П против П (партија против право)

Продолжуваат преговорите на партиските работни групи, се очекува договор

Со надежи за договор, продолжуваат преговорите во Пржино

Почнаa партиските преговори во Пржино

Партиите почнаа нова рунда од преговорите за излез од кризата

А јас пак гледам како Македонија за уште неколку чекори се оддалечува од стандардите на современата демократија и владеењето на правото.

Најлошо е кога не успеваме да учиме на грешките од минатото и кога упорно ги повторуваме, постојано очекувајќи поинаков резултат.

Зар навистина ни треба уште еден Охридски договор со кој ќе се заташка прекршувањето на законите, ќе се амнестираат криминалците, а партиите и партиското договарање ќе ги заменат сите државни органи и целокупната легислатива?

Зошто излегоа граѓаните на улица и зошто уште се влечат по улиците?

1. Излегоа заради тесната поврзаност на државата и партијата и употребата/злоупотребата на државните органи од страна на партијата.

2. И заради нетранспарентното донесување одлуки и отсуството на граѓаните од процесите на одлучување.

3. И заради владеењето на партиското самоволие наместо владеењето на правото.

4. И заради отсуството на независни контролни механизми на власта.

5. И заради  теснопартиски приод кон нештата наместо почитување на плурализмот на интереси и потреби на граѓаните.

Ако е ова точно, тогаш на кој начин договор кој ќе го направат четири политички партии зад затворени врати може да биде во функција на:

  • – намалување на поврзаноста на партијата и државата (кога партијата решава во име на државата);
  • – транспарентно донесување одлуки со учество на граѓаните (кога се се прави во тајност, а граѓаните се исфрлени од процесот на одлучување и оставени да си се шетаат по улиците);
  • – владеење на правото наместо партиското самоволие (кога се слуша само зборот на партиските челници надвор од се’ она што претставува државно структуирање);
  • – воспоставување контролни механизми на власта (кога не се прифаќаат контролни механизми дури ни во процесот на преговарање):
  • – поддршка на политичкиот плурализам наместо партиско себезадоволување (политичкиот плурализам е многу поширок поим од партискиот плурализам; оттука, како до плурализам кога во ниту еден момент не се слуша гласот на различните).

 

Охридскиот рамковен договор ја продуцираше актуелната политичка и правна криза со тоа што создаде паралелен систем на формално постоење на норми и институции, а фактичко решавање на работите со директно договарање на две криминални банди кои себе се нарекуваат политички партии (мислам на ДУИ и ДПМНЕ).

 

Договорот од Пржино го прави истото тоа, со потполно негирање на правото, на демократијата, на плурализмот и партиципацијата на граѓаните.

Одбивањето да се формира експертска влада која ќе ги постави основите на демократското владеење базирано на правото е само ширум отворена врата за партиско делење на колачот, амнестирање на криминалците, уништување на државната структура и оневозможување во поблиска и подалечна иднина да профункционира било што надвор од политичките партии. И, без никакво сомнение, по Охрид и Пржино, да ни треба некој друг договор – можеби склучен од истите четири партии во – Припор!!!

Не ни требаат херои и хероини. Не ни е потребен водач качен на бел коњ. Не ни се потребни предводници. Потребни ни се правила, процедури и критериуми кои ќе бидат однапред донесени со учество на граѓаните, кои ќе траат и кои ќе важат подеднакво за сите.

Ако во овој момент граѓаните не го преземат процесот во свои раце, тогаш ќе бидат само пиуни во еден нов партиски дил, кој можеби ќе обезбеди смена на актуелната власт (или барем еден дел од криминалците од актуелната власт), но нема да обезбеди владеење на правото, плурализам, партиципација на граѓаните и контрола над секој оној кој ќе дојде на власт.

