МЕЃУ НЕЗНАЕЊЕТО И АРОГАНЦИЈАТА

Скопјанец застрелан пред Универзална сала, Алфите ги фатиле осомничените. Денес пред истражен судија. Црна хроника, секогаш интересна за медиумите. Зачудувачки брза и успешна акција. За пофалба. Многу слики од настанот. И ниту едно прашање: што прават двајцата лишени од слобода на земја?

Од сликите е очигледно дека луѓето кои се лишени од слобода подолго време лежат на плочникот. Околу нив се муваат алфи, си разговараат, ги гледаат, а тие си лежат. Колку долго? И зошто би лежеле на плочникот? Зошто веднаш не се однесени пред истражен судија или во полициска станица. Зошто се изложени на погледите на сите, па уште и снимани со камери? Како уловен трофеј? Очекувам во следна прилика некој полицаец да застане над уапсениот со нога на неговото тело и да се слика за спомен. Така се прави кога ќе се улови животно. А кога се лишува од слобода човек има правила и тие правила се пишани во Законот за внтарешни работи и во Законот за полиција и во Кодексот за полициско постапување.

Во нив пишува дека:  Полициските службеници го почитуваат личното достоинство, дека полицискиот службеник е должен да престане со употреба на средството за присилба, веднаш штом ќе престанат причините поради кои дошло до негова употреба и уште дека,  полициските службеници не смеат да предизвикуваат, поттикнуваат или толерираат никаков чин на тортура, мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Ова е случај на тортура, мачење и нечовечко и понижувачко постапување. Што ќе направат сега:  јавниот обвинител, министерката за внатрешни работи, народниот правобранител? Што ќе направат новинарите кои веќе го посочија и кривецот и мотивот и очигледно го прифатија лежењето на плочникот како дел од казната.

ЗА УСТАВНИОТ СУД

Една од основните карактеистики на политичкото делување во Република Македонија претставува етикетирањето. Заедно со манипулацијата со информациите, тоа обезбедува многу едноставно мобилизирање на граѓаните за остварување на одредени политички намери.

Така ја сфаќам и последната ситуација околу мерката која што ја усвои Уставниот суд во врска со пензионирањето на вработени од МВР и етикетата: исполитизиран, која што му е залепена.

Прво, оваа етикета е сама по себе проблематична. Ако се има предвид дека секој државен орган води одредена политика, гради одредена политика и се залага за одредена политика, да бидеш исполитизиран во буквална смисла на зборот нема никаква негативна конотација.

Во реалноста на Репблика Македонија, политиката станува најнавредлив збор (се разбира покрај комуњар, соросоид и невладина организација). Во одомаќеното значење да се биде исполитизиран значи да се биде под влијание на другата политичка опција од онаа која што ја застапувам јас. Некој орган е исполитизиран кога носи одлуки кои се спротивни на интересите на мојата политичка опција или не носи одлуки кои се во интерес на истатата таа опција.

Лично мислам дека основниот проблем на нашиот Уставен суд не е влијанието што политиката го има врз судиите. Не спорам со фактот дека во него има луѓе кои гаат симпатии кон одредени политички опции и има луѓе кои добиваат привилегии секогаш кога ќе постапат соодветно на политичката опција на власт, меѓутоа, најмногу од се има луѓе кои немаат појма од правото. Составот на Уставниот суд го имаат на душа сите политички партии и тој е слика на напливот на непрофесионалност и нестручност кој станува карактеристичен за Македонија.

Судиите на судови од ваков вид во светот се вообичаено луѓе кои се на крајот од својата богата правничка кариера и ова им е последно стојалиште. Уставниот суд треба да биде пандан на собирот на мудреци во племињата. Тука треба да биде собрано огромно правно искуство, долгогодишна работа на правната материја која што овозможила контакт со различни решенија и органи и која што пружа ширина на погледите и опфат на севкупната правна област на државата.

Наспроти на ова, во Уставниот суд на Република Македонија постепено се градеше состав од судии кои шо не соодветствуваат апсолутно на ниту еден од критериумите. Во него има неколку залутани луѓе со проблематично ниво на интелегенција, неколку професори кои појма немаат од пракса, неколку апартчици и политички испроституирани лица и еден двајца помлади кадри кои бараат солидно созревање за да може да ја облечат тогат.

