ПОКАНАТА

Денес на врата ми дојдоа две млади момчиња во полициска униформа и ми врачија ПОКАНА која јас уредно ја примив (види прилог) потпишана од некој полициски службеник Бобан.

Ме покануваат да се видиме на 25.05.2016 во 9 часот во полициска станица Центар.

Ова поканава ептен интересно четиво испадна. Проблемот е само што дава многу чудни и противречни информации. Ама во секој случај e инспиративна.

  1. Тие што ја испратиле се повикуваат на член 279 (став 2) од Законот за кривичната постапка.

Со овј член се регулира повикување од страна на правосудна полиција заради прибирање известувања за сторено кривично дело. Ако не сакаш да дадеш известување не мораш (треба само да се појавиш – самиот или твој адвокат).

Според член 46 од Законот за кривична постапка должност на правосудната полиција е по службена должност или по наредба на јавниот обвинител да презема мерки и активности со цел за откривање и криминалистичко истражување на кривични дела, и сите мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка.

Според членот 51 од Законот за кривична постапка  правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители и за своето постапување согласно со одредбите од овој закон припадниците на правосудната полиција се одговорни пред надлежниот јавен обвинител.

Полицајците (оние двете млади момчиња) не се претставија како правосудни полицајци, Бобан (оној потпишаниот) не се претставил како правосуден полицаец, во разговорот не ми спомнаа никаква кривична постапка или налог од јавен обвинител, така што претпоставувам дека најверојатно повикувањето на членот 279 е онака, за да добие поканата во важност.

  1. Поканата понатаму се повикува и на член 43 (став 1) од Законот за полиција.

Според овој член полицијата е овластена писмено со покана да повикува граѓани заради собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи.

И според овој член, ако не сакам да дадам известување, можам слободно да си одам и не смеат повторно да ме викаат заради истите причини.

Значи, повторно, ме викаат на муабет.

  1. После сето ова објаснување дека ме викаат на муабет, се случува неочекуван пресврт во текстот, и одеднаш се појавува некаков “сторен прекршок за време на протестите“.

Во овој дел веќе не сум сигурна што сака да каже писателот.

Во поканата не се спомнува кој го направил прекршокот кој кривично се гони по налог на јавно обвинителство и за кој бараат од мене информации. Можеби ме викаат мене да им дадам информации за прекршок кој сум го направила јас? Можеби не знаат каков прекршок можат да поврзат со мене, па им треба дообјаснување, да им помогнам? Или станува збор за прекршок кој го направил некој друг па од мене очекуваат информации? Крајно неизвесно.

Во поканат не се спомнува ни за кој прекршок станува збор. Можеби сакаат со мене како професор да разговараат за поимот на прекршок? Или пак не можат да се решат па ете така си ставиле, а во меѓувреме веќе ќе решат. Во поканата не се спомнува ни закон ни член па ете така поимот прекршок лебдее во воздухот отворен за сите можни толкувања.

Во поканата се спомнуваат “демонстрациите“. Нема ништо подетално на кои демонстрациите се мисли. . И јас не сум сигурна за кои демонстрации станува збор. Јас сум била на толку многу што престанав да водам веќе рачун. Ете, неодамна бев во Охрид па можеби мислат на тие демонстрациите или на оние во Берово, или на Тетово, или Велес или … Многу интригантно ова со демонстрациите.

Во секој сличај, можам да им помогнам кога станува збор за демонстрациите на ГДОМ. Е за овие демонстрациите може да се направи листа (по азбучен ред) на прекршувања на неколку закони, а богами и кривични дела и прекршувања на меѓународни договори, па и неколку членови од Уставот.

И тоа со прекршок за време на демонстрациите е некоја метафора или стилска фигура? Не сум сигурна. Бидејки демонстрациите по својата суштина се нарушување на јавниот ред и мир (најмалку на членовите 4, 8 и 13)  најверојатно станува збор за нешто кое сум го направила додека сум била на демонстрации а кое излегува надвор од нивната содржина. На пример сум се опијанила па сум почнала да пеам (што може дури и под кривична одговорност да потпадне), сум организирала борба на животни, сум се оддала на уживање на наркотични дроги, …  или нешто слично.

Ама ако сум добила казна за прекршок (кој и да е од горе наведените, посебно за пеење – жими мајка не пеев) не знам зошто би ме канеле на муабет. Казната се испраќа по пошта. Може и по електронска дури. Па си има жалбена постапка, па суд. Па докажување. Па казна за вознемирување со неосновани обвиненија. Се по ред.

