ЗА ПРЕТСТАВАТА ВРЕМЕ НА ЗАБАВА ВО ИЗВЕДБА НА ГРУПАТА ГНЕВ режија на Зоја Бузалковска

VremeNaZabava-4

Ова е претстава за сликата во искривено огледало која станува реалност.

Претстава за тортурата и нечовечноста за неконтролираната моќ и нејзината злоупотреба.

Претстава за новопечените богаташи кои се спремни црното да го прогласат за бело, доколку тоа им носи профит.

Претстава за стравот и потчинетоста, за незаинтересираноста за другиот, за побуната и за очајот.

Претстава за живот кој го живееме во оваа наша Македонија, а кој повеќе наликува на ноќна мора отколку на нормален живот.

Ова е претстава која покажува како театарот може да стане алатка на граѓанскиот активизам.

И благодарам на театарската група ГНЕВ што ми дозволи да бидам дел од борбата.

ИЗМОТАВАЊЕ

Имам братучед кој од секогаш сум го чувствувала како постар брат. Како мали, кога ептен нешто ќе запнев да ми направи (а тој не сакаше да го направи тоа), правеше финта која ме вадеше од кожа. Имено, што и да направев (на пример ќе се насмеев или ќе се свртев на лево или десно, или…) тој ќе ми речеше: е баш мислев да го направам она што го сакаше, ама ти се сврте на десно и сега нема да ти го направам (како казна). Дежурен изговор. Измотанција.

Исто така го чувствувам и ова што му се случува на мојот народец со ЕУ интеграциите.

Властодршците го убедија дека е важно каква слика ќе создадеме кон надвор и народецот трпеше, подголтнуваше и веруваше дека кај да е ќе се влези некако во таа ЕУ. Не му беа потаман работите, не живееше баш добро, многу неправди гледаше, ама ќе се стиснат заби и ќе се издржи за подобро утре кое еве туку што не стигнало.

Во меѓувреме, меѓународњаците видоа напредок таму каде што назадувавме, утврдија реформи таму каде што се градеше монолит на диктатурата, не најдоа прекршувања таму каде што имаше жртви и ја нарекоа демократска власт власта која ја рушеше демократијата. Се само да го решат хирот на една своја членка. И народецот заклучи дека мора да е така. Сигурно ова што го имаме е таа демократија за која толку се зборува. И владеењето на правото ќе да е ова што го имаме. Само името да го решиме, и ете не нас во ЕУ.

Ама тие што се завластија ја разбраа играта. И почнаа да пљачкаат и да малтретираат и да се изживуваат. Ги превртеа сите вредности наопаку, па она што е стручно, професионално, паметно беше исфрлено на улица или поттурнато настрана, а се што е со ограничени ментални капацитети, без знаење и вештини, одеднаш исплива на површината и почна да се перчи со својата глупост и незнаење. И го промовираа насилството како највисок дострел на демократијата. И забранија да се зборува и да се мисли и да се жали. Забранија да се биде индивидуа.

И на народецот почна да му збоктисува. Не се трпи веќе. И почна да излегува на улици. Ваму едни, таму други, додека не почнаа да се присобираат заедно. И рекоа АМАН доста веќе. АМАН дајте да дишеме. АМАН мора да се тргнете од власт за да не умреме. На мојот народец уште не му пукнало сосема. Мојот народец е многу трпелив. И жилав. И да ви кажам право јас и не би сакала да му пукне затоа што тогаш се тепа и се крши.

И тогаш се појавија мудрите ЕУ глави и рекоа: мора да се договорите, мора да разговарате, мора да играте по правилата на играта и тогаш кога се менуваат секојдневно па дури ни формално не постојат. И го изрекоа дежурниот изговор, Е БАШ СЕГА САКАВМЕ ДА ГИ ЗАПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ А ВИЕ НАЈДОВТЕ ДА СЕ БУНИТЕ.  ДА НЕ СЕ СЛУЧЕШЕ ОВА СИГУРНО ВОЈ ПАТ ЌЕ ЗАПОЧНЕШЕ ПРОЦЕСОТ, АМА САМИ СТЕ СИ КРИВИ И САМИ ТРЕБА ДА СИ НАЈДЕТЕ ИЗЛЕЗ.

