АЏИЕВ ТРЕБА КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА И ТРЕБА ДА ПЛАТИ ОШТЕТА НА СИТЕ НАКЛЕВЕТЕНИ

Аџиев не само што лаже туку и клевети. Сметам дека сега треба да му се поднесе кривична тужба (приватна) од секој оној кој е противник на лустрацијата а веќе има потврда дека не бил доушник на службите или се уште нема добиено таква потврда. Бидејки јас сум една од тие, оваа изјава ја сметам за клевета кон мене лично и ќе поднесам приватна тужба и ќе барам оштета од Аџиев. Ги советувам сите оние кои се во слична ситуација како мојата да го направат истото.

Не се работи овде само за Аџиев туку станува збор за култивирање на носителите на јавна функција и на нивна обука дека не може да тресат зелени кога ќе им текне без никаква одговорност. Аџиев треба да плати. И тоа во пари. И тоа дебело.

Она најсуштинското е дека, оваа изјава како и целокупната работа на Аџиев,  претставува повреда и на сите вистински жртви на прогонот, бидејки со ова токму луѓето кои биле жртви на тој систем немаат можност да излезат на видело и да добијат каква таква сатисфакција. Всушност со начинот на кој Аџиев ја злоупотребуваше Комисијата тој успеа да ја дезавуира и обесмисли нејзината работа и сите жртви на прогон и на големи нарушувања на правата да останат надвор од интересот на истата.  

ВМРО-ДПМНЕ и на глупоста и нема крај

Не навлегувам во незаконитоста и неуставноста и неправноста на најновиот законски монструм на ВМРО-ДПМНЕ под наслов: ЗАКОН ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА УСЛОВ ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА ВРШЕЊЕ НА ЈАВНА ФУНКЦИЈА, ПРИСТАП НА ДОКУМЕНТИ И ОБЈАВУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА СО ОРГАНИТЕ НА ДРЖАВНАТА БЕЗБЕДНОСТ. Тоа е нешто што ќе мора да се разреши во рамките на нашиот правен систем.

Меѓутоа, нешто со што многу тешко ќе се справиме тоа е елементарната, рудиментарна, приземна, отворена, од најдолен вид, глупост содржана во овој текст. Таа која навлегува веќе во секоја пора на секојдневното живеење, која не се крие туку со која се гордеат носителите на актуелната власт. Агресивна, наметлива, вулгарна глупост.

Колку време ќе ни треба да ги исчистиме сите закони, институции, структури, практики, од пластовите на глупост кои се таложат во изминативе 6 години.

Глупоста која го руши поимот на правото, која ги исмева цивилизациските достигнувања и која си подигрува со животите на луѓето.

Пред малку на сите медиуми беше објавено дека се подготвени листите на првите 11 лустрирани кои ќе бидат обзнанети. И велат тоа не е спротивно на правото, ниту на меѓународните стандарди, ниту пак на нашите сопствени содржани во Уставот. Тоа не е глупо, тоа е само лага.

Глупо е што во членот 33 стои:

(1) Податоците за лицата нема да бидат објавени само во следниве случаи кога: 
1) лицето е починато и
2) лицето ќе ја повлече својата кандидатура за јавна функција или јавно овластување или ќе поднесе оставка како носител на јавна функција или јавно овластување три дена пред писменото известување за резултатите од спроведената проверка.

(2) Одредбата од ставот (1) на овој член нема да се применува на лица утврдени во листите за кандидати за носители на јавни функции согласно со Изборниот законик. Доколку се утврди соработка со органите за државната безбедност името на тоа лице задолжително ќе се објави на веб страницата на Комисијата и ќе биде доставено до Државната изборна комисија.

А што станува со луѓето кои биле носители на функции и денес не се? Како тие да се спасат од објавување на нивните досиеа? Ако е според законот тогаш името на ниту еден од овие поранешни функционери не смее да се објави на интернет бидејки тие не се функционери најмалку три дена пред добивањето на известувањето за резултатите од изведената проверка.

И боговите лично остануваат неми пред глупоста.

