ПРАТЕНИЦИ VERSUS ЕКСПЕРТИ VERSUS ГРАЃАНИ

Во последно време во повеќе различни ситуации беше отворена темата за тоа кој смее да зборува за нешто -а кој не, кој има кредибилитет – а кој не, кој е овластен – а кој не. Во тој контекст беа спомнати пратениците (оние на моменталното мнозинство) во Собранието, експерти (посебно стануваше збор за оние поврзани со архитектурата), и се разбира, граѓаните (од сите фели и со сите бои).

Мислам дека луѓе кои имаат големи празнини во образованието и многу малку искуство (животно, работно и сл.) направија неверојатно голема конфузија на овој план и, како и во многу други случаи, ја превртија целата работа наопаку.

1. За да бидеш пратеник се бараат многу малку услови: 18 години, деловна способност (нема такво ниво на интелектуална попреченост заради која не може сам да решава за себе си), да не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело и со правосилна судска одлука да не е изречена казна затвор од најмалку шест месеца. За да бидеш пратеник не ти треба ни ден завршено образование (може да бидеш и неписмен),не ти треба ни ден работно искуство (може да бидеш тотален неработник), не ти треба никаво знаење или стручност. За да бидеш избран за пратеник треба за тебе да гласаат одреден број граѓани. Тоа што некој е избран за пратеник не го прави ниту писмен, ниту стручен, ниту паметен. Парламентот е замислен како збир на најразлични луѓе кои би требало да ја одразуваат структурата на најшироката национална заедница. Сите заедно би требало да го даваат просекот на заедницата и да претставуваат тело во кое ќе може да се донесат правила за однесување прифатливи за најголем број од граѓаните.

2. Експертот по својата функција е некој што има одредени знаења, вештини и искуство во конкретна област. Експертите не ги бираат граѓаните и не се станува експерт со тоа што под своето име ќе се напише зборот експерт. Експертите учат, полагаат испити, се докажуваат работно и добиваат одредени звања врз основа на строги и специфични критериуми на сопствената професија. Граѓаните не може да ги бираат експертите затоа што ги немаат посебните знаења за да ја проценат стручноста на одреден експерт. Тоа не значи дека не може да ги проценуваат и да избираат на кој експерт ќе му дадат доверба. Има експерти кои се многу пред своето време и тие вообичаено завршуваат на клада. Има области кои многу мал број на граѓани ги разбираат и на експертите од овие области граѓаните не им обрнуваат никакво внимание.

Пратеникот по својата функција не е експерт. Пратеникот спроведува одредена политика, треба да задоволи потреби и интереси на одреден број граѓани, не му е во интерес да прави нешто што не е разбирливо или прифатливо за тие граѓани, се труди да ги добие наредните избори, да биде симпатичен и прифатен.

Експертот воопшто не треба да биде симпатичен, ниту да задоволи конкретна група граѓани или да се труди да ги здобие нивните гласови. Експертот треба да понуди идеи и решенија за одредени работи, да може да направи  или да изработи нешто, што другите не можат да го направат или изработат.

Пратениците ги консултираат експертите и бираат која експертиза ќе ја прифатат во остварувањето на својата функција обидувајки се да направат баланс меѓу различните потреби и интереси и сопствената потреба повторно да бидат избрани.

Граѓаните имаат право да кажат што сакаат, што им треба, имаат право да поставуваат барања, да контролираат, да критикуваат, да се согласуваат или да се бунат. Граѓаните имаат право да ги слушнат експертите и да проценат дали пратениците како нивни претставници го избрале решението кое на граѓаниоте најмногу им одговара или најмногу им се допаѓа.

Одредени експертски решенија успеваат да го завземат своето место во развојот на цивилизацијата и да бидат прифатени и препознаени како соодветни и добри за голем број граѓани. Врз основа на тие решенија се градат стандарди кои побрзо или побавно пробиваат во сознанието на најголем број граѓани и кои властите ги применуваат дури и тогаш кога во потесната заедница која ја претставуваат се уште не се препознаени од оние што ги бираат. Врз основа на препознавањето и прифаќањето на овие стандарди може да се процени местото на одредена политичка група на склаилата на цивилизацијата.

Тоа значи дека:

  • кредибилитетот на пратениците да зборуваат за нешто произлегува од фактот дека се избрани
  • кредибилитетот на експертите да зборуваат за нешто произлегува од фактот дека тие го имаат знаењето
  • кредибилитетот на граѓаните да зборуваат за нешто произлегува од фактот дека тие се заинтересирана страна и се борат за остварување на сопствените потреби и интереси

Во оваа тријада, граѓаните најмногу бараат, експертите најмногу знаат, а пратениците најмногу можат.