ДЕМОКРАТИЈАТА Е СЕРИОЗНА РАБОТА

ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците усвоија денес заедничката платформа која ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада.

Според мене ова многу тешко може да се нарече  платформа за делување на сериозни политички партии кои имаат за цел градење на демократски односи и создавање услови за владеење на правото.

Според мене ова е неконзистентна и хаотична листа од замисли (од типот на мали Ѓокица),  желби и провокации ставени во обланда на социјално посакувани ставови која би требало да ја замени вистинската програмска понуда која овие конкретни партии треба да ја дадат на граѓаните согласно реалните состојби и барањата и очекувањата на граѓаните.

Во листата наречена платформа, нема ни збор за одговорноста (било за минатите дејствија кои довеле до назадување во економијата, во здравството, во образованието, во правната сигурност, во општата безбедност, во чистата животна средина, во стандардот на живеење, кои довеле до масовно исселувањето од државата … кои се резултат на 10годишното злоупотребување на власта, корумпирање на судството и администрацијата, неказнивост за криминалните активности на високи функционери во власта, било, како одговорсност која би се прифатила за идните дејствија).

Во листата наречена платформа нема ниту збор за партиципацијата на граѓаните. Нема ни збор за тоа дека ќе се слушнат барањата на граѓаните, дека ќе се бара мислење од граѓаните, дека граѓаните ќе бидат тие кои ќе го определуваат идното делување. Листата наречена платформа е октроисан документ кој им се наметнува на граѓаните и ги лишува од основното демократско право да влијаат врз процесите на одлучување.

Во листата наречена платформа нема ниту збор за зајакнување на контролните механизми врз власта. Оние независните, кои однадвор ќе ги проценуваат постапките на тие кои се на власт и кои ќе ги штитат правата и слободите на граѓаните.

Во листата наречена платформа, нема граѓани, туку има групи, нации, колективитети. Индивидуата е сместена во однапред поставена шема од која не смее да излезе.

Затоа пак во листата наречена платформа има многу недоследности, нелогичности, апсурди, контрадикторности.

На пример, под насовот “Постигнување на целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот“, се нудат решенија кои се потполно спротивни на одредбите на договорот и на Уставот.

* Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде албанците се сметаат како државотворна нација, Поддржување на секаква правна и уставна иницијатива која ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.

Мултиетничноста не е   биетничност.  Доколку само етничките Албанци се прогласат за државотворен народ наспроти сите други малцински етнички заедници, тогаш станува збор за биетничност, а не за мултиетничност.

Прогласувањето на етничките Албанци за државнотворна нација е спротивно на Охридскиот рамковен договор кој Македонија ја дефинира како унитарна држава (Основни принципи 1.2 Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат). Или се залагаат за оживотворување на Охридскиот рамковен договор или за некој нов договор.

Според Рамковниот договор и Уставот сите сме граѓани на Македонија и како граѓани, а не како различни нации.

* Постигнување на целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека “македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.

Според Рамковниот договор “6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик“. Значи, ако се бара спроведување на Рамковниот договор не може да се бара воспоставување на нов службен јазик.

 * Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.

Ова е според мене апсолутно легитимно барање, меѓутоа, испуштена е обврската после направената промена на симболите на државата, да не се употребуваат симболи на други држави.

* Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956.

Овој став е едноставна провокација која може единствено да предизвика серија од меѓусебни обвинувања, вадење на приказните и легендите кои се шират во секоја етничка заедница, закрвување на луѓето и поттикнување на омраза врз национална основа.

Во една сериозна платформа би се побарало формирање на мешовити стручни и научни тела кои ќе направат истражување на минатото и ќе пристапат кон поставување основи за заедничко пишување на историјата.

  1. Постигнување на економска рамноправност и на општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој

* Создавање на нов механизам, во форма на една Државна Комисија за Финансирање на Општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.

Сериозни партии би побарале анализа на состојбата, натамошно развивање на општините и децентрализацијата и деконцентрацијата на власта, заокружување на фискалната децентрализација, зајакнување на општините со нови даночни решенија и развивање на контролни механзими  врз собирањето на даноците, трошењето на парите на граѓаните  и спроведувањето на законските обврски во секоја општина.

* Создавање на едно Министерство за Политички Систем и Односи меѓу Заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја.

  Со обврска прашањата кои се однесуваат на заедниците да се концентрираат во ова министерство, а да се ослободи граѓанската димензија во секое друго министерство.

* Остварување на правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.

