ЗА ОДБРАНАТА НА ВЛАДАТА ДАДЕНА ВО ВЕСНИКОТ “ВЕЧЕР“ ПОД ИНИЦИЈАЛИ: И.Т. – О.Ч.

Кратка анализа на написот НИКОЈ НЕМА ДОКАЗ ДЕКА ПОСТОЈАТ ФАЛСИФИКУВАНИ ПАСОШИ, А СЕ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ДРЖАВАТА

1. За да може да се спроведе истрага кога постои сомневање за масовно фалсификување на пасоши не се потребни цврсти докази. Доволно е постоење на индиции, гласини, румор, случајно слушнат разговор. Тоа е доволно за институциите да се заинтересираат, да предложат евентуална примена дури и на специјални истражни мерки преку кои ќе соберат цврсти докази за поведување постапка.

Работа на полицијата и на јавното обвинителство е да собира и посочува цврсти докази, а не на граѓаните кои пријавуваат можно криминално дејствие. За тоа се платени, обучени и за тоа постојат.

2. Снимка со огромен број пасоши на едно место, со печати и дополнителен материјал е доволна основа за сомнеж дека се прави кривично дело. За што биле наменети тие пасоши, дали се веќе или ќе бидат уптребени не е работа на докажување на подносителот на пријавата. Самата полиција треба да се растревожи на помислата дека во државата може да и се појават фалсификувани документи.

3. Проверката дали станува збор за фалсификувана патна исправа или не не може да ја прави член на изборна комисија, на политичка партија или набљудувач на изборите. Навестувањето дека можеби имало употреба на вакви исправи при гласањето треба да ја алармира полицијата која е е динствена оспособена за откривање на ваков вид фалсификати. Изјавата на претседателот на Државната изборна комисија Никола Рилкоски дека на парламентарните избори не биле откриени случаи каде се гласало со фалсификувани лични документи е безвредна. Имено ниту тој ниту било кој член на ДИК немале средства да откријат софистициран фалсификат (да не зборуваме за ситуацијата кога можеби станува збор за од државата направен фалсификат). Тоа значи дека тој свесно ја манипулира јавноста со тврдење за нешто за што нема ниту компетенции, ниту средства ниту знаење.

4. Тврдењето на републичкиот јавен обвинител дека нема податоци за постапувањето на основното јавно обвинителство по доставениот материјал е безобразно измотавање. Имено, јавното обвинителство се организира врз принципите на хиерархија и субординираност. Тоа значи дека јавниот обвинител во секое време може и треба да има информации за тоа што се случува во обвинителството. “Јавниот обвинител на Република Македонија е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство и за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија“. “Јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија за својата работа одговараат пред јавниот обвинител на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија.“ Или јавниот обвинител нема појма кои се неговоти надлежности или пак мисли дека во Република Македонија се сите неписмени будали на кои може да им каже било што. Тоа е исто како било кој министерда каже дека не може да дознае што се случува во неговиот кабинет.

5. Најсмешниот дел од изјавата се однесува на отсуството на адресата на фалсификаторот како клучен аргумент за несоодветност на приложените докази. Јас се надевам дека полицијата има задржано барем минимум доблест и дигнитет за да се огради од ова барање и да изјави дека тие се способни за водење елементарна истрага по поднесена пријава за сторено кривично дело. Во спротивно ќе морам дома да оставам писулче на кое ги молам сите евентуални крадци да остават адреса на живеење со цел поведување постапка против нив.

6. Тажната порака на премиерот кој плаче над несоодветната опозиција нема да ја коментирам затоа што ептен ме растревожува и нажалува.

7. Меѓутоа, барањето на министерката Јанкуловска секој кој поседува лажна исправа да го пријави тоа во МВР е уникатен егземплар на глупоста кој не смее да биде заобиколен. Заедно со барањето на адреса за сите евентуални крадци, јас ќе ги замолам и самите да се пријават, заради тоа што полицијата во Република Македонија функционира само по принципот на самопријавување на криминалците.

8. Тука доаѓаме и до проблемот на фалсификатот. Најдобар фалсификат на пари се прави доколку се обезбеди оригинална хартија која доаѓа токму од државни извори. Истото важи и за изработка на добар фалсификат на патна исправа. Значи прашањето е: дали некој од МВР обезбедил оригинални документи во кои може да се стават невистините податоци со што таквиот пасош станува фалсификуван? И да, прашање е дали станува збор за оригинални документи кои се подготвуваат за дистрибуција. Неспроведувањето истрага може да води до заклучок дека министерката за внатрешни работи била запознаена со активноста и учествувала во неа. За ова мора да се спроведе сериозна истрага од надвор, а министерката да биде суспендирана од нејзината функција за време на оваа и ваква истрага.