 

Законите се еднакви за сите и нема никој над законот

Бр. ______________

                                                                         До: Основното јавно обвинителсто

 Скопје – Република Македонија

Подносители: Мирјана Најчевеска и група граѓани

Тужен: Претседател на Република Македонија

Ѓорге Иванов

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

 

против Претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов

Именуваниот, во својство на Претседател на Република Македонија на 20 јуни 2012 година, одбил да изврши одлука на Уставниот суд на Република Македонија. Со тоа го сторил кривичното дело “Неизвршување на судска одлука“ предвидено во член 377 од Кривичниот законик.

Од таа причина, подносителот, поднесувајќи ја оваа кривична пријава, бара Јавното обвинителство да ја испита оваа кривична пријава, да ја констатира фактичката состојба, да побара симнување на имунитетот од Уставниот суд (врз основа на чл. 83 од Уставот на Република Македонија и чл. 58 од Деловникот на Уставниот суд) и да поведе кривична постапка против Претседателот Ѓорге Иванов.

 

О б р а з л о ж е н и е

 Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов,  со потпишувањето и издавањето Указ за прогласување на законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност (понатаму во текстот: Новиот закон), го сторил кривичното дело “Неизвршување на судска одлука“ предвидено во член 377 од Кривичниот законик.

На 28.03.2012 со Одлука  У.Број: 52/2011-0-1, Уставниот суд ги укина: член 1 во деловите: „како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато“ и „како и лицето кое било носител на јавна функција“, член 2 став 1, член 5 точка 29 во делот:„и организации“, член 6 став 3, член 7 во делот: „и лицата кои биле носители на јавни функции, а кои не се починати“, член 10-а, член 10-б и член 12 став 3, член 30 став 1, член 32 и член 35-а алинеја 3 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2008, 64/2009 и 24/2011) и член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2011).

  1. Уставниот суд го укинал чл. 1 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (Сл. Весник 14/2008 г. измени и дополнувања Сл. Весник 24/2011 г.) во делот кој се однесува на лицата кои биле а во моментот не се носители на јавни функции со образложение дека:  “ пропишаната обврска за поднесување на изјави за несоработка со органите на државната безбедност, на поранешните носители на јавни функции, кои не се починати, а кои воопшто не се кандидати или носители на јавни функции во актуелниот општествен систем, води кон повреда на нивниот морален интегритет и достоинство заштитени со Уставот, без основ и потреба, ги дискриминира и ги става во нееднаква положба со другите граѓани, што не е во согласност со владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите“.
  2. Доказ:

Одлука  У.Број: 52/2011-0-1

Во Новиот закон повторно е содржана одредбата со која како лица кои треба да бидат истражени се посочуваат лица кои биле носители на функции (а во моментот не се, односно не започнуваат процедура за стапување на јавна функција).

Доказ:

чл. 1, став 1, алинеа 3 и чл. 4 став 1 од новиот закон

 

  1. Уставниот суд го укинал ичл. 2  став 1 во однос на временската рамка која е дадена во истиот и многу прецизно го дефинирал својот став според кој “Во ваква ситуација, уставно-правно оправдано и можно е во примената на Законот, да се почитува Одлуката на Уставниот суд со која е укината можноста лустрацијата да се спроведува за периодот по донесување на Уставот од 1991 година, која одлука е конечна и извршна, што би било во функција на обезбедување на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Тоа би значело дека моментот на влегување во сила на Уставот ( денот на прогласувањето на Уставот од Собранието на Република Македонија – 17 ноември 1991 година) е крајниот датум до кој може да се врши процесот на лустрација. Меѓутоа, доколку овој датум, без конкретизација на тоа прашање од страна на законодавецот (особено имајќи предвид дека се извршени измени на Законот во поглед на временскиот опфат на лустрацијата по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд), биде прифатен како датум до кој ќе се спроведува процесот на лустрација, присутен е ризикот тоа да се сфати како Уставниот суд да ја преземал улогата на законодавец и тој да го определува временскиот опфат на лустрацијата, што не е негова надлежност според Уставот “.