Во сериозна платформа овде би била содржана гаранцијата дека во овие органи ќе се негува лојалноста кон државата, заштитата на интересите на државата и заштитата на сите граѓани на Република Македонија.

* Остварување на правична застапеност во сите нивоа на централната власт како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции.

Во сериозна платформа овде би била формулирана  обврска со ова на никаков начин да не биде загрозена професионалноста и стручноста во овие органи, што би се постигнало со однапред дефинирани правила, процедури и критериуми.

3.Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евро-атлантскиот интегративен процес

* Спроведувањето на реформите во согласност со Договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската Комисија како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.

Во сериозна платформа овде би била содржана обврска Со обврска да се преземе се што е во моќ на партиите на етничките Албанци да зајакнат контролните механизми и да бидат санкционирани сите прекршувања на правото посебно оние направени од високи функционери во власта кои припаѓаат на овие партии.

* Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот Обвинител, без етнички и политички предрасуди.

Во сериозна платформа, би била дадена  поддршка на целосна реформа во правсудството и полицијата кои ќе обезбедат постепено исчезнување на потребата од СЈО (или пак би се создале услови за негово трајно вклопување во правосудниот систем со прецизно функционално поставување во рамките на системот).

Во една сериозна платформа би се барало  јавно презентирање на разговорите на високите функционери од албанската етничка заедница и   процесирање на сите случаи на злоупотреба на должноста од страна на функционери од албанската етничка заедница.

* Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како “Сопот”, “Бродец”, “Монструм” и “Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.

Сериозна платформа би застанала зад ставот дека анкетните комисии треба да ја утврдат инволвираноста на високи функционери во власта во овие случаи и дека секој од овие случаи мора да добие судска завршница пред независен и непристрасен суд.

4.Создавање на дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата

* Преземање на афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и локално ниво.

Добрите меѓуетнички односи, не се градат со финансирање на албански културни институции на централно и локално ниво, туку со систематска работа во образованието, културата, науката, насочена кон градење на основите на мултикултурноста како базичен принцип.

Финансирањето на културна институција на една етничка заедница никако не може да доведе до подобри меѓуетнички односи.

* Создавање на една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и предавачи.

Со обврска за ратификација на Повелбата за регионалните и малцински јазици и градење на модел заснован врз оваа повелба кога станува збор за употребата и заштитата на јазиците.

  1. Решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право

* Усвојување Заедничка и Обврзувачка Резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија е обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот со името.

Со обврска да се води грижа и да не биде загрозен етничкиот или јазичниот интегритет на етничките Македонци

* Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

Со обврска да ги застапуваат заеднички изградените ставови на државно ниво, а не партиски ставови.

  1. Добри односи со соседите

* Вклучување на албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.

Со обврска да ги застапуваат заеднички изградените ставови на државно ниво.

* Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.

Косово и Албанија не се ниту една држава, ниту една територија ниту еден ентитет. Крајно несериозно и тенденциозно е поврзувањето на овие две држави.

Со секоја од овие држави постојат различни историски багажи, различни потреби и интереси и на различен начин треба да бидат третирани.

Во една сериозна политичка платформа овде би била ставена и обврската не само да се  застапуваат заеднички изградените ставови на државно ниво, туку да се штитат интересите на граѓаните и на државата.

* Отворање на нови гранични премини.

Со обврска ова да се направи врз основа на претходно направени анализи и трајно утврдена потреба.

  1. Брза интеграција во НАТО и во Европската Унија

* Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија.

Според мене ова е новогодишна  желба, а не платформска определба.

 

ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТА И ЗА ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈАТА

Првиот ден по референдумското изгласување на раскинувањето на Велика Британија со Европската Унија, најбаран податок на интернет од страна на граѓаните на Велика Британија бил: што е ЕУ (https://www.washingtonpost.com/news/the-switch/wp/2016/06/24/the-british-are-frantically-googling-what-the-eu-is-hours-after-voting-to-leave-it/, http://www.telegraph.co.uk/technology/2016/06/27/were-brits-really-googling-what-is-the-eu-after-voting-to-leave/, http://fortune.com/2016/06/24/brexit-google-trends/, …).

Ова само покажува колку е лесно да изманипулираш голем број луѓе, кои ќе изгласаат решение кое е директно спротивно на нивните интереси.

Треба само да употребиш одреден број зборови и фрази кои поттикнуваат на револт, да бидеш спремен безочно да лажеш до ниво на потполно отсуство и на траги од вистина, да играш на картата на неукост и глупост на голем број луѓе и да го прогласиш за непријател секој оној кој ќе проба да се спротистави или да проба да го анализира кажаното.

