ЕПИДЕМИЈА НА ГЛУПОСТ И КОРУПЦИЈА ВЛАДЕЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Не знам што е позаразно: глупоста или корупцијата. Некако на еднакво ниво ми доаѓаат.

Навидум паметни и чесни луѓе во физички допир со глупи и корумпирани поединци и групи, преку ноќ нагло се осипуваат со препознатливите чирови на глупоста и им се дига темтепаурата на корумпираност.

Неверојатно.

Само како пример да го земеме прочистувањето на избирачкиот список. Толкава концентрација на глупост и корумпираност околу едно вакво многу едноставно прашање, одамна не сум видела.

dik-sostav

Работата е всушност многу едноставна, меѓутоа голем број луѓе дигаат прашина за да не видиме дека всушност станува збор за нивна глупост и/или корумпираност.

  1. Прво и основно, нема преговори околу тоа дали треба или не треба да имаме чист избирачки список. Станува збор за една од алатките во остварувањето на базично човеково право (право на избор) кое е во темелите на демократската држава. Значи, мора да се направи се (читај СЕ) што е можно на луѓето да не им биде ограничено правото на глас, да им се олесни остварувањето на правото на глас и да се спречи злоупотребата на правото на глас. За ова не се преговара.
  2. Второ и многу базично, основата на прочистувањето е многу едноставна  (и ставена е во закон, Устав, меѓународни документи)- секој полнолетен граѓанин на Република Македонија кој има право на глас.

Што значи тоа за прочистувањето?

Тоа значи дека на списокот не треба да има малолетници.

Тоа значи дека на списокот не треба да има починати.

Тоа значи дека на списокот не треба да има луѓе кои немаат деловна способност која им дава право да гласаат.

Тоа значи дека еден човек треба да се најде само еднаш на избирачкиот список за да може да гласа еднаш, а не повеќе пати.

Тоа значи дека на списокот не треба да има луѓе кои не се државјани на Република Македонија.

Тоа се проверува натој начин што се утврдува дали тој човек има лична карта или пасош (се разбира важечки). Ако некој има лична карта или пасош (важечки – тој човек си има право да гласа во својата држава која му ги издала овие документи, покрај сите останати права кои си ги има како носител на тие документи).

Дали постои можност за постоење на лажни документи со кои се тврди дека е некој државјанин на една држава, а всушност не е.

Да. Може да има вакви документи. Тоа се лажни или, фалсификувани документи.

Како се проверува дали документите се лажни?

Со тоа што се гледа дали во базите на податоци на државата (социјала, пензиско, даночно, здравствено, книги на родени и умрени, книги на венчани, агенција за вработување, агенција за државни службеници, …) било каде, се појавува човекот во чиј документ се сомневаме и се споредуваат податоците. Доколку има непоклопување на податоците (не се појавува на ниту едно друго место, има различни податоци на различни места. …), постои сомневање за лажен документ (независно од тоа дали е направен во некоја визба или пак од страна на криминалец вработен во МВР).

Изработката на лажни документи за идентификација е кривично дело и тој човек се гони кривично (и се разбира сите оние во ланецот кои овозможиле изработка на ваков документ).

Значи, доколку моето име се наоѓа на списокот на сомнителни граѓани објавен на страната на ДИК, тоа значи дека:

  1. 1. Некој во Тимот за компјутерска проверка погрешил ептен – ептен или „погрешил“ како за кривично дело;
  2. 2. Некој од членовите на ДИК ептен му „помогнал“ на лицето од Тимот за компјутерска проверка за да „погреши“ што исто така е тамам за кривичен прогон (за тоа се нема функционален имунитет); и
  3. 3. Претседателот на ДИК е неспособен да собере два и два, односно да направи проверка и увид и да утврди кој и како подметнал редица имиња на овој мератен список. Самата глупост можеби и не е кривично дело, ама командниот синџир значи кривична одговорност на потписникот, односно Претседателот на ДИК.