Не, во случајов не мислам дека сме сами криви. Криви се и тие кои воспоставија стандарди кои наводно требаше да ги достигнеме, па се откажаа од нив. Криви се и тие кои ветија дека ќе ни помогнат во учењето што е демократија, па си отидоа на пауза. Криви се и тие кои најлицемерно   ја прифатија диктатурата како скалило кон демократијата. И криви се сега кога не знаат да запрат со измотавањето и го навредуваат она малку достоинство што остана во мојот народец.

Јас лично мислам дека секој кој ќе даде позитивен извештај за Македонија во услови на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е непријател на мојот народ и не му мисли добро и сака да ја овековечи диктатурата на овие простори.

МОЈОТ КУТАР УПЛАШЕН НАРОД

Во наградениот портал за најдобро пренесување на пораките на Груевски, пардон, за најдобро информирање оваа година, “Курир“, прочитав: “Пред новогодишните и божиќните празници, граѓаните сакаат мир, спокој и среќа, а не мала група протестанти кои не знаат за што протестираат“.

И знаете што е најстрашното, има право.

Граѓаните на Македонија ќе собираат отпадоци од кантите за ѓубре и ќе си бидат среќни и во празнично расположение. Ќе трпат се додека не паднат на земја и не почнат да ги газат, па и тогаш ќе причекаат малку да видат дали тој што ги гази нема да престане (од досада на пример или да не си ги извалка чевлите).

Меѓу луѓето кои протестираат нема гладни, ниту на прагот на егзистенцијата, ниту фрлени на улица без ништо и никого. Тие баш можат да си одат да си купуваат подароци и да си накитат елки и да си слават Нова година покрај богати трпези. А тие, будали, излегле на улица, мрзнат, викаат и се обидуваат да допрат до заспаната свест на македонското човече.

Сега е време да им се придружат стечајците и железничарите и охисовците и лекарите и сета згазена администрација и сето понижено образование и оние 600000 кои живеат под прагот на сиромаштијата и луѓето со нехетеросексуална ориентација и Ромите и Плоштад Слобода и Аман и сите невладини организации за заштита на човековите права и се разбира студентите.

Парламентот е укинат. Уставниот суд одамна не живее во Македонија. Судовите се шутнати, а полицијата претворена во банда. Народниот правобранител е награден за послушноста, антикорупциската е потполно слепа, а Комисијата за заштита од дискриминација се скри во својот голубарник.

Сега е време да не има или потполно ќе не снема.

ОВАА ВЛАСТ ТРЕБА ДА БИДЕ СРУШЕНА КАКО ШТО КАРТАГЕНА БИЛА РАЗРУШЕНА – бидејќи е потребно да се заштитат човековите права преку владеењето на правото, за човекот да не биде присилен да се дигне на бунт како последно средство против тиранијата и потчинувањето

Еден анонимен лик на мојот блог ми напишал: “zoshto dezinformacii , zoshto lagi? spored delovnikot na sobranieto beshe se napraveno, pred da pishuvate tendenciozni tekstovi, bi trebalo malku da se informirate“.

Навистина не сум сигурна дали воопшто треба да пишувам, да објаснувам и да се надевам дека било која од информациите кои ги давам може воопшто да допре до свеста на ваков вид луѓе.

Меѓутоа, како што веќе спомнав, молчењето е соучесништво. Од друга страна доколку не се адресира незнаењето тоа може да се прошири како плевел и многу потешко ќе биде да се искорени.  Затоа ќе го направам она за што сум обучена: ќе ја анализирам правната страна на случувањата.

1

 

 

 

1. Според чл. 62 од Уставот  – Пратеникот не може да биде отповикан. Со отстранувањето на пратениците на опозицијата од собраниската сала и оневзможувањето да расправаат и да го кажат своето мислење за буџетот, тие се фактички отповикани. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ

2. Според чл. 64 од Уставот – Пратениците уживаат имунитет. Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Со исфрлањето на пратениците од Парламентот всушност тие се казнети за искажаното мислење. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ

23. Според чл. 65 од Уставот – На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Со исфрлањето на пратениците од Парламентот всушност е оневозможено тие да го остваруваат својот мандат, што значи, мандатот им е одземен без да постои судска одлука. СО ТОЕ Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

