАКЕДОНИЈА!

Народот не може да биде излажан и изманипулиран. Неговата вековна мудрост и кумулирано знаење на генерациите од кои се недри се брана од секој оној кој ќе се обиде да го дефокусира од вистинските проблеми, да го поткупи со ситни придобивки и да го намами да ја напушти барикадата на која се брани оваа грутка земја која што ја нарекуваме татковина. Народот знае.

Залудни се сите обиди на непријателите на Македонија да ја прикажат како мала, слаба, незаштитена, неважна, сиромашна,  и подложна на надворешни влијанија.

Народот знае колкава била и колкава треба да биде, народот ја знае моќта на империјата која се простирала на три континенти и која може повторно да биде воспоставена, народот ја чувствува во своите дамари крвта на загинатите борци за нејзината слобода независно од знамињата под кои марширале и војските во кои служеле, народот го чита нејзиното име во Светотот писмо и  само незналици можат да помислат дека е тоа географска област, а не нашата една единствена држава, народот го чувствува нејзиното пулсирачко богатство кое само чека да биде откриено длабоко закопано под голата стена и народот не дозволува никој од надвор да решава за него дури ни тогаш кога мољака да влезе во нечие друштво.

Кај народот нема да им поминат лажни приоритети кои го одвлекуваат неговото внимание од единствената важна работа – одбраната на мајка Македонија.

Не е време сега да мислиме на умрените доенчиња и родилки, на редовните корисници на контејнерите за ѓубре, на шивачките врзани за машините, на работниците кои паѓаат од скелиња, на земјоделците со скапаните производи, на селата без вода за пиење и градовите без воздух за дишење.  Нема да помине. Сега ја спасуваме Македонија, а после ќе ги решаваме ситниците. Секоја борба бара жртви, а ние сме научени да даваме жртви во крв. За Македонија.

Не можат да го залажат народот со западните толкувања на демократијата и владеењето на правото. Народот ја има прочитано лажливата Европа која се обидува да го замае со своите двојни аршини, со измислените објаснувања и со божемните анализи.

Народот знае што е демократија и што е владеење на правото и слобода на мислата и почитување на разликите.

Не е демократија да одлучуваш за се’ и сешто и да ја контролираш власта и цело време нешто да бараш и да се буниш и да критикуваш. Демократија е да ги избереш најпаметните, да им ги дадеш на располагање сите пари и земја и се’, и да ги оставиш на мира да си ја вршат работата затоа што тие најдобро знаат што треба и како треба. Ако ти треба нешто ќе појдеш, ќе изразиш должна почит и се’ ќе се реши.

Не е владеење на правото да ги малтретираш тие кои ги избрале илјадници луѓе и им ја дале својата доверба, да се правдаат цело време дали работеле или не според законите.  Си има судии (мудри глави) и тие нека си ја бркаат работата. Ако мислат дека згрешиле сигурно дека ќе ги гонат, тие си знаат најдобро и нема што да им висиме на врат. Народот знае дека секој што ќе дојде на власт мора да краде. Така си е од века и така ќе биде. Важно е и да дава, а и крадењето со усул да го прави. Да остане малку и за другите. Тоа е правна држава, а не за се’ и сешто да се скокало и рипало и викало.

Народот знае што е слобода на мислата. Да си зборуваш во кафеана, да ја пцуеш власта, гласно да си воздивнеш, да си кажеш некој виц. Не е слобода на мислата да одиш наоколу и да го вадиш валканиот веш сите да те видат дека си неиспран и смрден. Секој има некои валкани алишта и не е пристојно цело време да се зборува за нив. И не е слобода да се дискутира за се’ и сешто. Си има теми за кои не се зборува. Не се расправа за свети нешта како историјата, или автомобилот на премиерот, или дебелите владици, или името на државата, или сиромаштијата, или химната на државата. Народот знае што е ред, а што не.