Работата е ние да ги искористиме странците со цел воспоставување услови за градење на демократска држава во која ќе владее правото, а не странците да не’ искористат нас за воспоставување нов естаблишмент кој ќе обезбеди мир и релативна стабилност за да не мора да се занимаваат со еден прцул од држава толку време.

Не случајно, странците се оградија од Шарената револуција и нејзините барања и не случајно ги затворија вратите за претставниците на Шарената револуција. Не случајно го откачија Ван Хојте и не сакаат ни да го погледнат Блупринтот направен од страна на граѓанските организации и граѓаните кои ја поддржуваат Шарената револуција.

За нив е сосема во ред и сосема доволен нов Охридски договор.

За нас не е и не смее да биде.

Јас мислам дека е време да отидеме до Пржино. Затоа што   се решивме да се бориме за своите права и тоа треба да заврши во наша корист, а не само да го смениме јавачот.

Ниту една одлука без граѓаните!

13 илјади потписи на “АМАН“ и една партија

Според последните вести предлогот на граѓанската иницијатива АМАН зад кој стојат 13000 потписи не поминал на Комисијата за економија. Против него биле: пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, претставниците на Владата и претставници на Реулаторната комисија (или, со други зборови: пред се ВМРО-ДПМНЕ). За предлогот гласале пратениците на ДПА и ДУИ (партии на Албанците).

Што покажува ова?

1. Дека се апсолутна лажга тврдењата на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека се заинтересирани да одговорт на потребите на граѓаните и да овозможат дирекно влијание на граѓаните врз донесувањето на одлуките. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите циркусијади во кои премиерот и градоначалникот и министрите си прават кафеански муабети со граѓаните кои не можат да имаат апсолутно никаков удел во одлуките на партијата на власт.

2. Нема шанса ниту една граѓанска иницијатива да продре во Собранието (бидејќи не поминала во изминативе 20 години).

3. Тоа значи дека секое повикување на референдум е алиби повикување кое граѓаните треба да го бојкотираат ако имаат и трунка останато достоинство во себе.

4. Тоа значи дека сме дошле до нивото на кралско владеење, во кое некрунисаниот (барем се уште) крал Никола Груевски ги расфрла парите на граѓаните, не ги рецка под точка разно кога станува збор за нивните потреби и ги казнува сите оние кои ќе му се спротистават.

Јас гледам едно можно решение за конкретната ситуација (што не го менува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде срушено и се што изградило разрушено зада не ни се повтори нов владетел кој ќе си гради споменик на своето безумие и послушноста на стадото под него).

Мислам дека на денот кога ќе се постави на дневен ред оваа точка, сите пратеници на СДСМ треба да се појават на седницата и да гласаат (само за оваа точка, без дискусија, без полемика, без ништо). Доколку пратениците на ДПА и ДУИ навистина стојат зад она што го кажаа на комисијата тогаш тие ќе се појават во доволен број и сите ќе гласаат во прилог на измените. Доклку пратениците на ДПА и ДУИ не се појават (макар и еден од нив) и доколку не гласаат ЗА тогаш ќе биде јасно дека само се измотаваат и собираат поени тогаш кога се сигурни дека нема да изгубат ништо.

ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА-МАКЕДОНИЈА

Во земјата на чудата на Алиса владее шпил од карти и кралица која го убива секој кој ќе и се спротистави, зајаците бркаат работа, гасениците пијат чај, а мачките исчезнуваат.

Во земјата на чудата во која се претвори Македонија се случуваат уште понеобични нешта.

Во земјата на чудата Македонија се формираат синдикати за заштита на Владата кои протестираат против поголеми права на вработените. Ова е уникатна творба изникната на овие чудесни простори која смета дека штрајкот и протестите не се орудие во рацете на работниците.

