СТЕЧАЈЦИ, ЖРТВИ НА ТРАНЗИЦИЈАТА, ВЛАСТ, ОПОЗИЦИЈА

1. Стечајците имаат право да бараат од државата да им создаде услови за елементарна егзистенција согласно членовите 23, 24, 25 и 30 од Ревидираната социјалан повелба која што Република Македонија ја ратификуваше и се обврза да ја спроведува. Во услови на економска криза национален приоритет е обзбедувањето услови луѓето да преживеат. Власта која со своите постапки покажува дека има други приоритети е власт која работи спротивно на интересите на сопствените граѓани.

2. Жртвите на транзицијата постојат и го носат лошото чувство на изиграност и изманипулираност. Тие имаат право да бараат преиспитување на одредени процеси кои довеле до негативната ситуација во која што се наоѓаат со цел: казнување на сторителите на одредени дела (доколку тие можат да се подведат под кривичниот законик или некој друг актуелен закон) и политичко изложување кое ќе оневозможи нивно повторно доаѓање на власт. И за двете активности треба да се побара учество на актуелната власт која што го има достапот до информациите, досиеат и базите на податоци. Демонстрирањето пред опозицијата *доколку овие граѓани мислат дека претставниците на опозицијата се сторители на кривични дела) е бесмислено. Тоа е исто како наместо одредено прекршување на законот да го пријавиме во полиција или да поведеме постапка пред суд, да излеземе да демонстрираме пред куќата на осомничениот и да бараме тој да не обештети.

3. Опозицијата мора да превземе одговорност за она што се случувало додека била на власт. Се додека граѓаните не видат дека таа е свесна за грешките кои се направени не може да имаат верба дека тие грешки нема повторно да ги направи доколку или кога ќе дојде на власт.

4. Власта мора да разбере дека да се биде опозиција е едно, а да се биде на власт е нешто сосема друго. Одредена структура дошла на власт затоа што тврдела дека може подобро од оние пред неа и може да направи нешто во ситуацијата која е објективно зададена во моментот. Кога си на власт ти си тој што ги имаш дизгините во раце и твоја одговорност е што ќе се случи со колата. Повторувањето на грешките на претходникот само значи дека во текот на изборите си лажел дека можеш подобро и дека можеш поинаку.

ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ – МОЈ ПРЕДЛОГ

Во моментов нема да ги анализирам изборите од аспект на нивната регуларност ниту пак од аспект на свеста на граѓаните и можноста да го дадат својот глас врз основа на соодветни и релевантни информации. Нема да се задржам ниту на екстремно чудното исчезнување на помалите политички опции од политичката сцена.

Што е тука е и треба да се продолжи понатаму.

Она што како реална опасност се појавува во ваква ситуација е потполно блокирање на државата и нејзино претворање во баруштина во која ќе просперираат само гадинки од најразличен вид.

Сметам дека пред државата стојат три значајни работи кои треба да се направат:

1. Потполна реформа на судството – што подразбира повторен избор врз основа на многу прецизни критериуми  на сите судии на сите нивоа и воспоставување на систем на нивна независнот од останатите две власти.

2. Потполна реформа на администрацијата со издвојување на Агенцијата за државни службеници како независно, моќно и решавачко тело кое би ја обезбедило политичката резистентност на државната администрација и би спречило нејзина злоупотреба од страна на политичките партии. Тоа подразбира и мораториум на отпуштање и на примање нови државни службеници.

3. Решавање на спорот со името.

Овие задачи може да ги изврши само техничка (професионална) влада која што ќе има многу ограничен мандат и ограничени можности за трошење на буџетските пари.

По завршување на овие задачи (најмногу за две години) оваа техничка влада ќе распише избори и ќе овозможи започнување на нов циклус на политичко делување во државата врз здрави демократски основи кои ќе нудат различни идеолошки опции.

МОЈ ПРИЛОГ КОН ЧЕТВРТИОТ КОНГРЕС НА ЛДП

За жал не можам да присуствувам на Конгресот на ЛДП. Мртва болна. Дома. Меѓутоа ова е мојот прилог кон она што мислам дека треба да претставува ЛДП во наредниот период.

