Коце, неодговорноста на кецарошите и една многу лоша директорка

Според Коце Трајановски: Директорката на ГУЦ успешно ја извршува својата работа и има навравено многу добри работи за училиштето, а моралниот кредибилитет е нејзина лична работа. Тоа е истата онаа директорка во чиј училишен двор е убиено дете, која даде оставка од морални причини, а пото ги собра децата да ја вратат на работа.

Што е погрешно овде?

1. Не станува збор за никаква морална одговорност туку за функционална одговорност која што подлежи на надзор и казнување. Врз основа на член 53 од Законот за основно образование, забранетто е телесно и психичко малтретирање на ученикот. Таа забрана подразбира право на страна на учениците да бидат заштитени од малтретирање и одговорност на вработените во училиштето да го обезбедат остварувањето на ова право. Со други зборови, директорот е одговорен за постоењето на ситуации во кои е малтретиран (во случајов-убиен) ученик. Според членот 130 од истиот закон директорот е одговорен за остварување на правата и обврските на учениците. Ако постои одговорност тогаш постои и казна и таа казна никако не може да биде од морални причини туку едноставно произлегува од функцијата директор.

2. Погрешно е што ниту инспекторатот ниту пак некој друг надлежен орган не направиле истрага за случајот од аспект на одговорноста на директорот, наставниците и сите возрасни кои се наоѓаат во училиштето.

3. Погрешно е што постои очигледна манипулација со родителите бидејки во спротивно станува збор за безгранична малоумност кај огромен број луѓе кои се спремни да заштита систем, структура и начин на работа кои очигледно можат да го доведат во опасност животот на нивните деца.

4. Погрешно е што никој не реагира на злоупотребата на децата. Ниту детскиот омбудсман, ниту невладините организации, ниту надлежните државни органи не ја испитуваат очигледната манипулација на децата и не реагираат согласно одредбите на Конвенцијата за правата на детето.

5. Погрешно е што ниту еден новинар не прави солидна анализа на целиот настан, туку се задоволуваат со пренесување изјави и ставови.

6. Погрешно е што сите возрасни испраќаат јасна порака до секое дете дека може да се има права (како што имаат наставниците и директорот) а да се немаат никакви одговорности и да не се сносат последици за лошо извршување на работата.

Командната или функционална одговорност е другата страна на правата и привилегиите кои се добиваат со одредена функција. Во случајов тоа значи одговорност на наставниците (посебно дежурниот наставник), на стручната служба, на директорот и секако на министерот за образование. Не морална, не пред бога, туку многу реална пред институциите на системот врз основа на законот и правото.

ЗА ЈАЗИЦИТЕ, КОМУНИКАЦИЈАТА, ПРАВАТА И ОБВРСКИТЕ

Расправата околу употребата на јазикот на припадниците на етничките заедници постепено ги потиснува сите останати теми на заедничкото живеење, почитувањето на разликите, практикувањето на правата, инклузијата и ексклузијата.

Токму во врска со оваа расправа, повторно се враќа на сцена и Рамковниот договор, се цитира, се издигнува на ниво на Устав (па и нешто повеќе од тоа) и се бара негово доследно спроведување (што и да се подразбира под ова).

Јас лично сметам дека треба позитивно да се одговори на сите барања на припадниците на албанската заедница во однос на употребата на јазикот (на сите нивоа и во сите размери).

Меѓутоа, бидејки ова барање е издигнато на ниво на колективно право, автоматски мора да следи и колективна одговорност. Имено дури и во самиот Рамковен договор (во точката 6.4) се истакнува дека: НИЗ ЦЕЛА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ВО НЕЈЗИНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ СЛУЖБЕН ЈАЗИК Е МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. Уште повеќе, секаде каде што се спомнува употребата на јазикот што го зборува повеќе од 20% од населението, се употребува фразата: ДОПОЛНИТЕЛНО НА МАКЕДОНСКИОТ.

Во оваа смисла, сметам дека прва одговорност којашто ќе го следи даденото право мора да биде обврската на секој оној којшто ќе се вработи во државната администрација (во нејзиното пошироко значење на сите оние кои добиваат плата од буџетски средства – просветни работници, лекари, полицајци, шалтерски службеници) мора одлично да го зборува и пишува македонскиот јазик (што треба да биде потврдено со посебен тест при секое вработување). Во моментов постои токму спротивна ситуација на многу слабо познавање на македонскиот јазик токму од оние кои се во секојдневна комуникација со граѓаните.

Понатаму треба многу сериозно да се пристапи кон развивање на една многу поширока одговорност за добро знаење на македонскиот јазик од страна на секој припадник на албанската заедница што е во согласност со Уставот, меѓународните документи, одредбите на Рамковниот договор и логичните потреби од постоење на јазик на комуникација којшто ќе ја обезбеди унитарноста на државата (како што таа е дефинирана).

Во единиците на локалната самоуправа каде што се зборува и друг јазик покрај македонскиот од над 20% од населението, како многу природна може да се појави потребата од двојазичност на администратцијата (посебно онаа шалтерската). Тоа значи дека и Македонците ќе треба да го познаваат многу добро вториот јазик на којшто се зборува во општината.

Прашањето на колективните права и колективните одговорности мора да биде ставено на дневен ред за една поширока расправа. Имено, моменталната ситуација во која што се промовираат колективните права (посебно изразени во барањето за правична застапеност во државните органи), а индивидуална одговорност (за квалитетот на овие кадри на пример или родовиот состав или бројот на лицата со посебни потреби, …), е неодржлива на подолг период и може да внесе хаос во државната стуктура. Колективната одговорност може да се прошири и на плаќањето на даноците, плаќањето на струјата и водата, употребата на природните ресурси и сл. во сите области каде што над 20% од населението припаќа на друга етничка заедница.