Едвај чекам да видам како понатаму ќе се развие оваа покана. Станува прилично напнато и секој пресврт може да биде интересен.

Прилог – Поканата

Picture1

195 total views, no views today

ВМРО-ДПМНЕ ИЗМАМНИЧКА

На ВМРО-ДПМНЕ веќе не му е важно прочистувањето на избирачкиот список.

Тие си направија стратегија како да обезбедат добивање на изборите (се нешто се мислам дека ова е идеја на Хан). Со нашите пари и од позиција на власт ќе корумпираат огромен број луѓе (било со давање или со заплашување за одземање). Во услови на потполна партизација на судството, ова е отворена корупција направена со амин на Комисијата за спречување на корупција.

На 21.01.2016 година (четврток) Владата (онаа преодната формирана со цел обезбедување фер и демократски избори) донела заклучок да побара мислење од Комисијата за спречување на корупција. Барањето го испратила до комисијата на 22.01.2016  (петок). Комисијата (како и секогаш до сега) итно се состанала и на 25.01.2016 (понеделник) веќе испратила одговор. Одговорот е испратенн (уште истиот ден) до сите министерства со цел постапување по истиот.

Според одговорот на комисијата во периодот од формирање на предоната влада (онаа преодната формирана со цел обезбедување фер и демократски избори) до донесувањето одлука за распишување на изборите:

  • Може да се вработува во јавната и државната администрација
  • Може да започнат нови повеќегодишни јавни набавки кои се внесени во годишниот план за набавки
  • Може да се менуваат и именуваат директори во сите државни институции
  •  Може да се менуваат и именуваат членови на управни и надзорни одбори
  • Може да се менува надоместокот за членови на органи на управување, фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, регулаторни тела, трговски друштва и сите други институции во надлежност на државата
  • Можат да се даваат на користење недвижни и движни ствари
  • Може да се донесуваат решенија од работни спорови, управни постапки и инспекциски надзор
  • Може да се спроведуваат постапки за давање концесии и приватно-јавно партнерство
  • Може да се склучуваат концесии за дивеч, риби, пасишта и слично
  • Може да се донесуваат одлуки за геолошки, минеролошки и други истражувања
  • Може да се одлучува за пренос на удели на нови инвеститори за минерални суровини
  • Може да се укине концесија или еднострано да се раскине договор за концесија за експлоатација на минерални суровини
  • Може да се донесе одлука за избор за доделување концесија
  • Може да се носат одлуки за распоредување финансиски средства (врз основа на претходо донесени програми)
  • Може да се даваат или продолжуваат позајмици
  • Може да се доделуваат лиценци за вршење здравствена дејност
  • Може да започнат постапки за поднесување урбанистичка планска документација
  • Може да се продаваат општетсвени станови
  • Можат да се носта и одобруваат годишни планови и програми
  • Можат да се прифаќаат или одбиваат понуди за продажба на недвижен имот
  • Може да се донесе одлука за ослободување од плаќање радиодифузна такса
  • Може да се даде на трајно користење државно земјиште
  • Може да се дава под закуп земјоделско земјиште
  • Може да се врши пренамена на земјоделско во градежно земјиште
  • Може да се отстапуваат одземени предмети
  • Може да одлучуваат колку студенти ќе се запишат на сите нивоа на образование
  • Може да се потпишуваат договори за основање нови трговски друштва
  • Може да се извршат нови задолжувања
  • Може да се издаваат лиценци и дозволи
  • Може да се ангажираат лица со склучување авторки договори во сите државни органи
  • Може да се издаваат државјанства
  • Може да се именуваат почесни конзули
  • Може да се доставуваат предлози до Хорхе за именување и отповикување на амбасадори

Ако не ве мрзи прерачунајте колку гласачи се содржани во горните ставки.

Според групата независни експерти ангажирани од страна на ЕУ  треба да се направи посебен извештај за корупцијата зато што

корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата.

Прва приоритетна препорака на ОБСЕ

Органите на власт треба да изразат поголема политичка волја да осигурат доволно одвојување на државата од активностите на политичките партии и да преземат енергични чекори во борбата против каква било форма на притисок врз избирачите.

99 total views, 2 views today

ЗОНА НА СОМРАКОТ – МАКЕДОНИЈА или ШТО МИСЛИ ГРУЕВСКИ ЗА НАРОДОТ

Обраќањето на Никола Груевски  по повод денот на независноста на Република Македонија, дава ново значење на поимот ЗОНА НА СОМРАКОТ и експериментот Филаделфија.

