Препораките на Прибе

Новиот извештај на Прибе ги потврдува и сумира анализите, заклучоците и препораките кои од 2009 година па наваму ги даваат поголем број експерти, претставници на академската фела и невладини организации од Македонија.
Фактот дека основната препорака која што произлегува од извештајот е потребата од длабока, системска и суштинска реформа, сам по себе зборува за големината на претходно направените грешки.
 
Кога зборуваме за ситуацијата во Македонија и што е она што во наследство ни го остави претходната власт, свртувам внимание дека, не станува збор за тоа дали се спроведувале или не проекти, дали доаѓале или не надворешни инвеститори, дали се изградиле три или пет километри пат, дали се намалувал или зголемувал бројот на невработени/вработени, дали се зголемувале или намалувале пензиите, дали се даваат или не субвенции …
Станува збор за тоа дека се подриени темелите на државата, разнишани се столбовите на кои се држи и атакувани се основните вредности кои се дел од Уставот на државата.
 
Станува збор за:
– отсуство на одговорност на високите функционери во власта за работењето со заедничкиот имот на граѓаните,
– потполна партизација на сите институции (кои се испостави на партија, а не услужни институции за граѓаните),
– потполна правна несигурност (законите се менуваат по потреба и важат само тогаш кога се во корист на партијата која е на власт)
– назначување на државните службеници без потребни квалификации, а врз основа на партиско членување
– потполна неказнивост за високите функционери во власта и нивните соработници
– отсуство на вистинска контрола над тие кои се на власт
– потполна медиумска неслобода (не во плукање и лажење каде што постои потполна слобода, туку во информирање и анализирање).
 
Во вакви услови  проектите кои се спроведуваат не се оние кои им се потребни на граѓаните или се спроведуваат на погрешен начин, надворешните инвеститори и одмагаат наместо да и помагаат на економијата, трите или пет километри пат се изградени на погрешно место или на погрешен начин или за нив е платено како за изградба на 100 километри пат , податоците за бројот на невработени/вработени не ја даваат вистинската слика за економската состојба на населението, пензиите не ги следат законските гаранции кои ги дала државата, субвенциите се даваат на погрешен начин и на погрешни луѓе …
Како што веќе кажав: ова ни го оставија кецарошите на ДПМНЕ. Сега треба да најдеме начин како да го исправиме, а да не испогине народ во меѓувреме. Не е лесно и треба време и знаење и посветеност.
Специјално предупредување за: Infomax, Курир, Republika, и остатокот на жолтата штампа во Македонија – фотографијата е ставена како симболичен приказ на текстот. Зградата прикажана на фотографијата не се наоѓа во Македонија, меѓутоа Македонија изгледа точно како што изгледа зградата на фотографијата.
Дали е ова доволно просто за да може да го разберете?

ПРОТЕСТИРАМ

Многу се мислев што да направам во врска со наводите кои се појавија во пропагандните испостави на ДПМНЕ (мислам дека е време да престанеме да го валкаме името ВМРО и треба да почнеме да ги нарекуваме со нивното вистинско име: ДПМНЕ, или, националистичка партија на Македонија), дека сум платена да протестирам.

Всушност во нив има многу малку вистина, а многу лаги.

Ајде да пробам да внесам колку толку ред во хаосот кој го создаваат (се разбира со цел да го дефокусираат вниманието на граѓаните од криминалците во власта кои им ги крадат парите).

Само како пример, во неколку пропагандни испостави на ДПМНЕ (Сител ТВ, Нетперес, Курир, Вечер, Република, …) беше даден податок дека сум била платена од здружението на граѓани “Млади правници“.

Точно. Бев платена.

Иако не сум должна да давам отчет за пари кои сум ги добила во рамките на проектни активности (освен пред тој кој ги дава парите и пред УЈП во врска со данокот кој го плаќам за примените пари), јас од добра воља и по сопствено наоѓање, еве ќе ви објаснам за што сум добила пари во овој конкретен случај.

Не знам дали знаете, ама, отчет за секој денар што го добиваат треба да дадат само функционерите во власта кои располагаат со парите на граѓаните (и решаваат дали ќе ги потрошат да го спасат животот на Тамара или пак ќе ги потрошат на уметничкиот приказ на  јајцата на коњот на Александар таткоубиецот),

Бев ангажирана од ова здружение како професор и експерт, да обучувам.

Не обучував никого да скока по програми на политички партии (како што си сонил во некој делириум Никола Груевски), немаше никакви ритуали или животински жртви поднесени на олтарот на Uncle Sam (како што си замислува познатиот и признат политички аналитичар, пардон, сликар, пардон, бранител на ликот и делото на Никола Груевски – Александар Станковски), ниту пак обучував на техники на боење на врвните достигнувања на уметноста на Марјан Камиловски (кој скромно се споредува себеси со Микеланџело).

Учесниците на обуката (се млади правници) ги обучував за улогата на Европскиот суд за човековите права, случаите кои се водат пред него, досегашните искуства на граѓаните од Македонија во постапките пред судот и промените кои би требало да се направат во нормативата во Македонија како резултат на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Во прилог давам една од презентациите од последната обука за случаите кои до сега се водени и добиени од страна на граѓаните на Македонија против државата: Случаи во ЕСЧП .

