ЖАЛБА НА РЕШЕНИЕТО НА ОСНОВНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА ОДБИВАЊЕ НА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ПРОТИВ ДИК

Предмет:  

Преку: Основното јавно обвинителсто

Скопје – Република Македонија

До: Вишото јавно обвинителсто

Скопје – Република Македонија

 

Подносител:  Мирјана НАЈЧЕВСКА,

Скопје,

ЕМБГ

Тужени: г. Александар ЧИЧАКОВСКИ, претседател, Реџеп Прекопуца – потпредседател, Атанас Урумов, Бедредин Ибраими, Виолета Дума, Игор Милев, Сашо Срцев, Силвана Бонева, Д-р. Субхи Јакупи, членови на

Државната изборна комисија на Република Македонија

 

Ж А Л Б А  против

Решението на Основното јавно обвинителство  од 28.11.2016г.

 

Јавниот обивинител Енѓелуше Кадриу Леши, со наведеното Решение ја отфрли кривичната пријава на Жалителот против Тужените за противправно бришење од Избирачкиот список на Република Македонија во периодот 20 – 31 август 2016 година, а со што го сториле кривичното дело „Повреда на избирачкото право“ предвидено со членот 159 став 1 од Кривичниот законик[1], со образложение дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност.

 

Со оглед на тоа што во Решението е погрешно утврдена и фактичката и правната состојба, благовремено поднесувајќи ја оваа Жалба, Жалителот бара Вишото јавно обвинителство да го поништи обжаленото Решение и врз основа на член 26 од Законот за Јавното обвинителство, самото да ја преземе постапката по поднесената кривична пријава, како и да ја повика на одговорност ЈО Леши за несовесно и нестручно вршење на службената должност.

О б р а з л о ж е н и е

ЈО Е.К. Леши неосновано ја отфрлила кривичната пријава на Жалителот и тоа го базирала на омаловажувачкиот одговор од ДИК при што сосема погрешно ја проценила фактичката состојба, а со тоа и дошла до погрешни заклучоци за правната состојба на случајот, односно не успеала да го увиди следот како е направено наведеното кривично дело. Имено:

  1. Не е точно дека Жалителот не се одзвал на повикот на ДИК. По неколку неуспешни обиди за електронска пријава согласно чл. 48 – 51 од Изборниот законик – поднесов Кривична пријава врз основа на која токму именуваната ЈО Леши уредно го известила ДИК со актот КО1 бр. 556/16 од 26.09.2016 година со кој се побарале податоци. Следствено, или ЈО Леши постапувала по барање на непостоечки граѓанин или ДИК решило да го омаловажи ЈО не доставувајќи податоци врз основа на кои заклучило дека има некаква спорност во моите податоци и поради тоа решило да ме избрише од Избирачкиот список. Најдобар доказ за ова е самата одлука (  од 28.11.2016 година).
  1. Во истата насока се изјавите на членови на ДИК кои на новинарски интерес реагираа на мојата Кривична пријава, па дури и, цитирам: „… на Најчевска и порачуваат да ги тужи и пратениците бидејќи тие гласале за законот…“. Значи, ако навистина имало нешто спорно во моите записи, по допрен глас, ДИК, наместо било што да ми порачуваат, биле должни да проверат согласно чл. 196-б од Изборниот законик што е проблематично во нивните записи. Наместо тоа, тие се впуштиле во дијалог со кој – со непостоечко лице? Нивните коментари беа пренесени во повеќе медиуми (на пример: напис во „Фокус“ од 06.09.2016 г. од каде е цитатот).
  1. Ако навистина имало спорност во записите за мене, за што ДИК не понудил ниту најмал доказ дека е вистина, ДИК можеле да ме стават на посебен извод од Единствениот избирачки список како што е тоа предвидено со членот 196-а од Изборниот законик, а каде децидно се наведува: „…без ограничување на нивното избирачко право…“ тие гласачи се запишуваат во посебен извод на Избирачкиот список. Се работи за категорија граѓани за кои се ПРЕТПОСТАВУВА дека се надвор од Републиката и од нив не се бара никаков доказ до моментот на појавување на конкретно гласачко место согласно нивното ПОСЛЕДНО ПРИЈАВЕНО живеалиште.