Во земјата на чуд

есата Македонија секој стручњак мора да биде трансфериран од местото за кое е оспособен. Ова посебно важи за дипломатите. Секој обучен, искусен дипломат (најдобро е ако некогаш бил или вршел функција на амбасадор), со знаење на повеќе од два јазика мора да биде префрлен во друго министерство за да им отстапи место на трговските патници и на туристите кои на рачун на државната каса си бркаат бизнис за сопствена корист или добиваат заслужен одмор како награда за лепењето плакати и посебно за лижењето остварено во текот на тој процес. При промените на законот се тврдеше дека нема доволно кадри: “ Според новиот Закон, квотата на професионални дипломати од редовите на Министерството за надворешни работи, кои можат да се именуваат за амбасадори, се намалува од две третини на една четвртина, а другите амбасадори ќе бидат истакнати личности од областа на надворешните работи. Причината за ваквата промена, според МНР, е во недостигот од кадри на министерството. – Во министерството се чувствува кадровска празнина и се соочуваме со дефицит на професионални дипломати. Со ваков капацитет немаме можност да праќаме две третини од кадрите и да ги именуваме за амбасадори. Со намалувањето на квотата на една четвртина ќе се овозможи и правилна ротација на амбасадорите кои се враќаат назад по истекот на нивниот четиригодишен мандат – објаснуваат во МНР.“ Денес, е направена листа од дипломати (над 40) кои се прогласени за суфицитарен кадар и кои се понудени на другите министерства на располагање.

Во земјата на чудата Македонија бизнисмените бараат власта да им определи поголеми давачки за да може да им ги врати парите кои им ги должи. Тоа му доаѓа како прелевање од шупло во празно, или, земи ми повеќе за да ми вратш тоа што ми должиш.

Во земјата на чудата Македонија припадниците на етничката заедница кои тврдат дека не се признати како конститутивен народ и дека се третирани како граѓани кои не припаѓаат кон оваа држава во секој момент недвосмислено покажуваат дека со душата и срцето и мислите и делата припаѓаат на друга држава.

Во земјата на чудата Македонија граѓаните немаат против во услови на рецесија и општо стегање на ремените околу гладните стомаци, нивните крваво заработени пари да се трошат на луксузни, кич – козметички зафати во градовите.

Во земјата на чудата Македонија студентите се молат наместо да протестираат. Во земјата на чудата Македонија пратениците јавно се измотаваат и им се потсмеваат на граѓаните. Во земјата на чудата Македонија секој кецарош од последната клупа добива шанса да се освети на оние кои знаат, умеат и можат подобро од него.

Алиса се разбудила од сонот. Ние никако да се разбудиме од кошмарот и затоа ќе си продолжиме да си живееме во земјата на чудата.

 

 

ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ – МОЈ ПРЕДЛОГ

Во моментов нема да ги анализирам изборите од аспект на нивната регуларност ниту пак од аспект на свеста на граѓаните и можноста да го дадат својот глас врз основа на соодветни и релевантни информации. Нема да се задржам ниту на екстремно чудното исчезнување на помалите политички опции од политичката сцена.

Што е тука е и треба да се продолжи понатаму.

Она што како реална опасност се појавува во ваква ситуација е потполно блокирање на државата и нејзино претворање во баруштина во која ќе просперираат само гадинки од најразличен вид.

Сметам дека пред државата стојат три значајни работи кои треба да се направат:

1. Потполна реформа на судството – што подразбира повторен избор врз основа на многу прецизни критериуми  на сите судии на сите нивоа и воспоставување на систем на нивна независнот од останатите две власти.

2. Потполна реформа на администрацијата со издвојување на Агенцијата за државни службеници како независно, моќно и решавачко тело кое би ја обезбедило политичката резистентност на државната администрација и би спречило нејзина злоупотреба од страна на политичките партии. Тоа подразбира и мораториум на отпуштање и на примање нови државни службеници.

3. Решавање на спорот со името.

Овие задачи може да ги изврши само техничка (професионална) влада која што ќе има многу ограничен мандат и ограничени можности за трошење на буџетските пари.

