НВО

Покрај меѓународното меѓудржавно структуирање (ООН), регионалното меѓудржавно структуирање (ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, …) и се разбира, во основа на се – државната структура, во современиот свет се повеќе се зборува за цивилното општество како простор во кој се формулираат, остваруваат и заштитуваат потребите, интересите и правата и слободите на луѓето. PhotobucketЦивилното општество се повеќе станува фактор кој треба да се има предвид, а невладините организации се идентификуваат како универзална совест на човековите права.

Цивилното општество може да се дефинира како: дел од општествениот простор составен од групи и организации од формален и неформален карактер кои дејствуваат независно од државата и од пазарот со цел да ги промовираат различните интереси и потреби на луѓето.

Цивилното општество не може априорно да се дефинира како лошо илиPhotobucket добро. Овој простор е исполнет со шаренило од структури кои луѓето ги формираат од различни причини и со многу различна мотивација.

Во едно пошироко сфаќање на цивилното општетсво во него можат да се вбројат: локални НВО (со најразличен можен интерес: здружение на родители на деца со целебрална парализа, здружение на жени со рак на дојката, здружение за заштита на животните, здруженија за човекови права, здружение на стечајни работници, здружение на бранители, …), меѓународни НВО, медиуми, граѓански движења, хуманитарни организации, професионални здруженија (писатели, глумци, наставници, занаетчии, …), волунтерски асоцијации, транснационални општествени движења (за спасување на Земјата, зелени, …), филантропски фондации, синдикати, лоби групи, спортски и културни друштва, електронски организации (интернет мрежи и организации), полуавтономни организации, елитистички  организации, тајни клубови, религиозни групи, култови и секти, криминални и терористички групи, банди, мафија, …

PhotobucketНевладините организации, здруженија на граѓани и фондации кои официјално се регистрираат (врз основа на конкретни во закон предвидени правила и процедури) и на тој начин се здобиваат со правен субјективитет, се повеќе стануваат неопходен составен дел на современиот степен од развојот на демократијата.

Невладините организации се:

1. непрофитни (тоа не значи дека работат без пари туку дека не создаваат профит, односно средствата со кои располагаат во целост се користат за остварување на конкретна цел или проект);

2. во себе го содржат елементот на волунтаризам (што значи дека работите не ги вршат професионални кадри како свое занимање и работата во невладината организација не им претставува основен извор на приход);

3. независни се од државата (како финансиски така и во однос на можното влијание во однос на нивното сопствено делување и активности);

4. во голема мера се лишени од бирократија (администрацијата на невладините организации е сведена на минимум и претставува минорен дел од нивниот состав).

Во современата демократија тие го внесуваат моментот на: алтернативност, плуралитет, флексибилност, инвентивност, брзина на реакција.

Токму во просторот на невладиното организирање се зародуваат идеји за алтернативни решенија кои можат да помогнат во регулирањето на односите меѓу луѓето, односно се нудат нови стандарди и вредности во овие односи.

Придонесот на НВО-ата во развојот на демократската држава може да се побара во: можноста за полесна мобилизација на луѓето, додавање на глас во глобалната дискусија, земање во предвид на интересите на граѓаните, дисциплинирање на државата, поголема и поактивна партиципација на граѓаните, истакнување на транснационалниот карактер на одредени интереси и проблеми, полесно идентификување и задоволување на потребите на  индивидуите, мотивирање на граѓаните за лична акција, промовирање на плурализмот и различноста.

Како негативни аспекти кои можат да се поврзат со работењето на НВО-ата се издвојуваат: помалата контрола и одговорност, неорганизираноста, хаотичноста во делувањето (определена од моментален интерес, можност за добивање на пари или моментално влијание), непрофесионалност и нестручност (многу често присутна во невладиното делување), воспоставување паралелни структури на системот, неусогласеност на приоритетите, можност за манипулација (од страна на државата или од страна на големите донатори).

