ЗА НАТЧОВЕКОТ-ФИЛОЗОФОТ-ФЕРИД

Имам пробелм со текстов. Всушност повеќе проблеми.

Ајде да почнеме од почеток:

1.

Зар на философ му е потребна одбрана од обичните луѓе, на умот од не-умот, на онтолошки вредното од безначајното? И тоа на философ што суверено без страв ги шета планините, целосно сам, за разлика од обичните луѓе? Насловот упатува на Сократа.

Имам проблем со поделбата на филозофи и обични луѓе (без да навлегувам во прашањето дали Ферид е филозоф или не, и ако е филозоф, дали е филозоф на напредокот или пак конзервативно-реакционерен филозоф на традицијата).

Веднаш ми се поставува прашањето, дали ова значи дека постои и поделба на правници и обични луѓе? На уметници и обични луѓе? На научници и обични луѓе. Дали уметниците, научниците, правниците се сите обични во однос на филозофот?

Во однос на храброста да се шета сам по планини имам посебно мислење. Имено, знам многу луѓе кои талкаат сами по планињето (на пример овчари, планинари, собирачи на печурки, …). Тоа што талкаш сами по планињето не ги прави филозофи. Можеби натчовекот-филозофот-Ферид талка по некои посебни, филозофски планини.

2.

Оти она што деновиве се случи во Македонија во потполност е рамно на она што пред повеќе од 2000 години се случи во Атина. Обичните луѓе, оние небитните, просечните, сите до еден некадарници, на кои никој нема да се сеќава по нивната смрт оти со никакво дело не ја задолжиле историјата на светот, оние кои не му беа ни до колена на философот, го дочекаа својот вистински момент за да го “убијат“.

Да го споредуваш Ферида со Сократ, е само по себе смешно (нели), а да ги примениш стандардите на вреднување на луѓето од пред 2000 години (да бидеме прецизни – 2500 години) во денешни услови е веќе показател на прилично незнаење. Целиот концепт на човековите права се базира на ставот дека луѓето се еднакви по достоинство и права. Ама најверојатно нашиот млад автор свесно го избришал овој податок од матрицата на своето логицирање.

А што друго и да се очекува од џганот македонски да стори? Народ кој е потполно историски ирелевантен, кој не сака и не учествува во светскиот развој, кој претставува некакво случајно движење на истата таа историја, сплет на случајни околности затоа што никогаш длабоко себеси не знаел да се мисли, народ кој многу тешко доаѓа до заокружување на сопствена историска физиономија, на својот супстанцијален субјективитет, народ кој се дави во злоба и завист кон сопствените најдобри примероци, затоа што нема однос кон индивидуалитетот и идиосинкразијата, ех да, во таков народ само едно е автентично, дека само џган произведува.

Доколку ја следиме логиката на младиот автор, според кој на овие простори може да биде произведен само џган, тогаш, многу логичен е и заклучокот дека Ферид кој е роден во босанските гудури, и од крајно непознати причини ете решил да ја обавува својата просветителска мисија овде во Македонија, нема ништо заедничко со тој џган.  

Ако ја продолжиме оваа логика, тогаш натчовекот Ферид не смее никако да стане дел од “ирелевантната“, “случајна“, “бесмислена“ историја на џганот македонски, односно, мора да го спасиме и да не дозволиме да влезе во системот на оние кои не знаат да го заокружат сопствениот супстанцијален субјективитет.

Добро е да си македонски, српски или хрватски националист, но проблем е да си бошњачки. Во првите три случаи, тоа е пожелно оти така си патриот, но само во последниот случај ти си шовинист. И џганот нормално не поднесува индивидуалитет, не поднесува умен човек, сака да го урне Универзитетот, затоа што се плаши од непознатото, не поднесува различно мислење од неговото и за најбанални и најтривијални ствари, а камоли да биде спремен длабоко да мисли за најдлабоките прашања што го тиштат човекот. Имено, умен човек нема проблем со ставовите на друг човек па колку и да се различни од неговите, и не го смета за неподобен. Неподобноста на некој човек исходи од тоталитарна свест која го суди неподобниот само врз основа на својот систем. И секогаш неподобноста е проследена со патолошка омраза кон неподобниот.

Доколку правилно го читам ова што е горе напишано, тогаш нашиот млад и рагневен автор, мисли дека е тоталитарно се што ќе се спротистави на индивидуата – натчовек – филозоф – Ферид, а не е тоталитарно кога ќе забраниш некому да има негативно мислење за натчовекот-филозофот-Ферид. Можеш да бидеш различен само ако си различен на начин кој го потврдува натчовекот – филозофот – Ферид.