По завршување на овие задачи (најмногу за две години) оваа техничка влада ќе распише избори и ќе овозможи започнување на нов циклус на политичко делување во државата врз здрави демократски основи кои ќе нудат различни идеолошки опции.

ЗА ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ, КРИВИЦАТА И ЗАЕДНИЧКОТО ГРАДЕЊЕ НА ДРЖАВАТА

Во денешен Дневник може да се прочита “Албанскиот блок повлекува своја црвена линиај“. Пред некое време и Теута Арифи се огласи со слична теза, а пред неа секако првиот човек во ДУИ (Ахмети) и првиот човек на ДПА (Тачи).

Според сите овие написи, албанскиот дел од коалицијата на власт има намера да изврши притисок врз својот коалиционен партнер ВМРО, со цел изнаоѓање побрзо решение за проблемот со името и забрзување на влезот во на Македонија во НАТО и ЕУ.

И ова ми е сосема во ред. Коалиционите партнери треба да вршат притисок едни врз други и да се поттурнуваат во моментите кога еден од нив ќе заглави на некое скалило на развојот.

Она што не ми се допаѓа е издвојувањето, сепарацијата, себепоставувањето како сосема независен фактор кон надвор, наместо како структурен елемент на државата која што се гради и претставник на сите граѓани во таа држава. Имам впечаток дека повторно влегуваме во спиралата на НИЕ и ТИЕ, на Македонци и Албанци, наместо на граѓани на Република Македонија. Она што не ми се допаѓа е атакот врз мултикултурноста која наводно се обидуваме да ја сочуваме сите овие години. И она што не ми се допаѓа е отворената лага изречена и повторена во повеќе наврати, а која го негира повеќедеценискиот развој токму на таа мултикултурност на овие простори.

Настапите на Теута Арифи и Али Ахмети и Мнедух Тачи од позиција на припадници на “албанскиот блок“ (како што сами се нарекуваат) следи елементарно клише на разорување на било каква идеја за мултикултурност.

Ајде малку ке ги искористам лекциите на мојата драга колешка Виолета Петроска Бешка и да го погледнеме написот на Теута Арифи низ призмата на некои елементарни постулати.

По дефиниција мултикултурата е:“коегзистенција на повеќе култури на еден простор кои, освен што го споделуваат просторот, и се потпираат една на друга за да обезбедат заедничка егзистенција“. Мултикултурно општетсво е онаа третата чинија од долниот цртеж, а поделено општетсво е секако онаа првата.

Кога Теута Арифи во својот напис вели дека ќе зборува за алтернативите на Албанците во Македонија тоа значи дека за Теута во Македонија зборуваме за чинијата број еден, евентуално за бројот два, меѓутоа никако и за онаа последната која што го претставува мултикултурното општетсво.

Во својот напис Теута постојано зборува за два блока (македонски и албански), што значи дека го прифатила интегрупното однесување, наместо интерперсоналното однесување.

Интергрупното комуницирање подразбира и промовира поделба на “НИЕ“, “ВИЕ“ и ‘ТИЕ“. Тоа го заменува постоењето на различни идеи со припаѓање кон различни етнички заедници. Тоа ги сместува сите припадници на едниот етницитет на едно место и секој кој не се вклопува станува “предавник“. И тоа создава можност за градење на негативните стереотипи и предрасуди за другиот затоа што тргнува од позиција на генерализација наместо на индивидуализација. На овој начин Теута станува промотор на поделба, на стереотипизирање, на градење предрасуди и поттикнувач на меѓуетнички конфликт.

Поделбата на македонски и албански блок го тера секој човек да се смести во еден од тие блокови. Независно од идеите, независно од ставовите. Или си Албанец или си Македонец – реши се. Во тој момент стануваме дел од претставата во која мора да играме одредена улога (која што ни ја доделила Теут?).

