ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА

Во прилог ги давам моите забелешки на предлогот на закон за амнетсија (кои ги имам доставено и до Советот за реформа на правосудниот систем во кој членувам).

ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА

  1. Недостаток на образложение – зошто амнестија

Мора да има многу јасно образложени причини заради кои се носи еден ваков закон заради тоа што тој самиот по себе значи упад во правниот систем, рушење на правната сигурност, создавање услови за конфликти, виктимизација на жртвите на сторени кривични дела, …

Колективното амнестирање мора да има причина и да нуди поголема правда отколку претпоставеното ниво постигнато со изрекувањето на казните затвор.

На пример, доколку причина за донесување на овој закон е пренатрупаноста на затворите и лошите услови во нив, можеби треба да се земе предвид дека не сите затвори во Македонија се пренатрупани и не се еднакво лоши условите за престој (на пример, затворите во Прилеп, Штип, Куманово).

Или, доколку причина за ова е сомнението во правораздавањето и потребата да се добие правда, тогаш не само што не смее да има исклучоци, туку напротив мора да се претпостави дека колку е поголема казната толку поголема може да е неправдата, односно, со ваквиот и вака конципиран закон за амнестија ќе се направи нов вид дискриминација во однос на оние луѓе кои можеби доживеале и најголема неправда.

  1. Недостаток на индивидуализација – секој случај е посебен

Казнувањето е индивидуално. Тоа значи дека при изрекување на казната се применуваат олеснителни и отежителни околности кои влијаат на висината на казната затвор.

Многу проблематично е на ист начин да бидат третирани сите луѓе кои се наоѓаат во затвор, а тие се разликуваат и согласно на тоа се разликуваат и последиците кои би ги очекувале од нивното амнестирање:

  • Има разлика меѓу луѓе кои прв пат го прекршиле законот и повратници (луѓе кои одново и одново сторуваат кривични дела)
  • Има луѓе кои направиле одредено дело од одреден вид побуди и во одреден вид околности (кои веќе не може да се повторат) и луѓе кои ги прават делата од лукративни побуди кои можат да создадат истоветни услови за прекршување на законот
  • Има разлика кога делото е сторено против лице или група на лица или имот, непосредно или посредно, поради неговото или нивното национално и социјално потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба, полот, расата или бојата на кожата
  • Сторителите на кривични дела против роднини (а посебно кога станува збор за семејно насилство) значи враќање на насилникот во истата средина
  • Има разлика меѓу еднократно и продолжено кривично дело (каде што и умислата и намерата и можноста да биде повторено се многу поголеми)

Еден од податоците кои произлегуваат од направените анализи (на пример: Анализа на македонската казнена политика и препораки за нејзиниот иден развој -Лидија Брашер Тајд (Lydia Brashear Tiede), (2012) е дека судиите по правило изрекуваат казни под законски определениот минимум за дела поврзани со злоупотреба на службената должност. Тоа значи дека овие луѓе и така се веќе привилегирани и со актот на амннестија ќе бидат и додатно наградени (заради тоа што се со затворски казни под 6 месеци).

Слична е состојбата и со казните кои се изрекуваат за дела “ загрозување на безбедноста на сообраќајот“.

Ова значи дека без да се води никаква сметка за индивидуалните услови за изрекувањето на казната затвор и индивидуалните последици од намалувањето на оваа казна се пристапува кон акт на колективно помилување кое ретко значи повеќе правда.

  • Има луѓе кои се наоѓаат во затвор, а воопшто не би требало да бидат таму, или, на кои и покрај тоа што казната затвор е поголема од 6 месеци не е доволно да им бидат скратени само 30% од казната, и, има луѓе кои ќе бидат ослободени од казна, а кои првично требало да бидат многу построго осудени.
  • Има луѓе кои ќе бидат вратени во средина во која можат повторно да атакуваат врз жртвата на која веќе претходно атакувале, и луѓе, кои не може да го повторат прекршувањето заради тоа што се потполно сменети условите кои ги поттикнале на вакво прекршување.
  • Има луѓе кои смислувале и извеле кривично дело, и, луѓе кои делувале во миг заради одбрана, заштита или нешто слично. Во женското одделение на пример има жени кои ги убиле мажите после низа години малтретирање и семејно насилство.
  1. Прашање: зошто баш овие дела се прогласени за исклучоци?

