ЗА СКОПЈЕ – Избори 2009

ИЗБОРНА ПРОГРАМА

За Град каков што им е потребен на Скопјани

За Град каков што нашиот тим е подготвен да изгради

Град по мерка на своите граѓани. Град по мерка на детето, град којшто се грижи за постарите граѓани, за граѓаните со посебни потреби. Град  каде мажите и жените се чувствуваат еднакво убаво и сигурно.

Град каде го живееш својот живот. Секоја своја радост и болка.

Иднината на Скопје ја гледаме во неговиот одржлив развој. Темелите на одржливиот град ги претставуваат:

Економија – во којашто економските активности  не го нарушуваат заедничкото добро, коишто се самообновувачки и се базираат на  локалните капацитети.

Екологија – којашто гледа на луѓето како дел од природата, ги идентификува  границите на природата и ја дефинира одговорноста на заедницата за заштита и изградба на природни вредности

Еднаквост – како можност за потполна партиципација во сите активности, учество во сите бенефиции и влијание во процесите на одлучување на сите граѓани

Ваквиот пристап значи голема промена во перцепцијата на Градот, неговите приоритети и методологијата на нивното остварување. Потребна е промена во положбата на Градот, во неговото менаџирање, во односот со централната власт, но и промена во свеста на граѓаните и нивното секојдневно делување.

Изградбата на одржлив град бара  нов пристап кон сите случувања во Градот, нова насока во развојот, сосема нов начин на делување, во коишто заштитата на животната средина, економскиот и социјалниот развој се нераскинливо поврзани, а сите решенија се донесуваат во партнерство меѓу граѓаните, локалната  и централната власт.

Ова во никој случај не подразбира почнување од почеток, туку значи надградба на се’ добро што е досега направено и развивање на сите започнати позитивни процеси.

Изградбата на одржлив град подразбира:

–       Високо вреднување на квалитетот на животот

–       Почитување на природата

–       Оптимизација на клучните ресурси

–       Прилагодување на планирањето со капацитетите

–       Поддршка на животните циклуси

–       Проактивен приод и одговор на барањата на денешнината

–       Вреднување на различноста

–       Зачувување на културното наследство

Дефинирањето на изградба на одржлив град ги одредува генералните вредносни параметри (многу јасно станува што смее , а што не смее да се прави, како можат, а како не можат да се прават работите, што е лошо, а што е добро за граѓаните).

Само во услови на јасна цел и дефинирана методологија за постигнување на оваа цел, може да биде надминат моменталниот хаос којшто постои во одлучувањето,   во активностите што се превземаат и во одговорноста за она што се случува. Хаосот овозможува манипулација на граѓаните, политичко самоволие, неконтролирано искористување на ресурсите и уништување на сегашноста и иднината на Градот.

Нашата програма е насочена кон такви организациони промени на Градот кои што ќе ги постават темелите на неговиот одржлив развој и ќе обезбедат квалитетен живот на граѓаните денес без да биде загрозен животот на идните генерации.

Вака поставената програма подразбира системски приод и кумулативно делување во неколку области:

А) ПЛАНИРАМЕ

–       глобална стратегија и план за развој на градот во наредните 50 години – Градот Скопје како една административна и функционална целина

димензионирање на Скопје во рамките на генералниот урбанистички план и прогласување на мораториум на просторното и популационо ширење на Градот (мораториумот ќе се заснова на зголемување на мобилноста на луѓето на ниво на држава и воспоставување комуникациски канали со сите населени места, а со цел воспоставување нов баланс меѓу општините на територијата на Република Македонија и Градот Скопје)

–       промоција на децентрализацијата и дислокација на одредени структури коишто се концентрираат во Градот Скопје

(културни, образовни, религиозни, административни)

Б) ЌЕ ЈА КОРИСТИМЕ  И ЌЕ ЈА МЕНУВАМЕ РЕГУЛАТИВАТА

–       за развој на Скопје како компактна и хармонична урбана целина

(во којашто Градот има реална власт над сопствената територија и реални права на управување како сопственик на градежното земјиште на Градот)

–       за прецизирање на надлежностите и дефинирање на односите со централната власт

(недвосмислено посочување на службите и надлежностите коишто им стојат на располагање на граѓаните за задоволување на нивните потреби и интереси, точно лоцирање на одговорноста, создавање услови за контрола и мониторинг од страна на граѓаните)

–       за подобро финансирањето на градот

(промени во дефинирањето на даноците и процентот којшто се издвојува за потребите на Градот: воведување диференцирани издвојувања за Градот од даноците на имот и на промет, промена на законските одредби со коишто Градот обезбедува значаен приход од изградбата на до тогаш неизградени површини со што се стимулира освојување на зелените површини и нивно покривање со објекти )

–       за дефинирање на минимум стандарди на услугите што им се пружаат на граѓаните

(со цел воедначување на положбата на граѓаните на целата територија на Градот)

–       за формирање урбана (градска) полиција што ќе го подигне нивото на сигурност на живеењето во Градот и ќе соработува со јавните претпријатија во остварувањето на нивните надлежности.