Наспроти ПРЕТПОСТАВКАТА, во мојот случај ДИК не само што имал писмена пријава (актот на ЈО Леши) туку и самите одговориле на тој писмен акт со свој, писмен акт и тоа под бр. 03-2472/2 од 10.10.2016 година. Значи, во периодот кога течел рокот за пријавување. Па, на сето тоа и се впуштиле во дијалог преку медиуми.

Произлегува дека ДИК сосема свесно опстоиле да ме избришат од Избирачкиот список и тоа е вториот дел од нивната намера!

  1. Првиот дел од нивната намера, но и првата постапка со кое е сторено КД 159 е моето ставање во Списокот спорни гласачи. ЈО Леши не успеала да ја утврди вистинската фактичка состојба токму заради тоа што не инсистирала од ДИК да се добијат причините за оваа постапка на ДИК!!! Имено, ДИК, како државен орган кој е должен да достави податоци до ОЈО, всушност ОДБИЛ да и’ даде податоци на ЈО Леши, и тоа: кои се точно податоците што тие ги категоризирале како „спорни“.

Следствено, штом ЈО Леши прифатила таков омаловажувачки одговор од ДИК, самата, преку обжаленото Решение декларира дека Основното јавното обвинителство не е орган соодветен да изврши контрола дали навистина ДИК точно или не процениле дека се работи за „спорен запис“, а со тоа и дека не е орган надлежен да врши прогон на сторители на КД 159!

  1. Причините за ваквото постапување на ДИК може да се побараат во фактот дека јас јавно и јасно се заложив ДИК да се впушти во сериозно пречистување на Избирачкиот список, за да по донесувањето на чл. 196-а и 196-б и Правилникот за методологија укажам на редица слабости во така утврдената методологија. Со оглед на тоа што следствено бев ставена на Списокот спорни гласачи – произлегува дека тоа е направено со јасна намера да бидам „казнета“, па дури и со одземање на активното избирачко право.

Значи, во отсуство на доказ дека навистина постоело нешто спорно во моите податоци, произлегува дека повредата на моето избирачко право е направено со тоа што прво противзаконски сум била ставена на списокот спорни гласачи за да потоа бидам и избришана од Избирачкиот список. Понатаму, по обраќањето од ОЈО, се продолжува со затскривање на стореното кривично дело. И, сето тоа е направено ос јасно видлива намера.

  1. Не би можело да се прифати како олеснителна околност тоа што ЈО Леши подлегнала на „мамката“ на ДИК, односно колективистичкиот пристап. Во обжаленото Решение таа дури два пати наведува дека се работи 39.502 лица чии записи биле спорни! Меѓутоа, ЈО Леши не смеела да го побрка проблемот на тие лица како група, значи колективниот пристап, со мојот проблем и била должна да го примени ИНДИВИДУАЛНИОТ метод. Значи, кои се суштинските елементи во МОЈОТ случај. Не на кој и да е други од тие 39.501 лице!

Доколку го применила индивидуалниот пристап, можеби ќе разберела дека ДИК само се крие зад таа голема бројка, но, едновремено и го крие сторувањето КД 159 барем во мојот случај. Добар ЈО дури би размислувал и обратно – ако во овој случај е сторено кривично дело – што е со другите 39.501 случај?

  1. Сепак, катастрофалната грешка на ЈО Леши е во недоследното читање на членот 196-б од Изборниот законик и не поврзувањето на овој член со претходниот, односно чл. 196-а од истиот закон. Имено, вака или онака, од овие или оние причини, чл. 196-б не предвидува БРИШЕЊЕ туку незапишување во Избирачкиот список!!! Значи, во принцип се работи за категорија граѓани што не се впишани во Избирачкиот список и – за да бидат впишани, потребно е да го издржат тестот на вкрстените проверки на службените датотеки за граѓаните на Република Македонија.

