ЗА МЕНЕ ЕТНИЦИТЕТОТ Е АНАХРОНИЗАМ НА МИНАТОТО КОЈ ЈА ОНЕВОЗМОЖУВА РАЗЛИЧНОСТА НА ИНДИВИДУИТЕ

Каталонија, Баскија, Ирска, Шкотска, Квебек, Белгија, Косово, Босна, … Нов цикслус на феудализација на просторот и на народите или последни избливи на етницитетите пред умирање?
Според мене етницитетот и етничката припадност се анахронизам на совремието и заостаток од племенското, а потоа и на кастинското уредување. Како може во современиот свет на промени и право на избор и лично определување да се оправда постоењето на таков конструкт како што етницитетот? Се добива сосема случајно со актот на раѓање, а го маркира човекот се до крајот на неговиот живот и дури и го обврзува на емоционална поврзаност и бара жртви во име на наметнатата пипадност. Сметам дека местото на етницитетот е во приватната сфера (каде што треба да биде сместена и религијата), а јавната сфера конечно треба да се ослободи во процесот на обопштување кое ги опфаќа генералните карактеристики на човекот-граѓанин кој се движи кон следното скалило на еманципација.

Меѓународните документи веќе поодамна ја предвиделе можноста за промена на етничката припадност, меѓутоа етницитетите се уште одолеваат на логиката на индивидуалниот избор и индивидуалната определба. И не само тоа, туку се неверојатно податни за бришење на индивидуалните разлики и посебности и стопување на луѓето во аморфна маса на колективното кое ја осудува секоја разлика.

Догмата на етничката припадност го оневозможува флексибилното моделирање на заедниците врз основа на различните карактеристики, ставови и определби на индивидуите. Во услови на доминација на етничкото различните интереси мораат прво да добијат етничка боја па та дури после тоа да бидат перцепирани во нивната различност. Тоа значи дека лекарите се прво Македонци, Албанци, Турци, Роми …, па дури потоа се лекари со заеднички интереси, потреби и барања. Работниците се прво Македонци, Албанци, Турци, Роми …, па дури после се работници со заеднички интереси, потреби и барања. Жените се прво Македонки, Албанки, Турчинки, Ромки …; припадниците на ЛГБТ заедницата се прво Македонци, Албанци, Турци, Роми ….

Во услови на економска криза кога е јасно дека мора да дојде до раслојување на луѓето по социјалната линија и нивно обединување во кругови на посебен економско-социјален интерес, властодршците ја играат картата на етницитетот како последен адут на сопствената моќ. И ги делат луѓето во неподвижни/нефликсибилни атари на етничкото припаѓање кои се базираат и кои продуцираат стереотипи и предрасуди, но најмногу од се, кои оневзможуваат побуна на индивидуите за задоволување на нивните основни права и потреби.

Јас само се надевам дека луѓето се придвижиле доволно напред на скалилата на цивилизацијата за да спречат ново долговековно опстојување на феудалниот поредок. Дека мора да го поминеме, веќе е повеќе од очигледно. Прашање е само колку ќе трае. А никој не го послуша Исак Асимов (според мене еден од најголемите умови на 20-от век) да создаде фондација која ќе го скрати овој период.

ПОРАКА ОД БРИСЕЛ?

Ценетиот претставник на Европската Унија порача: да престанат протестите 

во Македонија и да се остават македонските власти да го решат убиство на 

петмината кај Смиљковското езеро.

Зошто ваква порака?

1. Затоа што мислат дека актуелната власт е доволно способна да го

разреши убиството на соодветен начин кој нема да значи нарушување

на меѓуетничките односи?

2. Затоа што се плашат од нов меѓуетнички судир?

3. Затоа што толку се плашат од исламот што им е поважно да се

бркаат макар и непостоечки радикални исламски терористи отколку

решавање на обично убиство?

4. Затоа што не гледаат дека токму власта ги продуцира меѓуетничките

тензии, а не обратно?

Можеби ќе дојде момент кога меѓународњаците ќе успеат да направат прав чекор

во право време кога станува збор за Македонија. Се до тогаш ќе испраќаат вакви

контрапродуктивни пораки кои нанесуваат повеќе штета отколку добро.

Според мене, меѓународњаците од 1991 година па наваму го туркаат македонското

општетсво во градење на демократијата  врз етничка основа (што самите го имаат

прогласено за невозможно) наместо градење на меѓуетничките односи врз

демократска основа и со владеење на правото.

Само вистинска демократија и владеење на правото може да бидат добра основа за меѓуетничките односи.

Без тоа, едноставно продолжуваме да живееме од денес до утре, од договор до договор

на политичките челници.