9. За да се открие дека пасошот е фалификуван треба некој од власта кој има такви ингеренции и такви можности да го открие фалсификатот. Власта која одбива воопшто да спроведе истрага многу лесно може да биде и власт која ќе дозволи дистрибуција и употреба на фалсификувани патни исправи без воопшто да реагира на тоа. Значи, најголема опасност во ваков вид криминални дејствија е можноста од замешаност на високи структури во власта. Токму заради ова е потребен моќен, деловно способен и сериозен јавен обвинител кој ќе има мозок и храброст да ја спроведе истрагата.

ЗАКЛУЧОК

  • Власта е виновна заради тоа што не се заинтересира како тоа на едно место во нечиј приватен стан се наоѓаат толку голем број пасоши
  • Власта е виновна затоа што одби да спроведе истрага
  • Власта е виновна заради тоа што со своите постапки и активности создава магла која многу лесно може да биде затскривање на кривично дело сторено во самите редови на власта
  • Власта е виновна заради тоа што не ни помисли дека за нешто, било што може да биде одговорна.

Неодговорната власт е авторитарна власт и со оваа изјава власта ја потврдува својата авторитарност.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

БЛАЗЕ СИ МУ НА ТОЈ НАРОД КОЈ СИ ИМА ПРАВОСУДНИ ОРГАНИ ДА ГО РАЗВЕСЕЛУВААТ

“Новиот“ закон за кривична постапка (донесен во 2010 година ама со одложена примена) претставува чекор напред во развојот на правосудниот систем во Република Македонија. Меѓутоа, јас имам три загрижи во врска со неговата примена:

1. Во самиот закон има системски грешки (пропусти) кои според мене можат да претставуваат сериозна пречка во доследната заштита на правата и слободите на луѓето. Само како пример ја издвојувам правосудната полиција.  Како и многу други добри идеи кои ќе ги дофати нашиот немушт законодавец, и оваа се претвора во фарса. Имено, основната алатка која што би требало да ја има јавниот обвинител во истрагата е всушност маша во рацете на владејачките структури. Со тоа што министерството за внатрешни работи определува кого, колку и како ќе го преземе јавниот обвинител, со тоа што овие луѓе се и остануваат вработени во министерството за внатрешни работи и со тоа што таму и ќе се вратат, всушност се гарантира нивната потполна зависност од ова министерство и се проблематизира било кое (макар и елементарно) ниво на независност (види чл. 45, 48, 50, 52). Дури и за дисциплинската одговорност не одлучува јавниот обвинител туку органот од кој доаѓаат и на кој всушност му припаѓаат.

Оваа и ваква правосудна полиција би требало да води истрага за високи функционери во власта? За случаи во кои се инволвирани нивните колеги полицајци? За случаи во кои е можно утврдување на прекршување на законот од страна на министерството за внатрешни работи?

2. Втората загрижа ми е поврзана со актуелната ситуација во јавното обвинителство. Имено, после 20 години градење на јавното обвинителство во самостојна Македонија конечно добивме јавно обвинителство кое е апсолутно послушно на политичката партија која во моментот се наоѓа на власт. Не постои ниту еден случај (апсолутно ниту еден ) во кој јавното обвинителство презело активност која е спротивна на волјата, интересите или потребите на владејачката политичка партија. Под чадорот на заштита секако се туткаат и сите владини медиуми, владини јадачи на бурек и гурабии како и сите можни хохштаплери, криминалци, прекршители на законот и нивните блиски, а кои на некаков начин се поврзани со владејачката партија.

Во услови на потполна партиска потчинетост на јавното обвинителство ни најдобриот закон не може да ги придвижи работите и да придонесе за подобра заштита на правата и слободите на луѓето.

3. Третата загрижа ми е поврзана со интелектуалните капацитети на најголемиот број учесници Picture1во правосудството. Скромните интелектуални капацитети на голем број јавни обвинители и судии навистина можат да бидат неисцрпен извор на смеа доколку нивните постапки не претставуваат грубо кршење на човековите права и слободи и доколку немаат толку трагични последици за голем број луѓе. Ама кога е смешно, смешно е.

Дури и на првиот ден од примената на “новиот“ закон имавме можност да слушнеме неколку бисери. Не знам за вас, ама јас слатко се изнасмеав кога слушнав дека примената на “новиот“ закон претставува историски момент во развојот на нашето правосудство. Очекувам во најскоро време да биде излеана и поставена биста на Зврлевски заедно со Беџети и Јанкуловска како спомен на овој историски датум.

Законот за кривична постапка се применува, донесени се првите наредби. Направен е првиот записник за увид на лице место од страна на јавниот обвинител. Тие историски моменти поминаа без какви било недостатоци и верувам дека и во иднина тоа ќе биде така.