Народот знае што е почитување на разликите. Нам ли некој дојде да ни зборува за тоа. Па ние сме ги почитувале разликите уште од античко време. Ние сме го измислиле почитувањето на разликите. Ама се’ си има ред и граница. За секое почитување да се каже фала, и да не се бара преку леб погача и да се знае кој е главен во Македонија, а кој е гостин и да не се измислуваат некои нови разлики и да ни го делат народецот. И народот знае, дека ако дадеш прст после и рака ќе ти побараат и цел ќе те лапнат. Народот знае што се крие во нивните глави и што мислат и што сонуваат и што сакаат.  Еден сон имаат – да ни ја земат нашата мајчичка Македонија.

Немаме чист воздух, немаме пристоен стандард, немаме добро образование, немаме здравство, немаме социјална заштита, немаме судови, немаме контрола над власта, немаме заштита на работа, немаме сигурност, немаме иднина.

Македонија е се’ што имаме. И мораме да ја одбраниме и зачуваме.

За да имаме каде да бидеме закопани.

ШТО Е ПРОБЛЕМАТИЧНО ВО ПРЕДЛОГОТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И НАЦРТ АМАНДМАНИТЕ ФОРМУЛИРАНИ ОД СТРАНА НА ВЛАДАТА?

ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И

НАЦРТ АМАНДМАНИ

1. Предлогот е даден во период на политичка криза, кога од работата на Собранието отсуствува опозицијата. Тоа значи дека постои нецелосно претставување на граѓаните и било која промена на Уставот претставува своевидна узурпација на власта.

2. Јавна расправа не се спомнува во ниту еден од документите поврзани со предлогот за промена на Уставот. Имено, доколку власта навистина сака да го слушне мислењето на граѓаните и да го земе предвид ова мислење во крајната формулација на промената тогаш мора тоа да го направи на многу организиран начин уште во формулирањето на предлогот: а) дистрибуција на материјалот до единиците на локална самоуправа, до –струковите здруженија, невладините организации, професионалци, експерти и секако академската фела (2 месеци); б) претставување и објаснување на предлогот за измени (2 месеци); в) оставање доволно време (минимум 6 месеци) за расправа и прибирање на различни мислења; г) сортирање, класифицирање, подредување и сумирање на различните мислења и подготобка на извештај од спроведената јавна расправа (минимум 6 месеци); д) презентирање на извештајот од јавната расправа (3 месеци); ѓ) прибирање мислења за извештајот и заклучоците презентирани во него (2 месеци); е) подготовка и презентирање на завршен извештај од јавната расправа со измени на дадениот предлог направени врз основа на добиените мислења од страна на граѓаните (3 месеци) – ВКУПНО – 24 месеци, или – 2 години (минимум).

3. Од формален аспект, Предлогот е крајно непрофесионално и неписмено подготвен. Ако ги тргнеме настрана сите правописни и технички грешки, ако ја тргнеме на страна несоодветната структуираност, останува документ кој не исполнува ни минимум стандарди потребни за предлог за промена на Уставот. Промените се несоодветно формулирани, кај дел од нив нема никакви објаснувања, нема соодветно прикажување на различни искуства (позитивни и негативни и посебно искуства на праксата која се развива врз основа на направен уставни/законски промени), нема образложение на потребата за промена, односно, штетата која настанува во отсуство на новото решение кое се нуди.

Всушност, направена е кармакашија од двата дела: предлог и образложение и не се знае што е предлогот (нема јасна и прецизна формулација), а што образложението (кое се наоѓа и во првиот и во вториот дел од документот).

4. Некои од образложенијата дадени во објаснувањето за потребата од промена на Уставот се просто непристојни и претставуваат отворено измотавање со правото, демократијата и граѓаните. На пример, образложението за потреба од уставно дефинирање на фискални правила е дадено во 4 реда:“Причините за овој предлог се зајакнување на фискалната дисциплина и фискалната стабилност што е основен столб за стабилен финансиски систем.“. Кое е тоа решение со кое ќе се зајкне фискалната дисциплина, како ќе се зајакне фискалната дисциплина со ова решение, што е она што во моментов е причина за отсуство на фискална дисциплина, кои ќе бидат законските импликации од уставната промена, во што ќе се променат заштитно-казнените елементи на системот, … ништо од ова не е објаснето. Најверојатно нашите граѓани треба да им веруваат на жими мајка (бидејки ова е на апсолутно истоветно ниво со овој вид на ветување) на предлагачите на промената.

