НЕ ГОСПОДИНЕ ВАЈГЛ

Не ни помагате господине Вајгл да ја изградиме демократската држава која се потпира на правото.

Демократската држава која се потпира на правото не се гради со тоа што ќе ги шетате нашите избраници по белиот свет да преговараат и да се договараат надвор од очите на оние кои ги избрале.

Ние граѓаните ја доведовме оваа политичка гарнитура на власт за да нема тајни преговори, за да може граѓаните да го имаат првиот и последниот збор во секоја одлука, за транспарентноста да стане незаобиколлив сегмент на секој процес на одлучување, за да почнат да функционираат институциите и да се спроведуваат процедурите и пред се, за да се раскрсти со начинот на владеење на узурпаторите на власта кои не окупираа последните години.

Со Вашиот предлог се обесмислува работата на сите формирани комисии, се негира работата на сите домашни експерти, но пред се омаловажуваат граѓаните кои повторно треба да се претворат во пасивна маса која стои настрана и чека да види што решил некој зад затворени врати.

Не господине Вајгл, јас лично не прифаќам да се преговара надвор од институциите и надвор од со закон предвидените процедури затоа што така не се гради демократска држава во која владее правото, туку нов вид диктатура која ни кажува дека сите се исти.

Вашиот предлог господине Вајгл го сметам како обид да се негира и самата можност за вистинска промена и повик да се легитимизира неправото на чии крилја се уште летаат претставниците на криминалната банда која ја симнавме од власт.

Бандата треба да заврши во затвор, а не да се обидуваме со неа да другаруваме и да создаваме услови во кои криминалот се исплати.

Сега не е време за намалување на разликите и договарање туку обратно, потенцирање на разликите како прв чекор кон декриминализација на Собранието кое е впрочем и срцето на секоја демократска држава.

 

 

Т У Ж Б А ДО УПРАВЕН СУД -СКОПЈЕ – ТУЖБИТЕ СЕ КОМЕНТИРААТ

Врз основа на член 6 од Европската конвенција за човековите права а во врска со Заклучокот на Врховниот суд на Република Македонија од 8.06.2010 по Предмет на Европскиот суд за човекови права 27736/03, врз основа на член  5, 6 и  8 од Законот за судовите, член. 2  член 10 член 19 и член 55 од Законот за управните спорови; член 17, член 18 и член 34 од Законот за спречување и заштита од дискриминација; член 2, член 4, член 5, член 7 и член 8 од Законот за спречување на судир на интереси, а во врска со член 114 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесувам тужба против Одлуката за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија и објавена во Службен Весник бр. 17 од 29.12.2010 година.

Сметам дека со донесувањето на оваа одлука Собранието на Република Македонија избра членови кои не исполнуваат дел од законските критериуми, односно, ги исполнуваат на пониско ниво од нивото кое што го исполнувам јас, односно дека:

1. неправилно е применет Законот за спречување и заштита од дискриминација во  однос на критериумите за избор на членови на Комисијата

2. во постапката која му претходела на актот не е правилно утврдена фактичката состојба и од утврдените факти е изведен неправилен заклучок во однос на фактичката состојба.

3.во процесот на изборот и именувањето јас сум дискриминирана врз основа на политичка припадност, личен статус и уверување.

Врз основа на ова барам судот да ја поништи Одлуката за именување на членови на Комисијата за заштита од дискриминација и да му наложи на Собранието да ја повтори постапката за именување.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

1.

Во донесувањето на Одлуката за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија неправилно е применет Законот за спречување и заштита од дискриминација во  однос на критериумите за избор на членови на Комисијата заради тоа што именуваните членови на Комисијата: Ризван Сулјемани, Агим Њухии, Ирена Ѓорѓиева и Даниела Пауновска не ги исполнуваат условите од став член 18 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Според Законот за спречување и заштита од дискриминација, член 18: членот на Комисијата за заштита од дискриминација треба да има високо образование и искуство од областа на човековите права или општествените науки.

Од горните два става произлегува дека основен критериум за избор на идните членови на Комисијата се нивото на образование и теориското и практично искуство од областа на човековите права.

Според биографиите дадени од самите кандидати (а врз основа на кои е вршено именувањето): Ризван Сулејмани, Агим Њухии, Ирена Ѓорѓиева и Даниела Пауновска немаат никакво теориско или практично искуство од областа на човековите права. Бидејќи ова е основен услов за членување во новоформираната Комисија, Изборната комисија не смеела овие кандидати ниту да ги стави во изборната процедура ниту во потесен избор а уште помалку да ги предложи пред Собранието, а Собранието да ги именува.

Доказ бр. 1:

Одлука за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија објавена во Службен Весник бр. 17 од 29.12.2010 година, биографии на кандидати според Предлог одлука на Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија од 24.12.2010 година

2.

Имајќи предвид дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата била должна да ги утврди правните аспекти на изборните услови, извесно е дека требала и морала да побара законски одредби кои дефинираат што е „искуство” и уште попрецизно – искуство од определена област што може да се примени и во релевантната област (применуивајќи го принципот mutatis mutandi). Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја направела квалитетно својата работа, релативно лесно ќе дошла до дефинициите или парадефинициите на професионално искуство (во Законот за признавање на професионалните квалификации), односно, соодветно искуство (во Законот за државни службеници, Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Законот за Академијата за  судии и јавни обвинители, Законот за јавните службеници),  каде јасно се дефинира дека под искуство се подразбира или искуство во струката или искуство во работењето во конкретна област.