Според теоријата на социјален идентитет на Tajfel&Turner (1986):

Од ова се гледа дека блоковската поделба (како онаа на албански и на македонски блок)  по дефиниција води кон нужно величање на сопствената група (На пример: “Албанците во Македонија секогаш ги прифаќаат стандардите на Е“У) и омаловажување на другата група (На пример: “Македонците обземени со емоции не можат да најдат решение за така едноставно нешто како што е името“). Во ова се разбира не може да има идентификување на сопствените грешки (На пример: менување на Уставот и законите со оружје во раце, или пополнување на администрацијата со нестручен и непрофесионален кадар, или излегување од Парламентот кога нешто не ми е по ќеиф, ниту пак…). И се заборава дека прашањето на истакнување на знамето на сопствената етничка заедница беше од најемоционални причини издигнато на ниво на conditio sine quae non (услов без кој не се може) во постоењето на државата Македонија).

Според теоријата и практиката, потребата за омаловажување на „другите“ групи доведува до формирање
и одржување на
негативни стереотипи и предрасуди, nредрасудите вклучуваат емоции и не тераат да се однесуваме според емоциите (емоциите доминираат над разумот). За емоциите не е потребно да дадеш објаснување, аргументи, за да ги разгориш, доволно е да прочепкаш со стапче – и, ете ти оган колку сакаш (а некогаш и повеќе од тоа).

Заклучок: Теута создава почва за потпирување на етнички конфликт. Не знам дали тоа го прави свесно или несвесно, дали навистина е тоа нејзин став или политички диригирана терминологија. Меѓутоа, тоа не го менува резултатот.

И, малку за лагата и безобразлукот.

Безобразно лажење е изјавата “ Евроатланските вредности беа алтернатива и политички концепт кој требаше да ги замени вредностите на еден пропаднат режим, кој своето постоење го засноваше врз основа на диктатурата и етничката дискриминација“. СФРЈ беше држава која што на меѓународен план го исфрли прашањето на положбата на националните малцинства, а на својата територија изгради систем на почитување на правата на малцинствата кој што ниту една држава членка на ЕУ ни денеска го нема достигнато.

Изјавата “ Европската мултијазичност беше алтернатива на промовираната монојазичност во првите години на независната држава“ е исто така извртување на вистината. Употребата на сопствениот јазик и учењето на сопствениот јазик во ниту еден момент не беа оспорени во Република Македонија. Недостатоците и недоследностите можеа да бидат расправани и договарани, меѓутоа се покажа дека политичарите (Македонци и Албанци) не беа дораснати на задачата и немаа капацитети да го трасираат натамоѓниот развој.

Изјавата “ Европскиот концепт на толеранција наспроти првичниот говор на омраза кон различните по етнос, јазик и вера“ повеќе зборува за политичарите отколку за граѓаните, а во секој случај не може и не смее да се употреби на “етнички блокови“. Имаше и има Македонци кои употребуваа говор на омраза и имаше и има Албанци кои употребуваат говор на омраза, а најмногу од се има политичари кои го употребуваат и стимулираат говорот на омраза.

Изјавата “ Од прогласувањето на независноста на Македонија па се’ до денес, Албанците и како граѓани, но и како политички субјекти го предизвикуваат етноцентристичкиот концепт за градење на државата, и тоа преку инсистирање на признавање на нивните вредности како дел од заедничките вредности на една заедничка држава“ е ноторна лага. Има Албанци кои работат и отворено промовираат најетноцентричен модел на “сите Албанци во една држава“ и има Македонци кои работат на изградба на мултикултурна Македонија која што ќе се базира на граѓанскиот наместо на етничкиот принцип.

Со своите ставови за албански и македоснки блок, Теута Арифи не се квалификува како некој кој може да работи на внесување на европските стандарди во Република Македонија, а политичките партии на Албанците стануваат рамноправен партнер на политичките парѕтии на Македонците во генерирањето на меѓуетнички конфликт.