Доказ:

Одлука  У.Број: 52/2011-0-1

 

Во новиот закон е повторена истоветна временска рамка, односно, крајниот граничник на предвидениот период е даден во моментот на започнување на примената на овој закон, што никако не соодветствува на барањето на Уставниот суд тоа да биде 17.ноември 1991 г. Во својата одлука Уставниот суд потсетува и на слична одлука донесена претходно.

Доказ:

Чл. 1 став 1 точка 2 од новиот закон и чл. 4 став 1 од новиот закон

 

  1. Уставниот суд го укинал член 5 точка 29 со образложение дека со наведеното дополнување на Законот, законодавецот повторно определува дека вршителите на функции и овластувања во здруженијата на граѓаните и фондациите треба да подлежат на лустрација, овојпат задолжителна, иако Уставниот суд, со Одлуката У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 го укина член 34 од Законот, со кој, меѓу другото, се пропишуваше можност дополнителниот услов за вршење на јавна функција да се однесува и за лицата кои членуваат во здруженија на граѓани и фондации. Со одлуката на Уставниот суд се опфатени и: основачи и вработени новинари, уредници во трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење радиодифузна дејност и основачи и вработени во друштва од областа на печатот, адвокат, адвокатско друштво и медијатор, како и, лицата вработени во приватниот сектор.

 

Доказ:

Одлука  У.Број: 52/2011-0-1

 

     Со членот 3 од новиот закон повторно се предвидени како лица кои се опфатени со законот сите лица за кои Уставниот суд веќе донесол одлука дека треба да бидат изземени и листата е проширена со лица кои конклудентно се опфатени со претходната одлука на Уставниот суд: став.1 тпчка 18, 25, 26, 30 истав 2 точка 3 и 4.

 

И во рамките на јавната, но и собраниска дебата по овој Закон беа нагласени одлуките на Уставниот суд со кои посочените одредби се прогласени за противуставни, што значи дека Претседателот Иванов требал, морал и бил должен согласно чл. 85 ст. 3 од Уставот да биде свесен за проблемоит и пред да го потпише указот – да провери дали противуставни одредби се дел од новоизгласаниот закон. Со оглед на тоа што Претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов го има потпишано Указот за прогласување на новиот закон извесно е дека или не ја направил таквата проверка или свесно се апстрахирал од истата, бидејќи практично се работи за идентични формулации – нема посериозна спорност ниту за нивната содржина ниту за нивната целност. Оттука произлегува дека тој, вака или онака, свесно одлучил да не ги земе предвид односно да не ги почитува одлуките на Уставниот суд, и уште поточно свесно решил да го прекрши правото. Следствено, негова е и кривичната одговорност за сторувањето на горе наведеното кривично дело согласно чл. 75, 83, 87 и 112 од Уставот на Република Македонија, чл. 377 став 4 од Кривичниот законик.

 

Од горенаведените причини, Подносителот бара Јавното обивинителство да ја испита оваа кривична пријава, да ја констатира фактичката состојба, да побара од Уставниот суд симнување на имунитетот на претседателот и да поведе кривична постапка против Претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов.

 

________________ 2012 година

Подносители на Пријавата:

Мирјана Најчевска,

Скопје, ул. „___________“ бр. _____

ЕМБГ ________________

 

 

 

 

ЛУСТРИРАНА ЦРКВА versus ПРАВНА ЛОГИКА

Според мое мислење, лустрацијата на свештените лица е спротивна на Уставот.

Според членот 19 и Амандманот VII од Уставот, верските заедници и религиозните групи се одвоени од државата.

Ова е член со кој се гарантира дека верските заедници нема да бидат дел од државната власт, државното одлучување и државното управување. Со овој член се гарантира и тоа дека државата нема да се меша во внатрешното уредување на верските заедници и религиозни групи и нивното хиерархиско структуирање (се додека не се прекршени законите кои се однесуваат на световното постоење на верските заедници и религиозни групи во контекстот на конкретна држава).

Според мене, вбројувањето на свештените лица во оние кои треба да потпаднат под законот за лустрација претставува отворање на вратата за упад на религијата во државното управување и во исто време, упад на државата во верските структури.