Токму ова се случува моментално и во Македонија. Пред наши очи. Луѓето се манипулираат и се наведуваат да гласаат против себе и против сопствените интереси. Луѓето се тераат сами да си стават јамка околу вратот и сами да се поткачат на столчето и сами да го бутнат од под сопствените нозе.

Јас така го разбирам атакот на моќната пропагандна машинерија на ДПМНЕ која почна да се пенави над идеите на мултикултурноста и локалната самоуправа.

Во бесното лаење, мултикултурноста се претвора во баукот – двојазичност, а локалната самоуправа станува баба рога која зад грб го крие ножот со кој ќе ја распори државата и сето тоа под плаштот на редефинирање на државата.

Груевски со факти го разобличи Заев околу ставовите за двојазичност и федерализација

За што зборува Заев кога вели редефинирање на државата?: Двојазичност – федерализација – отцепување

Како некој кој во 1995 година бранел докторат со кој ја промовирал мултикултурноста и го промовирал граѓанскиот наспроти етничкиот модел, чувствувам обврска да застанам во одбрана на идеите на СДСМ.

Јас лично мислам дека ова што денес го промовира Заев како програма на СДСМ претставува показател на зрелоста на партијата на која и требаше многу време да се ослободи од прангите на етноцентризмот и да навлезе во просторот на граѓанското моделирање на државата кое подразбира поставување на индивидуата и нејзините потреби и интереси во центарот на делувањето на државата.

Она што во моментов го имаме е држава во која постојат два паралелни светови. Луѓе кои од најмала возраст живеат во издвоени заедници, одат во различни градинки, одат во различни училишта, во различни кафеани, на различни места на собирање. Држава во која луѓето од различните етнички заедници растат без да имаат можност да се запознаат, да се засакаат, да се здружат, да ги препознаат истоветностите и различностите.

Во моментов имаме поделена држава која не е добра за никого. Имаме држава во која во највисокото законодавно тело се зборува на два јазика, во која службениот весник се печати на два јазика, во која документите во министерствата се изработуваат на два јазика, меѓутоа во која граѓаните не можат на шалтерите во целата држава да поднесат барање и на својот јазик, ниту пак можат да ги прочитаат упатствата на производите на сопствениот јазик, ниту да ги добијат информациите поврзани со обврските кон државата на сопствениот јазик, ниту пак да очекуваат дека докторот или медицинската сестра во некоја болница надвор од местото на нивното живеење зборува и на нивниот јазик.

Јас лично мислам дека парламентарците во Собранието мораат да зборуваат на еден јазик затоа што тие ги претставуваат интересите на сите граѓани и на нив е пренесен суверенитетот на сите граѓани. И мислам дека службениот весник мора да биде на еден јазик. И мислам дека секој висок функционер во власта мора да го зборува многу добро јазикот на мнозинството.

Меѓутоа мислам дека државата треба да промовира најразлични начини кои ќе им овозможат на граѓаните да можат да ги добијат секојдневните информации на сопствниот јазик. Да стимулира лекарите и наставниците и администраторите и сите во услужните дејности да зборуваат колку што е можно повеќе јазици на етничките заедници кои живеат во Македонија. И тоа да биде предност про вработување, нешто што носи поени.

И мислам дека децата треба да се поттикнуваат да ги учат јазиците на етничките заедници кои живеат во Македонија. Од најмала возраст. И да бидат заедно. Од најмала возраст. И да се мешаат. Од најмала возраст.

И мислам дека локалната самоуправа треба да има многу поголеми ингеренции од овие кои ги има. Луѓето да можат да ги задоволат своите потреби и интереси на локално ниво.

Многу е мал опсегот на работи кои бараат унифицирано постапување и учество на централната власт. Тоа се рамки на делување, генерални правци на развој, најопшти вредности кои го детерминираат политичкиот систем. Се друго е задача на локалната власт.

И полицијата треба да има своја само локална димензија, и социјалата и образованието, и животната средина, и комуналиите, и … Впрочем и самиот закон тоа го предвидува и стимулира.

Секое мешање на централната власт во работите на локалната власт, кое ги надминува потребите на генералното постапување поврзано со промоцијата и заштитата на општите вредности, е неовластено и штетно.

Силната локална самоуправа не создава почва за федерализација.

Почва за федерализација создава моќната централна власт која на највисоко ниво ја дели државата на сфери на вилајание, која го дели колачот меѓу етницитетите и која ги сместува граѓаните во нефлексибилни групи оградени со ѕидови.

