УБИСТВОТО НА ЕДНАКВОСТА НЕ Е СПОРЕДНА РАБОТА

Со најновиот предлог за промена на Уставот со која во Уставот треба да биде дефинирана брачната заедница како заедница на еден маж и една жена, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да убие три зајака со еден куршум.

Прво ја убива еднаквоста со тоа што дава уставна гаранција на една дискриминаторска пракса базирана на монотеистичката религија, вкоренета во патријахалниот модел на живеење и зачинета со традицијата. На овој начин, секој обид за борба против нееднаквоста базирана врз сексуална ориентација ќе биде прогласена за противуставна. Уште повеќе,  ќе биде оневозмежено донесување на закони со кои ќе се овозможи еднаков третман на луѓето независно од нивната сексуална ориентација и ќе биде казнета праксата на пропмоција на еднаквоста независно од сексуалната ориентација.

Второ, го дефокусира вниманието од горливите прашања поврзани со падот на стандардот, неуспешната економска политика, влошените меѓуетнички односи, распродавањето на државата, шурувањето со светскиот организиран криминал и се разбира процесот на назадување во однос на влезот во ЕУ и со тоа и назадувањето во однос на имплементацијата на европските стандарди на развој на демократијата и владеење на правото.

53516

Трето, созадав привид на демократичност. Со изјавата на предлагачот Ѓорчев дека ваквата иницијатива била поддржана во огромно мнозинство од граѓаните се убива суштината на борбата со оние видови дискриминаци кои имаат длабоки корени во минатите пракси на нееднакво постапување и каде што се бара такво делување на политичкото водство кое ќе ги разбие старите дискриминирачки пракси и ќе создаде услови за еднаков третман независно, меѓу другото, и од сексуалната ориентација.

И ова не е ново во демократското управување. Имено, мнозинството граѓани биле против еднаквоста на жените и мажите (а многу од нив и денес се против), меѓутоа, биле донесени закони со кои е гарантирана оваа еднаквост. Мнозинството граѓани се уште не можат да ја разберат еднаквоста на децата и возрасните, па сепак се донесени закони со кои се гарантира оваа еднаквост. Мнозинството граѓани се против еднаквоста на луѓето од различна етничка припадност, меѓутоа власта ја гарантира со Уставот и законите. Мнозинството граѓани не ја разбираат еднаквоста врз основа на различно уверување, меѓутоа Уставот и законите ја гарантираат. Граѓаните воопшто не ја перцепираат потребата од еднаквост на луѓето независно од нивните физички, интелектуални или ментални попречености (па дури и отворено се спротиставуваат на овој вид еднаквост), меѓутоа Уставот и законите ја гарантираат. Не се работи овде за поддршката на мнозинството туку за нивото на цивилизацискиот развој.

Значи да бидеме на јасно. Кецарошите од власта ни подметнуваат назадна, одамна отфрлена од цивилизираниот и демократски свет, примитивна и дискриминирачка флоскула. И ДУИ не може да се затскрие зад тесните националистички интереси кои ги негува и да изиграва надворешен играч. Нивната одговорнос е истоветна со онаа на ВМРО-ДПМНЕ и секое миење на рацете никако не е ослободување и од вината.

И тоа не е никако споредна работа затоа што не се работи за тоа дали ги сакаме хомосексуалците или не, дали ја прифаќаме нехетеросексуалната ориентација или не, колку хомосексуалци има во Македонија и колку луѓе ги поддржуваат. Станува збор за тоа  дали сме способни да ја разбереме еднаквоста на човечките суштества на нивото на современиот цивилизациски развој.

Ако утре во Уставот влезе оваа и ваква одредба, само прашање на време е кога ќе влезат одредбите за забрана на изразување, на здружување, на политички плурализам, на побуна, на штрајк, на демократија, на право.

Ако дозволиме да се отвори вратата на минатото во истиот момент ќе ја изгубиме иднината.

ИЗБОРИ 2013/2 – ЗАР НАВИСТИНА САКАТЕ СО ДРЖАВАТА ДА ВЛАДЕАТ КРИМИНАЛЦИ?

Според Изборниот законик чл. 71:

(9) Сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакционата сметка од ставот (1) на овој член и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка.

Сите и исклучиво се многу прецизни и неспорни определби. Тоа значи дека не смее да има ниту денар (апсолутно ниту еден денар) кој е потрошен за кампањата а кој не поминал низ посебната трансакциона сметка отворена токму за таа намена.