Што ни кажа Премиерот во своето обраќање на 8.09.2015 година?

Премиерот ни соопшти дека на овие простори од секогаш живеел еден народ, но и други граѓани од различни етнички заедници и религии за кои Бог одлучил да  живеат на овие простори. Тој народ имал една мисла, да формира своја држава, која ја формирал во 1991 година, после формирањето на сопствена држава по Втората светска војна

Премиерот не поучи дека во 1991 година Македонија се ослободила од повеќеилјадигодишното ропство  кое настапило по пропаѓањето на империјата на Александар Македонски, а која низ вековите останува синоним со кој се поврзуваат   и идентификуваат луѓето кои живеат на овој простор.

По признавањето на државноста која била остварена по Втората светска војна, како резултат на борбата предводена од комунистите,  следела мачна борба за сопствена државност во која народот морал да се да се избори со комунистите кои го признале постоењето на малите народи и ја признале државноста на Македонија.

Вистинските борци и маченици за слободна Македонија, се пратениците од првиот пратенички состав на Собранието на Република Македонија од 1991 година,  кои успеале по цена на невидени ризици, напори и маки да ни ја донесат слободата, а посебно место во борбата за слобода на Македонија има Јордан Мијалков како министер за внатрешни работи.

Конечната битка започнала со референдумот за нзависност во кој сите што живеат на овие простори го дале својот глас. Од тој момент Македонија континуирано напредува и реди успеси. На тој пат на успехот НАТО и ЕУ остануваат на врвот на нашите приоритети, а попатно ќе спроведуваме и реформи кои ни ги бараат.

Во натамошниот напредок се судираме со неколку помали проблеми:

Прв проблем е јужниот сосед (оној, чие име не се изговара). Според Премиерот, тој проблем може многу едноставно да се реши до компромис кој би се состоел во тоа што соседот чие име не се изговара ќе се согласи  да седне на маса, на еден искрен муабет после кој ќе признае колку грешел сите овие години.

Втор проблем е слабата и неспособна опозиција која не може да и парира на владеачката партија и која мора да биде зајакната. Оваа и ваква опозиција е виновна за лошиот успех на учениците и поттикнува лошо и неквалитетно образование, го стимулира незнаењето и ја гради својата политика врз незнаењето (посебно на математиката) и  ја упропастува светлата иднина на генерациите ученици со ветување дека нема да мораат да учат математика.

Трет проблем е марихуаната која не смее да се легализира затоа што ќе направи многу лоши работи.

Четврт проблем се сиромашните бегалци кои се спремаат да нагрнат на Македонија, а немаат пари за превоз и кои имаат различни култури, различен степен на образование, различни религии, обичаи и начини на размислување и делување (што ги прави посебно опасни).

Петти проблем е Охридскиот рамковен договор, кој ги уништил меѓучовечките односи, меѓутоа, за среќа се појавиле поплавите кои повтрно ги приближиле луѓето едни кон други.

Шести проблем се жените кои не внимаваат на својот фертилитет, меѓутоа Владата нашла успешни решенија и раѓањето деца го претворила во најмодерна и најкултурна работа.

Владата е исправена пред голем предизвик  заради тоа што треба да се справи со  народот кој нема основни морални вредности, кој има отпор кон учењето и знаењето; мора да се посвети на провлекување способни бизнисмени – странци, заради тоа што овие домашните се потполно неспосбни; има задача да ги среди   неспособните наставници кои не прават никакви проверки на знаењето, не спроведуваат никакви тестови освен кога државата ќе ги прсили да прават екстерно тестирање и  кои најчесто се корумпирани, необјективни, подмитливи; со луѓето кои печалат пари, а кои не ги сакаат своите деца, немаат време за нив и ги подмитуваат наставниците; со младите кои се здружуваат и искажуваат поинакво мислење од она на власта што е катастрофално за општетсвото; со администрацијата во која се до 2015 се вработувале неспособни незналици без никакви квалификации, заради тоа што се до тогаш знаењето воопшто не било критериум при вработувањето во државната администрација.

Свесна за огромниот политички ризик Владата сепак се решава да ја воведе математиката како испит во матурата заради тоа што без математика  луѓето се интелектуално инфериорни и во исто време  прави грандиозни чекори кон постигнување поголема правичност со интензивно и секојдневно менување на сите закони кои претходно ги донела таа самата.

