МОЖНО ЛИ Е ТОЛКУ ДА НЕ СЕ РАЗБИРА ПРАВОТО?

Од ДИК ми порачаа:

Бришењето на гласачите е согласно последните измени што ги направи Собранието по договорот на четирите партии, одговараат од ДИК по кривичната пријава што им ја поднесе професорката Мирјана Најчевска. Оттаму велат дека секој има право на кривична пријава, но на Најчевска и порачуваат да ги тужи и пратениците бидејќи тие гласале за законот.“

Не драги мои. Не треба да ги тужам пратениците бидејки тие не донесле законски одредби со кои ми се ограничува правото на глас.

Со првите промени (Службен весник на Република Македонија бр. 196/2015) тие усвоиле промена на членот 42 со која се утврдува дека:

„(1) Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список по службена должност ВРЗ ОСНОВА НА ПОДАТОЦИ ОД МАТИЧНИТЕ КНИГИ, ЕВИДЕНЦИЈАТА ЗА ЖИВЕАЛИШТЕ И ЗА ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ДРУГИ СЛУЖБЕНИ ЕВИДЕНЦИИ И СО НЕПОСРЕДНО ПРОВЕРУВАЊЕ.

(2) Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список И ПО БАРАЊЕ НА ГРАЃАНИ, А ВРЗ ОСНОВА НА УСВОЕНИОТ ПРАВИЛНИК ЗА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ЦЕЛОСЕН ПРИСТАП, ВРШЕЊЕ ПРОМЕНИ И БРИШЕЊЕ НА ПОДАТОЦИ ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК.

(3) Државната изборна комисија врши БРИШЕЊЕ ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК НА ПОЧИНАТО ЛИЦЕ ИЛИ ЛИЦЕ КОЕ ПО БИЛО КОЈ ОСНОВ ГО ЗАГУБИЛО ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО ПО БАРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА СО ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОДАТОЦИ ЗА ПОЧИНАТОТО ЛИЦЕ ИЛИ КОЕ ПО БИЛО КОЈ ОСНОВ ГО ЗАГУБИЛО ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО, ВРЗ ОСНОВА НА ПРЕТХОДНА ПРОВЕРКА ВО ПОДАТОЦИТЕ ОД МАТИЧНИТЕ КНИГИ, ЕВИДЕНЦИЈАТА НА ЖИВЕАЛИШТЕ И ЗА ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ДРУГИ СЛУЖБЕНИ ЕВИДЕНЦИИ И СО НЕПОСРЕДНО ПРОВЕРУВАЊЕ, СОГЛАСНО СО УСВОЕНИОТ ПРАВИЛНИК ЗА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ЦЕЛОСЕН ПРИСТАП, ВРШЕЊЕ ПРОМЕНИ И БРИШЕЊЕ НА ПОДАТОЦИ ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК.

Што значи ова во превод на македонски јазик:

  1. ДИК не смеела да ме избриши доколку сум во матичните книги, евиденцијата за живеалишта и за државјанство на РМ и други службени евиденции (пензиско, здравствено, вработување, УЈП и сл.). Јас се наоѓам во овие книги што значи дека ДИК постапила спротивно на член 42 став 1 од Изборниот законик, односно сториле кривично дело.
  2. До ДИК не е доставено барање од граѓанин со кое се бара бришење на моето име од избирачкиот список заради тоа што не постојам и не живеам на таа адреса. Тоа значи дека ДИК го прекршила член 42 став 2 од Изборниот законик, односно сториле кривично дело.
  3. За мене нема податоци дека сум почината или дека сум го загубила бирачкото право. Тоа значи дека ДИК го прекршиле член 42 став 3 од Изборниот законик, односно сториле кривично дело.