Нема потреба од докази или нешто друго освен логика за да се разбере дека ова е така.

Компјутерите не лажат (и многу, многу ретко грешат и тоа на сосема поинаков начин)! Значи, ако некој тврди дека јас всушност не сум родена во Македонија, не сум живеела сите овие години во Македонија, не сум се школувала во Македонија, не сум работела, не сум плаќала данок и придонеси, не сум стапила во брак, немам деца, не сум заведена во катастар како сопственик, немам постојано живеалиште на кое можам да бидам најдена и на кое примам пошта …  тогаш некој го фалсификувал списокот кој е објавен на официјалната страна на ДИК и за тоа треба кривично да одговара, а јас да добијам и оштета по неколку основи.

П против П (партија против право)

Продолжуваат преговорите на партиските работни групи, се очекува договор

Со надежи за договор, продолжуваат преговорите во Пржино

Почнаa партиските преговори во Пржино

Партиите почнаа нова рунда од преговорите за излез од кризата

А јас пак гледам како Македонија за уште неколку чекори се оддалечува од стандардите на современата демократија и владеењето на правото.

Најлошо е кога не успеваме да учиме на грешките од минатото и кога упорно ги повторуваме, постојано очекувајќи поинаков резултат.

Зар навистина ни треба уште еден Охридски договор со кој ќе се заташка прекршувањето на законите, ќе се амнестираат криминалците, а партиите и партиското договарање ќе ги заменат сите државни органи и целокупната легислатива?

Зошто излегоа граѓаните на улица и зошто уште се влечат по улиците?

1. Излегоа заради тесната поврзаност на државата и партијата и употребата/злоупотребата на државните органи од страна на партијата.

2. И заради нетранспарентното донесување одлуки и отсуството на граѓаните од процесите на одлучување.

3. И заради владеењето на партиското самоволие наместо владеењето на правото.

4. И заради отсуството на независни контролни механизми на власта.

5. И заради  теснопартиски приод кон нештата наместо почитување на плурализмот на интереси и потреби на граѓаните.

Ако е ова точно, тогаш на кој начин договор кој ќе го направат четири политички партии зад затворени врати може да биде во функција на:

  • – намалување на поврзаноста на партијата и државата (кога партијата решава во име на државата);
  • – транспарентно донесување одлуки со учество на граѓаните (кога се се прави во тајност, а граѓаните се исфрлени од процесот на одлучување и оставени да си се шетаат по улиците);
  • – владеење на правото наместо партиското самоволие (кога се слуша само зборот на партиските челници надвор од се’ она што претставува државно структуирање);
  • – воспоставување контролни механизми на власта (кога не се прифаќаат контролни механизми дури ни во процесот на преговарање):
  • – поддршка на политичкиот плурализам наместо партиско себезадоволување (политичкиот плурализам е многу поширок поим од партискиот плурализам; оттука, како до плурализам кога во ниту еден момент не се слуша гласот на различните).

 

Охридскиот рамковен договор ја продуцираше актуелната политичка и правна криза со тоа што создаде паралелен систем на формално постоење на норми и институции, а фактичко решавање на работите со директно договарање на две криминални банди кои себе се нарекуваат политички партии (мислам на ДУИ и ДПМНЕ).

 

Договорот од Пржино го прави истото тоа, со потполно негирање на правото, на демократијата, на плурализмот и партиципацијата на граѓаните.

Одбивањето да се формира експертска влада која ќе ги постави основите на демократското владеење базирано на правото е само ширум отворена врата за партиско делење на колачот, амнестирање на криминалците, уништување на државната структура и оневозможување во поблиска и подалечна иднина да профункционира било што надвор од политичките партии. И, без никакво сомнение, по Охрид и Пржино, да ни треба некој друг договор – можеби склучен од истите четири партии во – Припор!!!

Не ни требаат херои и хероини. Не ни е потребен водач качен на бел коњ. Не ни се потребни предводници. Потребни ни се правила, процедури и критериуми кои ќе бидат однапред донесени со учество на граѓаните, кои ќе траат и кои ќе важат подеднакво за сите.