Силната локална самоуправа создава можност за задоволување на потребите и интересите на индивидуите, за нивна флексибилност и мобилност и за чувството дека цела држава е моја држава.

Во моментов Македонија е неформално федерална држава во која е направена многу јасна поделба меѓу две мафијашки семејства кои ја контролираат целокупната територија. Во моментов има предели од Македонија во кои не се чуствувам како да сум дома и во кои не би отишла без некоја посебна причина.

Секое разбивање на оваа поделба значи загрозување на мафијашките кланови и нивните кревки договори испишани во крв.

Затоа јас го поддржувам новиот пристап на СДСМ, за кој мислам дека предолго созреваше, и остави простор за дивеење на етномафиите во Македонија. Сега е оној последен момент во кој може државата да ја вратиме на граѓаните.

Заради ова, секој напад на идеите поврзани со мултикултурноста и со локалната самоуправа ги разбирам само како обид најубавите, најпрогресивни и најкорисни идеи кои можат да го подобрат животот на голем број граѓани да се извитоперат до ниво на непрепознатливост и да им се сервираат на граѓаните како застрашувачки можности кои мораат да бидат отфрлени со цел да се  создаде облак од какафонично блаботење, кое овозможува прикривање на интересите на двете етномафии.

П против П (партија против право)

Продолжуваат преговорите на партиските работни групи, се очекува договор

Со надежи за договор, продолжуваат преговорите во Пржино

Почнаa партиските преговори во Пржино

Партиите почнаа нова рунда од преговорите за излез од кризата

А јас пак гледам како Македонија за уште неколку чекори се оддалечува од стандардите на современата демократија и владеењето на правото.

Најлошо е кога не успеваме да учиме на грешките од минатото и кога упорно ги повторуваме, постојано очекувајќи поинаков резултат.

Зар навистина ни треба уште еден Охридски договор со кој ќе се заташка прекршувањето на законите, ќе се амнестираат криминалците, а партиите и партиското договарање ќе ги заменат сите државни органи и целокупната легислатива?

Зошто излегоа граѓаните на улица и зошто уште се влечат по улиците?

1. Излегоа заради тесната поврзаност на државата и партијата и употребата/злоупотребата на државните органи од страна на партијата.

2. И заради нетранспарентното донесување одлуки и отсуството на граѓаните од процесите на одлучување.

3. И заради владеењето на партиското самоволие наместо владеењето на правото.

4. И заради отсуството на независни контролни механизми на власта.

5. И заради  теснопартиски приод кон нештата наместо почитување на плурализмот на интереси и потреби на граѓаните.

Ако е ова точно, тогаш на кој начин договор кој ќе го направат четири политички партии зад затворени врати може да биде во функција на:

  • – намалување на поврзаноста на партијата и државата (кога партијата решава во име на државата);
  • – транспарентно донесување одлуки со учество на граѓаните (кога се се прави во тајност, а граѓаните се исфрлени од процесот на одлучување и оставени да си се шетаат по улиците);
  • – владеење на правото наместо партиското самоволие (кога се слуша само зборот на партиските челници надвор од се’ она што претставува државно структуирање);
  • – воспоставување контролни механизми на власта (кога не се прифаќаат контролни механизми дури ни во процесот на преговарање):
  • – поддршка на политичкиот плурализам наместо партиско себезадоволување (политичкиот плурализам е многу поширок поим од партискиот плурализам; оттука, како до плурализам кога во ниту еден момент не се слуша гласот на различните).

 

Охридскиот рамковен договор ја продуцираше актуелната политичка и правна криза со тоа што создаде паралелен систем на формално постоење на норми и институции, а фактичко решавање на работите со директно договарање на две криминални банди кои себе се нарекуваат политички партии (мислам на ДУИ и ДПМНЕ).

 

Договорот од Пржино го прави истото тоа, со потполно негирање на правото, на демократијата, на плурализмот и партиципацијата на граѓаните.

Одбивањето да се формира експертска влада која ќе ги постави основите на демократското владеење базирано на правото е само ширум отворена врата за партиско делење на колачот, амнестирање на криминалците, уништување на државната структура и оневозможување во поблиска и подалечна иднина да профункционира било што надвор од политичките партии. И, без никакво сомнение, по Охрид и Пржино, да ни треба некој друг договор – можеби склучен од истите четири партии во – Припор!!!

Не ни требаат херои и хероини. Не ни е потребен водач качен на бел коњ. Не ни се потребни предводници. Потребни ни се правила, процедури и критериуми кои ќе бидат однапред донесени со учество на граѓаните, кои ќе траат и кои ќе важат подеднакво за сите.

