ШТО ГЛЕДАМ ЈАС ВО ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА?

Мислам дека договорот направен со Грција е сеопфатен, издржан и во голема мера балансиран.

Го гледам како влог во иднината и на двете држави и на Балканот пошироко. И го гледам како знак на зрелоста на политичките елити во двете држави.

Во Договорот со Грција јас гледам дека Грција:

  1. Ја препознава и гарантира актуелната граница на Македонија (преамбула, член 3 став 1, став 2 и став 3)
  2. Препознава постоење и на друга територија која има име Македонија освен онаа во Северна Грција (член 5 став 2, член 7 став 3)
  3. Признава македонско државјанство (член 1 став 3)
  4. Го препознава и признава македонскиот јазик (член 1 став 3, член 7 став 3 и 4, )
  5. Го прифаќа веќе постоечкото именување на градови во Македонија (Македонски Брод, Македонска Каменица, …) (член 1 став 3)
  6. Поддржува договарање во врска со називите кои во себе содржат име Македонија (член 1 став 3)
  7. Не им забранува на луѓето да си се нарекуваат како што сакаат (член 7 став 5)
  8. Се обврзува да ја поддржи Македонија во пристапните процеси во ЕУ и НАТО (член 2 став 4, член 11)
  9. Се обврзува да не поддржува било какви активности од трети страни (други држави) насочени против Македонија (член 3 став 1, став 2 и став 4)
  10. Презема обврска да се бори против иредентизмот на сопствената територија (Преамбула, член 4 став 2, член 6 став 1 и став 3, член 8 став 5)
  11. Прифаќа дека термините Македонија и македонски не се однесуваат само на античкиот период туку постојат и во друг контекст и со друго значење (член 7 став 1)
  12. Препознава постоење на археолошки артефакти од периодот на антиката на територијата на нашата држава (член 8 став 3 и став 5)
  13. Прифаќа користење на нашето сопствено именување на градовите (не Монастири туку Битола) на територијата на нашата држава (член 8 став 4)
  14. Прифаќа заедничка работа на учебниците во презентацијата на историските факти (член 8 став 5)
  15. Нуди сеопфатна, политичка, економска, правна, научна, соработка (дел 2)
  16. Прифаќа акти на сукцесија во однос на прашања кои биле на соодветен начин договорени меѓу Грција и СФРЈ (сукцесијата значи и признавање на државно- правниот континуитет од 1944 (или 1946) наваму) (член 2 став 3, член 18 став 1)
  17. Прифаќа слободен влез на својата територија на граѓаните на Република Македонија независно од нивното потекло (член 14 став 3)

Мислам дека ова е навистина сериозен исчекор кој треба да се почитува и цени, и кој е соодветен пандан на отстапките кои ги има направено Република Македонија со цел решавање на спорот.

Јас имам само една крупна забелешка на договорот. Мислам дека во него требаше да има одредба со која  ги отстапуваме на Грција сите новокомпонирани споменици кои се однесуваат на античкиот период. Јас навистина би сакала да се ослободам од монструозните креатури кои ги навредуваат и уметноста и историјата и чувството за естетика на значаен број луѓе.