Обуката се прави со цел во иднина граѓаните на Македонија (дури и Александар Станковски бранителот на ликот и делото на Никола Груевски) да имаат можност да ги заштитат своите права кога им се повредени од државата, односно, кога државата не работела на соодветен начин со кој ги штити нивните права.

Во цивилизираниот свет, тоа се нарекува демократија (кога граѓанинот може да ја тужи државата). Тоа го немало во 19 век (во кој очигледно заглавиле предводниците на ГДОМ).

Е, за ова навистина бев платена (тоа е оној мал дел на вистина во големата лага која се пласира пред граѓаните).

Не за да излезам на протести.

А на протести одам заради тоа што сум граѓанин на држава во која не ми се почитуваат правата и затоа што сум  бранител на човековите права, во држава во која не им се почитуваат правата на голем број граѓани. Затоа што имам право да протестирам како граѓанин и затоа што имам должност да протестирам како бранител на човековите права.

За без пари.

НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР!

МАНИПУЛАЦИЈАТА Е СТРАШНА РАБОТА и ЗАР НАВИСТИНА САКАТЕ СО ДРЖАВАТА ДА ВЛАДЕАТ КРИМИНАЛЦИ?

Може да се манипулира човек кој не знае, човек кој нема информации и човек кој слепо верува на  еден извор на информации.

Во моментот кога некој медиум ќе стане основна манипулативна алатка во рацете на одредена политичка гарнитура (посебно кога таа гарнитура е на власт), во тој момент медиумот ги изгубил сите прерогативи на новинарството.

Само како пример ќе ја земам веста дистрибуирана преку од актуелната власт наградениот портал “Курир“ за Андреј Жерновски под наслов: Андреј Жерновски се пријавувал како невработен.

Во што се состои манипулацијата:

1. Насловот сугерира дека Андерј Жерновски направил нешто многу лошо со тоа што се пријавил како невработен. Во што се состои тоа лошото и незаконско ако некој кој останал без редовни приходи се пријави како невработен не е дадено понатаму во текстот, меѓутоа неуките читатели го градат својот однос кон Андреј Жерновски како некој кој го прекршил законот.

2. Во текстот се спомнува дека Андреј Жерновски има неколку стана. Ова не се потврдува со никакви наводи, меѓутоа и да има, крајно нејасно е какво влијание треба ова да изврши на неговата одлука да се пријави како барател на работа. Имено, никаде во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност не се спомнува забрана за барање работа доколку се имаат во сопственост неколку станови. Напротив во членот 1-а од Законот се вели:

Секој има право на пристап до вработување, без какви било ограничувања, согласно со принципот на еднаков третман, утврден во Законот за работните односи и во другите закони.

Согласно со принципот на еднаков третман, забранета е дискриминација при вработување по основа на брачен статус, семеен статус, боја на кожа, пол, јазик, политичко или друго убедување, активност во синдикати, национална припадност, социјален статус, инвалидност, возраст, сопственост, општествен или друг статус.

3. Понатаму во текстот се наговестува дека Андреј Жерновски примал паричен надоместок по снов на невработеност и покрај тоа што имал неколку станови во сопственост. Не знам дали Андреј Жерновски примал ваков надоместок, меѓутоа знам дека според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (членови 62-78) се регулираат правата на луѓето кои останале без работа а пред тоа плаќале соодветни давачки токму заради осигурување во случај да останат без работа. Според овие членови:

Работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност – ЗНАЧИ ТОА НЕ Е КРИМИНАЛ ТУКУ ПРИМЕНА НА ПРАВОТО

Меѓу другите права од осигурувањето е и правото на паричен надоместок – ЗНАЧИ ТОА НЕ Е КРИМИНАЛ ТУКУ ПРИМЕНА НА ПРАВОТО

Право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци – ЗНАЧИ ТОА НЕ Е КРИМИНАЛ ТУКУ ПРИМЕНА НА ПРАВОТО

Правото на паричен надоместок не се врзува со поседувањето на станови туку со начинот на остварување на работата и начинот на постапување во текот на барање на работа – ЗНАЧИ ТОА НЕ Е КРИМИНАЛ ТУКУ ПРИМЕНА НА ПРАВОТО

Паричниот надоместок за невработеност не е социјална помош туку се пари кои секој од нас ги издвојува од својата плата за случај кога ќе остане без работа. И ТОА НЕ Е КРИМИНАЛ ТУКУ ПРИМЕНА НА ПРАВОТО.

Од овде произлегува дека сите медиуми кои го пренесле овој напис сториле дело клевета и треба да одговараат за тоа.

Со оглед на тоа дека ниту еден од овие медиуми не зборува за кривичните дела кои секојдневно ги прави власта во изборните активности, произлегува дека вршењето на кривични дела од страна на власта (за ова веќе пишував претходно) се велича како највисока вредност, а постапувањето согласно со законите од страна на опозицијата се претставува како најголем криминал.

Да живее криминалната власт и нејзините медиумски гласноговорници. Смрт на правото.