1. Прво, мора да се соочиме со еден од најголемите проблеми на денешнината – дрогата. Нашиот народ е дрогиран. Дрогиран е со лаги и ветувања.

Многумина мислат дека е невозможно толку долго некого да лажеш и одново и одново да наседнува на истите лаги. Може. Како и секој зависник од дрога така и нашите граѓани живеат за оние минути, саати и денови на потполна екстаза кога веруваат во лагата која им се кажува. Чувството е толку пријатно, иднината розева, сите желби остварени. Моментот на интензивно задоволство го заменува потполн пад во депресија од кој може да се излезе единствено со нова доза на ветувања. Уште посилна, почеста, поневеројатна и со поголема халуциногена моќ.

Постепено се разорува целиот систем и се губи потполна врска со реалноста. Единствено важно останува да се дојде по секоја цена до онаа кратка експлозија на уживање во моментот кога некој ќе ти каже дека се ќе биде во ред, дека Македонија напредува, Македонија е моќна, се гради или дека  промена може да се направи веднаш и утре само ако наместо Грујо дојде Бранко и обратно.

Во оваа приказна има многу дилери со психотропни идеи. Некои помали, некои поголеми. Најголеми се секако раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Нагласувам, не членовите, не симпатизерите, не почитувачите на овие партии и идеи, туку раководствата. Како и кај секој дил со дрога станува збор за огромни профити, за борба за територија и се разбира, платенички банди кои го овозможуваат егзистирањето на продажбата. И босови. Моќни, недопирливи.

Секој изборен циклус се претвора во најголема распродажба на дрога. Во огромни количини и од секаков квалитет. Цела нација станува комплетно надувана и се губи било каква свест за рационално, логично и нормално. А босовите  се договараат. На тајни и јавни средби. Директно или преку телали. Ако не се договорат ги пуштаат своите војници да се испотепаат. Се додека не се утврди моменталната распределба на моќта.

И дрогата може повторно да потече по улиците.

2.     Јас ја замислувам ЛДП како партија која може да биде поинаква.  За да биде поинаква таа не смее да влези во бизнисот со дрога. Под никакви услови и за никаква награда. Мора да се откаже од лесниот начин на стекнување профит и да прозбори за реалноста со која треба да се соочиме.

Не смее ниту да ја прифати играта на главните дилери кои не бираат средства во освојувањето на просторот. Не смее да лиферува спотови како овој. Тоа е филмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, филм на меѓусебно обвинување, плукање, нарушување на достоинството, омаловажување и негирање. Некреативен, сто пати извртен филм, во кој може да налепиш истоветен текст под главните ликови. Не е филм на партијата во која што се зачленив.

И не смее да западне во стапицата на задоволување на индивидуалните потреби и желби преку индивидуално дефинирани активности. Мора да се направат системски промени кои ќе овозможат индивидуите да ги остварат своите потреби. Само градењето на систем на правила, процедури и критериуми може да ги заштити луѓето, бизнисите, државата на подолг период од 1 месец или 1 година.

Што значи тоа? Не е доволно некој да вети и да оствари запослување. Не е доволно некој да вети и да даде тендер, ниту пак да вети и да овоможи градба. Така не се гради системот туку така се руши. Така се создава привид на исполнување на ветувањата, а се задоволуваат потребите и интересите на исклучително мала група на одбрани. Па дури и во однос на таа мала група станува збор за привид.  Така само се создаваат должници кои треба да ми вратат, така се овозможува кога ќе дојде некој друг на власт да го направи истото и јас да не бидам крив, и така, жртва на крај секогаш останува граѓанинот.

Системот се гради кога ќе има однапред познати правила на игра, кои се почитуваат и чие непочитување се казнува. Системот се гради тогаш кога има институции кои го прават криминалот неисплатлив и тогаш кога квалитетот е признат и награден

И ако навистина сака да стане партија на промена ЛДП не смее да прави компромиси во врска со основните принципи и базични вредности и не смее да отстапи од нив во ниту еден поединечен случај независно кој е засегнат со тоа.

3.      Мислам дека оваа партија има внатрешен потенцијал. Вистинско знаење, стручност и професионалност. Има потенцијал за развој на внатрешната демократија како предуслов за градење на  демократското општетсво.