(Формирање градска полиција со надлежности во одржувањето на јавниот ред и мир во Градот, формирање градска сообраќајна полиција за регулирање на сообраќајот на територијата на Градот, враќање на маалските позорникари)

В) ЌЕ ГО УНАПРЕДИМЕ  АДМИНИСТРАТИВНО РАБОТЕЊЕ

–       со развој на менаџментот на Градот врз основа на стручност, знаење и компетентност

o   (развивање системи од процедури, правила и критериуми за секоја област од делувањето на Градот, кои ќе бидат однапред познати на сите учесници и кои практично нема да оставаат простор за политичко самоволие)

–        со изработка, ажурирање и употреба на бази на податоци

  • развој на популациона база на податоци

(популационите промени во градот, главни миграциски насоки и извори, клучни моменти на промена)

  • изработка на подземен катастар во сите фази: од анализа до проекција

(централизација на податоците за сите подземни инсталации и изработка лесно достапни информациони бази на податоци за овие инсталации)

  • создавање централизирана база на податоци поврзана со подземните води и расположивите водни ресурси на Градот

(како еден од најголемите предизвици на светот во наредните 100 години)

  • надградба на електронскиот систем на комуникација

(електронски бази на податоци,  добивање потребни информации и решавање на барањата по електронски пат)

–       со развиен систем на информирање на граѓаните

(достапни, разбирливи и редовни информации за сите прашања од интерес на граѓаните; претставување и можност за увид во сите урбанистички планови на пристапно место и на разбирлив начин за граѓаните)

–       со организационо зајакнување и максимално активирање на градскиот инспекторат

–       поддршка и застапување на граѓаните во нивните барања кога се врши незаконска интеревенција од централната власт

–       со посебен однос кон финансиите и со поевтини услуги кои ги исполнуваат стандардите

  • најниска цена на комуналните услуги, најниски даночни стапки
  • прераспределба на сите даночни приходи помеѓу Градот и Владата
  • наместо досегашните 3 % , најмалку 50% од персоналниот данок што го плаќа секоја Скопјанка и Скопјанец да се слеваат во градската каса, а не во владината
  • создавање поволен деловен амбиент во Градот
  • издавање на сите дозволи и согласности поврзани со деловните активности за период од најмногу 3 дена
  • изготвување стратегија за отварање нови работни места на територијата на Градот
  • намалување на цената на паркинг услугите за 40%
  • намалување на цената за комунална хигиена за 15%
  • намалување на цената на тнр. комуналии за 10%
  • намалување на данокот на имот за 10%

–       Со одредување на положбата на јавните претпријатија

  • системско дефинирање и воедначување на положбата на сите јавни претпријатија
  • зајакнување на техничката база на јавните претпријатија (обнова на механизацијата и опремата, зајакнување на капацитетите)
  • намалување и воедначување на процентот на ДДВ што го плаќаат јавните претпријатија
  • дефинирање на давачките кон Градот во процентуален износ
  • прецизирање на изворите на финансирање и дефинирање на начинот на наплата на сите услуги што се прават во однос на државата (ценовник за редовни и вонредни услуги)
  • дефинирање механизми за меѓусебна соработка и поддршка на јавните претпријатија (меѓусебно дефинирани бенефиции, помош, специфични услуги)

Д) ДЕФИНИРАВМЕ ПРИОРИТЕТИ

Во животната средина

–       обезбедување услови за трајно и квалитетно снабдување со вода за пиење

водата за пиење – прашање на иднината на секој голем град (трајна и целосна заштита на загрозениот извор Рашче, преземање активности за постепена промена на старата водоводна мрежа како постојан потенцијален извор на бактериско загадување на водата, санирање на клучните жаришта на можни зарази, преиспитување и ставање во употреба на резервниот систем од бунари изграден во Градот)

–       унапредување на системите за  еколошка и поевтина енергија

енергија за Градот (проекти на гасификација и прифаќање на целите на ЕУ до 2020 година да се обезбеди 20% од продукцијата на енергија да доаѓа од обновливи извори: соларна, геотермални и други алтернативни начини на добивање енергија, како и посебни стандарди за изолација на градбите)