Ако во овој момент граѓаните не го преземат процесот во свои раце, тогаш ќе бидат само пиуни во еден нов партиски дил, кој можеби ќе обезбеди смена на актуелната власт (или барем еден дел од криминалците од актуелната власт), но нема да обезбеди владеење на правото, плурализам, партиципација на граѓаните и контрола над секој оној кој ќе дојде на власт.

Работата е ние да ги искористиме странците со цел воспоставување услови за градење на демократска држава во која ќе владее правото, а не странците да не’ искористат нас за воспоставување нов естаблишмент кој ќе обезбеди мир и релативна стабилност за да не мора да се занимаваат со еден прцул од држава толку време.

Не случајно, странците се оградија од Шарената револуција и нејзините барања и не случајно ги затворија вратите за претставниците на Шарената револуција. Не случајно го откачија Ван Хојте и не сакаат ни да го погледнат Блупринтот направен од страна на граѓанските организации и граѓаните кои ја поддржуваат Шарената револуција.

За нив е сосема во ред и сосема доволен нов Охридски договор.

За нас не е и не смее да биде.

Јас мислам дека е време да отидеме до Пржино. Затоа што   се решивме да се бориме за своите права и тоа треба да заврши во наша корист, а не само да го смениме јавачот.

Ниту една одлука без граѓаните!

ЕДНО МИСЛЕЊЕ СО КОЕ МНОГУ СЕ СОГЛАСУВАМ

Поздрав до сите!

1.   За Љупчо и „натаму“: Надвор од речникот на огорченост на Оливера, останува клучното – целта на КГМ не е постигната. Настрана вашите обиди за јазичка бравура, во Декларацијата, и ден денес присутна на Веб, јасно стои дека, цитирам: „Нашата заедничка акција ќе трае до дефинитивниот пад на власта која ни ја одзеде слободата, живејачката и иднината.“ Или јас нешто сум пропуштил последниве 15 минути, или вие верувате дека Позицијата – остварува. Ветија дека ЌЕ паднат од власт – и вие им верувате!?? За жал, некои од нас, вклучувајќи ме и мене, упорно се држиме до старите граматички форми, а во кои зборчето „ќе“ е основа за градење идно време. Или, со други зборови, ја „напуштате“ КГМ (злите јазици веќе констатираа дека ја распуштате) иако заедничката цел не е постигната!!! Апелирам да ја преиспитате својата одлука, ако ништо друго заради бројните реакции на разочараност и огорченост!

2.   За сите други членови на КГМ: Одлуката на СДСМ, независно дали е погрешна или не, е нивна одлука. Но, барем за некои од нас целта не е постигната илити – ние сите не треба да се откажуваме. Напротив! Што се однесува до СДСМ, многу лесно можеме да провериме дали сме биле инструментализирани во функција на доаѓање на власт или СДСМ ќе ги почитува нашите барања и ќе ги реализира преку конкретна политичка акција. Едноставно, сите ние треба да ги фрлиме на хартија и споделиме написмено нашите заложби што произлегуваат од проблемите со актуелната власт и да побараме СДСМ писмено да се изјасни дали ги прифаќа (целосно или парцијално) или не. И истите ќе ги ставиме на Веб па да видиме дали ќе ја повторат грешката да не’ матосуваат на ширум отворени очи!

Сашко Тодоровски

МЕЃУНАРОДНИОТ ФАКТОР ПРЕТСТАВУВА НУЖЕН КАТАЛИЗАТОР. НА ИСТО НИВО КАКО И ВО ВРСКА СО КОНФЛИКТОТ ОД 2001 ГОДИНА

Европската комисија нема да праќа експерти за набљудување на процесирањето на случајот “Пуч“.Странците не се мешаат во внатрешни прашања на независни и самостојни држави.И многу е важно да се каже дека политичкиот дијалог треба да се одвива внатре, нагласувам внатре во парламентот.Брисел нема магична формула за решавање на македонската криза.