95 total views, no views today

МЕЃУНАРОДНИОТ ФАКТОР ПРЕТСТАВУВА НУЖЕН КАТАЛИЗАТОР. НА ИСТО НИВО КАКО И ВО ВРСКА СО КОНФЛИКТОТ ОД 2001 ГОДИНА

Европската комисија нема да праќа експерти за набљудување на процесирањето на случајот “Пуч“.Странците не се мешаат во внатрешни прашања на независни и самостојни држави.И многу е важно да се каже дека политичкиот дијалог треба да се одвива внатре, нагласувам внатре во парламентот.Брисел нема магична формула за решавање на македонската криза.

Вака е во 2015 година.

Меѓутоа во 2001 година меѓународната заедница немаше ракавици и најотворено се вмеша во конфликтот.

Се поставува прашањето: зошто меѓународната заедница толку спремно реагираше во ситуација на конфликт меѓу две етнички заедници и во ситуација кога се постави прашањето за повреда/ограничување на правата на една етничка заедница, а со толкава голема резерва се поставува кога станува збор за конфликт кој не е етнички базиран (иако несомнено има импликации и на меѓуетничките односи), меѓутоа се темели на многу пошироки и подлабоки прекршувања на човековите права?

Дали Македонија треба да влезе во крвава граѓанска војна, за да предизвика соодветна реакција, и, наместо превентивно, меѓународната заедница да делува во ситуација на отворено насилство?

Дали тогаш ќе правиме нов Охридски договор и ќе започнуваме процеси на помирување и залечување на отворените рани?

Доколку тргнеме од претпоставката дека во Охридскиот рамковен договор е направен обид за разрешување на основните јазли кои го продуцираат меѓуетничкиот конфликт, интересно е да се погледне на овој договор низ призмата на актуелниот, “не меѓуетнички“ конфликт.

 

Охридски рамковен договор – 13.08.2001 ????? – 13.04.2015
Точките во наредниов текст даваат усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и Евро-атлантската заедница. Овој Рамковендоговор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество,истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани. Ова е дефинитивно актуелна заложба која произлегува од длабоко нарушените демократски вредности, отсуството на било каков, а камоли хармоничен, развој и отсуството на почитување на интересите на сите македонски граѓани.
Основни принципи
1.1. Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.  

Проблемот на насилството постои и во актуелниот момент, како:

–       Насилство врз пратениците во парламентот

–       Насилство врз политичките неистомисленици

–       Насилство врз граѓанскиот сектор

–       Насилство врз новинарите

–       Насилство врз сите оние кои имаат поинакво мислење од владеачката структура

–       Насилство врз секој кој поставува прашања или не се согласува со политиките и активностите на властодржците

 

1.2. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактерна државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.  

Актуелната власт ја дели територијата на Македонија , покрај другото, и според „политичка припадност“: општините каде опозицијата е на власт се поинаку третирани од оние „нашите“.

 

1.3. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.  

Доколку наместо мултиетничкиот карактер, го поставиме плуралитетот, слободата на мислата и правото на слободно изразување на сопственото мислење како пандан на едноумието, ова барање е суштинско во актуелниот момент.

 

1.4. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.  

Имајќи го предвид предлагањето уставни промени без јавна расправа и спротивно на стандардите на меѓународната заедница, оваа одредба може потполно идентично да се примени на актуелната состојба. А и постоечките одредби на Уставот важат само за партиските активисти или највисоките ешалони на партиите на власт, и тоа само кога тоа е во нивна полза.

 

1.5. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.  

Отсуството на партиципација на граѓаните во одлуките на локалната самоуправа и отсуството на било каква јавна расправа за прашањата од нивни интерес, претставува еден од базичните проблеми и извори на конфликтот.

 

2. Прекин на непријателствата
2.1. Страните го истакнуваат значењето на заложбите од 5 јули 2001 година. Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи, и нивно целосно доброволно распуштање. Тие го прифаќаат фактот дека за донесување Одлука од страна на НАТО да помогне во овој контекст, ќе биде потребно воспоставување општ, безусловен и неограничен прекин на огнот, согласност за политичко решение за проблемите на оваа земја, јасна заложба на вооружените групи доброволно да се разоружаат, и прифаќање од сите договорни страни на условите и ограничувањата во рамките на кои ќе делуваат силите на НАТО. Исклучително актуелно! Власта има монопол на вооружените полициски и параполициски структури, но ги користи како „партиски вооружени сили“!!! Итно потребно разоружување и распуштање на параполициските структури, а полициските структури да излезат од партиските рамки.
3. Развој на децентрализирана власт
3.1. Ќе биде усвоен ревидиран Закон за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници, и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот (како што е измените во согласност со Анекс А) и Европската повелба за локална самоуправа, при што ќе се одрази принципот на вертикална организираност кој што во моментов важи во Европската унија.Зголемените надлежности пред се ќе се однесуваат на областите на јавните услуги,урбаното и руралното планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата, локалните финансии, образованието, социјалната заштита

и здравствената заштита. Ќе се усвои Закон за финансирање на локалната самоуправа за да се обезбеди соодветен систем на финансирање, за на локалните власти да им се овозможи да ги исполнуваат сите свои надлежности.