Доказ бр. 2:

Членови од спомнатите закони.

3.

Во постапката која му претходела на актот не е правилно утврдена фактичката состојба, а во самиот изведени се неправилни заклучоци во однос на истата.

Во Предлог на одлуката на Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија нема никакво образложение за предложените кандидати-членови на Комисијата за заштита од дискриминација. Од ова произлегува дека воопшто не е утврдена фактичката состојба и дадениот предлог не се базира на фактичката состојба туку на непоткерепено и самоволно решение на мнозинството членови на оваа комисија.

Во прилог на ова зборува и дописот испратен од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата (Илија Димовски) со кои се враќаат документите поднесени во врска со Огласот за именување на членови на комисијата за заштита од дискриминација, а во кој, нема никакво образложени за причините за враќање на документите, постапката на избор, предлагање и конечно именување на членовите на Комисијата.

Токму таа Предлог-одлука, во неизменета форма е изгласана од Собранието на Република Македонија и усвоена како одлука. Произлегува дека и самото Собрание донело непоткрепена и произволна одлука наместо одлука базирана на закон.

Доказ бр. 3:

Предлог одлука на Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, Допис за враќање на документи потпишан од Илија Димовски

4.

Во утврдувањето на фактичката состојба не е земен предвид судирот на интереси (согласно со Законот за спречување на судир на интереси) кој постои кај дел од именуваните (меѓу именувањето за член на Комисијата за заштита од дискриминација и нивното актуелно вработување).

Судир на интересите може да се утврди кај:

–        Даниела Паунова – вработена во Собранието

–        Ленче Коцевска – вработена во Министерството за труд и социјална политика

–        Душко Миновски – државен советник во Министерството за труд и социјална политика

Актуелното вработување на членовите: Душко Миновски, Ленче Коцевска и Даниела Паунова, во Министерството за труд и социјална политика, односно, во Собранието на Република Македонија, ги доведува во судир на интересите со остварувањето на функциите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според членот 8 од Законот за спречување на судир на интереси: „службеното лице во време на извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да врши никаква дејност која може да влијае на непристрасно вршење на јавните овластувања и должности.”

Според Законот за спречување и заштита од дискриминација (член 24) членовите на Комисијата ќе треба да постапуваат по претставки на граѓаните и да поведува постапка пред надлежни органи поради сторени повреди на Законот од физички и правни лица, односно, и од страна на државните органи во областа на работните односи, социјалната сигурност и заштита, инвалидското осигурување, пристап до добра и услуги, правосудство и сл. Како вработени во министерство, односно, Собрание на Република Македонија, спомнатите членови на Комисијата имаат директен материјален интерес (задржување на работно место и позиција) да не постапуваат по ваков вид на претставки.

Од овде јасно произлегува дека вработувањето на спомнатите членови е во директен судир со член 8 од Законот за спречување на судир на интереси.

Во случајот на Даниела Пауновска постои уште потешка квалификација на судирот. Имено, таа е вработена како советник во Комисијата за одбрана и безбедност со што, спротивно на член 4 од Законот за спречување на судир на интереси, е директно привилегирана уште во процесот на избор (во однос на поддршката која што ја добива од директно надредениот пратеник – претседател на Комисијата, но и поддршката и контактите со останатите пратеници, како и достапот на информации).

Доказ бр. 4:

Одлука за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација (Служебн весник бр. 170 од 29.12.2010)

5.

Сите именувани членови имаат пониски квалификации за дадената област од моите. Доколку образованието и искуството во областа на човековите права се единствени критериуми за избор на членови на Комисијата, тогаш ниту еден од кандидатите го нема моето теориско и практично знаење.

Доказ бр. 5:

Моја селектирана биографија со елементите кои го докажуваат моето лично искуство во областа на човековите права.

6.

Во постапката за именување јас сум дискриминирана заради тоа што се именувани членови кои или воопшто не ги исполнуваат поставените услови од Законот за спречување и заштита од дискриминација или ги исполнуваат на видливо пониско ниво од моето.

Врз основа на дискусијата која што се водеше во Собранието на 130-та седница може да се утврди дека моето именување е доведено во прашање заради мојата политичка припадност, личниот статус и уверувањето.

Доказ бр. 6:

Стенограми од седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 27.12.2011 година (http://www.sobranie.mk/?ItemID=2547F32CBD6B7D409453ACB1CAB201A3)

Во докажувањето на направената дискриминација барам да се примени член 38 од Законот за спречување и заштита од дискриминација во однос на товарот на докажување на дискриминацијата.

Од горното сметам дека во постапката и со донесувањето на Одлуката за именување на членови на Комисијата за заштита од дискриминација донесена од страна на Собранието на Република Македонија на 2.12.2011 година:

1. Прекршен е Законот за спречување и заштита од дискриминација

2. Прекршен е Законот за спречување на судир на интереси и

2. Направена е дискриминација врз основа на политичка припадност, личен статус и уверување

Заради сето тоа Судот треба да донесе одлука за поништување на одлуката на Собранието и да побара повторување на постапката за именување.

Т У Ж И Т Е Л

Проф. Д-р Мирјана НАЈЧЕВСКА

Закон за спречување и заштита од дискриминација, Службен весник на Република Македонија бр. 50 од 13.04.2010 г.

Чл. 26

Чл. 9 и 39

Чл. 9

Чл. 25

Чл. 3 и 15