Вака е во 2015 година.

Меѓутоа во 2001 година меѓународната заедница немаше ракавици и најотворено се вмеша во конфликтот.

Се поставува прашањето: зошто меѓународната заедница толку спремно реагираше во ситуација на конфликт меѓу две етнички заедници и во ситуација кога се постави прашањето за повреда/ограничување на правата на една етничка заедница, а со толкава голема резерва се поставува кога станува збор за конфликт кој не е етнички базиран (иако несомнено има импликации и на меѓуетничките односи), меѓутоа се темели на многу пошироки и подлабоки прекршувања на човековите права?

Дали Македонија треба да влезе во крвава граѓанска војна, за да предизвика соодветна реакција, и, наместо превентивно, меѓународната заедница да делува во ситуација на отворено насилство?

Дали тогаш ќе правиме нов Охридски договор и ќе започнуваме процеси на помирување и залечување на отворените рани?

Доколку тргнеме од претпоставката дека во Охридскиот рамковен договор е направен обид за разрешување на основните јазли кои го продуцираат меѓуетничкиот конфликт, интересно е да се погледне на овој договор низ призмата на актуелниот, “не меѓуетнички“ конфликт.

 

Охридски рамковен договор – 13.08.2001 ????? – 13.04.2015
Точките во наредниов текст даваат усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и Евро-атлантската заедница. Овој Рамковендоговор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество,истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани. Ова е дефинитивно актуелна заложба која произлегува од длабоко нарушените демократски вредности, отсуството на било каков, а камоли хармоничен, развој и отсуството на почитување на интересите на сите македонски граѓани.
Основни принципи
1.1. Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.  

Проблемот на насилството постои и во актуелниот момент, како:

–       Насилство врз пратениците во парламентот

–       Насилство врз политичките неистомисленици

–       Насилство врз граѓанскиот сектор

–       Насилство врз новинарите

–       Насилство врз сите оние кои имаат поинакво мислење од владеачката структура

–       Насилство врз секој кој поставува прашања или не се согласува со политиките и активностите на властодржците

 

1.2. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактерна државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.  

Актуелната власт ја дели територијата на Македонија , покрај другото, и според „политичка припадност“: општините каде опозицијата е на власт се поинаку третирани од оние „нашите“.

 

1.3. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.  

Доколку наместо мултиетничкиот карактер, го поставиме плуралитетот, слободата на мислата и правото на слободно изразување на сопственото мислење како пандан на едноумието, ова барање е суштинско во актуелниот момент.

 

1.4. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.  

Имајќи го предвид предлагањето уставни промени без јавна расправа и спротивно на стандардите на меѓународната заедница, оваа одредба може потполно идентично да се примени на актуелната состојба. А и постоечките одредби на Уставот важат само за партиските активисти или највисоките ешалони на партиите на власт, и тоа само кога тоа е во нивна полза.

 

1.5. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.  

Отсуството на партиципација на граѓаните во одлуките на локалната самоуправа и отсуството на било каква јавна расправа за прашањата од нивни интерес, претставува еден од базичните проблеми и извори на конфликтот.

 

2. Прекин на непријателствата
2.1. Страните го истакнуваат значењето на заложбите од 5 јули 2001 година. Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи, и нивно целосно доброволно распуштање. Тие го прифаќаат фактот дека за донесување Одлука од страна на НАТО да помогне во овој контекст, ќе биде потребно воспоставување општ, безусловен и неограничен прекин на огнот, согласност за политичко решение за проблемите на оваа земја, јасна заложба на вооружените групи доброволно да се разоружаат, и прифаќање од сите договорни страни на условите и ограничувањата во рамките на кои ќе делуваат силите на НАТО. Исклучително актуелно! Власта има монопол на вооружените полициски и параполициски структури, но ги користи како „партиски вооружени сили“!!! Итно потребно разоружување и распуштање на параполициските структури, а полициските структури да излезат од партиските рамки.
3. Развој на децентрализирана власт
3.1. Ќе биде усвоен ревидиран Закон за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници, и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот (како што е измените во согласност со Анекс А) и Европската повелба за локална самоуправа, при што ќе се одрази принципот на вертикална организираност кој што во моментов важи во Европската унија.Зголемените надлежности пред се ќе се однесуваат на областите на јавните услуги,урбаното и руралното планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата, локалните финансии, образованието, социјалната заштита