Дека е ова точното толкување доволно е да се обрне внимание на чл. 196-а од ИЗ каде децидно се предвидува посебен извод на Избирачкиот список и на тој начин да се постапи „…без ограничување на нивното избирачко право…“. Значи, дополните на чл. 196 не се и не смеат да се третираат како четврт начин за бришење од Избирачкиот список. Тие што веќе се впишани во Избирачкиот список може единствено да бидат ставени на посебен извод – но не и да бидат ИЗБРИШАНИ! Оние, пак, кои не се впишани, прво и основно треба да исполнат определени услови.

Впрочем, ако сум избришана од Избирачкиот список, дали сум избришана од Списокот на УЈП? Значи ли дека во февруари идната година ќе можам да се повикам на одлуката на ДИК и да не платам данок? Ако ОЈО тврди дека да – може да не платам данок, тогаш и само тогаш ДИК нема направено кривично дело. Во спротивно, тие сториле кривично дела по кое јас имам обврски – но, немам избирачко право!!!

Со оглед на тоа што ЈО Леши од една страна дозволила ДИК да ја омаловажи институцијата Јавно обвинителство, а од друга страна не успеала да согледа јасен логички след како едно кривично дело било направено, барам Вишото јавно обвинителство да ја прифати мојата Кривична пријава, на чии наводи останувам, самото тоа да ја процесира, а  ЈО Леши да ја повика на одговорност за несовесно и нестручно извршување на службената должност.

 

14.12.2016 година

Жалител:

Мирјана Најчевска

 

 

 

[1]КЗ, Повреда на избирачкото право, Член 159: (1) Член на изборен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку три години.

 

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ВО ОДБРАНА НА УСТАВНО ЗАГАРАНТИРАНОТО ПРАВО НА ИЗБОР

Во прилог ја давам кривичната пријава која ќе ја поднесам заради тоа што сум противуставно и противзаконски избришана од Избирачкиот список на Република Македонија од страна на членовите на Државната изборна комисија:

Бр. ______________

 

До: Основното јавно обвинителсто

Скопје – Република Македонија

 

Подносител:  ———————–,

Скопје, ул. ———————-

ЕМБГ ——————–

 

Тужени: г. Александар ЧИЧАКОВСКИ, претседател,  Реџеп Прекопуца – потпредседател, Атанас Урумов, Бедредин Ибраими, Виолета Дума, Игор Милев, Сашо Срцев, Силвана Бонева, Д-р. Субхи Јакупи, членови на

Државната изборна комисија на Република Македонија

 

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

 против г. Александар ЧИЧАКОВСКИ, претседател,  Реџеп Прекопуца – потпредседател, Атанас Урумов, Бедредин Ибраими, Виолета Дума, Игор Милев, Сашо Срцев, Силвана Бонева, Д-р. Субхи Јакупи, членови на

Државната изборна комисија на Република Македонија

 Државната изборна комисија, под претседателство на г. Александар Чичаковски и членовите Реџеп Прекопуца – потпредседател, Атанас Урумов, Бедредин Ибраими, Виолета Дума, Игор Милев, Сашо Срцев, Силвана Бонева, Д-р. Субхи Јакупи (натаму: Чичаковски и другите) противправно го избришале Подносителот на оваа Пријава од Избирачкиот список на Република Македонија во периодот 20 – 31 август 2016 година и со тоа го сториле кривичното дело „Повреда на избирачкото право“ предвидено со членот 159 став 1 од Кривичниот законик[1].

Од таа причина, Подносителот, благовремено поднесувајќи ја оваа Кривична пријава, бара Јавното обивинителство да ја испита оваа кривична пријава, да ја констатира фактичката состојба и да поведе кривична постапка против Чичаковски и другите.

 

О б р а з л о ж е н и е

Чичаковски и другите го злоискористиле постапувањето по членот 196-б од Изборниот законик да го избришат Подносиелот на Пријавава наводно заради жителство во ист стан со лице со различно презиме, а родено во период помалку од една година.[2] Иако ова не е законски утврден услов, ниту пак се работи за противправност од каков и да е вид, врз основа на ова и само на ова тие претходно го ставиле Пријавителот на тнр. Список на спорни гласачи.