Според членот 1 од Законот за определување  дополнителен услов за вршење јавна функција:

се определува дополнителен услов за лице кандидат за носител или носител на јавна функција, изборна или во државна и јавна служба или во јавна дејност или друго јавно овластување (во натамошниот текст: кандидат за носител или носител на јавна функција) и за други работи од јавен интерес и дејности на правни лица.

Понатаму, според членот 9 од истиот закон:

(1) Обврската за поднесување изјава до Комисијата за секоја кандидатура настапува истовремено со потпишувањето неотповиклива писмена согласност (изјава) на кандидатот согласно со одредбите од Изборниот законик. (2) Обврската за поднесување изјава до Комисијата за секоја друга кандидатура настапува со почетокот на постапката за кандидирање или конкурирање утврдена согласно со посебен закон.

Со оглед на тоа дека начинот на поставување на свештените лица на одредени позиции не е регулирано со закон туку со внатрешни акти на соодветната верска заедница или религиозна група, не може да стане збор за примена на овој член во нивниот случај.

Бидејки во законот за лустрација нема ниту една одредба со која би се објаснила целта на постоењето на овој закон, ќе се повикам на Резолуцијата 1096 на Советот на Европа и Документот 7568 на Советот на Европа (процедури кои треба да обезбедат законите за лустрација да бидат во согласност со барањата на држава базирана на владеењето на правото), според кои: лустрацијата мора да се ограничи на позиции на кои постои голема веројатност дека може да претставуваат сериозна опасност за човековите права и демократијата (полиција, судство, обвинителство, безбедносни структури, разузнавачки и контраразузнавачки служби) и,  не смее да се применува на приватни или квази-приватни институции.

Со проширувањето на важењето на законот и врз свештените лица, државата објавува дека верските заедници и религиозни групи претставуваат дел од процесите на одлучување во државата (бидејки се очекува нивно значајно влијание според толкувањето на меѓународните стандарди), а државата има право да се меша во внатрешната структура на верските заедници и религиозни групи (спротивно на Уставо и на Законт за правната положба на црквата, верските заедници и религиозните групи според кој:

Член 5 Црквата, верската заедница и религиозната група имаат право внатрешно слободно да се организираат со нивни органи на управување, хиерархија и надлежност и да определуваат лица кои ќе ги застапуваат и претставуваат и да донесуваат акти во врска со тоа.

Јас би им сугерирала на верските заедници и религиозни групи да поведат иницијатива пред Уставниот суд во врска со ова и покрај тоа што имам навистина голема резерва во однос на капацитетите на актуелниот состав на Уставниот суд воопшто да ја разбере оваа материја, а камоли да се зафати со нејзино соодветно анализирање и расправа.

НАШ ПРИЛОГ КОН БОРБАТА СО НЕПРАВОТО

СО ЦЕЛ ДА СЕ СПРОТИСТАВИМЕ НА НЕПРАВОТО КОЕ ГО ПРОДУЦИРА ЗАКОНОТ ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ ДОПОЛНИТЕЛЕН УСЛОВ ЗА ВРШЕЊЕ ЈАВНА ФУНКЦИЈА ВО ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ЈА ПОДНЕСЕМЕ ОВАА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД.

    ВРЕМЕНА МЕРКА!

 ДО

УСТАВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА –  СКОПЈЕ

Врз основа на член 50 став 3 од Уставот на Република Македонија и член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (,,Службен весник на Република Македонија,, број 70/1992), поднесуваме

  И Н И Ц И Ј А Т И В А

 за ПОВЕДУВАЊЕ постапка за оценување на уставноста на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција и на Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (,,Службен весник на Република Македонија,број 14/2008, број 64/2009 и  број 24/2011).

Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција, во  целост е спротивен со повеќе членови од Уставот на Република Македонија.

  1. Според членот 1 и членот 2 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција дополнителниот услов го исполнуваат секое лице кое: “ од периодот на донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година  не е евидентирано во досиејата на органите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ како таен соработник или таен информатор при оперативно прибирање известувања и податоци (во натамошниот текст: информации) што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност, во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досиеја, оформени и водени за одредени лица, со кои се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини“.

