НЕЗНАЕЊЕ, ГЛУПОСТ, НАСИЛСТВО, БАНДИ И ЛУЃЕ КОИ СЕ НА ВЛАСТ

На официјалната страна на МВР е поставен спот од лишувањето од слобода на Љубе Бошковски.

Со поставувањето на овој спот и активностите прикажани на него се прекршени повеќе членови од Законот за внатрешни работи, од Законот за полиција и од Кривичниот законик заради кои мора да бидат повикани на одговорност: сите инволвирани во лишувањето од слобода, изработувачите и одржувачите на интернет страната, министерката за внатрешни работи, судијата кој ја води истрагата и покрај сознанијата за ваков вид на прекршувања.

Доколку на ова не изреагираат Јавниот обвинител и Народниот правобранител и тие треба да бидат повикани на одговорност заради злоупотреба на службената должност.

ПРАШАЊА КОИ ТРЕБА ДА ГИ ПОСТАВАТ НОВИНАРИТЕ, А ЗА АДВОКАТИТЕ И ДА НЕ ЗБОРУВАМЕ

Според Законот за кривична постапка, судијата треба по службена должност да ја испита законитоста на постапувањето на полицијата во случај кога пред него бидат изведени луѓе кои претходно биле повикани/приведени/задржани – лишени од слобода.

За утврдената законитост се донесува решение.

Дали судијата во случајот на осомничените/обвинетите од случајот “Рамковски“ ја испитал законитоста на постапувањето на полицијата и дали донесол вакво решение со оглед на до сега посочените пропусти во полициската постапка во која што овие луѓе се доведени пред суд?

Се додека судиите не почнат да ја исполнуваат оваа обврска, полицијата нема потреба да се придржува до процедурите дадени во законот/законите, или, судиите стануваат соучесници во прекршувањето на законите.

Член 3

(1) Лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде известено, на јазик што го разбира, за причините за повикувањето, приведувањето или лишувањето од слобода и за било какво кривично обвинение против него, како и за неговите права и од него не може да се бара изјава.

(2) Осомничениот, односно обвинетиот мора најпрвин на јасен начин да се поучи за правото да молчи; правото да се советува со адвокат и да има бранител по негов избор за време на испитувањето, како и за правото за приведувањето или лишувањето од слобода да се извести член на неговото семејство или нему блиско лице.

(3) Лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишување од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.

Член 142

(9) Лицето спрема кое се преземени дејствија од ставовите (2) и (6) на овој член, во рок од 30 дена од денот на преземањето на дејствијата може да бара од истражниот судија на надлежниот суд да ја испита нивнатазаконитост и евентуалната повреда на правата, а надлежниот суд е должен тоа да го утврди со решение. Решението се доставува до лицето што тоа го побарало, Министерството за внатрешни работи и надлежниот јавен обвинител. Против решението дозволена е жалба во рок од 48 часа до советот од членот 22 став (6) на овој закон. Советот е должен да постапи по жалбата во рок од три дена.

Член 188

(8) Ако лицето лишено од слобода е изведено пред истражниот судија, истражниот судија по службена должност ја испитува законитоста на лишувањето од слобода и е должен тоа да го утврди со решение. Лицето лишено од слобода кое не е изведено пред истражен судија, може во рок од 30 дена од денот на пуштањето на слобода да бара од истражниот судија на надлежниот суд да ја испита законитоста и тоа да го утврди со посебно решение. Против ова решение дозволена е посебна жалба во рок од 48 часа до советот од членот 22 став (6) на овој закон, кој решава во рок од три дена. Жалбата го одлага извршувањето на решението.

ПОЛИЦИЈА ИЛИ БАНДА?

Во моментов портпаролот на МВР Котевски, ни соопшти дека луѓето кои се приведени во полиција (Велија Рамковски, Анета Кочишка и десетина други) вечерва во 23 часот, воопшто не се осомничени, туку се приведени на службен разговор.

Бидејки Котевски исто така ни соопшти дека секој треба да го почитува законот се надевам дека МВР ќе поче да го почитува Законот за полиција.

Според овој закон:

3. Повикување

Член 43

Полицијата е овластена писмено со покана да повикува граѓани заради собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи.