Доказ бр. 1: Список спорни гласачи од 01.08.2016 година

Меѓутоа, Чичаковски и другите, притоа, очигледно свесно се оградиле од вкупниот текст на одредбата од ставот 1 на членот 196-б од Изборниот законик. Имено, оваа одредба прецизно утврдува кумулативно користење на сестрана, цитирано: „…методологија за водење и ажурирање на избирачкиот список заснована на проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверки…“. Со тоа, од една страна, клучно е да се дојде до „…несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список…“, или со други зборови за еден конретен граѓанин да има различни податоци (на пример во две евиденции различни адреси на живеење, или различен единствен матичен број на граѓанинот и тн.). Значи, не се работи за тоа да се утврди несовпаѓање на податоците на еден граѓанин со податоците на друг граѓанин, што е само по себе и апсурд и смешно.

Од друга страна, до ваков апсурд и не би се дошло доколку Чичаковски и другите ја извршеле совесно својата работна задача. Нагласката е на вкрстени проверки на различни бази!!! Меѓутоа, тоа во овој случај не е направено, иако Чичаковски и другите располагаат со бази податоци во врска со вработувањето, пензиското, социјалното и здравственото осигурување и тн. Подносителот, уште пред да започнат теренските проверки, со изјава дадена за средствата за јавно информирање ги предупреди Чичаковски и другите на нивните законски обврски.

Доказ бр. 2: Анализа направена за Сервисот за проверка на факти од медиумите “За правото се работи: Eдно ливче – тежок криминал“ од 24.032016, Изјава од блог пренесена во медиумите Либертас, Репортер, Слободна  “Како државата со која раководи (ВМРО)ДПМНЕ ми го одзеде избирачкото право и зошто треба да биде казнета“ од 19.08.2016, Изјава дадена за дневниот весник Нова Македонија од 20.08.2016

Меѓутоа, Чичаковски и другите, не само што не спровеле вкрстени проверки на различни бази, туку се апстрахирале  од законските услови за бришење лице од Избирачкиот список, а тоа се: смрт, одземање деловна способност и отпуст од државјанство. Со оглед на тоа што не се работи за законски услови што не ги знаеле, извесно е дека бришењето на Подносителот на пријавава од Избирачкиот список е не само свесно, туку и како што изискува одредбата опд ставот 1 на членот 196-б на Изборниот законик, е евидентно со намера направено. Најдобар доказ за познавањето на законските услови по кои едно лице може да се избрише од Изборниот законик е тоа што само тие три услови фигурираат на табеларниот приказ на редовните месечни извештаи токму на ДИК.

Доказ бр. 3: Збирен месечен извештај бр. 17-2102/1 од 10.08.2016 г.

Со сторувањето на кривичното дело за кое се товарат, Чичаковски и другите со бришењето на Подносителот на Пријавава го повредиле и вкупниот правен систем на Република Македонија, односно се повикале на употреба на различни презимиња, а со што го погазиле Законот за семејство на Република Македонија (член 31), а со кој децидно се утврдува можноста брачните другари да го задржат секој своето презиме. Произлегува дека доколку во Република Македонија две особи се решиле да ја применат оваа законска можност – ќе бидат казнети со бришење од Избирачкиот список, а Чичаковски и другите токму тоа го сториле.

Доказ бр. 4: Извод од електронската проверка на Избрирачкиот список од 01.09.2016 година

Од горенаведените причини, Подносителот бара Јавното обивинителство да ја испита оваа кривична пријава, да ја констатира фактичката состојба и да поведе кривична постапка против Чичаковски и другите.

 

———– 2016 година

 

Подносител на Пријавата:

 

 

_________________________

[1] КЗ, Повреда на избирачкото право, Член 159: (1) Член на изборен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку три години.

 

[2] Да се најдат избирачи по станови (т.е. адреси со број на стан кои не се празни) каде има друг гласач со различно презиме на истата адреса чија возраст е различна за 2 дена до 10 месеци.