Според членот 23 од главата за граѓански и политички слободи и права од Уставот на Република Македонија “Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“. Ниту во овој член ниту во некој друг член од Уставот не е предвидено ограничување на учеството во вршењето на јавни функции. Напротив, во член 54 став 1 од Уставот е утврдено дека “Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот“. Со оглед на тоа дека ограничување на ова право не е предвидено во Уставот и државата не се наоѓа во воена или вонредна состојба, Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција во определувачките членови 1 и 2, а со тоа и во целост е спротивен на Уставот.

  1. Според член 32 од Уставот на Република Македонија Секој има право на работа, слободен избор на вработување, …“. Со измените на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција од 23 февруари 2011 година во членот 5 и во членовите 30, 31, 32 и 33   како лица кои се опфатени со овој закон меѓу другите ги  предвидува: лице избрано во научно-наставно, научно, наставно, соработничко и стручно звање во државна и приватна високообразовна установа; вработени во јавен радиодифузен сервис; нотар, извршител, адвокат и медијатор. Спомнатите категории  претставуваат занимања односно професионални дејности (според националната класификација на дејности)[1]. Примената на овој закон во однос на спомнатите категории и предвидувањето дополнителен услов е спротивна на членот 9 и членот 32 од Уставот.

Никому не може да му биде забрането вршење на одредена дејност освен кога тоа не е забрането со судска одлука. Според Кривичниот законик Забраната за вршење на професија може да ја изрече само суд врз основа на Кривичниот законик и тоа како споредна казна и за одредено време.  Чл. 96-в: (1) Ако оцени дека изрекувањето на една или повеќе од споредните казни одговара на тежината на стореното дело и дека со тоа правното лице ќе се спречи во иднина да врши такви дела, судот може да ги изрече казните од членот 96-б точки од 1 до 5 на овој законик заедно со парична казна. (2) Судот го определува траењето на казните од ставот (1) на овој член кое не може да биде пократко од една, ниту подолго од пет години. (3) Ако од околностите на делото произлегува дека дадената дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право е злоупотребено за неговото извршување, судот ќе изрече одземање на дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон заедно со парична казна. (5) Ако е извршено дело за кое за физичко лице е пропишана казна затвор од најмалку три години, а од начинот на извршување на делото произлегува опасност од повторно вршење на такво или слично дело, судот ќе изрече трајна забрана за вршење одделна дејност од дејностите што ги врши правното лице заедно со парична казна. (6) Судот ќе ја изрече казната од ставот (5) на овој член и кога е извршено кривично дело по претходна правосилна пресуда со која на правното лице му е изречена привремена забрана за вршење дејност. За ова види и одлуки на Уставниот суд[2] Доколку на некое лице му биде одземено правото за вршење на одредена дејност надвор од пропишаната постапка со тоа се повредуваат член 9 од Уставот и член 13 според кој:  Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Бидејки решението на Комисијата значи губење на правото на работа за одредени категории луѓе (научни работници, професори, новинари, адвокати, …) тоа значи дека ова решение претставува забрана за вршење на дејност.

На тој начин граѓаните се поставени во нееднаква положба пред законот (односно забраната за вршење дејност за едни е споредна казна која може да ја изрече суд во судска постапка), а за други е главна казна која ја изрекува комисија како тело на Владата.

Применето во практика ова значи и потполно рушење на правниот поредок и правната сигурност, односно повреда на членот 8 во делот со кој се гарантира како основна вредност: владеењето на правото и  поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. На пример, според според Законот за високото образование чл. 133: Лицата избрани во наставно-научно, научно и наставно звање ЗАСНОВААТ РАБОТЕН ОДНОС и остваруваат права и обврски од работен однос во согласност со овој и друг закон и колективен договор склучен меѓу мнозинскиот синдикат организиран во високообразовните установи во Република Македонија и Владата на Република. Исто така, според Законот за високо образование чл. 134: Редовниот професор по повторниот избор, односно професор на висока стручна школа по вториот избор, заснова работен однос на неопределно време и го задржува звањето редовен професор, односно професор ДОЖИВОТНО. Никаде во овој закон или некој друг закон не е предвидено одземање на доживотното звање професор од никакви причини. Со оглед дека наставното или научно звање е неопходен услов за извршување на дејноста професор, се подразбира дека со губењето на ова звање ќе биде изгубено и работното место.