Во ваква ситуација погрешните решенија се најчесто резултат на незнаење и нестручност, а политичкото влијание дава само опаковка на ова незнаење и нестручност. Контрадикторни решенија, бесмислени објаснувања, одбивање на надлежност, се само некои од гревовите на Уставниот суд. (штом ќе најдам малку време ќе наведам и конкретни примери за секое од овие тврдења).

Меѓутоа, мерката која што е изречена во врска со предврементото пензионирање на вработените во МВР не може да се вброи меѓу овие решенија.

Имено, проблемот не е во суштината на институтот поинакво постапување заради објективни причини (или, в конкретниот случај бенефициран стаж), туку во конфузијата која што е направена во новиот закон за внатрешни работи (овде повторно станува збор за незнаење, ама на некои други структури). Имено, во законот не е јасно дефинирана категоријата на вработени кои потпаѓаат под називот “овластено службено лице“, односно, не е направено аргументирано разграничувае од категоријата “државен службеник“. Во новиот закон под службено лице се подразбира и униформираниот полицаец кој е секој ден на терен (и секако дека треба да има бенефициран стаж) и полицијата и службите во цивил (кои исто така се на терен, и секако дека треба да имаат бенефициран стаж), меѓутоа и луѓе кои работат во канцеларија, кои се раководни лица во администрацијата и кои по ништо не се разликуваат во својата работа, во изложеноста на ризик и во отежнатите услови за работа од другите државни службеници во вкупната државна администрација.  Токму во ова е проблемот. Тогаш кога нееднаквото постапување нема рационално објаснување тоа станува дискриминација, односно, оправданата бенефиција станува неоправдана привилегија.

Во ова светло, сите оние кои навистина оправдано ја имаат бенефицијата на скратен работен стаж, треба да се свртат околу себе и да ги погледнат во очи своите колеги кои сакаат да профитираат на нивниот грб, а и да и постават прашање на министерката зошто ги доведе во ваква ситуација кога проблемите од овој вид беа сигнализирани уште во процесот на донесување на законот, меѓутоа, таа одби воопшто и да разговара за нив, а камо ли да прифати било каква сугестија.

Лошите закони создаваат конфликти. Ова е лош закон кој што и во иднина ќе продуцира ваков вид недоразбирања и нужно ќе биде поставен на дневен ред на Уставниот суд во врска со повеќе проблематични членови (на пример, членот со кој се овозможува вработување на овластено службено лице без олас). Имајки го предвид составот на судот може да се очекуваат крајно невоедначени решенија, кои уште повеќе ќе ја зголемат конфузијата и ќе можат да бидат употребени во меѓуполитичките обвинувања.

Меѓутоа, ова никако не може и не смее да биде причина за поставување на прашањето за потребата од постоење на Уставниот суд, туку треба да го постави прашањето на селекцијата на луѓето кои што го сочинуваат, исто како што никој не би го поставил прашањето на потребата од постоење институција факултет само заради тоа што професорите се несоодветни и  нестручни.

И ова во секој случај треба да го постави прашањето на квалитетот на законите кои што се носат и улогата на стручната јаност во нивното обликување.

ЛИЧНА КАРТА или НЕПРАВОТО НА ДЕЛО

1. Решението на власта да ги смени личните документи независно од тоа дали се важечки или не претставува дополнителен трошок за секој граѓанин – на овој начин станува дополнителен данок кој излегува надвор од листатат на даноци

2. Во Законот за измена на личната карта не пишува дека граѓанинот треба да ја плати измената – на овој начин се воспоставува давачка без закон

3. Луѓето кои имаат трајни лични карти се изложени на промена која излегува надвор од системот на владеењето на правото како правна сигурност

4. На ниту едно место не постои официјален запис дека закажување за промена на личната карта треба да се направи на таинствениот телефонски број 080019292. Напротив, на интернет страната на МВР е даден образец кој што се поднесува лично и со кој се бара промена на личната карта.

