ШТО Е ГЛУПО ВО МИСЛЕЊЕТО НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА?

Во своето мислење за случајот: 07-576 Д. Н против Основниот суд Скопје – II Скопје (претставка за дискриминација врз основа на религија или верско уверување од страна на суд) комисијата се прогласува за ненадлежна заради тоа што:

Комисијата нема надлежност да постапува по претставки кои веќе за истата работа биле поведени и завршени пред Суд.

Што е глупо во ова?

1. На овој начин се стекнува впечаток дека судиите се безгрешни и дека можат слободно да си практикуваат дискриминација заради тоа што дискриминацијата се случува во процесот на судење, што е апсолутно неточно. Имено, во Законт за судовите (во чл. 76) е предвидено дека потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на судија за разрешување, се смета :

“повреда на начелото на недискриминација по кој било основ “

2. Глупо е што членовите на комисијата или лажат или не знаат дека можат да упатат свое мислење за направена дискриминација од страна на судија до Судскиот совет и да побараат тој дисциплински да одговара. Ако никој не им кажал:

Судскиот совет на Република Македонија во рамките на својата надлежност, согласно Законот за Судски совет на Република Македонија и Деловникот за работа на Судскиот совет на Република Македонија, помеѓу другото е надлежен да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите.

 Тоа значи дека комисијата може да донесе мислење со кое ќе утврди дали постоела или не постоела дискриминација во процесот на одлучување на било кој орган (па и судот) и доколку утврдат дискриминација, тоа мислење да го процесира до соодветните органи кои понатаму треба да решаваат.

3. Глупо е што се имплицира безгрешност на уставните судии. Меѓутоа според Уставот на Република Македонија тие можат да згрешат и можат и да бидат разрешени од должност (чл. 111).

4. Глупо е што Европскиот суд за човекови права може да донесе одлука со која се утврдува дискриминација во постапката (врз основа на Европската конвенција за правата на човекот) и тогаш сите ќе видат колку е глупо.

Наградно прашање: зошто членовите на Комисијата за заштита од дискриминација донеле вакво мислење:

1. Затоа што не знаат

2. Затоа што ја штитат власта

3. Некоја друга причина, наведи која  ——————

ВЛАДИНАТА КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА ЈА ЗАПОЧНА КАМПАЊАТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

Овој спот се појави пред некоја година и денес повторно се врти на државната и неколку други ТВ станици. Не е единствен, меѓутоа е пример за промоција на стереотипи и предрасуди, пример како се убедуваат жените наместо да учат и работат да раѓаат деца  и секако е најпримитивна абортус кампања.

Во овогодишното издание на збирката податоци за жените и мажите во Македонија составена ииздадена од државниот завод за статистика е ставен податок дека 220000 жени не работат ништо и се домаќинки, за разлика од мажите кои секако не можат да бидат вакво нешто.

Синдикатот за текстилната и кожарска индустрија склучи срамен договор со кој ја потврди дискриминирачката одредба на Законот за минимална плата и со кој илјадници жени ги стави во нерамноправна положба во однос на мажите.

Македонија се наоѓа на дното на табелата за разликите во плати меѓу жените и мажите во Европа.

Комисијата за родова еднаквост на Собранието на Република Македонија се има состанато само еднаш во текот на 2012 година.

Додатокот за дете е фиксиран на 740 денари наместо претходното решение за 5,5% од просечната плата од претходната година.

Ништо од сето ова не го привлече вниманието на Комисијата за заштита од дискриминација. Меѓутоа, нејзиното внимание го привлече изјавата на опозициониот лидер Бранко Црвенковски дадена во говор во Неготино.  Вниманието на Комисијата во говорот на Црвенковски не го привлекува фактот дека се промовира жена градоначелник, дека таа се опишува како стрчњак и способен работник, во говорот на Црвенковски ги привлекол делот: „Оваа општина [Неготино], некогаш една од најубавите и најсредените во Македонија, денес наликува на една голема куќа, на еден голем дом на кој што му е потребно и генерално чистење и генерално средување, а за тоа е најдобра женска рака.“. Реченица искажана во услови кога во Македонија нема ниту една жена градоначалник (што исто така не ги возбудува членовите на Комисијата).