И ако нечија тоталитарна свест е знак дека пред себе имате примерок на џганот, тогаш јас не гледам разлика помеѓу толпата на ДПМНЕ и оние што стојат од другата страна. Овие денови, сите оние умислени квази-интелектуалци од опозицијата, (некои блиски и до СДСМ) покажаа дека имаат иста тоталитарна матрица, дека се од ист фашистички штоф исткаени. И веднаш ги замислувам Јовановски, Астеруд, Најчевска, ЛГБТ, Колозова, и сите други, милитантни левичари и левичарки, заедно со оние политички анонимуси од Анима Мунди за кои сега во моментот е најбитно како некој гледа на борбите со кучиња, па и Јеховини сведоци, што да не; како доаѓаат на власт и започнуваат да стрелаат се што е неподобно и не се согласува со нивните идоли.

Ова значи дека, доколку размислуваш исто како натчовекот – филозофот – Ферид, претставниците на обичните луѓе немаш тоталитарна матрица. Тоа е нешто друго. Ама ако го критикуваш, тогаш имаш тоталитарна матрица.

Ова значи дека јас не можам да кажам за Ферида на пример, дека е машка шовинистичка свиња, меѓутоа, Солунчев може за мене да каже дека сум примерок на џганот од подвидот милитантна левичарка.

Бидејки младиот автор не објаснува кои се тие идоли кои определуваат што е подобно, а што не кај џганот, претпоставувам дека станува збор за едноставна психолошка проекција (трансфер), на сопственото идолопоклонство кое раѓа емоционална жестокост и ерупција од неконтролирани емоции )кои на моменти ја преминуваат границата на општетсвено прифатливо однесување).

Нè ловат по улица, нè отпуштаат од факултетите како неподобни професори, ни ги одземаат децата за случајно да не би ги воспитале погрешно, ни сечат јазици за изустен збор што испаѓа од нивниот дискурс. Истите тие кои се колнат во слободата, во вредностите на либерализмот а самите се онтолошки contradictio in adjecto. Овие на власт барем отворено исповедаат фашизам. Од сите најлигав беше Суад Мисини, во смисла, Ферид треба да се “стрела“ но не сега, сега ако го “стреламе“ им правиме корист на Груевци, и само заради тоа, прашањето за Ферид Мухиќ го оставаме на страна. Која беда!

На истиот начин би го толкувала и овој сликовит опис на замислените дејанија кои младиот автор најверојатно ги поврзува со сите оние кои се осмелиле да атакуваат на идолот (затоа што само идолите се совршени и чисти како солза).

Но како и би биле инакви, тие не се философи, оти во философијата се пријателствува и со оној кој има различни ставови од тебе, не се плашиш од него, оти сфаќаш дека ти е насушно потребен за да го менуваш сопствениот хоризонт. Да се дојде до суштината на нештата, да се рефлектира до крај, до самиот конститутивен акт, а не само до арбитрарно поставениот регулаторен акт. На пример, зошто Тричковски е еден од најбитните мислечки луѓе во поновата историја на Македонија? Затоа што неговите ставови во однос на македонштината се радикални, предизвикувачки, деконструктивни. Тој, Тричковски постојано создава разлика и дразни со неа. Но после таа разлика, мојата македонштина веќе не е иста, подобра е. Ферид Мухиќ го прави сушто истото. Но џганот не е спремен да оди до крај, па затоа и им пречи философот. Се работи за квалитативна разлика помеѓу затворен и отворен морал, а тие кутрите мали хрчки не го читале Бергсон.

Не знам од кои тоа книги читал младиот автор и каде го ископал овој демагошки дискурс (само можам да претпоставам дека е тоа нормално кога ќе влезеш во одбрана на идолот). Тоа за пријателствувањето во филозофијата, и насушната потреба за менување на сопствениот хоризонт, некако многу ми личи на Јонче Јосифовски нашиот познат удбаш-крвник-филозоф, ама може грешам.

И мислам дека младиот автор е веќе доволно возрасен за да знае дека не постои такво нешто како “доаѓање до суштината на нештата“ и “рефлектирање до крај“. Ова многу ме потсетува на оној израз дека ќе ги решиме работите еднаш за секогаш и ќе ја искорениме корупцијата еднаш за секогаш. Ама можеби грешам. М? Впрочем Даглас Адамс веќе ја открил смислата на животот и таа е 42.

Во својот филозофски поход, младиот автор малку ја промашил темата. Не го бираме натчовекот-филозофот – Ферид во Академија на науките, ниту пак на некоја престижна филозофско-академска функција. Никој не зборува за Ферид како филозоф, а уште помалку како за месија (иако на моменти стекнувам впечаток дека младиот автор токму така го перцепира) туку за Ферид како парламентарец. Тоа значи, Ферид како претставник на џганот, Ферид како носител на пренесениот суверенитет на џганот, Ферид како некој кој треба да работи и да го изгласа “арбитрарно поставениот регулаторен акт“.