–       стратегија за долгорочно справување со отпадот

(изградба и ставање во функција на инценерат со цел наместо негово отстранување или намалување, отпадот да се користи како извор на топлинска и електрична енергија)

–       прочистување на Вардар и враќање на животот во него

(активирање на постоечките и изградба на нови пречистителни станици за отпадните води што се влеваат во Вардар и изработка на план за постепена обнова на биосферата)

–       заштита на планината Водно

(прецизирање на урбаната граница кон Водно, интеревенција во сите незаконски урбани решенија на овој простор и воспоставување посебен режим на дозволи за било кој вид градежна интервенција)

–       заштита на слободните површини во Градот

(воспоставување нов приод кон третманот на јавните, слободни површини)

–       озеленување на Скопје

обнова на зеленилото во градотот и активна борба за зачувување и создавање нови зелени површини (создавање зелени појаси, нови паркови и зелени површини, ботаничка градина на Градот Скопје покрај Вардар на површина од неколку илјади квадратни метри, изградба на тнр. „џепни” паркови низ целиот Град)

–       редуцирање на загадување со погрешен урбанизам

превенирањето на трајно блокирање на можни сообраќајници, на поставувањето времени објекти,  на естетскиот хаос во надградбите и новоградбите, на изградбата објекти повисоки од пет ката

–       справување со слободните кучиња и мачки низ Градот

формирање градски шелтер за улични кучиња и мачки во кои ќе се врши вакцинирање и  трајна стерилизација со цел да бидат посвоени, а ќе се врши еутаназија на старите и болни животни и животните коишто не можат да бидат згрижени на друг начин.

Во сообраќајот

–       враќање на пешачките патеки на пешаците

диференцирање на површините наменети за пешаци и површините наменети за велосипеди од површините за паркирање, зголемување на пешачките зони во центарот на градот; нови пешачки патеки по целата должина на левиот брег на Вардар

–       создавање услови за масовно користење велосипеди

расчистување и обновување на постоечките велосипедски патеки и изградба на нови

–        ефикасно решавање на проблемот на паркирање во Градот по урнекот на повеќе успешни примери

изградба на катни гаражи во зоната на Мал и Голем ринг и соодветно дефинирање на цените во централното подрачје

–        зајакнување на јавниот превоз и надградба на планот за трамвајски превоз

повеќе, подобри и автобуси достапни за луѓето со посебни потреби, родителите со мали деца и повозрасните граѓани; изградба на трамвајска линија и изградба на железнички ринг со којшто Градот во првата фаза ќе се поврзе со  Аеродромот и со општините што гравитираат кон него, а во втората ќе ги опфати и трите надворешни правци кон Куманово, Тетово и Велес

–       оформување што повеќе тнр. кружни текови и осовременување на постојните крстосници

Пробив на Јужен булевар и реконструкција на бул. Св. Климент Охридски, довршување на сите приклучници кон заобиколницата, нов мост на Вардар и нова сообраќајница на западниот крај на Илинденска, воведување еднонасочен сообраќај секаде каде што тоа е можно

Во квалитетот на градското живеење

–       преиспитување на  деталните урбанистички планови и судско оспорување на сите планови донесени со суштинско прекршување на законите

(враќање во поранешна состојба секаде каде што е можно и намалување на негативните последици таму каде што реституцијата е исклучително тешка)

–       создавање Град кој облагородува

Изградба на плоштадот Карпошово востание на левиот брег на Вардар, изградба на нов кеј на левата страна на Вардар – од МНТ до МТВ, обнова на Кејот 13 ноември од Холидеј Ин до булеварот Кочо Рацин, изградба нова, репрезентативна сала за венчавки

–       брендирање на Старата скопска чаршија како простор “Стар град” – метропола на културата

Проект за претворање на Старата чаршија во мултикултурен центар на Градот (простор каде ќе се концентрираат уметнички и културни настани и ќе се стимулира туристичката понуда на Градот, каде ќе се вратат студентите преку посебни бенефиции, попусти и привелегиранио цеин, место каде ќе добијат поволни услови за работа невладини организации и културни здруженија, и каде ќе се поттикнува отворањето атељеа на уметници, студија за музичари и сл.)