ОВА ЗНАЧИ ДЕКА ЈАС ПО НИКОЈ ОСНОВ НЕ ТРЕБАЛО ДА СЕ ПОЈАВАМ НА БИЛО КАКОВ СПИСОК НА ЛУЃЕ ЗА КОИ ПОСТОИ СОМНЕНИЕ, ИЛИ, ДИК НАМЕРНО МЕ СТАВИЛО НА ТАКОВ СПИСОК, ШТО ПРЕТСТАВУВА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ДОЛЖНОСТ СО НАМЕРА НЕКОМУ ДА МУ СЕ НАНЕСЕ ШТЕТА, Т.Е. ДА МУ СЕ ОГРАНИЧИ ОСНОВНО ЧОВЕКОВО ПРАВО.

Со наредните промени (Службен весник на Република Македонија бр. 136/2016) пратениците усвоиле нов член, член 196-б, со кој:

(1) Заради организација на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година, Државната изборна комисија во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, граѓаните за кои при административните и теренските проверки спроведени согласно со Правилникот за методологија за водење и ажурирање на избирачкиот список ЗАСНОВАНА НА ПРОВЕРКИ И СТАТИСТИЧКИ АНАЛИЗИ, ВКРСТЕНИ ПРОВЕРКИ НА РАЗЛИЧНИ БАЗИ НА ПОДАТОЦИ И ЕВИДЕНЦИИ, НЕОГРАНИЧЕНИ ТЕРЕНСКИ ПРОВЕРКИ И ДРУГИ СООДВЕТНИ ПРИЗНАТИ МЕТОДИ НА ПРОВЕРКИ, УТВРДИЛА СПОРНИ ЗАПИСИ, ОДНОСНО НЕСОВПАЃАЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список, во бројка од 39.502 лица, ќе ги стави на јавен увид на веб страницата на Државната изборна комисија, ќе спроведе медиумска кампања и ќе објави јавен повик за пријавување.

ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА, И ПОКРАЈ ТОА ШТО БЕШЕ ЈАВНО ПРЕДУПРЕДЕНА ДЕКА ИМА НАПРАВЕНО ГРЕШКА И ДЕКА ГО ПРЕКРШИЛА ЧЛЕН 42 ОД ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК, НЕ САМО ШТО НЕ ЈА ПОПРАВА ГРЕШКАТА ТУКУ СО НАМЕРА ГО БРИШИ МОЕТО ИМЕ ОД ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК, БЕЗ ДА НАПРАВИ ПРОВЕРКИ И СТАТИСТИЧКИ АНАЛИЗИ, ВКРСТЕНИ ПРОВЕРКИ НА РАЗЛИЧНИ БАЗИ НА ПОДАТОЦИ И ЕВИДЕНЦИИ, НЕОГРАНИЧЕНИ ТЕРЕНСКИ ПРОВЕРКИ И ДРУГИ СООДВЕТНИ ПРИЗНАТИ МЕТОДИ НА ПРОВЕРКИ. ВАКВО НАМЕРНО БРИШЕЊЕ ОД ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК Е КРИВИЧНО ДЕЛО СОГЛАСНО ЧЛЕН 159 ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК.

ЗАКЛУЧОК:

Нема потреба да ги тужам пратениците од Собранието на Република Македонија кои донесле соодветна законска регулатива, туку членовите на ДИК кои ја злоупотребиле должноста која им е дадена и намерно ми го ограничиле правото на избор.

И уште еднаш ќе прашам: можно ли е, толку да не се разбира правото?

Најверојатно е можно доколку е некој многу глуп, или е криминалец (на кој главен непријател му е токму правото), или е глуп криминалец, или криминален глупак, или, едноставно, некој кој е само криминално глуп.

КАКО ДРЖАВАТА СО КОЈА РАКОВОДИ (ВМРО)ДПМНЕ МИ ГО ОДЗЕДЕ ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО И ЗОШТО ТРЕБА ДА БИДЕ КАЗНЕТА

Правото на избор е еден од темелите на современата демократија и заштитата на ова право е должност на секоја демократска држава.

Оневозможувањето на изборот, ограничувањето на правото на избор, манипулацијата со изборите се гонат кривично, по службена должност и се казнуваат многу строго. Тоа е задача на државата.