Невладините организации кои се бават со човековите права се разликуваат од другите невладини организации по предметот на својот интерес.  Основниот мандат и делувањето на невладините организации за човекови права се:

1. Мониторинг на ситуацијата со човековите права. Мониторингот се состои во прибирање информации, податоци и сознанија за практикувањето на човековите права во секојдневното живеење, за повредувањето на човековите права и за нивото и начините на нивна заштита. Мониторингот може да биде глобален (набљудување на целокупната ситуација со човековите права во една држава); во конкретна област (работа на државна администрација, полиција, затворени институции, судство); за конкретна група од населението (жени, малцински заедници, деца, лица со хендикеп, бегалци, и сл.). Предмет на мониторинг можат да бидат: закони, документи, официјални материјали (одлуки на влада, решенија на министерства, упатства и други акти на државната администрација), медиуми, институции, организации, фирми.

2. Дистрибуција на информации. Запознавање на пошироката јавност со добиените сознанија преку извештаи, соопштенија, прес конференции или на било кој друг начин.

3. Лобирање. Притисок и влијание врз центрите на моќта, врз законодавно-правното тело, владата и локалните власти, во насока на: прифаќање и ратификација на меѓународните договори и нивна имплементација во националната легислатива; создавање услови за нивно практикување и уживање од страна на граѓаните; градење на систем од заштитни механизми и санкции во случај на повреда на човековите права и слободи.

4. Промоција и едукација. Проширување на знаењето за човековите права и слободи, за обврските превземени од страна на државата врз основа на ратификуваните меѓународни договори, за средствата кои им стојата на располагање на граѓаните за заштита на нивните права во случај кога се повредени или загрозени. Едукацијата се врши како на формален (во процесот на формалното образование) така и на нефoрмален начин (преку медиумите, културно-уметнички манифестации, протести, демонстрации, кампањи и сл.).

5. Директно учество во драфтирање на национални и меѓународни документи од областа на човековите права. Невладините органзации формално и неформално стануваат дел од експертските тимови кои работат на промениуте на легислативата и ги внедруваат во новите закони искуствата од сопственото работење, односно, стандардите на меѓународното искуство и достигнат степен на развој.

6. Помош на жртвите. Невладините организации пружаат правна и хуманитарна помош на жртвите на насилство. Тие се појавуваат во улога на советодавци или на директни застапници пред државните органи или пред меѓународните судови и трибунали. Реакциите на невладините организации во случаите на големи повреди на човековите права, во случаите на вонсудски детенции, ограничување на слободата на изразување и посебно во случаите на тортура, се од огромно значење во борбата за универзалноста на важењето на концептот и посебно универзалноста на заштитата на човековите права и слободи. Гласноста на невладините организации овозможува целиот свет да слушне за конкретни случаи на повреди на човековите права и во многу случаи придонесла за спасување на животи или за заштита на луѓето од натамошна тортура и повреди.

Дел од меѓународните невладини организации имаат формално признаен  консултативен статус во  меѓународните меѓудржавни организации и тела (на пример во ООН, во Советот на Европа во ОБСЕ), кој им овозможува директно вклучување во расправите за одредени проблеми, поведување иницијативи или поставување на дневен ред одредени прашања.

PhotobucketПрепознавањето на улогата на невладините организации во промоцијата и заштитата на човековите права е изразено и во донесувањето на Декларацијата на ООН за бранителите на човековите права во 1998 година.

Во оваа декларација се дефинираат: правото на здружување; правото да се бараат, добиваат и да се распространуваат информациите за човековите права (посебно за повредите на човековите права); правото да се критикува власта и да се даваат предлози за подобрување на функционирањето на државата во сферата на човековите права; право на заштита во случај на повреда на правата и одговорност на државата за промовирање на концептот.

Во 2000 година Комисијата за човекови права на ООН именува специјален известувач кој треба да се грижи за спроведување на Декларацијата. Со тоа е отворен патот за зацврстување на положбата на невладините организации кои се борат за човекови права и зголемување на нивната улога во процесите на одлучување и заштита.

Можеби уште позначаен чекор во препознавањето на улогата на НВО во развојот на современата демократија претставува институционализацијата направена во рамките на Советото на Европа.

Попознати меѓународни невладини организации за човекови права се:

Amnesty International

Anti-Slavery International

Article 19

Association for the Prevention of  Torture

Human Rights Internet

Human Rights Watch

International Commission of Jurists

International Save the Children Alliance

Minority Rights Group International

Leave a Reply

Your email address will not be published.