и здравствената заштита. Ќе се усвои Закон за финансирање на локалната самоуправа за да се обезбеди соодветен систем на финансирање, за на локалните власти да им се овозможи да ги исполнуваат сите свои надлежности.

Отсуството на вистинска децентрализација и деконцентрација на власта и подведувањето на локалните интереси под капата на партиските интереси, претставува проблем со кој во моментов се соочуваат сите граѓани на Република Македонија. Одлучувањето е поместено на централно ниво и секое спротивставување се санкционира или се вложуваат вонправни или се злоупотребуваат правните инструменти за „контрола на непослушните“.
3.2. Во рок од една година по завршувањето на новиот попис, кој под меѓународен надзор ќе биде спроведен до крајот на 2001 година, ќе бидат ревидирани општинските граници. Ревизијата на општинските граници ќе биде спроведена од страна на локалните и националните власти, со меѓународно учество. Пандан на овој дел од Рамковниот договор е спроведувањето на попис. Иако актуелната власт започна со спроведување попис – се откажа и без објаснение – не го продолжува или обновува тој процес.
3.3.Со цел да се обезбеди дека полицијата е свесна за и одговора на потребите и интересите на локалното население, локалните началници на полицијата ќе ги избираат советите на општините од листи на кандидати предложени од страна на Министерството за внатрешни работи и истите редовно ќе комуницираат со советите. Министерството за внатрешни работи ќе го задржи овластувањето за разрешување на локалните началници на полицијата во согласност со законот. Партизацијата на полицијата ја дезавуира оваа одредба и ја претвори полицијата во партиска машинерија за угнетување на политичките неистомисленици и заплашување на граѓаните.
4. Недискриминација и правична застапеност
4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за равојот на деловните активности.  

Дискриминацијата (посебно онаа врз политичка основа), дискриминирачките практики при вработувањето во јавната администрација и јавните претпријатија, и посебно при пристапот до јавното финансирање, претставуваат елементи актуелни за денешната ситуација во Република Македонија.

 

4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела,истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја корегираат постоечката неврамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност. Особено внимание

ќе се посвети на тоа да се обезбеди, колку е можно побрзо, полициските служби генерално да го одразат составот и распределбата на населението во Македонија, како што е специфицирано во Анекс Ц.

Доколку наместо припадниците на етничките заедници се стави поимот на припадници на други политички партии, се добива апсолутно истоветна ситуација и многу слична потреба, со цел надминување на конфликтот.
4.3 За Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избира од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број пратеници, која ќе содржи мнозинство од вкупниот број пратеници кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Оваа постапка ќе се применува и при изборот на Народниот правобранители на тројца членови на Судскиот совет. Уставниот суд се покажа како тело кое лесно може да биде корумпирано и извитоперено во алатка на владеачката структура. Тоа значи дека во еден иден мировен договор ова е една од ставките кои мора да бидат соодветно решени. 
5. Посебни собраниски процедури
5.1. На централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа, нема да можат да се усвојат без квалификувано мнозинство на две третини од гласовите, ворамките на што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.  

Етничкиот модел може и треба да се постави како соодветен и кога станува збор за политичките партии, во ситуација на менување на такви закони кои имаат суштинско влијание врз демократските односи и владеењето на правото. Имено, токму менувањето на законите по скратена постапка и без никаков удел и влијание на опозицијата и граѓаните, доведе до ситуација на потполна ерозија на нормативата во Република Македонија.