Комесарчињата не само што утврдиле дека ова: “претставува дискриминаторско однесување врз две основи – пол и род“. Туку и дека “ Воедно, ова претставува и поттикнување на дискриминација (согласно член 9 од Законот), но и потежок облик на дискриминација – повеќекратна дискриминација (согласно член 12 од Законот).“

Треба да си навистина или многу глуп, или многу безобразно зависен од владеачката структура, овој и ваков настап и оваа реченица воопшто да се протолкува како дискриминација, па уште како  повеќекратна дискриминација и повикување на дискриминација“.

И сето ова во услови кога во Македонија нема ниту еден градоначалник жена. И во услови кога во рекламата на владтата момчето кое гледа фудбал треба да реши да има дете (додека трае полувреме најверојатно) со женската која го убедува дека доволна причина за ова е тоа што детето ќе биде машко и со веѓи како неговите и уста и што ти уште не исти како неговите. И во услови кога власта стимулира претворање на жените во машини за раѓање и кога власта одбива да се предвидат критериуми кои би обезбедиле рамноправно присуство на жените меѓу градоначалниците во Република Македонија.

И сето ова во услови кога Јавниот обвинител утврди дека нема поттикнување на етничко нетрпение и омраза во зборовите на Латас дека: Албанците немаат школо, изолирани се во општеството, не знаат да работат, немаат веќе против кого да пукаат, и за што да тепаат… И тераат по старо. По инерција. Во мирно време стануваат средновековни ликови, надвор од времето. И, дека: Албанциве се, редовно, во група. Лузери кои, сами по себе, не вредат за ништо. Во група, вооружени најмалку со ножеви и шипки, за да претепаат подобри, попаметни и поспособни од себе. Одмазда за својата немоќ… 

Тажна е таа земја во која демократијата е параван на диктатурата и во која институциите функционираат во заштита на владетелите, а не на граѓаните. И тажна е таа држава во која гражаните не ја гледаат измамата.

БИСЕРИ НА ГЛУПОСТА

Во најновиот бисер на Комисијата за заштита од дискриминација стои:

Ова се однесува на претставката поднесена во врска со наводи во: учебникот  “Криминалистичка психологија” од авторката Проф. д-р Лилјана Баткоска, рецензенти Проф.Др. Зоран Стојановски и Проф. Др. Миладин Крстаноски,  а издадена од Центар за научно-истражувачка работа, Факултет за туризам и организациони науки Охрид 2007 година.

Доколку го преведеме ова на јазик на логиката (што е многу тешко но не и невозможно) тогаш тоа значи дека, според нашата комисија за заштита од дискриминација:

1. доколку јас напишам дека според моите истражувања како девијантно однесување може да се смета секој обид на жените да се изедначат во работните активности со мажите, тогаш тоа не е дискриминација. Исто така не би било дискриминација доколку напишам дека како девијантно однесување може да се смета секој обид на луѓето со попреченост во Македонија да стапуваат во брак. Или, доколку како девијантно однесување го сметам постоењето на повеќе верски заедници со истоветна религиозна основа.

2. според комисијата, доколку нешто е напишано во книга која се нарекува научно дело или во учебник за високото образование, со самото тоа се што е напишано во таа книга има научен карактер и не може да се третира во контекстот на дискриминација. Тоа значи дека ако во учебник за високото образование јас напишам дека Ромите треба да бидат изолирани во посебни делови од градот тоа не може да претставува дискриминација. Или ако напишам дека Евреите претставуваат економска и социјална опасност за развојот на општетсвото и затоа треба да бидат обележени, тоа исто нема да биде дискриминација. И доколку напишам дека има раси кои имаат пониски интелектуални капацитети од други раси на пример црната наспроти белата), и тоа нема да биде дискриминација.