Генералното оневозможување да се даде амнестија на луеѓе осудени:

  • на казна доживотен затвор;
  • за кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик;
  • кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик;
  • за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194)од Кривичниот законик;
  • за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик;
  • за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик;
  • за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а и од 418-в до 422) од Кривичниот законик.

 

е проблематично. Доколку амнестијата се предлага заради тоа што постои генерална недоверба во начинот на кој суделе судиите во претходниот систем, тогаш, во овие дела е концентрирана неправдата. На пример, токму делата против државата, злосторничко здружување, против изборите и гласањето, се користат од режимите за затворање од политички причини. Тоа значи дека токму на овие затвореници треба да им се посвети посебно внимание.

  1. Зошто само казнено поправни институции – казнено – поправните институции не се единствените во кои се издржува казна која го лишува човекот од слобода

Во Законот за Амнестија не се спомнуваат децата во Воспитно-поправите домови ниту пак луѓето кои се лишени од слобода и сместени во психијатриските болници.

  1. Дали последиците може да се сведат само на ресоцијализација  

– Предвидувањето дека “донесувањето на законот има за цел да се овозможи процесот на ресоцијализација и социјална реадаптација на осудените лица“ е спротивно на пронципите на казнената политика. Имено, луѓето се ставаат во затвор, меѓу другото заради тоа да се ресоцијализираат. Во затворите постојат специјални служби наменети за ова кои би требало да им помогнат на луѓето кои сториле социјално неприфатлив чин, повторно да станат дел од заедницата.

За разлика од ова, законот не предвидува никаков облик на поддршка на овие луѓе, на жртвите, и, на семејствата која би гарантирала ресоцијализација.

Последиците од донесувањето на ваков закон се многу сериозни, комплесни и повеќе-слојни. Отсуството на свест за овие последици значи дека државата нема да преземе мерки за нивно адресирање и избегнување на негативните, а поддршка на позитивните последици.

На пример, дали е предвидено вработување на луѓето кои се без работа, промена на условите кои довеле до кривичното дело, различни облици на психолошка поддршка, помирување, реконсилијација и сл.?

Јас решението не го гледам во ваков закон за амнестија.

Решението за пренатрупаноста во затворите го гледам во:

– прераспоредување на затворениците во други затвори низ Македонија.

– индивидуално преиспитување на сите случаи и ослободување на сите оние кои го прекршиле законот за прв пат, за дела со помали последици, и, кои нема да се вратат во средина во која ќе имаат можност да го повторат делото врз истата жртва)

– итни промени во Кривичниот законик кои ќе ја промовираат пробацијата наместо лишувањето од слобода

Решението за подобрувањето на условите во затворите го гледам во:

– Поставување раководен кадар од граѓанскиот сектор со стручни знаења и искуство во мониторинг на затворените институции, наместо партиски извршители

– Воспоставување специјализирана надворешна контрола со големи ингеренции (затворски омбудсман)

– Финансиска инекција која во краток рок ќе ги санира дел од најголемите проблеми

Решението за грешките во правораздавањето го гледам во:

– Повторување на постапките секаде каде што постои сомневање за големи прекршувања на процедурите

– Идентификување на можните политички затвореници и  повторување на постапките со нивно право да се бранат од слобода

 

И во секој момент ќе застанам зад предлозите:

Лица кои наполниле 72 години живот веднаш да се отпуштат од извршување на казната затвор,
Поминатата казна во Шутка да се пресметува за 1 ден / 2 дена.