 

5.2. За донесување на законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и на законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници, ќе мора да постои мнозинство од гласови, во рамките на што ќе мора да има мнозинство од гласови на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Ова истото мора да се примени на одреден број закони кои се однесуваат на базичните демократски вредности и основите на политичкиот систем. Токму во првонаброената област – културата – е донесен закон без консултирање на културните работници туку исклучиво со партиски активисти. Потполно идентична ситуација и со практично сите нивоа на образованието.
6. Образование и употреба на јазиците
6.1. Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците, а истовремено во цела Македонија ќе се применуваат унифицирани стандарди за академските програми.  

Со декретски мерки се навлезе дури и во средното образование, а што предизвика и сеуште предизвикува дури и улични демонстрации.

 

6.2. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20 проценти од населението во Македонија, а врз основа на посебни спогодби.   Пандан на ова е автономијата на универзитетот и буџетските издвојувања за развој на високото образование и на науката.
6.3. При уписот на државните универзитети на нови студенти, кои припаѓаат на заедници кои не се мнозинско население во Македонија, ќе се применува принципот на позитивна дискриминација се додека уписот правично не го одрази составот на населението во Македонија. Нема примена на позитивна дискриминација базирана на припадност кон политичка опција спротивна на владеачката.
6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик.  

Пандан на овој елемент на Рамковниот договор е слободата на изразување воопшто и казнивоста на говорот на омраза.

 

6.5. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено. Во органите на Република Македонија, кој било службен јазик различен од македонскиот може да се употребува во согласност со законот, како што понатаму е елаборирано во Анекс Б. Кое било лице што живее воединица на локална самоуправа во која најмалку 20% од населението зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со регионалната канцеларија на централната влада, надлежна за таа општина; таквата канцеларија, ќе одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Кое било лице може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со главна канцеларија на централната влада, кој ќе му одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Слободата на изразување на социјалните мрежи, што е јазик на комуникација на веројатно повеќе од 20% од населението е постојана мета на „дисциплинирање“.
6.6. Во однос на локалната самоуправа, во општините каде одредена заедница сочинува најмалку 20% од населението на општината, јазикот на таа заедница ќе се употребува како службен јазик, дополнително на македонскиот. Во однос на јазиците на кои зборуваат помалку од 20% од населението во општината, локалните власти демократски ќе одлучат за нивна употреба во јавните тела. Општини, најверојатно под 20%, што се медиумски покриени само од МРТ се жртви на ограничено известување наводно врз основа на некаква одлука на Јавното обвинителство.
6.7. Во кривични и граѓански судски постапки на кое било ниво, обвинетото лице или која било страна ќе има право на превод на државен трошок на сите постапки, како и на документи во согласност со соодветни документи на Советот на Европа. Ако е ова право на еднаквост пред судските органи, таква еднаквост не постои кога на едната страна се партиите на власта, а на другата индивидуални граѓани.
6.8. Кои било лични документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, исто така, ќе бидат издадени на тој јазик, дополнително на македонскиот јазик, во согласност со законот.
7. Изразување на идентитетот  
7.1. Во однос на симболите, непосредно до симболот на Република Македонија, локалните власти ќе ја имаат слободата на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува идентитетот на заедницата која што е во мнозинство во општината, со почитување на меѓународните правила и примени.
Повреди на човековите права кои се актуелни во рамките на денешниот конфикт
Нарушување на приватноста
Отсуство на ефективна правна заштита
Отсуство на можност за контрола на власта
Заложничко ропство
Родова нерамноправност
Дискриминација врз основа на сексуална припадност

 

Заклучок:

Во Република Македонија постои конфликт. Длабок и сериозен. Конфликтот е многу подлабок и посериозен од меѓуетничкиот конфликт од 2001 година. Има и жртви, и покрај тоа што тие не се толку лесно видливи како оние од вооружениот конфликт. А можна е и ескалација.

Меѓународната заедница еднаш се вмешала во внатрешните работи на Република Македонија кога мислела дека постои такво нарушување на човековите права кое и дава легитимитет за вмешување.