3. според комисијата забраната на промоција на дискриминација не важи за научните дела и за високото образование, а Уставот и Кривичниот законик не можат да се применат на научни дела и учебници за високото образование. Што значи дека јас сум слободна да напишам што сакам и да промовирам било каков облик на дискриминација доколку тоа го направам во дело што ќе го наречам научно или во учебник за високото образование. Можам да напишам дека жените се поглупи од мажите, дека сите кои го прекршиле законот ги губат основните слободи и права, дека оние кои немаат примања над 60000 денари не смеат да гласаат, дека децата треба да бидат тепани за да им дојде умот, дека корисниците на дрога треба да бидат убиени, дека глупите луѓе треба да бидат ставени на еден остров и таму заборавени, дека…,  за да можам да ги изложам студентите на спротиставени научни ставови .

Јас немам намера да напишам ништо од сето ова затоа што сето тоа е дискриминација. Меѓутоа ќе напишам дека членовите на комисијата мора да бидат веднаш разрешени од должност заради тоа што:

1.очигледно промовираат и овозможуваат дискриминација  со тоа што дозволуваат во учебни помагала кои треба да ги воспитаат идните бранители на правдата да опстојуваат вакви содржини.

2. затоа што прикриваат дискриминација со тоа што во мислењето затскриваат делови од претставката и не го адресираат основниот проблем искажан во реченицата од учебникот:

Трансфеститите можат да се однесуваат насилнички само во моментите на нивните неконтролирани пориви кога имаат незапирливи потреби да се облечат како спротивниот пол и ако при тоа ги открие некој или ги попречи.

Ова во услови на обука на идни бранители на законот значи посебен облик на профилирање како основа на структурната дискриминација.

3. Затоа што се доволно ограничени во своите знаења и интелектуални капацитети да не прават разлика меѓу научна расправа и учебник (во кој мора да бидат сместени прифатените од страна на државата стандарди).

Најстрашно од се е отворената манипулација која што ја прават членовите на комисијата со цел ширење на стереотипите и предрасудите и овозможувањето на дискриминацијат. Имено тиа самите велат дека одделни изрази мора да се стават во контекст и согласно контекстот да се мери и нивното значење. И, истите тие никаде не спомнуваат дека цитатот кој е основа за претставката потекнува од текст под насловот: Психолошка мапа на злосторството.

 

 

МНОГУ НЕЗНАЕЊЕ ЗАЧИНЕТО СО ПОДАНИЧКА ПОСЛУШНОСТ И СПАКУВАНО ВО ГЛУПОСТ

РЕТРОКОМУНИСТИЧКИТЕ КЕЦАРОШИ ОД ВЛАСТА ПО СЕКОЈА ЦЕНА СЕ ОБИДУВААТ ДА ВОСПОСТАВАТ СИСТЕМ НА УРАМНИЛОВКА, ЕГАЛИТАРИЗАМ И ЕДНОУМИЕ.

Последен пример за ова е едно од решенијата на Комисијата за заштита од дискриминација која е составена од членови кои се дел од власта, мили и се на власта или се послушни на власта.

Имено, на барање за заштита од дискриминација врз основа на личен имотен и општетсвен статус (одредување на повисока цена за гаражирање на втор автомобил во катна гаража) Комисијата одлучила да не постапува по претставката затоа што не станува збор за дискриминација туку за примена на афирмативни мерки (тоа од страна на сопственикот на катната гаража и градоначалник на општина Центар).

Одговорот на Комисијата е: “наведената мерка повисока цена за втор односно трет автомобил на ист сопственик претставува афирмативна мерка насочена кон сопствениците на еден автомобил. Афирмативната мерка е во корист на лице, група на лица или заедница со цел да се елиминираат или да се намалат фактичките нееднаквости, ако разликувањето е оправдано или пропорционално на целта и со цел да се обезбеди нивен природен развој и ефективно постигнување на нивното право на еднакви можности во споредба со други лица, групи на лица или заедници“.

ШТО Е ГЛУПО ОВДЕ?

