НЕЗНАЕЊЕ СПАКУВАНО ВО НАУЧНА ОБЛАНДА

Деновиве прочитав неколку студии од млади истражувачи, аналитичари, експерти, или како и да се нарекуваат, во кои, меѓу другото, се спомнуваат и односите во поранешниот политички систем во Македонија и СФР Југославија.

И да ви кажам право малку ми здосади да слушам што се сум немала, што се сум била присилена да правам, што се ми било ограничено во текот на мојата младост и во дел од мојот позрел живот.

Толкаво арогантно непознавање на еден систем, толкаво безобзирно извлекување на работите надвор од контекст и толкава бескрупулозна едностраност во толкувањето на односите, одамна не сум видела.

Не сум сигурна дали станува збор за незнаење, или за недостаток од валидни информации, или за неспособност да се вкрстат сознанијата, или едноставно за перење на мозок, ама да ви кажам право преку глава ми е од лажното прикажување на моето минато.

И не е работата само во тоа што станува збор за еден куп полувистини, невистини или извртени вистини кои мене лично ме револтираат.

Станува збор за тоа дека на тој начин не можат да се оддвојат добрите од лошите работи на еден систем. Па да се гради врз позитивните искуства, а да не се повторуваат грешките. Станува збор за лажно прикажување на корените на одредени проблеми со кои денес се судираме. Станува збор за негирање на една прекрасна идеја која во многу сфери била практично имплементирана и овозможила добар живот на голем број луѓе.

Не, бре, не е точно дека сум била присилена да бидам член на СКМ. не е точно дека тие кои не биле членови не можеле да напредуваат во кариерата. Не е точно дека сум била присилена да членувам во младинската организација. не е точно дека религијата се практикувала тајно и дека луѓето биле казнувани за тоа. Не е точно дека немало партиципативна демократија и дека не се слушал гласот на граѓаните. Не е точно дека се судело по директива на партијата. Не е точно дека немало услови за побуна, …

Деформациите и недоследностите на еден систем не го дефинираат тој систем.

Ве молам, дајте бре учете од тоа што било добро, наместо да ставате печат на забрането. И учете од тоа што било лошо, наместо да го заборавате и одново и одново да го повторувате.

РЕТРОКОМУНИЗАМ

Република Македонија никогаш не излезе од социјализмот. Таа само почна да ја живее најнегативната утопија на овој политички систем базирана на една сосема нова творба: РЕТРОКОМУНИЗАМ.

Ретрокомунизмот ги има сите негативни карактеристики кои успеа да ги продуцира социјализмот во своите најдевијантни застранувања: едноумие, полициска диктатура, монопол на моќта, отсуство на контрола, политизирано судство, огромна неефикасна и неефективна администрација, непотизам, корупција и селективно владеење на правото. Во исто време нема ниту една од позитивните карактеристики на социјализмот, кои успеваа да опстојат дури и во најголемите отстапувања од базичниот идеал: социјална сигурност, солидарност, работа, образование за сите, здравствена заштита, грижа за немоќните, родова рамноправност, грижа и заштита за децата.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ не е една политичка опција. Тој е филозофија на живеење и на владеење на различни партиски структури, носители на власта и политички водачи во Република МАкедонија.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ ги присвои сите материјални добра градени со децении и им ја одзеде можноста на граѓаните да имаат било каква контрола врз парите што ги дале, што ги даваат и што ќе ги даваат на државата.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ ги извади на виделина сите гадинки дотогаш затскриени под камењата, во некоја кал или во баруштините. Не само што ги извади на виделина туку ги постави на раководни места и им даде задача да уништат се што знае, се што умее, и се што може да направи нешто паметно и корисно.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ го уништи образованието и успеа да создаде систем кој продуцира нови гадинки. Генерации и генерации затупени, корумпирани, безидејни, мрзливи, полтронски следбеници на различни сорти на груевци и црвенковци и ѕинговци и бајрамовци и ахметовци.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ си постави за задача да ја уништи идејата на комунизмот затоа што некој може да препознае колку е самиот тој само искривена слика во огледало на идеализираниот систем замислен како можна перспектива на развојот на човештвото.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ не смее да дозволи било каков пробив ниту на либералното сфаќање на индивидуата како слободна, самостојна и силна, затоа што може да опстојува само во загушливиот простор на обезличената маса која базди на евтин национализам и се замајува со сладуњавите испарувања на институционализираната религија.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ не го плашат конфликти, ниту вооружени банди, ниту територии на кои не смее да стапне полиција, ниту лоши односи со комшиите, ниту економска криза ниту меѓународна бламажа. Тој се храни од стравот и несигурноста на населението, се размножува во хаосот и расте во недовербата.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ се плаши од правила, процедури и криетриуми, се плаши од јавност во работењето и од контрола над сработеното. Се плаши и од знаење, од стручност иод  професионалност. И најмногу од се се плаши од сликата на самиот себе во огледало.