Државата на чија раководна позиција се наоѓа ДПМНЕ 10 години ја злоупотребуваше својата надлежност и го загрозуваше правото на избор на своите граѓани.

Еден од начините на злоупотреба беше (е) манипулацијата на избирачкиот список.

  1. Државата во која власта ја држи ДПМНЕ континуирано внесуваше хаос во избирачкиот список со тоа што не го ажурираше (не ги бришеше починатите, оние кои веќе немаат македонско државјанство или пак одамна ја промениле адресата на живеење).
  2. Државата во која власта ја држи ДПМНЕ преку криминалната испостава која работи во просториите на Министерството за внатрешни работи издаваше (па и се уште издава) лични карти (документи за идентификација), на луѓе кои не се граѓани на Република Македонија и кои не би требало по ниту еден основ да имаат ваков документ, ниту пак право на глас во Република Македонија.
  3. Државата во која власта ја држи ДПМНЕ преку криминалците инфилтрирани во работата на Државната изборна комисија, со години спречуваше било кој облик на фактичка проверка на гласачкото тело.
  4. Државата во која власта ја држи ДПМНЕ оневозможи попис на населението и со тоа оневозможи било каква проверка на ситуацијата со гласачкото тело.
  5. Државата во која власта ја држи ДПМНЕ инфилтрираше свои криминалци во сите државни институции во кои се собираат податоци за населението и на тој начин овозможи лажирање на бројките на сите нивоа.

На овој начин државата во која власта ја држи ДПМНЕ можеше без проблеми да манипулира со бројките и да си обезбеди континуирано лажирање на сите изборни циклуси.

Дури и тогаш кога лагите излегоа на виделина и кога нелогичностите го достигнаа она ниво кога веќе не можат да останат незабележани, државата во која власта ја држи ДПМНЕ не прифати одговорност и не се согласи да го направи најнормалното нешто кое треба да го направи една власт која себе се нарекува демократска – да го провери избирачкиот список.

Заради ова, мораа да дојдат луѓе од страна, да извршат крајно непримерен притисок врз власта и да наметнат методологија со која ќе се провери дали меѓу оние кои се запишани на списокот има умрени, луѓе кои не живеат во Македонија, луѓе кои не се државјани на Македонија и луѓе на кои во последните 10 години им се издадени лични исправи со кои се тврди дека се државјани на Македонија и покрај тоа што не се.

Многу едноставно нели?

ДПМНЕ реши да ги употреби сите ресурси на државата кои му стојат на располагање и да најде начин како да избегне од избирачкиот список да бидат тргнати имињата на луѓето чии гласови можат да бидат употребени во нивна корист.

  1. Ги искористи инфилтрираните криминалци во државните институции и го лажираше процесот на споредба меѓу различните бази на податоци.
  2. Ги искористи криминалците инфилтрирани во Државната изборна комисија и создаде хаос во процесот на проверка.
  3. Преку криминалците инфилтрирани во Државната изборна комисија ги украде податоците од избирачкиот список и ги лажираше.
  4. Во методологијата внесе низа нелогични прашања кои овозможуваат манипулација со крајните резултати.

Резултат на овие активности беше:

  1. Сите имиња на луѓе кои немаат избирачко право да останат на избирачкиот список.
  2. Да се направи листа од имиња на луѓе кои по ниту еден основ не се сомнителни како гласачи
  3. Да се принудат луѓето да го докажуваат правото да бираат, наместо обратното, да бидат изнесени аргументи со кои се оспорува нечие право.

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ прогласи дека ме нема во ниту една база на податоци во државните органи кои ги раководат криминалците на ДПМНЕ, дека не живеам на адресата на која живеам веќе 35 години, дека лажно се претставувам како државјанин на Македонија, дека сум ги фалсификувала мојата лична карта и патна исправа, дека противзаконски работам веќе 35 години во државна институција, дека немам имот на мое име и дека не плаќам даноци.