1. идентификувани се посебни групи (заедници) на иматели на еден автомобил и иматели на повеќе автомобили. Ова е навистина македонски специјалитет во заштитата од дискриминација (за нијанса поценет од иматели на една и иматели на две пити пастрмајлии. Секој што ќе купи две пити за втората ќе плати дупло)

2. Комисијата решила дека имателите на еден автомобил треба да бидат изедначени со имателите на два и повеќе автомобили затоа што се во депривелегирана положба. Во перцепцијата на Комисијата (која произлегува од напишаното) постои фактичка нееднаквост меѓу имателите на еден и на повеќе автомобили која со време треба да биде избришана – што е секако мисла за пофалба во секое комунистичко општетсво (нели имаш куќа врати стан).

3. Меѓутоа и како комунистичка мерка е многу глупа. Имено, фактичката нееднаквост се проценува според бројот на автомобили. Комисијата не испитала за каков вид на автомобили станува збор. Дали на едната страна имаме џип од 150000 евра, а на другата еден Југо и едно фичо извадени од штала (вкупна цена 200 евра). Дали џипот му припаѓа на семејство составено од еден човек, а оние југо и фичо на семејство составено од 6-7 души. Дали имателот на џипот има уште две куќи со сопствена гаража и неколку стана покрај други катни гаражи каде што ги паркира останатите автомобили во своја сопственост, а сопственикот на југото и фичото се стиска со шесточленото семејство во 48 квадрати на еднособен стан.

4. Посебно прашање се поставува за оние кои немаат никаков автомобил. Дали заради постигнување на фактичка еднаквост ним ќе им бидат дадени паркинг места без никаква надокнада? Онака да си ги имаат (со право на дневна посета, да си ги видат)?

5. Бројот на паркирнг места може да биде ограничен. Но да се правда една чисто бизнис мерка за поголемо печалење со афирмативни мерки, е навистина само безобразно глупо.

ПРИМЕНАТА НА АФИРМАТИВНИТЕ МЕРКИ НЕМА ВРСКА СО ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ЕГАЛИТАРНО ОПШТЕТСВО И ТОА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ЦЕЛ НА ОВИЕ МЕРКИ. ТИЕ ТРЕБА ДА ПОМОГНАТ ДА СЕ ИЗГРАДИ ОПШТЕТСВО ВО КОЕ СИТЕ НА ЕДНАКОВ НАЧИН ЌЕ ГИ ОСТВАРУВААТ СВОИТЕ ПРАВА. А КУТРИТЕ КЕЦАРОШЧИЊА ОД КОМИСИЈАТА ДЕФИНИТИВНО НАНЕСУВААТ ОГРОМНА ШТЕТА СО ШИРЕЊЕТО НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО ВРСКА СО ДИСКРИМИНАЦИЈАТА И НА МАЛА ВРАТА СЕ ОБИДУВААТ ДА НИ ПРОМОВИРААТ РЕТРОКОМУНИСТИЧКИ СИСТЕМ.

Т У Ж Б А ДО УПРАВЕН СУД -СКОПЈЕ – ТУЖБИТЕ СЕ КОМЕНТИРААТ

Врз основа на член 6 од Европската конвенција за човековите права а во врска со Заклучокот на Врховниот суд на Република Македонија од 8.06.2010 по Предмет на Европскиот суд за човекови права 27736/03, врз основа на член  5, 6 и  8 од Законот за судовите, член. 2  член 10 член 19 и член 55 од Законот за управните спорови; член 17, член 18 и член 34 од Законот за спречување и заштита од дискриминација; член 2, член 4, член 5, член 7 и член 8 од Законот за спречување на судир на интереси, а во врска со член 114 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесувам тужба против Одлуката за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија и објавена во Службен Весник бр. 17 од 29.12.2010 година.