Писмената покана од ставот 1 на овој член содржи: име и презиме на лицето кое се повикува, назив, место и адреса на седиштето на организационата единица на Полицијата каде што се повикува лицето, причини за повикувањето, место и време на повикувањето, како и поука за правото на бранител во полициската постапка, како и последиците доколку не се јави на поканата.

Повиканото лице може присилно да се доведе само со судска наредба и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.

Лицето кое ќе се јави на поканата или било присилно доведено, а одбило да даде известувања, не смее повторно да се повикува заради истите причини.

Лицето кое е повикано или присилно доведено се поучува за правата од членот 34 на овој закон, како и за околноста дека истото не е лишено од слобода и дека откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди.

За повикувањето и извршениот разговор со повиканото лице, полицискиот службеник изготвува службена белешка.

Член 44

Лицето може да се повика во време од 6,00 до 22,00 часот.

Ако постои опасност од одлагање, полицискиот службеник е овластен да го повика лицето и надвор од времето утврдено во ставот 1 на овој член.

4. Приведување

Член 46

Лице може да се приведе врз основа на писмена наредба издадена од надлежен суд.

Лицето од ставот 1 на овој член може да се приведе заради спроведување во просториите на Полицијата, друг надлежен државен орган или до местото одредено со наредбата.

Полицискиот службеник е должен на лицето кое треба да го приведе да му ја предаде наредбата од ставот 1 на овој член.

Полицискиот службеник нема да му ја врачи наредбата од ставот 1 на овој член на лицето за кое основано се сомнева дека ќе даде отпор.

Лицето може да се приведе во време од 6,00 до 22,00 часот.

Во случај кога приведувањето е нужно заради преземање на полициските работи кои не трпат одлагање, лицето може да се приведе и надвор од времето утврдено во ставот 5 на овој член.

Од горните членови е очигледно дека е прекршен законот и очекувам дека министерката за внатрешни работи ќе превземе соодветни мерки за казнување на прекршителите, а самата добро ќе размисли за поднесување на оставка.

Доколку ова не се случи ние може со сигурност да кажеме дека во моментот во Македонија немаме полиција туку банда на насилници која може во секој момент да не нападне без за тоа да сноси било каква одговорност.

ЗА ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ПОЛИЦИЈАТА, или, НЕПРАВОТО МОЖЕ ДА СТАНЕ ЗАКОН, НО ТОА НЕМА ДА ГО НАПРАВИ НИ ТРОШКА ПОВЕЌЕ ПРАВО

Кога еднаш нема соодветно да се изреагира на прекршувањето на правото, прекршиотелот добива сигнал дека тоа може да го прави и понатаму и уште повеќе и уште пошироко.

Прво беше А1 ТВ и фирмите на улицата Перо Наков и полицијата на која не и беше место таму.

Сега се фирмите во општинската зграда во Охрид и специјалците кои со полна опрема обезбедуваатдокази за затајување на данок.

Утре ќе бидат АЛФИТЕ кои ќе наплатуваат заостанат долг за парно од граѓаните.

Потоа доаѓа полициски сат, политички затвори, вонсудски егзекуции и се по ред како што и личи на една диктатура.

Јас повторно ќе потсетам на песната од времето на Нацистичка Германија и свештеникот кој се покајал за својата неактивност.

Утре ќе влезат во твојот дом и ќе нема никого да застане во твоја одбрана.

МВР НИЗ СИТЕЛ

Во врска со веста дадена на тв Сител, Новинарот Иван Кузмановски треба веднаш да биде повикан од страна на Секторот за внатрешна контрола со цел давање информации за тоа каде ги добил податоците во врска со полициските досиеа на членовите на семејството Илиевски.

Согласно Законот за полиција (чл. 10, 71, 72, 73, 75, 77) и Законот за внатрешни работи (чл. 24, 115) веднаш треба да се спроведе истрага во рамките на МВР со цел идентификување на лицата кои спротивно на одредбите на спомнатите закони ставаат на располагање на јавноста лични податоци за кои добиле сознанија во рамките на вршењето на службата.

Доколку податоците изнесени од страна на новинарот Иван Кузмановски се измислени тогаш тој треба да одговара за клевета.