–       развој на креативни индустрии со вклучување во националната стратегија на развој на креативни индустрии

–       поттикнување на различните етнички заедници да работат и да се постојат во исти простори – осмислено и заедно

изградба на простори за социјализација и организирано и осмислено дружење на припадници на различни етнички заедници

–       поттикнување на различностите

создавање препознатливи простори во коишто ќе се промовира и ќе се негува различноста на стиловите на живеење

–       создавање архитектонски достапни згради, објекти и улици и ширење на звучната сигнализација низ Градот

создавање услови за максимална мобилност на сите граѓани

–       поддршка на спортот (масовност – родова еднаквост – шампиони)
(создавање поволни услови за рекреативно спортирање на сите категории граѓани – стимулација на работата со младата женска популација – поддршка на најуспешните и успешните спортисти и спортски колективи)

–       изградба графитски простор и место за промоција на урбаната и алтернативна  уметност

–       поттикнување на флексибилна и мобилна урбаната опрема на Градот насочена не кон фосилизирање на јавниот простор туку во негово претворање во простор за уметничка комуникација и презентација

(стратегија за запирање на нагрдувањето на градот со ад хок градење објекти, планска изградба на поголеми објекти на државното земјиште и планско поставување споменици и скулптури)

Г) ПОСЕБНИ ОБЛАСТИ НА ДЕЛУВАЊЕ

  1. Промоција на Градот како град по мерка на детето:

–       Формирање Комисија за правата на децата

–       Овозможување активна партиципација на децата во одлучувањето за прашањата од нивни интерес (детски референдум)

–       Поддршка на центрите за ран детски развој

–       Обезбедување бесплатен престој во градинка за 1000 деца од социјално загрозени семејства

–       Изградба на голем детски забавен центар (враќање во Сарај)

–        Обезбедување бесплатна чаша млеко и едно парче овошје секој ден, за секое дете, во сите основните училишта во Градот

  1. Родовата перспектива во развојот на градот –нова филозофија во планирањето на градот со која ќе се промовира еманципирано општетсво ослободено од традиционалните стереотипи што го спречуваат развојот ориентиран кон жената во планирањето на градот, услугите, домувањето, сигурноста и мобилноста.

–       Партиципација на жените во процесите на одлучување за сите прашања кои влијаат на секојдневниот живот (посебно учество во дефинирањето на животниот урбан простор)

–       Стимулирање на спортот кај жените

–       Прилагодување на услугите на дневниот живот и потреби на жените

–       Достап до јавниот превоз на жените и лесна подвижност низ целиот град

–       Борба со родовите стереотипи што се промовираат во рекламирањето и билбордите

–       Зголемување на сигурноста на улиците и во јавниот простор (воспоставување на грижата за сигурноста на жените како специфична обврска на Градот)

  1. Грижа за постарите граѓани

–       Патронажна служба за старите и изнемоштени лица

–       Изградба на нов и современ дом за стари лица

–       Создавање услови за активно учество на постарите граѓани во процесите на одлучување и во активностите на Градот

  1. Грижа за останати ранливи групи

–       Дневни прифатилишта за бездомници за преспивање во градот (сега има еден во Катланово – бездомните одбиваат да одат таму затоа што се чувствуваат како да ги носат во концентрационен логор, далеку од очите на „домните” граѓани;

–       Народни кујни во секоја општина (по моженост поврзување на дневните прифатилишта/преноќишта со народните кујни);

–       Основање Градски социјален фонд за интервентна помош на социјално ранливите категории граѓани

–       Отворање нови дневни центри за повеќе различни категории социјално ранливи граѓани

–       Поддршка на волонтерството

За да може сето ова да се направи, граѓаните треба да добијат моќ да влијаат, да управуваат, да контролираат. Не може да има одржлив град без да се слушнат различни гласови за проблемите со кои се соочуваат луѓето. Нема модерен град без вистинска партиципација на граѓаните.

Затоа заговараме: јавни дебати за сите поважни одлуки, сите облици на  непосредна демократија  (иницијативи, предлози и референдуми), редовна соработка и партнерство со цивилното општество; јавно и интегрално пренесување на седниците на Градскиот Совет преку електронските медиуми;  присуство на граѓаните и на здруженијата на граѓани и можност за обраќање на седниците на Советот; редовно и достапно информирање на граѓаните за специофичните, периодичните и годишниот извештај за работата на градската администрација и нивно „доставување” до секое скопско семејство, со што граѓаните како даночни обврзници ќе знаат каде, како, колку и за што се трошат нивните пари .

Визијата може да се претвори во стварност само заедно.

(Скопје, март 2009 година)

д-р Мирјана НАЈЧЕВСКА

Кандидатка за Градоначалничка

Leave a Reply

Your email address will not be published.