Сметам дека со донесувањето на оваа одлука Собранието на Република Македонија избра членови кои не исполнуваат дел од законските критериуми, односно, ги исполнуваат на пониско ниво од нивото кое што го исполнувам јас, односно дека:

1. неправилно е применет Законот за спречување и заштита од дискриминација во  однос на критериумите за избор на членови на Комисијата

2. во постапката која му претходела на актот не е правилно утврдена фактичката состојба и од утврдените факти е изведен неправилен заклучок во однос на фактичката состојба.

3.во процесот на изборот и именувањето јас сум дискриминирана врз основа на политичка припадност, личен статус и уверување.

Врз основа на ова барам судот да ја поништи Одлуката за именување на членови на Комисијата за заштита од дискриминација и да му наложи на Собранието да ја повтори постапката за именување.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

1.

Во донесувањето на Одлуката за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија неправилно е применет Законот за спречување и заштита од дискриминација во  однос на критериумите за избор на членови на Комисијата заради тоа што именуваните членови на Комисијата: Ризван Сулјемани, Агим Њухии, Ирена Ѓорѓиева и Даниела Пауновска не ги исполнуваат условите од став член 18 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Според Законот за спречување и заштита од дискриминација, член 18: членот на Комисијата за заштита од дискриминација треба да има високо образование и искуство од областа на човековите права или општествените науки.

Од горните два става произлегува дека основен критериум за избор на идните членови на Комисијата се нивото на образование и теориското и практично искуство од областа на човековите права.

Според биографиите дадени од самите кандидати (а врз основа на кои е вршено именувањето): Ризван Сулејмани, Агим Њухии, Ирена Ѓорѓиева и Даниела Пауновска немаат никакво теориско или практично искуство од областа на човековите права. Бидејќи ова е основен услов за членување во новоформираната Комисија, Изборната комисија не смеела овие кандидати ниту да ги стави во изборната процедура ниту во потесен избор а уште помалку да ги предложи пред Собранието, а Собранието да ги именува.

Доказ бр. 1:

Одлука за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија објавена во Службен Весник бр. 17 од 29.12.2010 година, биографии на кандидати според Предлог одлука на Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија од 24.12.2010 година

2.

Имајќи предвид дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата била должна да ги утврди правните аспекти на изборните услови, извесно е дека требала и морала да побара законски одредби кои дефинираат што е „искуство” и уште попрецизно – искуство од определена област што може да се примени и во релевантната област (применуивајќи го принципот mutatis mutandi). Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја направела квалитетно својата работа, релативно лесно ќе дошла до дефинициите или парадефинициите на професионално искуство (во Законот за признавање на професионалните квалификации), односно, соодветно искуство (во Законот за државни службеници, Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Законот за Академијата за  судии и јавни обвинители, Законот за јавните службеници),  каде јасно се дефинира дека под искуство се подразбира или искуство во струката или искуство во работењето во конкретна област.

Доказ бр. 2:

Членови од спомнатите закони.

3.

Во постапката која му претходела на актот не е правилно утврдена фактичката состојба, а во самиот изведени се неправилни заклучоци во однос на истата.

Во Предлог на одлуката на Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија нема никакво образложение за предложените кандидати-членови на Комисијата за заштита од дискриминација. Од ова произлегува дека воопшто не е утврдена фактичката состојба и дадениот предлог не се базира на фактичката состојба туку на непоткерепено и самоволно решение на мнозинството членови на оваа комисија.

Во прилог на ова зборува и дописот испратен од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата (Илија Димовски) со кои се враќаат документите поднесени во врска со Огласот за именување на членови на комисијата за заштита од дискриминација, а во кој, нема никакво образложени за причините за враќање на документите, постапката на избор, предлагање и конечно именување на членовите на Комисијата.

Токму таа Предлог-одлука, во неизменета форма е изгласана од Собранието на Република Македонија и усвоена како одлука. Произлегува дека и самото Собрание донело непоткрепена и произволна одлука наместо одлука базирана на закон.

Доказ бр. 3:

Предлог одлука на Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, Допис за враќање на документи потпишан од Илија Димовски

4.

