ВЕЛАТ ОСАМА БИН ЛАДЕН Е МРТОВ

Дали со убивањето на бин Ладен САД не ја претвораат сета заложба за човековите права, за цивилизацијата и за владеењето на правото  во чиста реторика без никаква смисла?

Претседателот Барак Обама ја обзнани смртта на телевизиски пренос од Белата куќа.

“Правдата е задоволена“ рече претседателот.

“САД изведоа операција во која што е убиен Осама бин Ладен, водачот на ал Каеда и терорист кој е одговорен за убиство на иљадници мажи, жени и деца“ тој додаде.

Господинот Обама тврди дека ниту еден Американец не бил убиен во текот на операцијата и дека биле превземени мерки да се избегнат цивилни жртви“.

Што не чини во сето ова?

1.Нецивилизираност – правдата, не се задоволува со убивање на некој човек. Развиената демократија е отидена многу напред на скалилата на цивилизацијата и ја има укинато смртната казна. Правдата во современите цивилизирани општетсва се задоволива со изведување на луѓето пред суд, докажување на нивната вина во контрадикторна постапка и доколку се виновни – нивно изолирање во посебни затворени институции.

2. Неодговорност – светските моќници на ваков начин се амнестираат од било каква одговорност во однос на постоењето на тероризмот и терористичките групи кои во одредени моменти на совпаѓање на интересите биле и помалку или повеќе отворено поддржувани.

3. Двојни аршини – голем број убиства на цивили се изведени од страна на државјани на демократски држави и тие не одговараат за своите дела.

4. Арогантност – во изјавата има голема доза на ароганција базирана на дискриминација. Имено, се потенцира фактот дека ниту еден Американец не настрадал во текот на операцијата, а другите жртви се подведуваат под прорачуната колатерална штета.

5. Порака – за заштита на државјаните на одделни држави може да се пренебрегнат вредностите на концептот за човекови права, може да се наруши суверенитетот на другите држави и да се нарушат узусите на правото.

Вообичаена последица на теророт е друг терор. Во моментот кога борбата со тероризмот ќе се претвори во војна, сите луѓе стануваат можна цел и можна жртва. А крајот е вообичаено деструкција од огромни размери.

Јас не мислам дека треба да се слави смртта на бин Ладен. Јас мислам дека треба да се вложат огромни напори да се откријат корените на тероризмот, да се пресечат изворите на поддршка на тероризмот (кои многу често се базираат на економскиот интерес и интересот на големиот капитал) и да се создадат услови во кои му е тешко на тероризмот да вирее и да опстојува.

51 total views, no views today