Ако во овој момент граѓаните не го преземат процесот во свои раце, тогаш ќе бидат само пиуни во еден нов партиски дил, кој можеби ќе обезбеди смена на актуелната власт (или барем еден дел од криминалците од актуелната власт), но нема да обезбеди владеење на правото, плурализам, партиципација на граѓаните и контрола над секој оној кој ќе дојде на власт.

Работата е ние да ги искористиме странците со цел воспоставување услови за градење на демократска држава во која ќе владее правото, а не странците да не’ искористат нас за воспоставување нов естаблишмент кој ќе обезбеди мир и релативна стабилност за да не мора да се занимаваат со еден прцул од држава толку време.

Не случајно, странците се оградија од Шарената револуција и нејзините барања и не случајно ги затворија вратите за претставниците на Шарената револуција. Не случајно го откачија Ван Хојте и не сакаат ни да го погледнат Блупринтот направен од страна на граѓанските организации и граѓаните кои ја поддржуваат Шарената револуција.

За нив е сосема во ред и сосема доволен нов Охридски договор.

За нас не е и не смее да биде.

Јас мислам дека е време да отидеме до Пржино. Затоа што   се решивме да се бориме за своите права и тоа треба да заврши во наша корист, а не само да го смениме јавачот.

Ниту една одлука без граѓаните!

МЕЃУНАРОДНИОТ ФАКТОР ПРЕТСТАВУВА НУЖЕН КАТАЛИЗАТОР. НА ИСТО НИВО КАКО И ВО ВРСКА СО КОНФЛИКТОТ ОД 2001 ГОДИНА

Европската комисија нема да праќа експерти за набљудување на процесирањето на случајот “Пуч“.Странците не се мешаат во внатрешни прашања на независни и самостојни држави.И многу е важно да се каже дека политичкиот дијалог треба да се одвива внатре, нагласувам внатре во парламентот.Брисел нема магична формула за решавање на македонската криза.

Вака е во 2015 година.

Меѓутоа во 2001 година меѓународната заедница немаше ракавици и најотворено се вмеша во конфликтот.

Се поставува прашањето: зошто меѓународната заедница толку спремно реагираше во ситуација на конфликт меѓу две етнички заедници и во ситуација кога се постави прашањето за повреда/ограничување на правата на една етничка заедница, а со толкава голема резерва се поставува кога станува збор за конфликт кој не е етнички базиран (иако несомнено има импликации и на меѓуетничките односи), меѓутоа се темели на многу пошироки и подлабоки прекршувања на човековите права?

Дали Македонија треба да влезе во крвава граѓанска војна, за да предизвика соодветна реакција, и, наместо превентивно, меѓународната заедница да делува во ситуација на отворено насилство?

Дали тогаш ќе правиме нов Охридски договор и ќе започнуваме процеси на помирување и залечување на отворените рани?

Доколку тргнеме од претпоставката дека во Охридскиот рамковен договор е направен обид за разрешување на основните јазли кои го продуцираат меѓуетничкиот конфликт, интересно е да се погледне на овој договор низ призмата на актуелниот, “не меѓуетнички“ конфликт.

 

Охридски рамковен договор – 13.08.2001 ????? – 13.04.2015
Точките во наредниов текст даваат усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и Евро-атлантската заедница. Овој Рамковендоговор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество,истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани. Ова е дефинитивно актуелна заложба која произлегува од длабоко нарушените демократски вредности, отсуството на било каков, а камоли хармоничен, развој и отсуството на почитување на интересите на сите македонски граѓани.
Основни принципи
1.1. Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.  

Проблемот на насилството постои и во актуелниот момент, како:

–       Насилство врз пратениците во парламентот

–       Насилство врз политичките неистомисленици

–       Насилство врз граѓанскиот сектор

–       Насилство врз новинарите

–       Насилство врз сите оние кои имаат поинакво мислење од владеачката структура

–       Насилство врз секој кој поставува прашања или не се согласува со политиките и активностите на властодржците

 

1.2. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактерна државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.  

Актуелната власт ја дели територијата на Македонија , покрај другото, и според „политичка припадност“: општините каде опозицијата е на власт се поинаку третирани од оние „нашите“.

 

1.3. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.  

Доколку наместо мултиетничкиот карактер, го поставиме плуралитетот, слободата на мислата и правото на слободно изразување на сопственото мислење како пандан на едноумието, ова барање е суштинско во актуелниот момент.

 

1.4. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.  

