ГРЕШКА, ПОВТОРУВАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА ИЛИ …?

Европската Унија повторно ни ја затвори вратата. И ја повтори грешката. Голема. Со негативни последици и за Македонија, меѓутоа и за Европската Унија која ја повторува историјата од која не следат научени лекции.

Грешката беше направена уште во 1992 година кога во извештајот на Бадентер се појавија две држави од поранешната СФРЈ кои според комисијата формирана за процена единствено во тој момент ги исполнуваа условите за препознавање. Тоа беа Словенија и Македонија. После овој извештај се беше само политика.

Никој не ја спори потребата од реформи низ кои мораше да помине Македонија и со кои легислативата и праксата на државата требаа да бидат услогласени со правото и праксата на ЕУ. Реформите беа направени и државата беше спремна да премине на следното ниво на пристапување кон ЕУ низ процесот на скрининг на одделните поглавја, со кој во државата треба да пенетрираат соодветните стандарди.

Тоа не се случи. И не се случува во изминативе 20 години. И тоа е кривица на Европската Унија.

Во периодот на измотавање од страна на Европската Унија, одлагање на датумот и шетање на Македонија низ ходниците и чекалните пред влезот на Европската Унија, не само што не се напредуваше, туку:

  • започна процес на деградација,
  • дестабилизирање на државата на внатрешен план,
  • се случи вооружен конфликт,
  • државата беше пренасочена од колосекот на изградба на граѓански темели, кон  изградба на власт базирана на етничка припадност,
  • се устоличи диктаторска – националистичка власт олицетворена  во ВМРО-ДПМНЕ
  • беше промовирана идејата за античкото потекло, и
  • државата фактички беше поделена по етничка линија.

Во меѓувреме се изгуби ентузијазмот за промена, се зацврстија корените на корупција, се создадоа нераскинливи врски на новоформираните криминални банди испреплетени со криминалците во власта, беше уништен правосудниот систем, беа уништени медиумите и столчена слободата на изразување. Во меѓувреме цивилното општетсво се вртеше во круг се додека не го разјаде болештината пренесена од власта, полицијата се претвори во приватна гарда на властодршците, а приватните гарди на истите добија моќ на полиција. Во меѓувреме Македонија се оддалечи од Европската Унија и нејзините стандарди и достигна дистанца слична, па дури и во некои елементи поголема, од онаа на која се наоѓаа  Бугарија, Романија, Словачка, Полска, Унгарија, Литванија, Естонија, Летонија, во моментот кога беше започнат процесот на пристапување на овие држави кон ЕУ.

Дали во сето ова има кривица на Македонија? Секако дека има. Можеа да бидат направени многу подобри чекори, да бидат донесени подобри закони и да бидат спроведен подобри политики, да бидат избрани подобри луѓе на соодветните раководни позиции. Меѓутоа токму во тоа е работата. Во периоди на промени на политичкиот и на правниот систем какви што се направија во Македонија во 1991 година, многу лесно може да се западне во процепот на анархија и хаос од кој вообичаено излезот е диктатура и самовластие.  Токму тоа требаше да го спречи влезот во ЕУ и поддршката на  прецизниот збир од стандарди кои ќе ја зацврстеа кревката структура на демократијата во изградба. ЕУ тоа не го направи. И тоа е нивна кривица.

И уште повеќе. Со секој свој потез, со секоја своја порака, со секоја божемна поддршка, во моментов го зацврстува негативниот тренд. Затоа што не е точно дека напредуваме со реформите, не е точно дека се приближуваме кон ЕУ, не е точно дека денес подобро ги имплементираме стандардите на ЕУ, не е точно дека целиот овој период всушност сме напредувале. Лагата можеби им го грее срцето на европските парламентарци, меѓутоа тоа е исто како перењето на сопствената совест на пратеникот кој ќе даде поголема сума пари на некој просјак на улица, а пред тоа изгласал закон за намалување на социјалната грижа на државата за бездомниците.

Според мое мислење, со овој начин на постапување, ЕУ е директно инволвирана во изградбата на фашизмот и промоцијата на национализмот во Македонија.