4. Според чл. 67 од Уставот – Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Со тоа што претседателот на Собранието Вељановски отворено застана на страна на една политичка партија и недвосмислено ги заштитуваше интересите на таа политичка партија, станува збор за фактичко вршење на партиска функција.  СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.3

5. Според чл. 70 од Уставот – Седниците на Собранието се јавни. Треба да постои одлука донесена од страна на Собранието (2/3) со која се отстранува јавноста. Ваква одлука не беше донесена. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

6. Според чл. 91 од Уставот – – предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието. Со тоа што Владата фактички реши што ќе биде внесено, а што не во буџетот и со тоа што беше скратена постапката за расправа за буџетот во соодветните собраниски тела и со тоа што беа отстранети од Собранието пратениците на опозицијата, всушност Владата стана фактички носител на буџетот. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

7. Според чл. 92 – Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Со тоа што беа исфрлени од Собранието пратениците на опозицијата, оневозможено е поставување на прашање за доверба на Владата. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

48. Според чл. 2 од Уставот – Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Со исфрлањето на пратениците на опозицијата од Парламентот, нарушен е суверенитетот на граѓаните кои не можат да ја остварат власта затоа што претставниците кои ги избрале се отстранети од Собранието. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

9. Според чл. 8 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Со отсуството на расправа за документ кој го предлага извршната власт пред законодавната нарушена е оваа поделба. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

10. Според чл. 21 од Уставот – Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Бидејки пратениците се исто така граѓани, тие можат да протестираат и да се собираат со цел јавно да го изразат своето мислење. Со тоа што се пратениците исфрлени од Собранието во текот на тој протест ПРЕКРШЕН Е УСТАВОТ.

11. Според чл. 25 од Уставот – На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Со тоа што пратениците без исфрлени од Собранието на најпонижувачки начин, нарушено е нивното право на заштита на достоинството и угледот. СО ТОА Е ПРЕКРШЕН УСТАВОТ.

СО ТОА ШТО ПРЕД ДА ЗАПОЧНЕ ИСФРЛАЊЕТО НА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА ОД СОБРАНИЕТО БЕА ИСФРЛЕНИ МЕДИУМИТЕ, ЈАСНО Е ПОКАЖАНА УМИСЛА ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ НА УСТАВОТ И НА ЗАКОНИТЕ. ИМЕНО, ДОКОЛКУ Е СПРОВЕДЕНА АКЦИЈА ЗА КОЈА СЕ СМЕТА ДЕКА Е ЛЕГАЛНА И ВО СОГЛАСНОСТ СО ЗАКОНИТЕ, НЕ САМО ШТО НЕМА ДА БИДАТ ОТСТРАНЕТИ МЕДИУМИТЕ ТУКУ ЌЕ БИДАТ ПОВИКАНИ ДА ЈА СЛЕДАТ ПРОЦЕДУРАТА (ШТО Е ПОДОЛГА ПРАКСА НА ОВАА ВЛАСТ).

СО ТОА ШТО ПАРЛАМЕНТАРЦИТЕ СТОЕА И ГЛЕДАА КАКО СЕ ПРЕКРШУВААТ СИТЕ ОВИЕ ОДРЕДБИ ОД УСТАВОТ ТИЕ СЕ ДИРЕКТНИ УЧЕСНИЦИ ВО АКТОТ НА НАСИЛНО РУШЕЊЕ НА УСТАВНИОТ ПОРЕДОК И ТРЕБА ДА ОДГОВАРААТ ЗА ВЕЛЕПРЕДАВСТВО.

СО ТОА ШТО НА ПРЕКРШУВАЊАТА НА УСТАВОТ БЕШЕ ПРИСУТНА МИНИСТЕРКАТА ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ КОЈА Е ДОЛЖНА ДА СЕ ГРИЖИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ И УПОТРЕБАТА НА СИЛА, ТАА МОРА ВЕДНАШ ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, А ПОНАТАМУ И КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА.

СО ТОА ШТО НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НЕ РЕАГИРАШЕ НА ПРЕКРШУВАЊАТА НАПРАВЕНИ ВО НЕГОВО ПРИСУСТВО ТОЈ МОРА ВЕДНАШ ДА БИДЕ СМЕНЕТ ОД ПОЗИЦИЈАТА КОЈА ШТО ЈА ЗАВЗЕМА.

