ЗА СУДИИКИТЕ, ЗАКОНИТЕ И КРШЕЊЕТО НА ОСНОВНИТЕ ПРОЦЕДУРИ

Присуствував на првиот ден од главниот претрес на судењето поврзано со убиството на Мартин Нешковски. И за момент (ама само за момент) останав без текст од однесувањето на судиите кон еден ваков случај кој беше и се уште е предмет на огромен интерес кај јавноста и кој предизвика повеќемесечни демонстрации низ целата држава.

Не можам а да не помислам дека зад секоја од постапките стои намера случајот да се потцени, затскрие, омаловажи и сведе на размери на, на пример, случај на џепарлак или тепачка во кафеана.

Прв чекор во насока на обезвреднување на случајот беше просторијата во која се одржуваше главниот претрес.  Наместо (имајки го предвид интересот за овој случај, меѓутоа и значењето на еден ваков случај во градењето на довербата кон правосудниот систем на државата и кон органите на прогон) судењето да се одржи во сала која ќе може да обезбеди присуство на заинтересираните и нормално одвивање на процесот тоа започна во најмалата можна судница во која и не е предвидено да заседава судски совет, туку само судија поединец. Во просторијата немаше можност никој да седи

(дури ни семејството на убиеното дете), немаше воздух и не беа обезбедени елементарни услови за заштита на обвинетиот. Со ваквата постапка всушност на многу очигледен начин беше изиграна и одредбата со која судските постапки се јавни. Имено, отсуството на простор во кој таа јавност може да се смести е еднакво како и неисполнување на одредбата.  Судијката (на многу пријателски начин) ни објасни дека нема простор во зградата на судот и затоа судењето мора да се одржи на ваков начин. Меѓутоа, заборави да спомне дека според чл. 296 од ЗКП: Ако во одделни случаи просториите на судската зграда не се погодни за одржување на главниот претрес, претседателот на судот може да определи претресот да се одржи во друга зграда. По 40 макотрпни минути, судењето сепак беше преместено во соодветна сала која на волшебен начин беше пронајдена во зградата на самиот суд.

Судењето продолжи во просторно соодветни услови, меѓутоа со огромен број процедурални пропусти и отворено кршење на Законот за кривична постапка, на кои бев лично сведок. Како граѓанин кој ги почитува законите имам обврска да укажам на сите овие пропусти и кршење на законите, со цел надлежните органи да превземат соодветни мерки.

Заради ова и не можам да одговорам на барњето упатено од судот во неговото официјално соопштение за неизвестување за случајот додека трае постапката.  На официјалната страна на Основниот суд 1 од Скопје е поставено соопштение со следната содржина:

02.11.2011    

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

 Поради интерес на јавноста за предметот К.бр.2928/11 во кој обвинет е лицето Игор Спасов, за кривично дело Убиство по чл.123 ст.1 од КЗ на РМ, известуваме дека денес на ден 02.11.2011 година се одржа главен претрес, на кој е распитан обвинетиот, законскиот застапник на оштетениот и еден сведок.

Истовремено известуваме дека од повиканите 5-пет сведоци, четворица од нив не се јавија на судењето.

Оваа прилика ја користиме да им укажеме на медиумите кои го следат ова судење да известуваат професионално, коректно и објективно, по завршување на судските дејствија, а не за време на одвивање на истите.

Ова особено се однесува на пренесување на исказот на обвинетиот во фаза на постапката кога не се сослушани сведоците, што може да влијае на нивните искази, што е спротивно на Законот за кривична постапка.

Главниот претрес по овој предмет продолжува на 07.11, со почеток во 10 часот.

Со почит,

Канцеларија за односи со јавност  

                                                                             при  Основен суд Скопје 1 Скопје

Да почнеме од почетокот:

1. Според член 309 од ЗКП: Главниот претрес тече по редот што е определен во овој закон. Судијката (чие име не го знам) во повеќе наврати го прекрши овој член. Таа се однесуваше многу пријателски и пријатно (на моменти имав впечаток дека се наоѓам во кафеана а не во судница), меѓутоа си имаше сопствена замисла за тоа што е процедура и никако не дозволуваше да биде врамена во тесните пранги на законските одредби.

2. Според чл. 314заседанието започнува со тоа што: Претседателот на советот го отвора заседанието и го објавува предметот на главниот претрес и составот на советот.

Предметот не беше објавен и не го дознавме составот на советот. Таму седеа две жени во тога и една без тога и уште две жени на страна на некои мали столчиња, но никој не ни ги претстави.