Ова е зајакнато со посебен член од Кривичниот законик 165-а според кој:

(1) Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни одговорно лице во правно лице кое нема да пријави донации и други средства за финансирање на изборна кампања, ќе го спречи надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања, нема да поднесе финансиски извештај или ќе даде лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, ќе ги пречекори законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, ќе обезбеди недозволени средства за изборна кампања, ќе исплати средства спротивно на намената за финансирање на кампањата или на друг начин ќе го злоупотреби своето овластување определено со закон.

(3) Тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ кој во поголема вредност го надминува законскиот максимум, ќе се казни со парична казна или затвор до три години.

(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

(5) Незаконски обезбедените средства се конфискуваат.

Тоа значи дека употребата на средства кои не се пријавени како средства наменети за изборната кампања е кривично дело за кое е одредена казна затвор најмалку пет години. Овие дела се гонат по слуѓбена должност. И тоа значи дека Јавното обвинителство веднаш мора да го процесира секој случај во кој постои сомнение дека  е прекршен членот 165-а.

Кога министрите и функционерите од власта (претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) користат службени возила за да стигнат до местотот на одржување на изборниот митинг – тоа е непријавен извор на финансии. Кога министрите, функционерите од власта и администрацијата (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) учествуваат во организирање и присуствуваат на изборните митинзи во работно време – тоа е непријавен извор на финансии. Кога се искористува МРТ како јавен медиум платен од давачките на граѓаните за промоција на владеачката политичка гарнитура (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) – тоа е непријавен извор на финансии. Кога се искористува било кое јавно претпријатие во функција на изборните кампањи (ЈСП на пример) – тоа е непријавен извор на финансии.

Мислам дека граѓаните треба да започнат со поднесување кривични пријави до Јавното обвинителство со цел иницирање на истрага за сите овие прекршувања и изведување на прекршителите пред суд.

Можеби Јавниот обвинител нема да реагира, меѓутоа то можа понатаму да биде искористено и да се побара одговорност на Јавниот обвинител и негово соодветно казнување.

 

Талат Џафери – министер за одбрана на Република Македонија.

DSC_9666_resize_2

Што е проблемот?

1. Тоа што еднаш веќе дезертирал од АРМ.

2. Тоа што ги прекршил Уставот и Законите на Република Македонија и учествувал во организирање, предводење и активности на вооружена група

3. Тоа што морал да биде амнестиран за да не се води против него кривична постапка и да заврши во затвор

4. Тоа што прво тврдеше дека вооружените луѓе во УЧК се војници (затоа што војниците во војна не се убијци туку војници) за потоа да тврди дека се цивили кои треба да бидат обесштетени

5. Тоа што е осомничен за вмешаност во кривични дела (напад на полиција и попречување на изборите) после периодот за кој му е изречена амнестијата

6. Тоа што еднаш веќе прекршил дадена заклетва: “ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.  Дисциплинирано,  совесно и одговорно ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест”

Се поставува прашањето: зошто некој би сакал да постави ваков човек на местото министер? Јас не сум во владеачките партии и не сум имала можност да разговарам со одговорните. Немам информации дека постои посебно образложение, аргументи, против аргументи, расправи, размислувања. Во таков случај, можам само да претпоставувам зошто некоја од партиите во власта би сакала да го направи тоа.

Зошто ДУИ би сакале да го постават Талат Џафери за министер за одбрана:

1. Затоа што им се може. Едноставно, можат па го поставуваат затоа што е направен таков договор со ВМРО-ДПМНЕ според кој никој никому не му се меша во изборот во атарот кој му е доделен?

2. Затоа што на тој начин манифестираат моќ и сакаат да се оправдаат пред своето членство за обвинувањата дека Ахмети му седнал во скут на Груевски?

3. Затоа што не можат реално ништо да им понудат на граѓаните и се обидуваат да создадат ситуација на искричав анимозитет кој ќе им овозможи мобилизација и хомогенизација на албанските гласачи?

Зошто ВМРО би сакале на чело на Министерството за одбрана да биде поставен Талат Џафери:

1. Затоа што се кецароши кои немаат два грама мозок и не можат ни да ги предвидат краткорочните и долгорочните консеквенции за одбраната на Република Македонија со поставување на човек кој се очекува дека ќе ги злоупотреби сите информации на разузнавањето и контраразузнавањето?

2. Затоа што мислат дека АРМ е украс без никаква вредност (издигнувајќи ја полицијата на многу повисоко ниво од она што би требало да го има)?

3. Затоа што им одговара било какво заострување на односите по етничка линија за да се заборават грешките кои ги направија во изминатиот период?