Имајќи го предвид предлагањето уставни промени без јавна расправа и спротивно на стандардите на меѓународната заедница, оваа одредба може потполно идентично да се примени на актуелната состојба. А и постоечките одредби на Уставот важат само за партиските активисти или највисоките ешалони на партиите на власт, и тоа само кога тоа е во нивна полза.

 

1.5. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.  

Отсуството на партиципација на граѓаните во одлуките на локалната самоуправа и отсуството на било каква јавна расправа за прашањата од нивни интерес, претставува еден од базичните проблеми и извори на конфликтот.

 

2. Прекин на непријателствата
2.1. Страните го истакнуваат значењето на заложбите од 5 јули 2001 година. Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи, и нивно целосно доброволно распуштање. Тие го прифаќаат фактот дека за донесување Одлука од страна на НАТО да помогне во овој контекст, ќе биде потребно воспоставување општ, безусловен и неограничен прекин на огнот, согласност за политичко решение за проблемите на оваа земја, јасна заложба на вооружените групи доброволно да се разоружаат, и прифаќање од сите договорни страни на условите и ограничувањата во рамките на кои ќе делуваат силите на НАТО. Исклучително актуелно! Власта има монопол на вооружените полициски и параполициски структури, но ги користи како „партиски вооружени сили“!!! Итно потребно разоружување и распуштање на параполициските структури, а полициските структури да излезат од партиските рамки.
3. Развој на децентрализирана власт
3.1. Ќе биде усвоен ревидиран Закон за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници, и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот (како што е измените во согласност со Анекс А) и Европската повелба за локална самоуправа, при што ќе се одрази принципот на вертикална организираност кој што во моментов важи во Европската унија.Зголемените надлежности пред се ќе се однесуваат на областите на јавните услуги,урбаното и руралното планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата, локалните финансии, образованието, социјалната заштита

и здравствената заштита. Ќе се усвои Закон за финансирање на локалната самоуправа за да се обезбеди соодветен систем на финансирање, за на локалните власти да им се овозможи да ги исполнуваат сите свои надлежности.

Отсуството на вистинска децентрализација и деконцентрација на власта и подведувањето на локалните интереси под капата на партиските интереси, претставува проблем со кој во моментов се соочуваат сите граѓани на Република Македонија. Одлучувањето е поместено на централно ниво и секое спротивставување се санкционира или се вложуваат вонправни или се злоупотребуваат правните инструменти за „контрола на непослушните“.
3.2. Во рок од една година по завршувањето на новиот попис, кој под меѓународен надзор ќе биде спроведен до крајот на 2001 година, ќе бидат ревидирани општинските граници. Ревизијата на општинските граници ќе биде спроведена од страна на локалните и националните власти, со меѓународно учество. Пандан на овој дел од Рамковниот договор е спроведувањето на попис. Иако актуелната власт започна со спроведување попис – се откажа и без објаснение – не го продолжува или обновува тој процес.
3.3.Со цел да се обезбеди дека полицијата е свесна за и одговора на потребите и интересите на локалното население, локалните началници на полицијата ќе ги избираат советите на општините од листи на кандидати предложени од страна на Министерството за внатрешни работи и истите редовно ќе комуницираат со советите. Министерството за внатрешни работи ќе го задржи овластувањето за разрешување на локалните началници на полицијата во согласност со законот. Партизацијата на полицијата ја дезавуира оваа одредба и ја претвори полицијата во партиска машинерија за угнетување на политичките неистомисленици и заплашување на граѓаните.
4. Недискриминација и правична застапеност
4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за равојот на деловните активности.  

Дискриминацијата (посебно онаа врз политичка основа), дискриминирачките практики при вработувањето во јавната администрација и јавните претпријатија, и посебно при пристапот до јавното финансирање, претставуваат елементи актуелни за денешната ситуација во Република Македонија.

 

4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела,истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја корегираат постоечката неврамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност. Особено внимание

ќе се посвети на тоа да се обезбеди, колку е можно побрзо, полициските служби генерално да го одразат составот и распределбата на населението во Македонија, како што е специфицирано во Анекс Ц.

Доколку наместо припадниците на етничките заедници се стави поимот на припадници на други политички партии, се добива апсолутно истоветна ситуација и многу слична потреба, со цел надминување на конфликтот.
4.3 За Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избира од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број пратеници, која ќе содржи мнозинство од вкупниот број пратеници кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Оваа постапка ќе се применува и при изборот на Народниот правобранители на тројца членови на Судскиот совет. Уставниот суд се покажа како тело кое лесно може да биде корумпирано и извитоперено во алатка на владеачката структура. Тоа значи дека во еден иден мировен договор ова е една од ставките кои мора да бидат соодветно решени. 
5. Посебни собраниски процедури
5.1. На централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа, нема да можат да се усвојат без квалификувано мнозинство на две третини од гласовите, ворамките на што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.  