Има потенцијал да понуди реалност, а не халуцинација. Реалност во која ќе сфатиме дека живееме во мала, сиромашна држава за која не постои вистински политички интерес на меѓународен план. И дека може таа мала сиромашна држава да ја претвориме во удобно место за живеење на своите граѓани само со напорна и тешка работа, а не со дилање дрога.

Мислам дека има потенцијал да ги согледа грешките на другите, но и сопствените. Да се соочи со нив и да не ги повтори.

Јас се зачленив во партија за која мислам дека може да го оствари ова. Можеби грешам. А можеби и не. Времето ќе покаже дали ЛДП може да помогне да излеземе од канџите на дрогата. Меѓутоа едно е сигурно, тоа не може да го направи без помош и учество на граѓаните. Партијата може да биде предводник, може да биде и алатка, но во никој случај не може да биде основниот носител на промената.

КОМПЛЕКСНОТО ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА-ПРОБЕН БАЛОН ЗА ЛЕГАЛИЗИРАЊЕ НА ДИКТАТУРАТА

Прво неовластено влегоа.

Потоа започнаа хајка.

Следно беше противзаконско лишување од слобода.

Заврши со фактичко оневозможување на работата на А1.

Започнаа со етикетирање на неистомислениците.

Продолжија со сеопшт грабеж.

Се поткрепија со медиумски кампањи и воскреснување на Гебелс.

Завршија со искористување на украдените пари за формирање на партиски НВОа, партиски медиуми, партиски универзитети, партиски синдикати.

Не, не е доволно пратениците да излезат од Парламентот. Јас лично мислам дека не треба да излезат.

Или треба да го окупираат или треба да дадат оставка. Се друго е фарса во која што тие лично ништо не губат и ништо не ризикуваат, а секако и ништо не постигнуваат.

ЗА ЛУСТРАЦИЈАТА, ИЛИ, РЕТРОКОМУНИЗМОТ НА ДЕЛО

За лустрацијата се изјаснив уште многу одамна и ги прогнозирав сите овие глупости кои што се случуваат денес кога почна да се практикува. Сакам само накратко да потсетам на основните проблеми:

1. Не смее да има лустрација без да бидат опфатени луѓето од МВР. Имено токму полицајците и службениците на ДБКА и слични служби се тие кои тепале, уништувале животи, убивале и сакателе. Не може да го судиш тој кој што давал информација, а да го заборавиш тој кој што ја барал и употребувал на (не)соодветен начин таа информација

2. Крајна глупост е да се прави лустрација после 20 години од промена на системот. Лустрацијата се прави непосредно по промената со цел на раководни и одлучувачки места да не дојдат луѓе кои ја стекнале својата позиција во општетсвото не заради своите квалитети туку заради тоа што ги цинкареле соработниците, комшиите, роднините.

3. Лустрација после 20 години од промената значи дека одреден број луѓе (баш оние најмоќните) имале можност да си ги соберат документите од архивите и да остават да се уништува боранијата.

4. За да има потреба од лустрација треба да има јасен след меѓу нечија информација и големи негативнби последици по конкретен човек или група луѓе. Имено, лустрацијата како политички чин е апсолутно неправна. Со лустрацијата се негира неповратноста на законите, т.е. забраната еден закон да важи за дејствија кои се случиле пред него. Еве замислете, утре владата донесува закон со кој се вели дека пишувањето на блогови се казнува со 10 години затвор и дека овој закон ќе важи 20 години наназад. Значи, како политички акт, лустрацијата има за цел не казнување на информаторите, туку оневозможување тие да го жнеат профитот од своето дело (соодветна позиција), односно, обид да се рехабилитираат одредени луѓе кои заради нив биле казнети.

Изјавата на премиерот дека треба сите да се лустрираат и изјавите на претставници на СДСМ, ДПА и слични поврзани со масовноста, транспарентноста и обемот, се показател и на големо незнаење, меѓутоа и на желба за искористување и на овој институт за селективно справување со “неподобните“. По што тогаш лустрацијата се разликува од актот на оние кои ги повредиле правата на луѓето во претходниот систем?