Отсуството на вистинска децентрализација и деконцентрација на власта и подведувањето на локалните интереси под капата на партиските интереси, претставува проблем со кој во моментов се соочуваат сите граѓани на Република Македонија. Одлучувањето е поместено на централно ниво и секое спротивставување се санкционира или се вложуваат вонправни или се злоупотребуваат правните инструменти за „контрола на непослушните“.
3.2. Во рок од една година по завршувањето на новиот попис, кој под меѓународен надзор ќе биде спроведен до крајот на 2001 година, ќе бидат ревидирани општинските граници. Ревизијата на општинските граници ќе биде спроведена од страна на локалните и националните власти, со меѓународно учество. Пандан на овој дел од Рамковниот договор е спроведувањето на попис. Иако актуелната власт започна со спроведување попис – се откажа и без објаснение – не го продолжува или обновува тој процес.
3.3.Со цел да се обезбеди дека полицијата е свесна за и одговора на потребите и интересите на локалното население, локалните началници на полицијата ќе ги избираат советите на општините од листи на кандидати предложени од страна на Министерството за внатрешни работи и истите редовно ќе комуницираат со советите. Министерството за внатрешни работи ќе го задржи овластувањето за разрешување на локалните началници на полицијата во согласност со законот. Партизацијата на полицијата ја дезавуира оваа одредба и ја претвори полицијата во партиска машинерија за угнетување на политичките неистомисленици и заплашување на граѓаните.
4. Недискриминација и правична застапеност
4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за равојот на деловните активности.  

Дискриминацијата (посебно онаа врз политичка основа), дискриминирачките практики при вработувањето во јавната администрација и јавните претпријатија, и посебно при пристапот до јавното финансирање, претставуваат елементи актуелни за денешната ситуација во Република Македонија.

 

4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела,истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја корегираат постоечката неврамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност. Особено внимание

ќе се посвети на тоа да се обезбеди, колку е можно побрзо, полициските служби генерално да го одразат составот и распределбата на населението во Македонија, како што е специфицирано во Анекс Ц.

Доколку наместо припадниците на етничките заедници се стави поимот на припадници на други политички партии, се добива апсолутно истоветна ситуација и многу слична потреба, со цел надминување на конфликтот.
4.3 За Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избира од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број пратеници, која ќе содржи мнозинство од вкупниот број пратеници кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Оваа постапка ќе се применува и при изборот на Народниот правобранители на тројца членови на Судскиот совет. Уставниот суд се покажа како тело кое лесно може да биде корумпирано и извитоперено во алатка на владеачката структура. Тоа значи дека во еден иден мировен договор ова е една од ставките кои мора да бидат соодветно решени. 
5. Посебни собраниски процедури
5.1. На централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа, нема да можат да се усвојат без квалификувано мнозинство на две третини од гласовите, ворамките на што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.  

Етничкиот модел може и треба да се постави како соодветен и кога станува збор за политичките партии, во ситуација на менување на такви закони кои имаат суштинско влијание врз демократските односи и владеењето на правото. Имено, токму менувањето на законите по скратена постапка и без никаков удел и влијание на опозицијата и граѓаните, доведе до ситуација на потполна ерозија на нормативата во Република Македонија.

 

5.2. За донесување на законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и на законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници, ќе мора да постои мнозинство од гласови, во рамките на што ќе мора да има мнозинство од гласови на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Ова истото мора да се примени на одреден број закони кои се однесуваат на базичните демократски вредности и основите на политичкиот систем. Токму во првонаброената област – културата – е донесен закон без консултирање на културните работници туку исклучиво со партиски активисти. Потполно идентична ситуација и со практично сите нивоа на образованието.
6. Образование и употреба на јазиците
6.1. Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците, а истовремено во цела Македонија ќе се применуваат унифицирани стандарди за академските програми.  

Со декретски мерки се навлезе дури и во средното образование, а што предизвика и сеуште предизвикува дури и улични демонстрации.