Етничкиот модел може и треба да се постави како соодветен и кога станува збор за политичките партии, во ситуација на менување на такви закони кои имаат суштинско влијание врз демократските односи и владеењето на правото. Имено, токму менувањето на законите по скратена постапка и без никаков удел и влијание на опозицијата и граѓаните, доведе до ситуација на потполна ерозија на нормативата во Република Македонија.

 

5.2. За донесување на законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и на законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници, ќе мора да постои мнозинство од гласови, во рамките на што ќе мора да има мнозинство од гласови на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Ова истото мора да се примени на одреден број закони кои се однесуваат на базичните демократски вредности и основите на политичкиот систем. Токму во првонаброената област – културата – е донесен закон без консултирање на културните работници туку исклучиво со партиски активисти. Потполно идентична ситуација и со практично сите нивоа на образованието.
6. Образование и употреба на јазиците
6.1. Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците, а истовремено во цела Македонија ќе се применуваат унифицирани стандарди за академските програми.  

Со декретски мерки се навлезе дури и во средното образование, а што предизвика и сеуште предизвикува дури и улични демонстрации.

 

6.2. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20 проценти од населението во Македонија, а врз основа на посебни спогодби.   Пандан на ова е автономијата на универзитетот и буџетските издвојувања за развој на високото образование и на науката.
6.3. При уписот на државните универзитети на нови студенти, кои припаѓаат на заедници кои не се мнозинско население во Македонија, ќе се применува принципот на позитивна дискриминација се додека уписот правично не го одрази составот на населението во Македонија. Нема примена на позитивна дискриминација базирана на припадност кон политичка опција спротивна на владеачката.
6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик.  

Пандан на овој елемент на Рамковниот договор е слободата на изразување воопшто и казнивоста на говорот на омраза.

 

6.5. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено. Во органите на Република Македонија, кој било службен јазик различен од македонскиот може да се употребува во согласност со законот, како што понатаму е елаборирано во Анекс Б. Кое било лице што живее воединица на локална самоуправа во која најмалку 20% од населението зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со регионалната канцеларија на централната влада, надлежна за таа општина; таквата канцеларија, ќе одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Кое било лице може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со главна канцеларија на централната влада, кој ќе му одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Слободата на изразување на социјалните мрежи, што е јазик на комуникација на веројатно повеќе од 20% од населението е постојана мета на „дисциплинирање“.
6.6. Во однос на локалната самоуправа, во општините каде одредена заедница сочинува најмалку 20% од населението на општината, јазикот на таа заедница ќе се употребува како службен јазик, дополнително на македонскиот. Во однос на јазиците на кои зборуваат помалку од 20% од населението во општината, локалните власти демократски ќе одлучат за нивна употреба во јавните тела. Општини, најверојатно под 20%, што се медиумски покриени само од МРТ се жртви на ограничено известување наводно врз основа на некаква одлука на Јавното обвинителство.
6.7. Во кривични и граѓански судски постапки на кое било ниво, обвинетото лице или која било страна ќе има право на превод на државен трошок на сите постапки, како и на документи во согласност со соодветни документи на Советот на Европа. Ако е ова право на еднаквост пред судските органи, таква еднаквост не постои кога на едната страна се партиите на власта, а на другата индивидуални граѓани.
6.8. Кои било лични документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, исто така, ќе бидат издадени на тој јазик, дополнително на македонскиот јазик, во согласност со законот.
7. Изразување на идентитетот  
7.1. Во однос на симболите, непосредно до симболот на Република Македонија, локалните власти ќе ја имаат слободата на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува идентитетот на заедницата која што е во мнозинство во општината, со почитување на меѓународните правила и примени.
Повреди на човековите права кои се актуелни во рамките на денешниот конфикт
Нарушување на приватноста
Отсуство на ефективна правна заштита
Отсуство на можност за контрола на власта
Заложничко ропство
Родова нерамноправност
Дискриминација врз основа на сексуална припадност

 

Заклучок:

Во Република Македонија постои конфликт. Длабок и сериозен. Конфликтот е многу подлабок и посериозен од меѓуетничкиот конфликт од 2001 година. Има и жртви, и покрај тоа што тие не се толку лесно видливи како оние од вооружениот конфликт. А можна е и ескалација.