  1. Според член 14 во главата за граѓански политички права и слободи од Уставот на Република Македонија “Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна“. Ниту во овој член или некој друг член не е предвидено ограничување на учеството во вршењето на јавни функции. Напротив, во член 54 став 4 од Уставот е утврдено дека “Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува …, на правната одреденост на казнивите дела и казните, …“.

Со оглед на тоа дека забраната за вршење дејност претставува казна, може да се изведе заклучок дека комисијата                            изрекува казна за дело кое не било кривично дело во моментот на сторувањето. Со ова е повреден членот 14 од Уставот.

  1. Според чл. 9 од Уставот: Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.  Еднаквоста на граѓаните е повредена и со нееднаквиот третман на граѓаните во однос на одредбата од Законот за кривична постапка чл. 2:  (2) За постоењето или непостоењето на фактите што го чинат обележјето на кривичното дело или од кои зависи примената на некоја одредба од Кривичниот законик, судот ќе одлучи на начин поповолен за обвинетиот. Имено, луѓето кои го губат правото на вршење на одредена дејност заради примена на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, се ставаат во подредена положба во однос на сите други луѓе кои ќе бидат осудени и ќе го изгубат правото за вршење дејност согласно Кривичниот законик затоа што во случајот воопшто не се одредуваат факти кои чинат одредено кривично дело а се изрекува споредна казна која следи само доколку се утврди вина за конкретно кривично дело.
  2. Според член 13 од Уставот “Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сé додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.  Со оглед на тоа дека одлуката на Комисијата за верификација на фактите претставува изрекување на казна предвидена со Кривичниот законик (забрана за вршење на дејност), а не прекршочна казна, во овој случај не може да се примени Амандманот 20 на Уставот според кој “За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања“.  Имено, по одлуката на Комисијата за верификација на фактите со која се изрекува казна забрана на вршење дејност, во жалбената постапка пред суд (по тужба на “лустрираниот“) човекот чија изјава не е прифатена треба да докажува дека не е виновен. На тој начин наместо во контрадикторна постапка пред независен суд да се докаже нечија вина (согласно член 13 од Уставот) и тој човек да се смета за виновен дури после донесувањето на правосилна судска пресуда, вината ја определува комисијата, а судската постапка служи за докажување на невиновноста (односно, товарот на докажување паѓа на “лустрираниот“).
  3. Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција од 23 февруари 2011 година е донесен во извршување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У. број  77/2008 од 24 март 2010 година,  согласно член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија, а со која се укинаа член 2 став 1 во делот: ,,до денот на влегување во сила на овој закон,, член 8 во делот: ,,и го објавува во ,,Службен весник на Република Македонија,, член 13 и член 34 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (,,Службен весник на Република Македонија,, број 14/2008 и 64/2009).  Меѓутоа, оспорениот Закон во целина,  не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 9, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51, член 54 и 112 став 3 од Уставот на Република Македонија и истиот е спротивен на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У. број 77/2008 од 24 март 2010 година. Имено, спротивно од Одлуката на Уставниот суд, законодавецот ги опфатил и многу други лица, кои воопшто не можат да бидат кандидати и не се кандидати за носители или носители на јавна функција, како на пример, лице кое било некогаш носител на јавна функција, а кое не е починато, а тоа лице сега е, на пример, 90 години, и ако тоа лице не поднесе писмена изјава заверена на нотар до Комисијата за верификација на фактите дека не соработувало со органите на државната безбедност од периодот од членот 2 на Законот,  на тоа лице ќе му се изрече глоба дури во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност (член 35-а алинеја 3 и член 25 од оспорениот Закон). Иако беше укинат член 2 став 1 во делот: ,,до денот на влегување во сила на овој закон,, спротивно на наведената Одлука на Уставниот суд, лустрацијата, според оспорениот Закон, се однесува и на периодот по 1991 година, кога е донесен Уставот на Република Македонија, што води кон негирање на вредностите и институциите изградени  во Република Македонија во согласност со овој Устав. и.т.н. Законодавецот со оспорениот Закон не ги избриша ниту укинатите членови 13 и 34 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција од страна на Уставниот суд, со што се негира и одредбата на член 108 од Уставот, според кој Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Уставот е категоричен и недвосмислен во определбата дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни (член 112 став 3). Меѓутоа, за жал, со оспорениот Закон очигледно е нарушен принципот на конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд, а Собранието на Република Македонија, како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, исто така, е должно да го почитува и извршува Уставот (член 51 став 2) и одлуките на Уставниот суд на Република Македонија.
  4. Оспорениот Закон, во целина,  во спротивност е и со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на Обединетите нации, усвоен во 1966 година, а влезе во сила во 1976 година. Република Македонија го ратификуваше овој пакт со актот на сукцесија од 1994 година. Непочитувањето на одредбите на овој пакт значи повреда на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија и член 118 од Уставот според кој “Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.