 

6.2. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20 проценти од населението во Македонија, а врз основа на посебни спогодби.   Пандан на ова е автономијата на универзитетот и буџетските издвојувања за развој на високото образование и на науката.
6.3. При уписот на државните универзитети на нови студенти, кои припаѓаат на заедници кои не се мнозинско население во Македонија, ќе се применува принципот на позитивна дискриминација се додека уписот правично не го одрази составот на населението во Македонија. Нема примена на позитивна дискриминација базирана на припадност кон политичка опција спротивна на владеачката.
6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик.  

Пандан на овој елемент на Рамковниот договор е слободата на изразување воопшто и казнивоста на говорот на омраза.

 

6.5. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено. Во органите на Република Македонија, кој било службен јазик различен од македонскиот може да се употребува во согласност со законот, како што понатаму е елаборирано во Анекс Б. Кое било лице што живее воединица на локална самоуправа во која најмалку 20% од населението зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со регионалната канцеларија на централната влада, надлежна за таа општина; таквата канцеларија, ќе одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Кое било лице може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со главна канцеларија на централната влада, кој ќе му одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Слободата на изразување на социјалните мрежи, што е јазик на комуникација на веројатно повеќе од 20% од населението е постојана мета на „дисциплинирање“.
6.6. Во однос на локалната самоуправа, во општините каде одредена заедница сочинува најмалку 20% од населението на општината, јазикот на таа заедница ќе се употребува како службен јазик, дополнително на македонскиот. Во однос на јазиците на кои зборуваат помалку од 20% од населението во општината, локалните власти демократски ќе одлучат за нивна употреба во јавните тела. Општини, најверојатно под 20%, што се медиумски покриени само од МРТ се жртви на ограничено известување наводно врз основа на некаква одлука на Јавното обвинителство.
6.7. Во кривични и граѓански судски постапки на кое било ниво, обвинетото лице или која било страна ќе има право на превод на државен трошок на сите постапки, како и на документи во согласност со соодветни документи на Советот на Европа. Ако е ова право на еднаквост пред судските органи, таква еднаквост не постои кога на едната страна се партиите на власта, а на другата индивидуални граѓани.
6.8. Кои било лични документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, исто така, ќе бидат издадени на тој јазик, дополнително на македонскиот јазик, во согласност со законот.
7. Изразување на идентитетот  
7.1. Во однос на симболите, непосредно до симболот на Република Македонија, локалните власти ќе ја имаат слободата на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува идентитетот на заедницата која што е во мнозинство во општината, со почитување на меѓународните правила и примени.
Повреди на човековите права кои се актуелни во рамките на денешниот конфикт
Нарушување на приватноста
Отсуство на ефективна правна заштита
Отсуство на можност за контрола на власта
Заложничко ропство
Родова нерамноправност
Дискриминација врз основа на сексуална припадност

 

Заклучок:

Во Република Македонија постои конфликт. Длабок и сериозен. Конфликтот е многу подлабок и посериозен од меѓуетничкиот конфликт од 2001 година. Има и жртви, и покрај тоа што тие не се толку лесно видливи како оние од вооружениот конфликт. А можна е и ескалација.

Меѓународната заедница еднаш се вмешала во внатрешните работи на Република Македонија кога мислела дека постои такво нарушување на човековите права кое и дава легитимитет за вмешување.

Актуелните состојби се карактеризираат со многу поголемо нарушување на многу поголем број човекови права за многу поголем број луѓе. Невмешувањето не може да биде оправдано.

78 total views, 1 views today

ОВАА ВЛАСТ ТРЕБА ДА БИДЕ СМЕНЕТА АКО ЗА НИШТО ДРУГО ТОГАШ ЗАРАДИ ГЛУПОСТА КОЈА ЈА МАНИФЕСТИРА НА СЕКОЈ ЧЕКОР

ВМРО-ДПМНЕ

Неписменоста на политичката гарнитура погубно влијае на глобалното ниво на писменост на сите граѓани.

Веќе секој законски текст станува школски пример за незнаење, за измотавање со правото, за елементарно отсуство на логика. На сето тоа се надоврзува непознавање на другите закони и носење на закони кои се или во спротивност или едноставно немаат врска со претходно законски регулирана материја.

Таков е примерот со новодонесениот (се разбира по скратена постапка) ЗАКОН ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА ВО РЕДОВЕН РАБОТЕН ОДНОС.