На тој начин, државата во која власта ја држи ДПМНЕ ми го одзеде правото на глас. Ме избриша од бирачкиот список на кој сум запишана веќе 42 години. И нешто повеќе. Државата со која раководи ДПМНЕ ме прогласи за криминалец.

Picture1

За да си го вратам правото на глас јас треба да докажувам дека не сум криминалец кој фалсификува јавни исправи, дека сум државјанин на оваа држава,  и во крајна линија треба да докажувам дека постојам.

Државата е должна да ги штити моите права. Во моментот кога ми е одземено правото на глас од страна на  државата со која раководи ДПМНЕ таа ги прекршила Уставот, меѓународните конвенции и националните закони.

Претставниците на таа држава кои се задолжени во рамките на Државната изборна комисија да го заштитат моето право на избор, мора кривично да одговараат. Тоа важи и за претставниците од другите партии и наводно независните експерти тоа го го дозволиле – тие станале соучесници во овој криминал. И тие мора кривично да одговараат заедно со оние од ДПМНЕ.

6579C7D4-693D-4A09-9FB9-C49EF867CE61_w987_r1_s

ЗАГЛАВЕНИ

Истражувањата кои се однесуваат на изборите во Репиблика Македонија исфрлаат на виделина над 30% неопределени гласачи.Оние кои до крај не се решаваат за кого ќе гласаат, кои не излегуваат да гласаат или кои во последен момент ќе се решат да го дадат својот глас. Моќна бројка.

suicidalstupidity_6656Гласачите во Република Македонија најчесто се определуваат меѓу двете главни опции: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ и ДПА. Сите политички опции во Македонија се етнички врамени. Секоја власт се гради врз основа на етнички консензус а не врз основа на консензус за програмските определби, алатките кои ќе се користат и натамошниот правец на движење. Консензусот многу малку значи договор во кој се вклопуваат различни идеи за развојот, а многу повеќе договор за поделба на колачот.

Најголем дел од граѓаните не го прават својот избор врз основа на разбирање на глобалните програмски определби и/или врз основа на разбирање за тоа во која насока ќе се движи државата кога определена политичка опција ќе дојде на власт. Се гласа врз основа на моментален, конкретен личен интерес поврзан со дневно дефинираното преживување.

Тоа значи дека генералните програмски и вредносни определби на една политичка опција и очигледната линија на движење, можат потполно да не кореспондираат со генералната идеолошко/вредносна определба на еден човек и неговите замисли за развој, а тој сепак да гласа за таа политичка опција. Тоа значи дека глобалните развојни тенденции на една политичка опција можат да бидат дури и во спротивност со добробитта на еден човек погледнато во перспектива, а тој сепак да гласа за таа политичка опција.

Најголем број од луѓето во Македонија гласаат стриктно во етничките рамки, а врз основа на многу краткорочно детерминирани очекувања за личен бенефит.

Ова од игра ја исфрла било која граѓанска опција која нуди визија за подолгорочен развој во рамките на кој можат да се остварат индивидуалните потреби и интереси (дури и тогаш кога се јасно исцртани и стратегиите за постигнување на ваквиот развој и алатките кои стојат на располагање). Едноставно кажано, граѓаните ќе ја изберат опцијата која им нуди можност да го наберат јаболкото од гранката која се сече, а нема да ја изберат опцијата која содржи план како да бидат искористени сите јаболка од јаболкницата, и како таа јаболкница да биде извор на јаболка уште многу години понатаму.

Вообичаени критериуми на гласање на македонските бирачи:

1. Гласам за партија на мојата етничка заедница (ако ме крадат барем мои нека ме крадат)

2. Гласам за партија од која можам да добијам конкретна/видлива/брза бенефиција (ќе гласам за оние кои: ќе ме вработат мене или некој мој близок независно од нивните глобални економски заложби; за оние кои ќе ми дадат нешто опипливо на подарок независно од тоа од каде потекнува подарокот и дали сум го заслужил; за оние кои нема да ме казнат за прекршување на законот во најконкретен случај сега и овде)

3. Гласам за партија која може да ги оствари своите закани и да ме казни за нелојалност.