Втората промена (за меѓународната финансиска зона) е уште попрецизно образложена во 3 реда “Со создавањето на финансиската зона ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Република Македонија преку создавање на услови за  привлекување на меѓународни финансиски и трговски друштва.“ И толку. Нема објаснување за тоа зошто ни се потребни, како ќе изгледаат, какви обврски ќе наметнат, кои промени во правниот систем ќе подразберат, каков ќе биде дносот со домашната бизнис заедница, на кој начин ќе се разреши проблемот на нееднакво постапување во еднакви услови, какви заштитни механизми ќе се воспостават, кои правила ќе се применуваат, а кои не, што ќе значи тоа за меѓународните договори кои се веќе склучени или треба да се склучат, какви се досегашните искуства на држави кои практикуваат вакво решение …

Образложението дадено во нацрт амандманите формулирани од страна на Владата не е ништо подобро.

ОВА Е ВСУШНОСТ НАЈПРОБЛЕМАТИЧНАТА ПРОМЕНА КОЈА СЕ ПРАВИ ВО УСТАВОТ И НАЈВЕРОЈАТНО ТОКМУ ЗАРАДИ ТОА И НЕМА НИКАКВО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ.

Picture1

Образложението на овој амандман (за разлика од амандманот за брачната заедница кое е дадено на 2 страни) е содржано во една реченица:Picture2

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Зошто само една реченица за уставна промена?

Затоа што било кое образложение на овој амандман ќе изнесе на виделина што всушност содржи.

а) се формира екстериторијална зона на која нема да важат македонскиот Устав и законите, ниту пак ќе делуваат македонските органи. Наместо законите на оваа територија ќе се применуваат акти кои ќе си ги донесат самите корисници на зоната. Тоа значи дека некој управник со поединечен акт ќе реши кои и какви правила ќе важат на еден дел од територијата на Македонија и никој ништо нема да му може.

ЗАКОНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА СЕ ЗАМЕНУВААТ СО НЕЧИИ АКТИ. СУВЕРЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ КОЈ СЕ ПРАКТИКУВА ТОКМУ НИЗ АКТИТЕ НА ДРЖАВАТА И НЕЈЗИНИТЕ ЗАШТИТНИ МЕХАНИЗМИ Е ПОТПОЛНО ОТФРЛЕН. ПОГОЛЕМО УНИШТУВАЊЕ И ОМАЛОВАЖУВАЊЕ НА ЕДЕН НАРОД НЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАМИСЛИ.

б) Овие правила ќе бидат од областа на прекршоците, работните односи, здравствена и социјална заштита, пензиско осигурување, даноци, сопственички односи, исплати, банкарско работење, …

в) Тоа што во зоната ќе се применуваат одредбите на Кривичниот законик, нема апсолутно никакво значење ако се има предвид досегашната пракса јавниот обвинител да не гледа криминал во ниту едно дејствие кое е спротивно на интересите на оние кои се на власта или конкретна, мала, група луѓе.

 

5. За промената која промовира уставно  дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена воопшто не сакам да разговарам. Вакви бесмислици може да виреат единствено во многу заостаната и неука средина, а мој впечаток е дека оваа промена има само улога на decoy (свртување на вниманието од вистинските промени кои власта сака да ги протурка на штета на граѓаните, а на сопствена добивка).

 

6. Уставната жалба е следната опасна промена. За оваа промена исто така нема никакво образложение. Навидум се дадени искуства на други држави, меѓутоа тоа е само замаглување на потребата од давање вистинско и аргументирано образложение зошто и на кој начин проширувањето на уставната жалба (бидејки таа веќе постои за одреден вид прекршувања на човековите права) ќе придонесе за поголема и поедноставна заштита на правата на граѓаните.