 Ова го изјави јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски по денеска оджаниот состанок со министрите за правда и за внатрешни работи Блерим Беџети и Гордана Јанкулоска и претставници на судството за новиот Закон за кривична постапка, чија примена почна од вчера, а со цел, вели, размена на првичните искуства и да се види дали има потреба од менувања или како би се одвивала соработката понатаму

Уште повеќе ме развесели податокот дека е веднаш свикана средба со министрите за правда и внатрешни работи за да се анализираат сознанијата од првиот ден на примена на “новиот“ закон. Ахахахаха, тоа навистина ќе биде неверојатно обемна и продлабочена анализа на неверојатните искуства добиени од правењето на еден записник.

Ама, сепак најголем бисер беше изјавата на јавниот обвинител дека сознанијата добиени од оваа анализа ќе им послужат да решат дали се потребни нови промени. Ахахахаха. Македонија е единствена држава на светот во која се носи закон за чие менување се размислува уште од првиот ден на примена. Ахахахахахахахахахахахахахахах…!!!

Ма, важно е дека народот си е паметен и повторно ќе си го направи правиот избор.

ВИРТУЕЛНА РЕАЛНОСТ – бајка или неовластено дистрибуирање на марихуана од страна на власта

Мислам дека конечно разбрав како може во Македонија да опстојува власт која што е очигледно штетна за најголем број од граѓаните, која очигледно краде, лаже, мами и ја влече целата држава надоле.

Нашите граѓани живеат во бајка. Приказна која што им се раскажува наутро, на ручек и навечер. Приказна со која се будат и со која заспиваат. Убава приказна. Со многу среќни моменти, со позитивна мисла, со херои и цврсти пораки до слушачот.

Приказната го заменува реалниот свет, таа се посочува како реалност наместо секојдневието кое станува се пострашно и пострашно. Таа се развива паралелно со реалноста и има свој убав пандан на секој ужас кој им се случува на луѓето. Само треба да пуштиш телевизор на МРТ, Сител или Канал 5, а и на Наша ТВ богами, и влегуваш во прекрасниот свет на бајките, во кој Македонија напредува, се развива и постепено станува рај на земјата, во кој владее правото, власта е демократска и народна, а високите функционери работат 24 саати на ден седум дена во неделата се за доброто на своите граѓани.

Македонија добива предупредувања дека не ги спроведува потребните реформи и назадува во имплементацијата на стандардите на ЕУ, власта раскажува дека сме добиле позитивен извештај. Бајка.

Корупцијата цвета, убиствата и кражбите се множат, полицијата влегува кај ќе и текне без судски налог, а министерката за внатрешни работи ни раскажува за сигурноста на граѓаните и беспрекорната работа на институциите. Насмеана и ведра, со голема уверливост и ширум отворени очи од себевоодушевување, ни раскажува дека во оваа држава никој не е над законот, секој ќе биде казнет за направен прекршок и оваа власт нема да запре во борбата со секој прекршител. Реалноста олицетворена во директен прекршител на законот снимен и прикажан не може да ја поколеба во раскажувањето на нејзината приказна.

Водителката во емисијата “Од наш агол“ во која што се расправаше за загрижувачки проблем на нарушување на слободата на говорот и ограничување на работењето на еден медиум, на крајот на емисијата со ведар тон полн со оптимизам и ветување, дури ни порача и дека идниот пат ќе ја покани министерката за внатрешни работи да ни кажува за поубави нешта. Некоја уште поубава приказна, побајкаста бајка, која нема да ги вознемири гледачите.

Експертите блиски до власта (како Ванковска и Силјановска) ја поддржуваат раскажувачката атмосфера и се многу загрижени кога некој изнесува вознемирувачки податоци кои може да ги растревожат граѓаните.

Виртуелноста не се ни порекнува од страна на претставниците на власта. На пример, на прашањето кога ќе се имплементираат промените направени во Законот за воздухопловство, а кои предвидуваат субвенции од страна на државата за летови на дестинации кои се од јавен интерес, а не се профитабилни, од министерството со гордост изјавуваат дека:  Законската измена била обврска за прилагодување кон европското законодавство и засега не се размислува таа да се примени и во пракса.

Приказната добива и визуелна поткрепа во спотовите на владата кои се емитуваат на секој саат на МТВ3 и барем четири пати на ден (пред секој оброк) на останатите телевизии и во медиумските известувања на Сител, Канал5, МРТ, Вечер, каде што дознаваме дека дупките во кои пропаѓаме не се дупки, и сиромаштијата е богатство, инфантилните настапи на политичарите (како на пример оној на   Влатко Ѓорчев пред ЕУ) се херојска борба за македонската самобитност, а градењето споменици е инвестиција во иднината на нашите деца.

Овој народ или навистина сака приказни или е дебело надуван и изгубил контакт со реалноста.