4. Гласам за партија од која што се плашам и која може да ми наштети.

Заради ова се апсурдни повиците за формирање на некоја поинаква опција. Едноставно секој обид за градење на политички субјект врз граѓански основи, кој може да понуди алтернативни решенија на развој на државата врз принципите на демократијата и владеењето на правото однапред е осуден на пропаст заради тоа што нема да може да задоволи ниту еден од горните критериуми.

Таквиот субјект нема да ја нуди удобноста на етнички чиста средина, нема да нуди моментални бенефиции, нема да претставува закана.

Со други зборови, се додека на политичките партии се гледа како на:

1. работодавачи, а не како на креатори на политики кои треба да обезбедат вработување

2. мафијашки банди кои го кројат законот по своја мерка, а не како одговорни заштитници и спроведувачи на правото

3. дедо мразовци кои нудат пакетчиња, а не како збир од институции и политики кои треба да обезбедат одржлив развој и континуирано задоволување на потребите и интересите на граѓаните

Се до тогаш, нема шанси за било каква трета опција, а секој повик за вакво нешто е најчесто лажен и самиот повикувач на наредните избори ќе гласа за својата етничка група, за оној кој ќе му понуди работа и кој ќе го заштити дури и тогашкога го крши правото.

 

 

Не е сеедно кој ќе биде претседател на државата

Како еден од механизмите кои треба активно да бидат вклучени во меѓусебната проверка и контрола на различните носители на власта, претседателот треба да поседува одредени карактеристики:

1. Треба да биде барем умерено паметен. Имавме искуство со двајца  претседатели кои не го исполнуваа овој услов (од кои едниот беше омилен, а другиот само смешен) и тие нанесоа неверојатно голема штета на државата (едниот беше дел од етничкиот конфликт во Македонија, а другиот дел од најголемиот пад на меѓународниот рејтинг на државата).

2. Треба да има интегритет кој се базира на неговата сопствена личност, а не на партијата која го предлага или стои зад него. На тој начин ќе може да се спротистави на неправото кое го предизвикува или поддржува неговата сопствена партија, а да го поддржи се она што е позитивно во делувањето на другите политички субјекти.

3. Треба да има знаење. Познавањето на правото и на политичките процеси, на меѓународните односи и современите текови на развојот, можат да бидат исклучително важни во остварувањето на функцијата претседател. Да знае да ги искористи надлежностите кои ги има согласно Уставот и законите (не постојат врзани раце, толку можам, за тоа е одговорен друг, и сл.)

4. Не смее да биде лигуш и бескичмењак кој се воодушевува и се подмочува во друштво на видни фаци. Претседателот морада има елементарно достоинство во односите со помоќни од себе, кое ќе обезбеди заштита на достоинството на целата држава и луѓето кои живеат во неа.

5. Треба да има способност за донесување осмислени решенија кои не ги повредуваат основните права и слободи на луѓето дури и во ситуации кога е изложен на притисок. Треба да знае да се спротистави и да биде цврст во одбрана на основните принципи и вредности на современото демократско општетсво, а флексибилен и подготвен за компромиси за прашања кои можат да донесат бенефиции на државата и сите граѓани.

6. Треба да биде претходно нашетан, а не да го користи претседателското место као најдобра туристичка агенција со која ќе патува низ светот и ќе ги открива убавините на далечните краишта.

7. Треба што помалку да ветува во текот на изборите. Секој оној кој ќе тргне со големи ветувања треба да биде пренасочен и својата кариера да ја побара како трговски патник или продавач во некој салон (на автомобили или мебел евентуално).

8. Да биде конзистентен во своите уверувања. Вртимуш кој ги менува политичките определби со цел доаѓање на власт не може да биде соодветна личност за претседател.

Не е важно дали е маж или жена, дали е убав или грд, дали е зрикав или има големи или мали уши, дали има скапа или офуцана гардероба, дали има шармантна насмевка или е намуртен.