5. Не е точно дека граѓаните имале 3 години да ги променат документите. Законот за промена на личната карта е донесен на 19.02.2007 г., стапил во сила на 27.02.2007,  а одредбите со кои се овозможува аплицирање за нова лична карта стапиле на сила на 3.10.2007 г. (што е видливоод самиот закон – чл. 15 и на интернет страната на МВР каде што е даден датумот на прикачување на барањето за лична карта).

6. Неможноста да се закаже постапка за промена на личната карта на друг начин освен по фиксен телефон претставува дискриминација на граѓаните кои немаат ваков телефон или телефонот им е исклучен поради неплатени телефонски сметки

ЗАКЛУЧОК:

МВР ЛАЖЕ, МАМИ И КРАДЕ, а граѓаните си се редат како овчички и се туркаат која побргу да биде истрижана.

ШТО ПОДРАЗБИРА ПОД ПОЛИЦИЈА ИВАН КОТЕВСКИ?

Господинот Иво Котевски  ни соопшти дека доколку не можат да си обезбедат заштита организаторите на некој протест тие можат да побараат заштита од МВР за што ќе платат.

Според Законот за полиција:

Член 3
Основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството.

Ова е причината зошто полицијата постои и зошто се плаќа од парите на граѓаните. Полицијата не е приватана фирма којашто некој може да ја изнајми за лична заштита. Таа има задача и таа задача треба да ја изврши.

Кога станува збор за заштитата на основните права и слободи, на пример – слободата на говорот или слободата на јавен собир, не е важно дали полицијата како институција или некој полицаец посебно се согласува или не се согласува со содржината на пораката која треба да се испрати од страна на собирот. Се додека таа содржина не претставува кривично дело.

Што значи тоа во однос на последните настани од плоштадот Македонија:

1.Бил најавен протест од страна на група луѓе и било одредено место каде што тие луѓе треба да го изведат протестот. Полицијата била должна да обезбеди оваа група луѓе непречено да си дојде на закажаното место без да биде попречувана од други групи или поединци

2. Била испратена порака за претходно собирање на друга група граѓани (со спротивни ставови од првите) на истотот место. Полицијата била должна да ги отстрани овие граѓани од местото кадешто требало да дојде првата група и да се постави меѓи двете групи на начин кој ќе обезбеди нивно раздалечување и ќе оневозможи физички контакт.

3. Во одреден момент станало јасно дека едната група ја напаѓа другата група. Полицијата била должна да повика засилување и да интервенира со цел да ги растури припадниците на втората група кои го оневозможуваат остварувањето на прават на првата група.

4. Полицијата била на лице место и деректен сведок на она што се случува. Полицијата била должна да интервенира во насока на заштита на граѓаните (да ги приведе од лице место сите оние кои поттикнувале на напад, кои учествувале во нападот и кои на било каков друг начин ги спречувале припадниците на едната група да си го одржат мирниот собир).

Во тактичко-оперативна смисла,   уште со моментот на најава на протестот да:

1. Испита дали ќе има потреба од поголема интервенција (имајки предвид дека станува збор за сензибилно прашање за кое веќе подолго време се водат расправи во јавноста и имајки предвид дека е период на избори кога постои зголемување на емоциите и можноста за насилство)

2. Провери дали има други групирања, масовни доаѓања од други градови, делење на пропаганден материјал и сл.

3. Да има во приправност одредена структура којашто ќе може да интервенира со цел овозможување на одржување на мирниот протест

Сметам дека господинот Иво Котевски со своите изјави ја страмоти полицијата и предизвикува огромна штета во однос на перцепцијата којашто граѓаните ја имаат за полицијата и нејзината улога и заради тоа треба веднаш да биде сменет од функцијата на којашто се наоѓа.Посебно треба да биде повикан на одговорнос за изјавата дека полицијата може да се изнајмува за пари и дека само така изнајмената полиција ќе пружи соодветна заштита.

Сметам дека треба да се повикаат на одговорност полицајците кои не ја извршиле соодветно својата должност за обезбедување и заштита на граѓаните во остварување на нивните основни слободи и  права.

Сметам дека треба да се повика на одговорност командирот на полициската станица Центар кој требало да обезбеди соодветно функционирање на полицијата.