Навистина не знам како на граѓаните ќе им помогне натчовекот-филозофот-Ферид кој ќе се обидува да ја открие смислата на животот, во решавање на прашањето за цената на откуп на грозје, или за нормирање на постапувањето на полицијата, или за буџетска контрола, или …

Просто, ме просветлија. Сфатив дека цело време сум бил во илузија, дека всушност проблемот не е во ДПМНЕ, туку дека цело време тоа бил Ферид Мухиќ. Аух, толку голем проблем што нема да гласаат за листите на СДСМ. Па добро за каков облик на идиотизам правиме муабет! Опозицијата пропушти да се обедини по еден принцип, слободата наспроти тоталитаризмот.

Младиот автор овде повторно ни соопшти дека е слобода доколку не го критикуваш натчовекот-филозофот-Ферид, а тоталитаризам е доколку го критикуваш. Малку се повторува. Младост.

Обидот да се стават независни професори на листите пропаѓа. Суетите во СДСМ, и суетите надвор од СДСМ. Просто сфатив дека постојат два тоталитарни џгана, или подобро тоа е еден македонски џган дијалектички разделен во две честици, но нема производ од таа дијалектика. Според Киркегор толпата е нула, а нула по нула дава секогаш нула.

Да ви кажам право, јас до сега бев наречена толпа само во пријавата која ми ја поднесе МВР заради учеството во демонстрациите. Не сум сигурна, дали младиот автор мисли на оваа толпа или на некоја друга (од некои други демонстрации на кои не сум го видела натчовекот-филозофот-Ферид бидејки е тој над џганот кој се бунтува).

Овој народ просто го заслужи Груевски! Тој е огледалото на само случајно поделениот џган. Та затоа неговата победа на изборите после “ова со Сократа“ нема воопшто да ме вознемири, туку само ќе ме утврди во Шопенхауеровските начела на иставање од сето. Би сакал крај на ова катастрофално лудило на власта, но сфаќам дека и вон границите на власта од каде што треба да дојде тој крај, царува истиот тоталитаризам само облечен во друга идеолошка доксологија.

Е тука се согласувам со младиот автор. Најверојатно на неговиот млад ум му е малку тешко да се спротистави на податниот шарм на еднозначноста. Има време. Или ќе научи или, …

Епикур советува философите да се тргнат од учество во политиката, и да рефлектираат за неа од благотворната дистанца, формирајќи го својот сопствен автентичен етос. Повремено ако чувствуваат дека треба да се вмешаат заради повисоко добро тогаш да го сторат тоа. Мојот професор Ферид го направи токму ова, како и Сократ, и го снајде истото.

Многу сум му благодарна на натчовекот-филозофот-Ферид кој решил да се симне од Олимп (каде осамено талка во муабет со боговите) и да се обиде да ни ја објасни суштината и апсурдот на борбата за човековите права, да не поучи за апсурдот на барањето еднаквост и недискриминација и посебно апсурдот на владеењето на правото како ограничувачка пранга на разлетаната филозофска мисла.

Затоа што неговите сограѓани сакале да останат во тиранијата, да паднат во рацете на добар тиранин, Ксенофан го напуштил својот град со зборовите: “Колофон го напуштив затоа што себеси се гледав како човек и сакав да живеам меѓу луѓето, а не со говеда и коњи“. Во многуте нешта што ги научивме од Ферид, едно нешто е идеално за овој миг. На влезната порта на средновековниот Неапол (како символ за философијата) стоел натпис: Овде нема глупаци! Во Македонија слободно да ставиме натпис, двојазично, колку јазично сакате: Царството на глупаците! Ферид Мухиќ е апатрид во тоа царство.

Мислам дека како апатрид Ферид не би можел да биде ставен на ниту една листа, па би замолила да биде тргант, со цел да не го оскрнавиме натчовекот-филозофот со прагматичноста на потребите и интересите на обичните граѓани и посебно да не го заробиме во затворот на правото.

 

Секој човек е повеќезначно суштетсво. Младиот автор го знае Ферид филозофот-натчовекот, јас пак знам еден друг човек.Знам еден човек кој си сака да пивне и не знае да се контролира, чии постапки многумина ги перцепираат како мобинг и сексуално злоставување, кој пцовката ја прогласува за највисок дострел на филозофската мисла, а жената ја смета за машина за раѓање чија основна смисла на постоењето е да се репродуцира. Не знам за Јеховините сведоци, ама јас ете мислам дека Ферид, не е соодветен материјал за пратеник во Собранието на Република Македонија (колку и да е случајна државата, незаслужена, последна на светот, како што милува да ни ја опиште младиот автор поклоник на ликот и делото на Ферида). И мислам дека ќе нанесе огромна штета. 

Тоа е моето мислење, на кое имам право како граѓанин на оваа држава и како човек. И никој нема право да ми го ограничи. Ни во услови на војна (ако не знаел младиот автор кој очигледно нема појма што е право).