Според член 2 точка 1 од овој Пакт, државите-страни на овој пакт се обврзуваат да го почитуваат и да им го гарантираат на сите лица што се наоѓаат на нивната територија и кои потпаѓаат под нивна надлежност, правата признати од овој пакт, без оглед особено на расата, бојата, полот, јазикот, верата, политичкото или друго мислење, националното или социјалното потекло, имотната состојба, раѓањето или секоја друга околност.

Според член 14 точка 3 под е) од овој Меѓународен пакт, секое лице што е обвинето дури за кривично дело потполно рамноправно има права барем на следните гаранции: да не биде присилено да сведочи против самиот себе или да ја признае вината.

Наспроти на овој член, со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција се предвидува Кандидат за носител на јавна функција, носител на јавна функција и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато, според одредбите на оспорениот Закон, задолжително и под закана со глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност, поднесува писмена изјава заврена на нотар до Комисијата за верификација на фактите, со која изјавува дека не соработувал со органите на државната безбедност од  периодот определен со членот 2 на овој Закон (член 6). Што значи дека овие лица со закон се присилени да сведочат против самите себе и да ја признаат вината.

Согласно член 15 точка 2 од Пактот, никој не може да биде осуден поради дело или пропуст што не претставувало кривично дело според домашното или меѓународното право во моментот кога се сторени.

Согласно член 25 од Пактот, секој граѓанин има право и можност, без никаква дискриминација спомната во членот 2 и без неосновани ограничувања: да учествува во управувањето со јавни работи, или непосредно, или преку слободно избрани претставници; да избира и да биде избран на периодични, автентични, општи, еднакви и тајни избори, што обезбедуваат слободно изразување на волјата на избирачите; да биде примен, под општи еднакви услови, во јавните служби на својата земја.

Оваа Иницијатива предлагаме да се решава,  во исто време, со Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 во деловите: ,,како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато,, и ,,како и лицето кое било носител на јавна функција,, член 2 став 1 во деловите: ,,како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато,, и ,,од периодот на,, член 6 став 3, член 7 во делот: ,,и лицата кои биле носители на јавни функции, а кои не се починати,, и член 42 во делот: ,,а ќе се применува десет години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на фактите,, од Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција (,,Сл. весник на РМ,, број 14/2008, 64/2009 и 24/2011); член 25 и член 35-а алинеја 3 од сега оспорениот Закон,  која е поднесена на 14 март 2011 година.

Врз основа на изнесеното, му предлагаме на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција и на Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција и истиот да го поништи.

Воедно, предлагаме, Уставниот суд на Република Македонија да донесе и решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот Закон, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстраниви последици.

ПОДНОСИТЕЛИ НА ИНИЦИЈАТИВАТА:

                                   1.- Д-р Мирјана Најчевска  од Скопје,

                                                                                                                                                                                                       2.- Стамен Филипов, дипл. правник



[2] У.Број: 186/2001-0-0, дата на донесување: 01/30/2002

У.Број: 181/2007-0-1, дата на донесување: 05/07/2008

У.Број: 9/2009-0-1, дата на донесување: 05/13/2009

У.Број: 169/2010-0-1, дата на донесување: 02/09/2011