Меѓународната заедница еднаш се вмешала во внатрешните работи на Република Македонија кога мислела дека постои такво нарушување на човековите права кое и дава легитимитет за вмешување.

Актуелните состојби се карактеризираат со многу поголемо нарушување на многу поголем број човекови права за многу поголем број луѓе. Невмешувањето не може да биде оправдано.

ИЗМОТАВАЊЕ СО ДЕМОКРАТИЈАТА

Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа фрлената ракавица – одиме на избори!

Во овој контекст се поставува прашањето: зошто две политички партии кои веќе се на власт сакаат повторно да излезат на избори?

Идејата на плурализмот е постоење на можност за организирање на луѓето околу различни идеи. Суштината на политичкиот плурализам е во постоењето на политички субјекти (партии) кои имаат одредени замисли за тоа како да се управува со државата и во која насока да се развива. За да го постигнат тоа тие се борат за освојување на власта.

Во моментот кога некоја политичка партија ја освои власта таа тежнее што е можно подолго да остане на власт и да има доволно време да ги развие /имплементира сопствените замисли.

Сигурна сум дека има некое многу длабокомислено објаснување кое јас никако не успевам да го доловам (нешто со масоните, светските завери, новооткриените планети во нашата галаксија и бројот 42 како број кој ја изразува суштината на животот).

Она што мене ми паѓа на ум е дека можеби станува збор за ситуација во која:

  1. Актуелните политички субјекти кои ја држат власта толку се заплеткале во сопствената мрежа на незнаење, неспособност, корупција и криминал што потполно го изгубиле компасот на владеење. За да не се види оваа нивна неспособност тие влегуваат во нов изборен процес во кој секојдневното управување се заменува со пароли, ветувања и розови проекции

 

  1. Актуелните политички субјекти кои ја држат власта почувствувале дека државата почнува да се распорува по линијата на социјалните рабови (луѓето почнуваат да ги изнаоѓаат заедничките интереси со припадниците на другите етнички заедници и да се обединуваат во поставувањето на барањата за економските и егзистенцијалните прашања)  и во изборите гледаат можност за мобилизација на населението по етничка линија, нова поделба, разграничување, разединување на луѓето и градење на нови бариери меѓу нив.

 

  1. Актуелните политички субјекти кои ја држат власта се уплашиле дека опозицијата почнува да се консолидира и да нуди вистински решенија за проблемите на граѓаните (кои почнуваат да ја слушаат и да ги надминуваат своите стравови) и се обидуваат да го фатат последниот воз кој би им овозможил барем уште неколку години владеење за довршување на грабежот, меѓутоа уште повеќе за затскривање на трагите на направените криминални дејствија.

 

Јас лично не мислам дека станува збор за било каква фрлена ракавица од страна на ДУИ (чии објаснувања зошто сакаат предвремени парламентарни избори се апсурдни и бесмислени), и за никакво прифаќање на фрлена ракавица од страна на Груевски. Не станува збор за никаков ривалитет, двобој или судир на мислења. Станува збор за фарса на ниво на примитивните ликови (кои стануваат симбол на ВМРО-ДПМНЕ) која на граѓаните им се продава наместо решавање на нивните горливи потреби.

Заради ова јас мислам дека граѓаните треба да ја прифатат фрлената ракавица од актуелните политички субјекти кои ја држат власта и да излезат на наредните избори и да гласаат ПРОТИВ.

Да гласаат ПРОТИВ обесмислувањето на правото со донесувањето на стотици закони по скратена постапка, без никакво влијание на граѓаните, спротивно на интересите на граѓаните.

Да гласаат ПРОТИВ кршењето на основните човекови права (на добивање и давање информации, на слободен избор, на слобода, на различност, на мислење, на сопственост, на образование, на заштита од тортура, на ефективен правен лек, на еднаквост, на протест, …).

Да гласаат ПРОТИВ неказнивоста на функционерите на власта, на неодговорноста, отсуството на контрола, заштитата на криминалот.

Да гласаат ПРОТИВ стравот, заплашувањето, заканите, уцените, поткупот, корумпирањето, нарушувањето на достоинството, омаловажувањето.

Да гласаат ПРОТИВ сиромаштијата, бесперспективноста, уништувањето на иднината, економската миграција.

Да гласаат ПРОТИВ агонијата во која е доведена државата на меѓународен план.

Да гласаат ПРОТИВ заостанувањето зад сите држави во околината, назадувањето на економски и на план на развојот на политичкиот систем, заглупавувањето.

ЈАС ЌЕ ГЛАСАМ ПРОТИВ!