Во утврдувањето на фактичката состојба не е земен предвид судирот на интереси (согласно со Законот за спречување на судир на интереси) кој постои кај дел од именуваните (меѓу именувањето за член на Комисијата за заштита од дискриминација и нивното актуелно вработување).

Судир на интересите може да се утврди кај:

–        Даниела Паунова – вработена во Собранието

–        Ленче Коцевска – вработена во Министерството за труд и социјална политика

–        Душко Миновски – државен советник во Министерството за труд и социјална политика

Актуелното вработување на членовите: Душко Миновски, Ленче Коцевска и Даниела Паунова, во Министерството за труд и социјална политика, односно, во Собранието на Република Македонија, ги доведува во судир на интересите со остварувањето на функциите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според членот 8 од Законот за спречување на судир на интереси: „службеното лице во време на извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да врши никаква дејност која може да влијае на непристрасно вршење на јавните овластувања и должности.”

Според Законот за спречување и заштита од дискриминација (член 24) членовите на Комисијата ќе треба да постапуваат по претставки на граѓаните и да поведува постапка пред надлежни органи поради сторени повреди на Законот од физички и правни лица, односно, и од страна на државните органи во областа на работните односи, социјалната сигурност и заштита, инвалидското осигурување, пристап до добра и услуги, правосудство и сл. Како вработени во министерство, односно, Собрание на Република Македонија, спомнатите членови на Комисијата имаат директен материјален интерес (задржување на работно место и позиција) да не постапуваат по ваков вид на претставки.

Од овде јасно произлегува дека вработувањето на спомнатите членови е во директен судир со член 8 од Законот за спречување на судир на интереси.

Во случајот на Даниела Пауновска постои уште потешка квалификација на судирот. Имено, таа е вработена како советник во Комисијата за одбрана и безбедност со што, спротивно на член 4 од Законот за спречување на судир на интереси, е директно привилегирана уште во процесот на избор (во однос на поддршката која што ја добива од директно надредениот пратеник – претседател на Комисијата, но и поддршката и контактите со останатите пратеници, како и достапот на информации).

Доказ бр. 4:

Одлука за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација (Служебн весник бр. 170 од 29.12.2010)

5.

Сите именувани членови имаат пониски квалификации за дадената област од моите. Доколку образованието и искуството во областа на човековите права се единствени критериуми за избор на членови на Комисијата, тогаш ниту еден од кандидатите го нема моето теориско и практично знаење.

Доказ бр. 5:

Моја селектирана биографија со елементите кои го докажуваат моето лично искуство во областа на човековите права.

6.

Во постапката за именување јас сум дискриминирана заради тоа што се именувани членови кои или воопшто не ги исполнуваат поставените услови од Законот за спречување и заштита од дискриминација или ги исполнуваат на видливо пониско ниво од моето.

Врз основа на дискусијата која што се водеше во Собранието на 130-та седница може да се утврди дека моето именување е доведено во прашање заради мојата политичка припадност, личниот статус и уверувањето.

Доказ бр. 6:

Стенограми од седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 27.12.2011 година (http://www.sobranie.mk/?ItemID=2547F32CBD6B7D409453ACB1CAB201A3)

Во докажувањето на направената дискриминација барам да се примени член 38 од Законот за спречување и заштита од дискриминација во однос на товарот на докажување на дискриминацијата.

Од горното сметам дека во постапката и со донесувањето на Одлуката за именување на членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија на 2.12.2011 година:

1. Прекршен е Законот за спречување и заштита од дискриминација

2. Прекршен е Законот за спречување на судир на интереси и

2. Направена е дискриминација врз основа на политичка припадност, личен статус и уверување

Заради сето тоа Судот треба да донесе одлука за поништување на одлуката на Собранието и да побара повторување на постапката за именување.

Т У Ж И Т Е Л

Проф. Д-р Мирјана НАЈЧЕВСКА

Закон за спречување и заштита од дискриминација, Службен весник на Република Македонија бр. 50 од 13.04.2010 г.

Чл. 26

Чл. 9 и 39

Чл. 9

Чл. 25

Чл. 3 и 15