Кому му е од корист ова? На граѓаните од македонската и албанската етничка задница сигурно не им е од корист повторно разгорување на омраза и создавање на непријателска атмосфера. Не им се од корист делења. И не им од корист недоверба.

Меѓутоа, во изминатиов период си поминаа многу работи кои никако не се од корист за граѓаните од Република Македонија.

Факт е дека помина Законот за амнестија. Помина неодговорност на Министерката за внатрешни работи за убиства направени од страна на полициски службеници. Помина затворање на медиуми. Поминаа политички судења на неистомисленици. Помина тепање на пратеници и новинари. Помина одбивање на граѓанска иницијатива . Поминаа стотици закони по скратена или итна постапка.

Па зошто и ова да не помине?

Или што би рекол еден кретеноид кој објавува во Дневник: „се додека ги имате својата верба, семејство и пријателите, вие сте навистина богати“ и не дозволувај им да те загрижуваат.

 

 

13 илјади потписи на “АМАН“ и една партија

Според последните вести предлогот на граѓанската иницијатива АМАН зад кој стојат 13000 потписи не поминал на Комисијата за економија. Против него биле: пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, претставниците на Владата и претставници на Реулаторната комисија (или, со други зборови: пред се ВМРО-ДПМНЕ). За предлогот гласале пратениците на ДПА и ДУИ (партии на Албанците).

Што покажува ова?

1. Дека се апсолутна лажга тврдењата на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека се заинтересирани да одговорт на потребите на граѓаните и да овозможат дирекно влијание на граѓаните врз донесувањето на одлуките. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите циркусијади во кои премиерот и градоначалникот и министрите си прават кафеански муабети со граѓаните кои не можат да имаат апсолутно никаков удел во одлуките на партијата на власт.

2. Нема шанса ниту една граѓанска иницијатива да продре во Собранието (бидејќи не поминала во изминативе 20 години).

3. Тоа значи дека секое повикување на референдум е алиби повикување кое граѓаните треба да го бојкотираат ако имаат и трунка останато достоинство во себе.

4. Тоа значи дека сме дошле до нивото на кралско владеење, во кое некрунисаниот (барем се уште) крал Никола Груевски ги расфрла парите на граѓаните, не ги рецка под точка разно кога станува збор за нивните потреби и ги казнува сите оние кои ќе му се спротистават.

Јас гледам едно можно решение за конкретната ситуација (што не го менува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде срушено и се што изградило разрушено зада не ни се повтори нов владетел кој ќе си гради споменик на своето безумие и послушноста на стадото под него).

Мислам дека на денот кога ќе се постави на дневен ред оваа точка, сите пратеници на СДСМ треба да се појават на седницата и да гласаат (само за оваа точка, без дискусија, без полемика, без ништо). Доколку пратениците на ДПА и ДУИ навистина стојат зад она што го кажаа на комисијата тогаш тие ќе се појават во доволен број и сите ќе гласаат во прилог на измените. Доклку пратениците на ДПА и ДУИ не се појават (макар и еден од нив) и доколку не гласаат ЗА тогаш ќе биде јасно дека само се измотаваат и собираат поени тогаш кога се сигурни дека нема да изгубат ништо.

Али Ахмети, Македонија, Косово

Според Али Ахмети: Доколку се променат границите на Косово и се оддели еден негов дел, Ви велам дека ризикот е многу поголем, зашто никој не може да гарантира дека домино ефектот не може да се случи и во Македонија .

Не ми се допаѓа фактот дека етничките Албанци од Македонија се повеќе заинтересирани за тоа што се случува во Косово отколку во Македонија.

И не ми се допаѓа поврзувањето на она што се случува во Косово со она што се случува во Македонија. Некако ги прави бесмислени сите активности кои ги спроведуваме овде, сите напори да се подобрат меѓуетничките односи и ги обесмислува сите поместувања на линијата на заштита на човековите права. Ако веќе се зависи од тоа што се случува во Косово, тогаш се поставува прашањето зошто пак ние се мачиме? И зошто не би било обратно? Зошто тоа што се случува на Косово не зависи од она што се прави во Македонија?

И, најмногу од се ми пречат континуирани закани. Политичар кој својата кариера ја започнал како отпадник од законот и како рушител на Уставот, во најмала мера треба да се воздржи од таков настап кој ќе ги потсетува луѓето на неправниот начин на стекнување на сопствената позиција. Впрочем, амнестијата важи наназад, а не нанапред.