Со оглед на тоа дека во дадените примери од другите држави (меѓу кои впрочем нема ниту една стара демократска држава) не е дадено практичното искуство од примената на уставната жалба/тужба, всушност немаме информација дали нивните решенија имале позитивен или негативен ефект.

Од друга страна, централизирањето на заштитата на човековите права во едно тело многу лесно може да биде насочено токму кон ограничување на заштитата (можност за полесна манипулација со едно тело, загушување на Уставниот суд со преголем број случаи кои го надминуваат неговиот капацитет, изигрување/отежнување на можноста на граѓаните да ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права).

 

   ЗАКЛУЧОК:

  • Предложените промени на Уставот по својата содржина и посебно, по процедурата во која се донесуваат претставуваат натамошно рушење на правниот поредок на Република Македонија.
  • Расправите кои се водат во врска со овие промени ќе бидат искористени единствено како алиби од страна на владеачката структура во создавањето на привид на демокеатско одлучување.
  • Промените во најголема мера се спротивни на интересите и потребите на граѓаните и не ги решаваат нивните проблеми, а ќе имаат негативни ефекти со продолжено дејство.
  • Промените може да овозможат поголема партиска контрола над одредени сегменти на државата и сигурно ќе обезбедат лична материјална корист на одредена група луѓе која во моментот се наоѓа на власт.

 

НЕ Е ТОЧНО ДЕКА “Барокот го “изеде” чичко Стоилко“

Не го изеде чичко Стоилко барокот.

Чичко Стоилки го изеде нашата пасивност и малодушност и ситните души кои дојдоа на раководни места. Го изедоа сите оние со “врзани раце“ и големи усти.

Picture1

Не, драги мој Жерновски, не е ова активноста која ја очекувавме од тебе кога те гласавме. Не си ти правиот човек за ова место и ова време. Не ни требаат лигуши кои не прават ништо затоа што им се “врзани рацете“.
Оваа узурпаторска власт е очигледно нехуман. Таа го скрши поимот на достоинство на македонските граѓани и ги спроведе сите политики на заплашување, закани, манипулации и измама кои доведоа до потполна алиенација на луѓето и потполна дехуманизација на нивните односи.
На ваков вид владеење мора да се спротиставиш цвтсто, агресивно, креативно и пред се со јасна хумана визија.
Сите промени направени во центарот на Скопје се направени спротивно на законите и спротивно на демократските процедури. Не се прашани граѓаните, пренебрегнато е нивното спротиставување, насилно е направена промена. Во вакви услови да се повикуваш на спроведување на законот е мизерно.

Она најмалку што можеше да направи општина Центар е да им понуди нов објект на нова (максимално атрактивна) локација на култните сендвичари. И да се направи фешта од отворањето на новиот и уште подобар комплекс. На тој начин се спроведува хумана политика и на тој начин се спротиставуваш на бесмисолот на неправото спакувано во закон.

Драги мој Жерновски, не си ти за ова место и за ова време. Не може да си дозволиме балетан во боксерски ринг. Посебно не кога противник ти е е уличен тепач – предводник на криминална банда.

Луѓето кои го уништија мојот роден град се истите тие кои амнестираа воени злосторници, кои одбиваат да спроведат попис, кои тепаат пратеници на опозицијата, кои ги бркаат сите новинари кои не можат да ги купат или уништат,кои ја продадоа земјата на странски инвеститори, кои се недопирливи и неказниви за криминалните дејности за кои се сомничат.

Тоа се луѓето кои го постигнаа она што грчката пропаганда од 19 и 20 век со цела сила се обидуваше, но не и успеа (Димитар Димитров) да ја погрчат Македонија и да го загрозат идентитетот на македонскиот народ.

На ваквите луѓе им се спротиставуваш дури и кога ти се врзани рацете.