Се станува залудно ако луѓето не разберат дека бираат човек кој треба да биде контролор на партијата на власт и дека гласаат за човек, а не за партија.

Во прилог мојот утописки список на желби од далечната 2001 година:

 

Picture1Picture2

ЗОШТО ОПОЗИЦИЈАТА НЕ ТРЕБА ДА ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ НА ГРУЕВСКИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ?

Одеднаш, во средина на сопственото севластие, премиерот Груевски, фрли ракавица на предизвик до опозицијата за одржување на предвремени избори во октомври 2013 година.

Секој просечно паметен човек би се запрашал зошто некој кој е веќе на власт, кој наводно ја води државата во континуиран напредок и просперитет и кој има визија за перспективата на државата, би сакал да оди на избори? Што добива со нови избори тој кој е веќе на власт?

Според мене:

1. Внатре во партијата (ВМРО-ДПМНЕ) ќе се направат нови преструктуирања и ќе се обезбеди внос на свеж капитал (од оние кои сакаат во наредниот период да добијат дел од колачот).

2. Ќе се изврши нова мобилизација на членството кое почнува да се раслојува заради отсуство на било каква активност која има некакво значење поврзано со секојдневното живеење.

3. Ќе се направи нова прераспределба на сферите на влијание со партнерот во власта (ДУИ) и ќе се зајакнат разнишаните односи.

4. Ќе се искористи последен воз за продолжување на владеењето пред да почнат да се пројавуваат негативните последици од економското самоволие.

5. Ќе се дефокусира вниманието на граѓаните, односно, ќе се мобилизираат граѓаните околу државно-етнички-национални теми, наместо околу социјални и проблеми на секојдневното живеење.

6. Ќе се одложи прашањето на промена на името на државата.

7. Нема да има време за соодветна имплементација на препораките на ОБСЕ, Венецијанската комисија и ad hock комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која бара да се воспостави јасна граница меѓу државата и партијата и да се воспостави систем на гаранции за администрацијата (посебно локалната) со цел одбрана од притисоците во текот на изборите.

8. Нема да се прочистат гласачките списоци.

9. Ќе се одложи одржувањето на пописот на населението и ќе се игра со бројките на население без опасност да бидат откриени малверзациите.

10. Ќе се искористат средствата од новите кредити за непродуктивни вработувања (кои ја водат Македонија во економска пропаст) и ново проширување на администрацијата и со тоа и проширување на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.

11. Наместо извештаи за постигнатотот (базирани на сериозни евалуации и поткрепени со бројки) ќе се подготват пропагандни материјали и ќе се влезе во нов циклус на ветувања со што всушност се измамуваат како сите граѓани така и сопственото членство.

12. Ќе се исплатат старите догови кон поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се создадат нови (а со тоа и нови зависници за кои е од животна важност ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт).

13. Ќе се оневозможи подготовка на опозицијата која е во процес на преструктуирање.

14. Ќе се оневозможи раскринкување на сите методи на лажирање на изборите.

15. Ќе се оневозможи дури и размислување за воспоставување на техничка/технократска влада која единствено во услови на продолжителна диктатура може да спроведе барем делумно слободни и фер избори.

16. Ќе се промовира нов бран на омраза меѓу луѓето, “антикомуњарство“ “етнички базирана омраза“, меѓурелигиска нетолеранција, кои ќе го оневозможат елементарно опстојување на граѓанството базирано врз индивидуалноста, а не врз колективитетите.

Заради овие исти причини заради кои ВМРО-ДПМНЕ сака предвремени избори, опозицијата не треба да се согласи на нивно одржување.

Многу е важно во државата повторно да се воспостави системот на редовни избори кои ќе овозможат како соодветна подготовка на опозицијата, така и разрешување на проблемите од претходните избори.

Во спротивно, изборите стануваат посебна економска гранка од која корист имаат единствено оние кои се на власт (всушност многу тесен круг на највисокото раководство и блиски на истотото), а главен губитник се граѓаните на Република Македонија.