3. Беше прочитано дека од поканетите 5 сведоци еден е дојден, 3 не се уредно поканети, а еден побарал да даде телефонска или видео изјава. Судијката не објасни што ќе се случи со неуредно поканетите сведоци (дали ќе бидат уредно поканети, дали ќе се утврди кога ќе бидат викнати и сл., ниту пак обрна внимание на можноста за телефонски распит). Чл. 320 од ЗКП. Очекувам санкции за поканувачите заради неуредното поканување исто како што се предвидени санкции за недоаѓање на сведоците кога се уредно поканети.

4. На судијката ни на крај памет не и падна да ја искористи можноста која ја дава чл. 325 од ЗКП, според кој може да се побара стенографско бележење или снимање на процесот. Ова е можност која е соодветна токму за ваков вид на сложени случаи за кои постои голем интерес на јавноста и можност за различно толкување и за дезинформирање.

5. Според чл. 327 од ЗКП: Записникот мора особено да содржи податоци за тоа кој обвинителен акт е прочитан односно усно изложен на главниот претрес. Читањето на обвинителниот акт се спомнува и во чл. 333 од ЗКП, според кој: (1) Главниот претрес почнува со читање на обвинителниот акт или на приватната тужба.

Јас не слушнав дека било што вакво се читаше. Можеби заради загушливиот воздух. А можеби обвинителниот акт бил ептен краток па сум го пропуштила.

6. Наместо читање на обвинителниот акт судијката го извести обвинетиот дека може да си каже се што сака во врска со делото за кое се терети (??? не знам кое дело). Приказната на обвинетиот не беше прекинувана и судијката во ниту еден момент не ја искористи можноста од чл. 335 од ЗКП според кој:  Кога обвинетиот при испитувањето на главниот претрес ќе отстапи од својот поранешен исказ претседателот на советот ќе му укаже на отстапувањето и ќе го праша зошто сега искажува поинаку, а по потреба ќе го прочита неговиот поранешен исказ или дел од тој исказ. Јас не забележав дека судијката проверува во било што напишано пред неа дали има отстапки во исказот на обвинетиот. Сигурно тоа го правела скришум никој да не забележи.

7. Во текот на својот исказ, обвинетиот покажа спремност да понуди одредени податоци за кои мисли дека имаат суштинско значење за предметот, а кои според него се службена тајна. Терминот службена тајна беше спомнат во неколку наврати од страна на обвинетиот, меѓутоа судијката понуди свој превод и го преименува во државна тајна. Освен ова очигледно лажирање на записникот судијката постапи на начин кој или зборува за нејзино огромно незнаење или пак зборува за обид за свесно избегнување на одредени информации/докази.

Имено, по настојувањето на обвинетиот да ги каже овие податоци судијката направи серија од многу чудни постапки:

1. Не се заинтересира да го расчисти прашањето за тоа дали навистина станува збор за класифицирани информации и за каков вид класифицирани информации станува збор. Имено многу е голема разликата меѓу: државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно (Според Законот за класифицирани информации)  во начинот на постапувањето на судот согласно различните нивоа на заштита.

2. Му соопшти на обвинетиот дека изнесувањето на овие информации (??? не знаеме за какви информации станува збор) е кривично дело и дека тој може да ги каже на сопствен ризик кривично да одговара. Ова во крајна линија може да се перцепира дури и како отворена закана изречена од страна на судот со цел прикривање на одредени информации.

3. Не го спомна чл. 20 од Законот за класифицирани информации според кој: Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка.

4. Ја заборави посебната процедура на исклучување на јавнсота во ваков вид на случаи и можноста да се побара посебен сертификат доколку навистина станува збор за повисоко ниво на класифицирани податоци.

5. Не се заинтересира да го види евентуалниот документ кој според законот ќе ја има соодветната ознака за нивото на класификација.

Јас лично многу се сомневам во капацитетите на овој и ваков судски состав да ја води и соодветно да ја заврши процедурата поврзана со исклучително сложен случај каков што е случајот со убиството на Мартин Нешковски. И немам намера тоа сомневање да го изразам по завршување на процедурата, како што тоа најљубезно го бара од мене судот во своето соопштение до јавноста.

Меѓутоа, она што посебно ме загрижи е нивото на непочитување на процедурите од страна на најформализираната институција во општетсвото. Ова може да значи или незнаење, или небрежност или свесно кршење на законот. Во секој од случаите треба да не загрижи, а кај Републичкиот судски совет да запали црвено светло.