Според членот 1

Со овој закон се регулира трансформирањето во работен однос на неопределено работно време на лицата ангажирани со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор со кој лицето е ангажирано за извршување на работа (договор), кои извршуваат работа во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија (во понатамошниот текст: институции), како и ограничување на периодот и бројот на лица кои може да се ангажираат со договор.

Во членот еден веќе се измешани баби и жаби, па во еден куп се ставени договорите на дело (кои се склучуваат согласно Законот за облигациони односи), некои други договори (од крајно непознат карактер) и договорите за волонтирање за кои важат одредбите од Законот за волонтерство.

Според членот 2

Трансформирањето во работен однос на неопределено работно време ќе се искористи исклучиво за лицата од членот 1 од овој закон, кои извршуваат работи врз основа на договор во период од најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година, а кои исто така имаат важечки договори и во моментот на трансформирањето на работниот однос.

Се поставува прашањето, зошто е дадена временска одредница “најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година“, доколку се бара постоење на договор во моменто во кој се изведува трансформацијата?

Дали тоа значи дека сите оние кои се “непожелни“ за структурите на власт, и покрај тоа што биле ангажирани со договор на дело подолг период, нема да можат да бараат трансформација на договорниот во работен однос ако во моментот кога треба да се изврши трансформацијата немаат соодветен договор. Колку е лесно да се изнајде некоја повреда на договорот и токму оние “непожелните“ едноставно ете баш во тој период да не бидат ангажирани (и покрај тоа што претходно извршувале работни задачи, на пример, со години)?

Според членот 3

Договорите за вработување, односно решенијата за вработување од став 1 од овој член се донесуваат на следниот начин:

1) договорите, односно решенијата за вработување за најмногу 35% од вкупно ангажираните лица стапуваат на сила со нивното потпишувањето, односно со донесувањето,

2) договорите, односно решенијата за вработување за најмногу 35% од вкупно ангажираните лица, стапуваат на сила од 01.12.2015 година,

3) договорите, односно решенијата за вработување за преостанатиот број од вкупно ангажираните лица, стапуваат на сила од 01.09.2016 година.

Што значи ова во превод?

Многу еважна формулацијата “најмногу“ 35%. Нема најмалку. Тоа значи дека може и 1% или 0,5%. За другите 99,5% законот ќе стапи на сила на 1.09.2016.

Со тоа, изјавата на вицепремиерот Пешевски исфрлена со бомбастичен наслов “Нова одлука на Владата – Вработување над 3000 лица“, всушност може да значи вработување на 15 луѓе, а останатите 2885, ќе почекаат до 1.09.2016 година (се разбира доколку во тој момент се уште бидат ангажирани со договор за дело, односно, уште волонтираат).

Според овој член

Институциите не смеат да го раскинат договорот со лицата определени во член 2 од овој закон во периодот до стапување на сила на решенијата од став 1 од овој член, освен ако лицата ги повредат обврските преземени со договорот согласно закон.

Тоа значи дека, доколку едната договорна страна утврди повреда на одредбите на договорот може да го раскине договорот, а незадоволната страна може да бара заштита во граѓанска постапка (бидејки станува збор за облигационен однос).

Меѓутоа, што значи тоа од аспект на институцијата? Дека мора да го држи некој човек кој бил ангажиран проектно и после завршување на проектот?

Оваа одредба е во спротивност и со членот 6 од истиов закон, според кој институциите не можат да ангажираат волонтери повеќе од 6 месеци (меѓутоа, од донесувањето на овој закон па до моментот на финализирање има повеќе од 12 месеци).

Понатаму, во истиот тој член,

 При засновањето на работниот однос на неопределено време со лицата ангажирани со договор, приоритет во однос на динамиката треба да имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период.

Што значи ова во превод?

Не се важни квалификациите, не е важна стручноста, не е важно знаењето, не е важна вештината.

Ако се има предвид дека за волонтирање воопшто не се ни бараат никакви квалификации, тоа значи дека секој (апсолутно секој), може да биде запослен во одредена државна институција.

Според членот 4

Министерството за финансии издава согласност за обезбедени финансиски средства за трансформација во работен однос на неопределено работно време на лицата од членот 2 од овој закон (во понатамошниот текст: согласност), на барање на институциите.

Кон барањето до Министерството за финансии, институциите задолжително доставуваат потврда за извршени исплати за последните три месеци сметано до 30.11.2014 година, како и за последователните месеци од овој датум до денот на донесувањето на решението за вработување, односно склучување на договорот за вработување.

За институциите кои се втора линија буџетски корисници барањето за согласност се доставува преку надлежниот орган, односно буџетскиот корисник од прва линија.

