ПОБАРАЈТЕ ГО СВОЈОТ ПРАТЕНИК

Според нашиот Устав и законите, пратеникот не може да биде отповикан од функцијата пратеник. Тоа значи еднаш избран, ќе си седи до крај на својот мандат независно од мислењето на тие кои го избрале и независно од незадоволството на граѓаните.

Меѓутоа, тоа не значи дека пратеникот е амнестиран од одговорност за она што го кажува во Собранието, за начинот на кој учествува во креирањето на политиките на државата и за начинот на кој гласа во конкретна ситуација.

Во текот на целиот мандат пратеникот останува “претставник на граѓаните на Република Македонија“. Не на партијата од која доаѓа, не на избирачите кои го избрале, туку на граѓаните.

“Пратеникот има право и должност да ги информира избирачите за извршување на своите и на обврските на Собранието“.

“Пратеникот е должен да прима мислења и предлози од избирачите и истите да ги има предвид во своето работење и одлучување“.

Бидејки е очигледно дека Владата нема намера да ги слушне граѓаните (Министерството за образование и наука ги затвори вратите за студентите и не ги пушта на јавната расправа за државниот испит), ниту пак да ги земе предвид нивните загрижи (Нема одлагање на плаќањето продонеси за хонорари), мислам дека е време граѓаните да ги побараат своите пратеници.

Граѓаните можат да им пишат на своите пратеници. И да им објаснат што мислат, што предлагаат и во кој случај ќе мислат дека пратеникот ги зел предвид нивните мислења.

Можат да ги повикаат на разговор во градовите и селата од каде што доаѓаат и каде што го добиле својот мандат. Сериозен разговор, на кој граѓаните ќе им објаснат што очекуваат од нив . и како треба да гласаат. Сериозен разговор во кој ќе им се даде на знаење дека тие доаѓаат од таа средина, тука живеат  и тука ќе се вратат по завршување на мандатот. А мандатот трае само четири години (или многу пократко).

Можат да побараат прием кај своите пратеници. Во Собранието. 5, 10, 100, 1000, 10000, граѓани можат да побараат прием кај својот пратеник со цел да му објаснат што мислат за предложените измени на законите, и што очекуваат од него како пратеник.

Затоа што, на крајот на краиштата, Владата не може да направи ништо без пратениците. А тие живеат меѓу нас. И со нас. Во нашиот комшилук.

 

“ЗБОГУМ И ФАЛА ЗА СИТЕ РИБИ“

НЕ, НЕ Е УА ЗА ФАШИСТИЧКАТА ВЛАСТ.

НЕ, НЕ Е УА ЗА ДИКТАТОРЧЕТО КЕЦАРОШЧЕ.

НЕ, НЕ Е УА ЗА ПАРТИЈСКАТА ПОЛИЦИЈА.

 

УА ЗА ГЛУПИОТ, ТАП, КРЕТЕНОИДЕН НАРОД.

УА ЗА СТУДЕНТИТЕ МУФЉУЗИ.

УА ЗА ПРОФЕСОРИТЕ ПОЛТРОНИ.

УА ЗА СИНДИКАЛЦИТЕ КОИ СЕ ПРОДАВААТ ЗА ЧИНИЈА ГРАВ.

УА ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ КОИ БАЉЕЗГАРАТ ЗА ПРАВНА ДРЖАВА.

УА ЗА ЦЕЛОТО РАКОВОДСТВО НА СДСМ КОЕ ТЕРА ГОСТЛУЦИ.

УА ЗА ЖЕРНОВСКИ И НЕГОВИТЕ ПАЈТАШИ ТРЧИЛАЖГОВЦИ.

УА ЗА СИТЕ НАС КОИ ДОЗВОЛУВАМЕ ДА БИДЕМЕ ЗГАЗЕНИ.

НАВИСТИНА НЕ ГЛЕДАМ ПРИЧИНА ВЕЌЕ БИЛО ШТО ДА ПИШУВАМ ИЛИ ОБЈАСНУВАМ.

КОГА ЛУЃЕТО НЕ МОЖАТ ДА РАЗБЕРАТ ДЕКА НЕШТО ИМ СЕ СЛУЧУВА КОГА ВАКА ЌЕ ГИ ТРЕСНАТ СО ТОКМАК ПО ГЛАВА, ЗОШТО БИ ОЧЕКУВАЛА ДЕКА НЕШТО ЌЕ ИМ ЗНАЧИ МОЈОТ ПИШАН ЗБОР.

ГОНЕТЕ СЕ СИТЕ .

ЌЕ СЕ ЈАВАМ ПОВТОРНО КОГА ЌЕ СЕ СОЗДАДЕ МИНИМУМ, ЕЛЕМЕНТАРНА СВЕСТ НА НИВО НА ШИМПАНЗИ СО КОИ МОЖЕ ДА СЕ КОМУНИЦИРА.

ДРЖАВАТА СО ВАКВА МЛАДИНА НЕМА ИДНИНА

Во секоја држава во било кое време и на било кој простор, студентите биле најпрогресивниот, најборбениот и најмоќниот глас на иднината. Тие ги предизвикувале традициите и им се смееле на табуата и ги негирале застарените клишеа.

Во секоја држава, освен во нашата.

Во нашата држава студентите не знаат да протестираат сами, не знаат да поддржат други протести и не сакаат да протестираат со професорите.

Единствениот пат кога студентите излегоа масовно да протестираат беше против отворање на друг универзитет. Во најголем број се собираат на политичките митинзи. Најлесно може да се изманипулираат со политички ветувања. Раководителите на овие протести се директори, министри и заменици министри, амбасадори или пратеници.

Денес протестираа професорите. Протестираа против бескрупулозниот упад на власта во автономијата на Универзитетот. Автономија која во светски размери е изградена и негувана многу пред современата демократија со цел во ниту еден момент да не биде загушено поинаквото мислење ниту пак да згасне оганот на знаењето. Протестираа против властодржецот кој успеа секоја струка да ја извалка, секоја професија да ја посипе со фекалии и секој професионалец да го стигматизира. Протестираа за правото да учествуваат во изработката на правилата на играта во образовниот процес.

Протестот не го поддржаа студентите. Не застанаа зад своите учители. Не мислеа дека би требало барем да се заинтересираат за што станува збор. Поминуваа покрај нив и ги игнорираа. Заминуваа од часовите и си седнуваа во кафанчињата. Не се ни свртеа.

Не се појавија ни моите ученици, студенти, постдипломци, магистранти и докторанти. Ниту оние силни млади луѓе кои поминале мои обуки и школи. Ниту сите оние кои добиле плакети, дипломи и признанија. А јас застанав зад нив.

Нема потреба од никакви евалуации и самоевалуации. Нивното недоаѓање е доволен показател дека јас не сум успеала ништо да ги научам. Потполно сум промашила како професор и како едукатор и како промотор на еден концепт.

Нивното недоаѓање значи и дека јас немам ништо заедничко со нив и свечено објавувам дека во иднина нема да учествувам во ниту една нивна активност, движење, барање, демонстрации, иницијативи.

Денес ВМРО-ДПМНЕ извојува голема победа со која го заокружи циклусот на уништување на цивилното општетсво, синдикатите, медиумите, здравството, администрацијата и се што мрда а не се покорува на власта.

Денес иднината на мојата држава беше нокаутирана.