СО ТОА ШТО НАЈВИСОКИТЕ СТРУКТУРИ НА ВЛАСТА НАПРАВИЈА, ОПРАВДАА И ПОДДРЖАА ПРЕКРШУВАЊА НА УСТАВОТ И ЗАКОНОТ ИМ ДАДОА ПРАВО НА СИТЕ ГРАЃАНИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДА ПРЕСТАНАТ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ ЗАКОНИТЕ И ГИ ПОВИКАА ДА ЈА ПРЕВЗЕМАТ ВЛАСТА ВО СОПСТВЕНИ РАЦЕ СО ЦЕЛ ЗАШТИТА НА ОСНОВНИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ И ДЕМОКРАТСКИОТ ПОРЕДОК.

ОВА Е НИВОТО НА СЕГАШНАТА ВЛАСТ.

СЕКОЈ БУНТ ВО ВАКВИ УСЛОВИ ПРЕТСТАВУВА НУЖНА ОДБРАНА.

ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА-МАКЕДОНИЈА

Во земјата на чудата на Алиса владее шпил од карти и кралица која го убива секој кој ќе и се спротистави, зајаците бркаат работа, гасениците пијат чај, а мачките исчезнуваат.

Во земјата на чудата во која се претвори Македонија се случуваат уште понеобични нешта.

Во земјата на чудата Македонија се формираат синдикати за заштита на Владата кои протестираат против поголеми права на вработените. Ова е уникатна творба изникната на овие чудесни простори која смета дека штрајкот и протестите не се орудие во рацете на работниците.

Во земјата на чуд

есата Македонија секој стручњак мора да биде трансфериран од местото за кое е оспособен. Ова посебно важи за дипломатите. Секој обучен, искусен дипломат (најдобро е ако некогаш бил или вршел функција на амбасадор), со знаење на повеќе од два јазика мора да биде префрлен во друго министерство за да им отстапи место на трговските патници и на туристите кои на рачун на државната каса си бркаат бизнис за сопствена корист или добиваат заслужен одмор како награда за лепењето плакати и посебно за лижењето остварено во текот на тој процес. При промените на законот се тврдеше дека нема доволно кадри: “ Според новиот Закон, квотата на професионални дипломати од редовите на Министерството за надворешни работи, кои можат да се именуваат за амбасадори, се намалува од две третини на една четвртина, а другите амбасадори ќе бидат истакнати личности од областа на надворешните работи. Причината за ваквата промена, според МНР, е во недостигот од кадри на министерството. – Во министерството се чувствува кадровска празнина и се соочуваме со дефицит на професионални дипломати. Со ваков капацитет немаме можност да праќаме две третини од кадрите и да ги именуваме за амбасадори. Со намалувањето на квотата на една четвртина ќе се овозможи и правилна ротација на амбасадорите кои се враќаат назад по истекот на нивниот четиригодишен мандат – објаснуваат во МНР.“ Денес, е направена листа од дипломати (над 40) кои се прогласени за суфицитарен кадар и кои се понудени на другите министерства на располагање.

Во земјата на чудата Македонија бизнисмените бараат власта да им определи поголеми давачки за да може да им ги врати парите кои им ги должи. Тоа му доаѓа како прелевање од шупло во празно, или, земи ми повеќе за да ми вратш тоа што ми должиш.

Во земјата на чудата Македонија припадниците на етничката заедница кои тврдат дека не се признати како конститутивен народ и дека се третирани како граѓани кои не припаѓаат кон оваа држава во секој момент недвосмислено покажуваат дека со душата и срцето и мислите и делата припаѓаат на друга држава.

Во земјата на чудата Македонија граѓаните немаат против во услови на рецесија и општо стегање на ремените околу гладните стомаци, нивните крваво заработени пари да се трошат на луксузни, кич – козметички зафати во градовите.

Во земјата на чудата Македонија студентите се молат наместо да протестираат. Во земјата на чудата Македонија пратениците јавно се измотаваат и им се потсмеваат на граѓаните. Во земјата на чудата Македонија секој кецарош од последната клупа добива шанса да се освети на оние кои знаат, умеат и можат подобро од него.

Алиса се разбудила од сонот. Ние никако да се разбудиме од кошмарот и затоа ќе си продолжиме да си живееме во земјата на чудата.