Што значи ова во превод.

Ова значи дека Министерството за финансии може да утврди дека нема средства и трансформацијата да се одложи до бескрај (нема никаква обврска за Министерството за финансии, ниту пак рокови во кои тоа треба да одговори, а без негова согласност нема ниту трансформација)

Според членот 5

Лицата кои ќе го остварат правото од членот 3 од овој закон, во рок од шест месеци се должни да ги исполнат општите и посебните услови за вработување на соодветното работно место утврдени со закон и со актите за систематизација на институцијата.

Што значи ова во превод?

Тоа значи нерамноправна положба на работниците на пазарот на труд. Имено, доколку некој работник се вработува согласно Законот за работни односи, тој се јавува на конкурс и за да биде вработен мора да ги исполнува предвидените услови. Бидејки во овој случај постои конкуренција меѓу повеќе пријавени кандидати, тоа значи дека работникот за да биде вработен не само што треба да ги исполнува условите  туку треба да ги исполнува повеќе и на повисоко ниво од останатите кандидати. Наспроти на ова, работникот кој ќе биде вработен со Законот за трансформација не треба да ги исполнува ни минималните услови за вработување.

Според членот 6

Институциите не смеат да ангажираат лица со договор за волонтирање на период подолг од 6 месеци.

Лицето кое било ангажирано со волонтерски договор шест месеци во институција, не може повторно да биде ангажирано со договор за волонтирање во наредните три години во истата или во друга институција.

Овој член е не само во судир со Законот за волонтерство туку е спротивен и на самата идеја на волонтерството.

Прво, во Законот за волонтерство нема никакви ограничувања од аспект на должината на ангажманот на волонтерите или пак институцијата во која ќе се ангажираат.

Според овој закон

Волонтерството претставува активност од интерес за Република Македонија која придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, како и за развој на хумано и рамноправно демократско општество.

Зошто некој би временски би ограничил  (на само 6 месеци) активност од интерес за Република Македонија? Затоа што не ја разбира? Затоа што ја злоупотребува како начин за внесување на партиски кадри на мала врата (кои нема да подлежат на исти правила за вработување)?

Понатаму, бидејки согласно Законот за волонтерство, волонтери можат да бидат и малолетни лица и странци, дали и за нив ќе важат одредбите од Законот за трансформација?

Уште повеќе, според Законот за волонтерство (член 14)

Организаторот на волонтерската работа е должен со волонтер – домашно физичко лице да склучи договор за волонтерство во писмена форма, доколку волонтерската работа трае повеќе од 40 часа месечно.

Дали тоа значи дека законот за трансформација се однесува на волонтерите кои работат 41 час месечно или помалку (доколку со нив е склучен договор) на ист начин како и за луѓето кои работат по договор за дело кој подразбира 40 часовна работна недела?

Уште повеќе, ако се има предвид членот 4 од Законот за волонетрство, според кој

Волонтер е физичко лице кое дава услуги, вештини и знаења во корист на други лица, органи, организации и други институции, на доброволна основа и без финасиска или друга лична добивка.

се поставува прашањето за прекршување на овој закон, со оглед на тоа дека некои волонтери очигледно ќе остварат и финансиска и друга лична добивка со тоа што ќе се вработат (како резултат на вршењето на волонтерската дејност).

И секако, тука се и казните. Само како пример:

според членот 11

Лицето кое раководи со институцијата која ќе ангажира лице со договор за волонтирање подолго од шест месеци или ќе ангажира лице со договор за волонтирање во периодот од три години после истекот на претходното волонтирање ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години.

Тоа значи, дека доколку  постапувате согласно Законот за волонтерство и сакате да го искористите целокупниот потенцијал кој ви стои на располагање за доброто на граѓаните (без од тоа да имате лична корист), ќе бидете казнети на ист начин како да сте, на пример, сторител на семејно насилство (член 130 од Кривичниот законика), или, прикажувате порнографски материјал на малолетник (член 193 од Кривичниот законик), или, пропагирате расна омраза и поттикнувате на расна дискриминација (член 417 од Кривичниот законик).

stupidity (1)СПОРЕД МОЕ МИСЛЕЊЕ ВАКВИТЕ ЗАКОНИ ТРЕБА ДА СЕ ПРОГЛАСАТ ЗА НИШТОВНИ, НЕ ЗАРАДИ ДРУГО, ТУКУ ПО ПРИНЦИПОТ НА НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ГЛУПОСТ.

98 total views, 1 views today