НЕЗНАЕЊЕ, ГЛУПОСТ ИЛИ НЕШТО ТРЕТО? ИЛИ, РЕТРОКОМУНИЗМОТ НА ДЕЛО

Правната држава е демократска творба која се базира на системот на поделба на власта (законодавна и извршна), на независното судство, правнта сигурност и владеењето на законот.

Она што се случува во Република Македонија во последните десетина години е учебнички пример на рушење на правната држава и воспоставување на систем на неконтролирано владеење на политичките моќници.

Во моментот во Репубика Македонија не постои поделба на власта на законодавна и извршна, односно, целокупната власт е концентрирана во рацете на премиерот. Не постои независно судство, односно, судството е политички детерминирано. Не владеат законите, бидејки предност има политичката воља.

Правната сигурност се потпира на извесноста дека законите што се донесуваат ќе истраат не само во еден момент туку и во времето, дека нивниот ратио легис не е само во потребите на еден ден, туку во потрајни барања на иднината.

Ова значи дека не смеат да се носат закони кои се важни за решавање на моментален, акутен проблем и дека законите се носат да траат подолг врменски период, односно, се пишуваат на таков начин на кој се предвидуваат голем број идни ситуации кои треба да се подведат под нив.

Од овде, правната сигурност може да биде дефинирана како: состојба на општествената заедница во којашто правото е однапред точно познато, зацртано е во соодветната законска регулатива, соодветно се применува и обезбедена е негова заштита од државата и во однос на државата.

Во 2002 година Република аАкедонија ја изработи својата програма за хармонизација на законодавството со ЕУ регулативата. Тоа подразбира промени на законите кои ќе значат примена на ЕУ стандардите на начин кој најмногу соодветствува на потребите на Република Македонија, а во исто време, правниот систем ќе го направи комплементарен со правните системи на ЕУ државите и со ЕУ правото.

Како се изведува тоа?

Се анализира ЕУ регулативата, се анализира конкретниот закон и се внесуваат промени.

Ако е тоа така, тогаш, како може да се објасни ситуација во која од 2002 година до денес, секој од законите кои наводно се хармонизираат со ЕУ правото претрпува повеќекратни промени?

На пример: во 2002 година е утврдено дека треба да се хармонизира Законот за пензиско и инвалидско осигурување (http://www.sobranie.mk/WBStorage/Files/Nacionalna_programa_za_priblizuvanje_na_zakonodavstvoto_2002(1)%2001.07.02.PDF). Во периодот 2003-2010 се направени точно 11 промени. Што значи тоа? Дека кога почнале да менуваат не знаеле точно што треба да менуваат тие што менувале? Или, пак, измислувале теории за млака вода, па морале после одново и одново да прилагодуваат? Или пак сакале да забушат и да не ги имплементираат директивите? Или пак…?

На пример: зацртано е дека во 2003 година треба да се донесе нов Закон за работни односи. Донесен е во 2005 година и од тогаш 17 пати е променет, дополнет или поправен заради неуставност.

Или, Законот за јавните патишта, кој требало да биде донесен во 2004 година, донесен е во 2008 и набрзина два пати сменет во 2009 година?

Или, Законот за спречување на корупција. Донесен во 2002 и пет пати променет, дополнет или усогласен со Уставот.

Можни објаснувања:

1. Станува збор за незнаење од огромни размери и такво ниво на некомпетентност на одговрните, кое едноставно доведува до продукција на несоодветна и неупотреблива легислатива

2. Станува збор за намерна хиперпродукција на закони со која се создава магла во која е прогласен лов во матно, односно, се сосздава соодветна средина за сите помали и поголеми хоштаплери

Резултат:

Република Македонија се врти во круг и почнува одново и одново од иста точка. Или, наместо веќе да го градиме покривот на куќата ние по стоти пат почнуваме одново да копаме темели. А законите се множат, и натрупуваат, и веќе никој не зне што важи, а што не, на кој член треба да се повикаме, а на кој не. И, Европа е се подалеку и подалеку.