ПОБАРАЈТЕ ГО СВОЈОТ ПРАТЕНИК

Според нашиот Устав и законите, пратеникот не може да биде отповикан од функцијата пратеник. Тоа значи еднаш избран, ќе си седи до крај на својот мандат независно од мислењето на тие кои го избрале и независно од незадоволството на граѓаните.

Меѓутоа, тоа не значи дека пратеникот е амнестиран од одговорност за она што го кажува во Собранието, за начинот на кој учествува во креирањето на политиките на државата и за начинот на кој гласа во конкретна ситуација.

Во текот на целиот мандат пратеникот останува “претставник на граѓаните на Република Македонија“. Не на партијата од која доаѓа, не на избирачите кои го избрале, туку на граѓаните.

“Пратеникот има право и должност да ги информира избирачите за извршување на своите и на обврските на Собранието“.

“Пратеникот е должен да прима мислења и предлози од избирачите и истите да ги има предвид во своето работење и одлучување“.

Бидејки е очигледно дека Владата нема намера да ги слушне граѓаните (Министерството за образование и наука ги затвори вратите за студентите и не ги пушта на јавната расправа за државниот испит), ниту пак да ги земе предвид нивните загрижи (Нема одлагање на плаќањето продонеси за хонорари), мислам дека е време граѓаните да ги побараат своите пратеници.

Граѓаните можат да им пишат на своите пратеници. И да им објаснат што мислат, што предлагаат и во кој случај ќе мислат дека пратеникот ги зел предвид нивните мислења.

Можат да ги повикаат на разговор во градовите и селата од каде што доаѓаат и каде што го добиле својот мандат. Сериозен разговор, на кој граѓаните ќе им објаснат што очекуваат од нив . и како треба да гласаат. Сериозен разговор во кој ќе им се даде на знаење дека тие доаѓаат од таа средина, тука живеат  и тука ќе се вратат по завршување на мандатот. А мандатот трае само четири години (или многу пократко).

Можат да побараат прием кај своите пратеници. Во Собранието. 5, 10, 100, 1000, 10000, граѓани можат да побараат прием кај својот пратеник со цел да му објаснат што мислат за предложените измени на законите, и што очекуваат од него како пратеник.

Затоа што, на крајот на краиштата, Владата не може да направи ништо без пратениците. А тие живеат меѓу нас. И со нас. Во нашиот комшилук.