Актуелните состојби се карактеризираат со многу поголемо нарушување на многу поголем број човекови права за многу поголем број луѓе. Невмешувањето не може да биде оправдано.

ЗОШТО ОПОЗИЦИЈАТА НЕ ТРЕБА ДА ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ НА ГРУЕВСКИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ?

Одеднаш, во средина на сопственото севластие, премиерот Груевски, фрли ракавица на предизвик до опозицијата за одржување на предвремени избори во октомври 2013 година.

Секој просечно паметен човек би се запрашал зошто некој кој е веќе на власт, кој наводно ја води државата во континуиран напредок и просперитет и кој има визија за перспективата на државата, би сакал да оди на избори? Што добива со нови избори тој кој е веќе на власт?

Според мене:

1. Внатре во партијата (ВМРО-ДПМНЕ) ќе се направат нови преструктуирања и ќе се обезбеди внос на свеж капитал (од оние кои сакаат во наредниот период да добијат дел од колачот).

2. Ќе се изврши нова мобилизација на членството кое почнува да се раслојува заради отсуство на било каква активност која има некакво значење поврзано со секојдневното живеење.

3. Ќе се направи нова прераспределба на сферите на влијание со партнерот во власта (ДУИ) и ќе се зајакнат разнишаните односи.

4. Ќе се искористи последен воз за продолжување на владеењето пред да почнат да се пројавуваат негативните последици од економското самоволие.

5. Ќе се дефокусира вниманието на граѓаните, односно, ќе се мобилизираат граѓаните околу државно-етнички-национални теми, наместо околу социјални и проблеми на секојдневното живеење.

6. Ќе се одложи прашањето на промена на името на државата.

7. Нема да има време за соодветна имплементација на препораките на ОБСЕ, Венецијанската комисија и ad hock комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која бара да се воспостави јасна граница меѓу државата и партијата и да се воспостави систем на гаранции за администрацијата (посебно локалната) со цел одбрана од притисоците во текот на изборите.

8. Нема да се прочистат гласачките списоци.

9. Ќе се одложи одржувањето на пописот на населението и ќе се игра со бројките на население без опасност да бидат откриени малверзациите.

10. Ќе се искористат средствата од новите кредити за непродуктивни вработувања (кои ја водат Македонија во економска пропаст) и ново проширување на администрацијата и со тоа и проширување на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.

11. Наместо извештаи за постигнатотот (базирани на сериозни евалуации и поткрепени со бројки) ќе се подготват пропагандни материјали и ќе се влезе во нов циклус на ветувања со што всушност се измамуваат како сите граѓани така и сопственото членство.

12. Ќе се исплатат старите догови кон поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се создадат нови (а со тоа и нови зависници за кои е од животна важност ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт).

13. Ќе се оневозможи подготовка на опозицијата која е во процес на преструктуирање.

14. Ќе се оневозможи раскринкување на сите методи на лажирање на изборите.

15. Ќе се оневозможи дури и размислување за воспоставување на техничка/технократска влада која единствено во услови на продолжителна диктатура може да спроведе барем делумно слободни и фер избори.

16. Ќе се промовира нов бран на омраза меѓу луѓето, “антикомуњарство“ “етнички базирана омраза“, меѓурелигиска нетолеранција, кои ќе го оневозможат елементарно опстојување на граѓанството базирано врз индивидуалноста, а не врз колективитетите.

Заради овие исти причини заради кои ВМРО-ДПМНЕ сака предвремени избори, опозицијата не треба да се согласи на нивно одржување.

Многу е важно во државата повторно да се воспостави системот на редовни избори кои ќе овозможат како соодветна подготовка на опозицијата, така и разрешување на проблемите од претходните избори.

Во спротивно, изборите стануваат посебна економска гранка од која корист имаат единствено оние кои се на власт (всушност многу тесен круг на највисокото раководство и блиски на истотото), а главен губитник се граѓаните на Република Македонија.